Коментар од Др. П. В. Карамбелкар на сутрата II:17

Причината за тоа (страдање – дукха) кое треба да биде одбегнато и поништено е спојувањето (самјога) на набљудувачот (драшта) и објектот на набљудување (дршја).“

Многу филозофски прашања се универзални и вечни, а сепак се неодговорени. Едно од нив е: која е причината за нашето страдање? Секој човек копнее по трајна среќа или кажано со други зборови, сака трајно да се ослободи од страдањето. За да успее во тоа, мора пред сè да ја пронајде причината поради која страда, што всушност е директен или индиректен обид на секоја филозофија. Патанџали во сутрите објаснува дека причината лежи во привидното спојување помеѓу набљудувачот – драшта, односно душата – пуруша, и набљудуваното – дршја, односно пракрити. Според основниот концепт на самкја и јога, ова спојување, именувано како самјога, не е вистинско и всушност никогаш не се случува. Тоа е само илузија, односно погрешна претстава, заблуда. Ова привидно спојување на пуруша и пракрити е причината, односно поводот за страдање, кое се јавува во форма на физичка и ментална болка.

Бидејќи телото и умот се пракрити, а пуруша никогаш не се спојува со неа, логично е дека таа не може да страда. Таква вечно чиста и неизменета пуруша е присутна само во случајот на Ишвара. Бидејќи душата кај човекот престојува во телото и функционира преку умот, чита, ни изгледа дека пуруша се спојува со пракрити.               

Така се создава импресија дека болката од која страдаат телото и умот, ги искусува душата. На тој начин, таа станува истовремено набљудувач и искусувач, и затоа се чини дека е поврзана со нештата кои ги искусува умот, па дури и телото. Затоа, ова привидно спојување на набљудувачот и набљудуваното е зародиш на севкупното човеково страдање.

Коментар од Свами Вивекананда на сутрата II:17

Причината за ова страдање, кое треба да се избегне, е спојувањето на набљудувачот и набљудуваното.“

Кој е „набљудувачот“? Човековото Себство, Душата. Што е „набљудуваното?“ Севкупната природа, од умот па сè до грубата, физичка материја. Сето задоволство и болка потекнуваат од спојувањето на душата и природата, умот. Сетете се дека според филозофијата на јогата, душата е чиста, но кога ќе се спои со природата и ќе се одрази во неа, се чини како таа да чувствува задоволство или болка.

Коментар од Др. П. В. Карамбелкар на сутрата II:18

Дршја ги има квалитетите на просветленост, акција и стабилност, и се состои од петте махабути – првобитните елементи, и од оние кои поседуваат индрии – органи со цел на искусување и конечно ослободување на драшта.“

Овде е опишана перципираната креација. Таа ги поседува трите базични квалитети – просветленост–сатва, акција–раџас и стабилност–тамас, кои се карактеристики на трите гуни, кои всушност не се само квалитети, туку се основните аспекти од кои е составена пракрити. Оттаму, трите гуни се суштински присутни во сè што е пракрити, т.е. во целата манифестирана и неманифестирана креација.

Перципираната креација може да се подели на две главни групи: нешта составени само од петте елементи, махабути, и оние кои имаат организирана структура, односно поседуваат органи, индрии. Во првата група спаѓаат нешта кои немаат организирана функцио­нална структура и тие се едноставен конгломерат на петте махабути; втората група ги претставува живите нешта, кои се составени од истите пет елементи, но имаат своја структура и јасна организација со определени функции, наречени органи или индрии. Оттаму, пракрити ги вклучува сите живи и неживи нешта.

„Која е целта на оваа креација?“ е уште едно од вечните прашања, на кое не може да се даде задоволителен одговор. За еден сериозен практикант, тоа се претвора во прашање: „Која е улогата на оваа креација во мојата намера да ја постигнам целта на јога?“ Одговорот е даден во последниот дел од сутрата.

Намената на креацијата е на практикантот да му даде бога, т.е. искуство во и од светот, и низ него да стигне до ослободување. Зборот бога најчесто се интерпретира како пријатно искуство или уживање, но понекогаш се користи и за непријатни искуства. Сепак, ослободувањето – апаварга, не може да се постигне доколку поединецот не го доживее ова искуство. Само кога практи­кантот е цврсто уверен дека на крајот сè, дури и таканареченото задоволство, всушност е страдање, само тогаш ќе се одврати од него и ќе бара излез. Значи, ослободувањето се постигнува само низ искуство.

Коментар од Свами Вивекананда на сутрата II:18

Набљудуваното, кое е составено од елементи и органи, кои ги карактеризираат просветленост, активност и инерција, има за цел искуство и ослободување на Набљудувачот.“

Природата или „набљудуваното“ е составено од груби и суптилни елементи и органи, односно од сетилни органи, ум и така натаму, и  ја карактеризираат просветленост, активност и инерција.

Што е целта на природата или набљудуваното? На душата да ѝ обезбеди искуство. Душата, ако можеме така да кажеме, ја „заборавила“ својата моќна и божествена природа.

Во една индиска приказна се раскажува како во една прилика Индра, кралот на боговите, станал свиња и се валкал во нечистотијата; имал своја прасица и многу мали прасиња, и бил многу среќен. Некои од боговите, гледајќи ја неприличната состојба во која се нашол, дошле кај него и му кажале: „Ти си кралот на боговите; сите богови се под твоја власт, зошто си тука?“

„Не е важно“, одговорил Индра, „мене овде ми е добро; не ми е грижа за небото, сè додека ги имам мојата прасица и прасињата“.

Сиротите богови биле вон себе. На крај одлучиле да ги заколат свињите. Кога ги видел, Индра почнал да плаче и да јадикува. Тогаш боговите му пришле и го распориле неговото свинско тело. Тој излегол од него и почнал да се смее откако си го предочил грозниот сон што го сонил – тој, кралот на боговите, станал свиња и мислел дека свинскиот живот е единствениот начин на живеење, и згора на тоа, сакал целиот универзум да му се придружи во таквиот живот.

Исто така, додека е поистоветена со природата, душата „заборава“ дека е чиста и бесконечна. Душата не сака, таа самата е љубов. Таа не постои, таа самата е постоење. Душата не знае, таа самата е знаење. Погрешно е да се каже дека душата сака, постои или знае. Љубовта, постоењето и знаењето не се својства на душата туку нејзината суштина. Кога се одразуваат на некој објект, можете да ги наречете својства на тој објект. Но тоа не се својства, туку суштината на душата…

Но изгледа дека таа толку се „заборавила“, што ако ѝ пријдете и ѝ речете: „Ти не си свиња“, таа ќе почне да квичи и каса. Така е тоа со сите нас во оваа илузија – маја, во овој свет на сон, со толку многу страдање, плачење и лелекање…

Самите сме се заплеткале во таа мрежа и мораме самите да излеземе од неа. Сме се фатиле себе во замка и треба да се избориме за својата слобода. Значи, да ги стекнеме тие искуства на мажи, жени, пријатели, сите тие мали љубови; ќе поминеме низ нив безбедно, ако никогаш не заборавиме што ние навистина сме. Ако никогаш не заборавиме дека тоа е само минлива состојба низ која мораме да поминеме.

Искуството е голем учител, искуството на задоволство и болка, но тоа е само привремено. Тоа нè води, чекор по чекор, во состојба во која сите нешта стануваат мали, а душата толку голема, што сиот универзум изгледа како капка вода во океанот… Ние мораме да минеме низ различни искуства, но никогаш не смееме да го заборавиме идеалот.


Oбидот да се живее во духот на јогата може да биде сè, само не лесен потфат. Всушност, може да се каже дека нашиот напредок во практикувањето на јогата се мери токму со тоа – колку успеваме да живееме во духот на јогата, без оглед на животните околности.


Tекстот е инспириран од разговорите со практикантите во Центарот за интегрална јога, пролетта 2019 година.