Еден необичен камен

Ова е наслов на една научно-популарна емисија, во која, покрај другите теми, во кратки црти, беше прикажана генезата на животот на Земјата и еволуцијата на мозокот. Во продолжение се извлечени содржини кои се надевам, ќе ја разбудат нашата љубопитност и ќе ја прошират нашата слика за овие две теми.

Денес, научниците се сложуваат дека животот на Земјата се појавил отприлика пред четири милијарди години. Првите суштества биле микроорганизми, микроби, кои се поделени во шест големи групи: бактерии, археи, фунги, протозои, алги и вируси. Микроорганизмите еволуирале во насока да можат да опстанат, да преживеат во секакви услови, во земја, во вода, во воздух, секаде каде што за нив има храна – енергија. Во тој контекст, беа прикажани остатоци на јапонски бродови и авиони, на морското дно во близина на еден остров, кои американските сили ги потопиле за време на Втората светска војна. Група истражувачи кои сакале да дознаат повеќе детали за таа битка, направиле подводни снимки на кои се гледаше дека сите метални и челични делови од остатоците на бродовите и авионите беа прекриени со микроорганизми. Тие развиле способност од сѐ да извлечат енергија, нпр. хемиска енергија од металот. За нив светот е „шведска маса“, можат да изедат сѐ, само им треба доволно време.

Кога земјата се формирала и обликувала, енергијата доаѓала од вулканските ерупции и електричните празнења. Но подоцна, кога почнала да се лади, бил потребен друг извор на енергија. Пресвртница се случила кога се појавиле некои видови бактерии кои почнале да црпат енергија од Сонцето. Така се создале растенија кои се хранат со сончева светлина и низ процесот на фотосинтеза го трансформираат јаглерод диоксидот во скроб, во зрна складирана енергија што ја користат за растење. Научниците пресметале дека, денес, растенијата на Земјата создаваат приближно сто теравати енергија, што е за шест пати повеќе од потребите на нашиот модерен свет. Интересно е дека растенијата, што наликуваат на кожа на земјата и претставуваат поткрепа на севкупниот живот, до пред 400 милиони години не можеле да растат во висина. Тогаш, во еволутивниот процес се појавила молекулата наречена лигнин, која на растенијата им дала внатрешна структура, и на тој начин можност да растат во висина.

Во приказната за растенијата се појави и прашањето – зошто тие се зелени? Одговорот е: зашто Сонцето е зелено, односно најмногу светлина зрачи од сино-зелениот дел од спектарот. Но, бидејќи зрачи светлина и од другите делови од спектарот, кога тие ќе се измешаат, се создава бело-жолта светлина. Растенијата еволуирале во насока најмногу да ја користат светлината од црвениот и синиот дел од спектарот, а назад рефлектираат зелена светлина, и затоа се зелени. Подоцна, во еволуцијата се појавиле животински видови кои ги јаделе растенијата, па се појавиле други животни кои ги јаделе претходните, и така бил создаден синџирот на исхрана.

Денес се смета дека на Земјата има преку осум милиони сложени форми на живот. Тие не би постоеле, доколку пред две милијарди години не се случел „најчудниот оброк“ во историјата. Имено, тогаш, еден микроб изел друг – што претходно постојано се случувало – но овој пат изедениот микроб преживеал, станал дел од домаќинот, и живеел со него во симбиоза. Новосоздадениот микроорганизам имал „супер моќ“ – создавал енергија користејќи кислород, и можел да извлече петнаесет пати повеќе енергија од храната. Така почнала да егзистира нова форма на живот, сложена клетка, која можела да се поврзува со други клетки за да формира нови, поголеми суштества кои користеле кислород за да ја разградат храната. Од тој момент започнал животот каков што го познаваме денес. Преживеаниот микроб довел до она што денес го нарекуваме митохондрии или органели, клеточни структури во кои се одвиваат процеси важни за клетката, како на пример, создавање енергија. За да се разберат подобро митохондриите, може да се каже дека тие се како органите во телото. Без нив не би постоеле сложени форми на живот. Овој судбински, „најчуден оброк“, е нешто многу ретко. Биле потребни две милијарди години тој да се случи. Како што кажа еден од нараторите, тоа е толку ретко, исто како да фрламе коцка и последователно да ни се паѓа единица, милијарда пати. Затоа, ако има живот на други планети, научниците сметаат дека тоа веројатно би бил живот на едноставни форми.

Ние сме една прекрасна, извонредна необичност. Со оваа грутка желе, со овие 86 милијарди неврони, ја напуштивме планетава и погледнавме далеку во вселената, обидувајќи се да ги разоткриеме нејзините мистерии. Но колку далеку и да гледаме, најнеобичното нешто што ќе го најдеме е токму тука, помеѓу нашите уши.

Приказната за еволуцијата на нашиот мозок, во истата емисија беше дефинирана како „приказна за случајност, коинциденција и невозможна шанса“. Откако пред четири милијарди години се појавиле првите форми на живот, во следните три милијарди години немало живи суштества со мозок. Мозокот е она што нѐ одвојува и нѐ разликува од другите видови, и нѐ прави тоа што сме денес. Тој е одговорен за нашиот ментален скок. Многумина се сложуваат дека мозокот, со своите 86 милијарди клетки, наречени неврони, кои емитираат електрични импулси и прават мрежа од сто трилиони меѓусебни врски, е најсложеното нешто во универзумот.

Во раните фази на еволуцијата, некои организми функционирале без мозок, како на пример, коралите, кои се едни од најстарите жители на планетата. Или, на пример, асцидијата, организам кој наликува на полноглавец, има околу 200 неврони, што ѝ служат за движење на опашката и за детектирање на светлина. Кога ќе најде погодно место, таа се закачува на камен и почнува да ги јаде невроните, и продолжува да функционира како организам фатен за карпата.

За извршување сложени работи потребен е поголем мозок, односно негов еволутивен развој. Тоа станало неопходно со појавата на сетилата, особено очите, што барало многу поголем мозок. Затоа стотици генерации еволуирале во насока на прилагодување на овој свет. Но ние сме единствен вид со толку сложен мозок, што ни овозможува да ги поврзуваме сетилните информации, да ги расчленуваме, да создаваме конекции, да ги толкуваме и да им даваме одредено значење. Исто така, само ние го користиме јазикот, односно говорот, за да можеме меѓусебно да комуницираме. Само ние зборуваме. Научниците велат дека тоа ни го овозможила големината на мозокот, но некои велат дека тоа се должи на мутација на генот FOXP2. Оваа мутација овозможила многу подобра и попрезицна контрола на мускулатурата во зоната на устата и јазикот и создавање на многу пософистицирани звуци. На тој начин сме почнале постепено да зборуваме, односно да ги преточуваме мислите во зборови. Во прилог на оваа претпоставка е податокот дека само ние го имаме овој ген, а во негово отсуство се јавува проблем со говорот. Само ние сме еволуирале во понапредни суштества кои меѓусебно комуницираат и си пренесуваат искуства и идеи користејќи го говорот.

Во понатамошниот развој се појавила потреба зборовите некако да ги забележиме, и тоа довело до појавата на писмото. Тоа е клучниот момент кој го забрзал нашиот развој, зашто овозможил да ги споделуваме сознанијата и идеите, неограничени од времето и просторот, и на тој начин да оствариме комуникација со генерациите пред нас и да учиме од нив, надминувајќи ги ограничувањата на претходното усно предание. Почнавме да ги запишуваме работите, да ги разменуваме и надоградуваме, почнавме полека да се „вмрежуваме“ и тоа довело до вистинска експлозија во развојот на нашата цивилизација.