Нијама

Нијама значи правило, пропис, самодисциплина. Ја сочинуваат пет принципи кои го одредуваат ставот и односот на јогинот кон себе, односно кон својата вистинска, духовна природа. Како и принципите на јама, и тие се сметаат за неизоставен дел од практиката на јогинот кој посветено чекори по својот духовен пат.

II,32: Шауча, надворешна и внатрешна чистота; самтоша, задоволство во поседување само на неопходното; тапас, аскетскиот напор; свадјаја, проучување и усвојување на пораките од старите текстови;  ишвара-пранидана, предаденост на возвишеното, се специфичните јогиски обврски – нијама.

Шауча или чистота се однесува на надворешната и внатрешната чистота. Надворешната значи чистота на телото, а некои коментатори ја додаваат и чистотата на храната, во смисол на сатвичка исхрана. Внатрешната чистота се однесува на менталната хигиена и на отстра­нува­њето на нечистотиите од умот, како што се негативните мисли и емоции и други вознемирувачки содржини.

II,40: Остварувањето на внатрешна и надворешна чистота – шауча, кај јогинот повлекува со себе извесна отмена дистанцираност во однос на сопственото тело, и избегнување контакти со валканите тела на другите.

II,41: Остварената чистота на внатрешен план, предизвикува прочистеност на самата „светлосна модификација на примарната супстанца“ – гуната сатва, и кај јогинот резултира со состојба на општо задоволство, потполна присутност на вниманието, контрола на сетилата и способност за најдлабока интроспекција и реализација на себството.

Самтоша значи задоволство, и отсуство на желба да се има повеќе од тоа што е неопходно.

II,42: Од задоволството во поседувањето само на она што е неопходно – самтоша, се раѓа неспоредливо блаженство.

Тапас, во контекст на нијама, подразбира сила и напор да се издржат промените во одредени парови на спротивности, како на пример: топло-ладно; глад-жед; стоење-седење; како и воздржување од говорна комуникација-мона, пост…

Со практикувањето и усовршувањето на тапас, се прочистуваат и се уништуваат нечистотиите кои го замаглуваат јасниот увид во нештата, што резултира со развивање на совршено тело и води до појава на моќи – сидија, како и совршено функционирање на сетилата и способност да се гледа и слуша на далечина.

II,43: Со отстранување на нечистотиите и со аскезата – тапас, се достигнува совршенство на телото и сетилата.

Свадјаја, обично се среќава во две значења – како себепроучување и како проучување на пораките на старите текстови и изговорање на мантрата ом.

II,44: Со студиозно проучување и усвојување на пораките од традиционалните текстови – свадјаја, се постигнува соединување со избраното божество, идеал.

Ишвара-пранидана е предаденост и прикажување на сите свои дела на врвниот учител Ишвара. Доблеста на ваквата предаденост води до највисокото ниво на духовниот развој.

II,45: Преданоста на Возвишениот идеал, води кон совршенство на сосредоточеното внимание – самади.

Како и во случајот на јама, и во нијама работите изгледаат јасни и едноставни. Ако ја оствари чистотата, јогинот станува способен за најдлабока интро­спекција; од задоволството во непоседувањето се раѓа блаженство; со аскезата достигнува совршенство на телото и сетилата, и се здобива со натприродни моќи; себепроучувањето го води до соединување со избраното божество или идеал, а предаденоста на тој идеал го води до самади – просветлување. И тука обидот да ги практикуваме правилата е вистински лакмус за нашата моментална состојба.

Во случајот на шауча, чистотата пред сè значи да се прочисти умот од содржините кои на најразлични начини нè условуваат и го ограничуваат нашиот духовен развој. Да се прочистиме од негативните и вознемирувачки мисли и емоции, од лошите навики и карактерни особини, да се прочистиме од несоодветните и штетни желби, од притаените потсвесни тенденции за кои не сме ни свесни, и кои одненадеж ќе се активираат во одредени, за нив погод­ни услови. Прочистувањето е макотрпен, но истовремено и убав процес, вистински предизвик и подвиг. Како што некој кажал, тоа наликува на обид да влезеш во рудник со бела кошула и да излезеш од него чист и неизвал­кан.

Јогинот, чија цел е да се разбере себе и да ја одгатне мистеријата на себството, сфаќа дека сè што за таа цел му е потребно тој веќе го има – ги има своето тело и својот ум. Кога тука е и методот кој треба со разбирање да го практикува, се јавува чувство на самодоволност, не во негативна смисла, туку како отсуство на желба и лажна потреба да се окружи со многу непотребни работи. Таа желба всушност е контрапродуктивна и го попречува во практи­ката. Му станува јасно дека многу работи носат со себе и многу проблеми, и дека за нормално живеење му се потребни многу малку работи. Тоа сознание раѓа чувство на растовареност, задоволство и слобода.

Тапас или аскеза, меѓу другото значи и напуштање на комфорната зона во која се обидуваме да останеме по секоја цена, а која всушност постепено нè слабее и нè прави неспособни да се соочиме со тешкотиите во животот. Може да се каже дека и самата практика на техниките има во себе елементи на аскеза. Така, на пример, градењето на седечката позиција, редовната практика, напорот и конфликтите во соочувањето со внатрешните несовршености, постот, моната и други практики, често предизвикуваат физички и ментални нелагодности и тешкотии, но од друга страна нè прочистуваат од слабостите, го зајакнуваат телото, умот и волјата, и го подигаат нивото на енергијата. Секако дека во тој контекст, степенот на аскезата е исклучително индивидуален и треба да биде многу добро димензиониран и прилагоден на можностите на секој поединец, на животните околности и на времето во кое живееме.

Свадјаја, како процес на себеистражување, бара будност, високо ниво на критичко расудување, когнитивни способности – особено аналитичност, бара објективност и желба за промена, или со еден збор бара постојана свесност. Бидејќи свадјаја е процес, увидите до кои низ тој процес доаѓаме, се во склад со нашите моментални способности и квалитети, па најчесто не се конечни и оставаат можност за понатамошни подлабоки увиди и напредок, особено во однос на култивирањето на егото. Себепроучувањето, заедно со проучувањето на старите текстови и обидот да се разберат и усвојат нивните поуки, води до приближување кон возвишениот идеал.

Ние сме, кажано на компјутерски јазик, најсовршениот модел на компјутер, но од некои причини, за нас нејасни, сме дозволиле различни вируси да го нападнат нашиот хард диск, и да го нарушат неговото функ­цио­нирање. Во тој контекст, принципите на јама се програма за заштита од вируси, а правилата на нијама се новите програми со кои треба да се заменат оштетените.

Мислам дека во сегашниот стадиум на нашиот развој, не можеме ниту да претпоставиме какви промени, квалитети и сознанија може да ни донесе практикувањето на јама и нијама. Речиси сум сигурен, дека нивното умно и безусловно следење, дури и да не практикуваме никакви други техники, може да нè донесе до просветлување.

Практиката и следењето на принципите на јама и нијама е најприроден начин на духовен развој, во кој тие нè прочистуваат, нè „месат“ и нè обликуваат, за да станеме чисти, јасни и флуидни, и да можеме да се претопи­ме и повторно да се споиме со целоста. Како што грутката сол се растопува во океанот.