Потешкотии во разбирањето

Светот околу нас го перципираме преку сетилата, а добиените информации нашиот ум ги преработува, класификува, толкува, донесува заклучоци и одлучува како да делува, во склад со неговите познавања, способности и квалитети. Ако ја имаме предвид ограниченоста на нашите сетила, ако знаеме дека гледаме и слушаме во ограничен опсег, и ако на тоа ги додадеме нашите ограничени когнитивни способности, ни станува сосема јасно дека сме во прилично незавидна ситуација. Бидејќи информациите за карактерот на појавите, димензиите и големините на нештата најчесто се поврзани со окружувањето во кое живееме, тешко ги разбираме истите во планетарни рамки, уште потешко во галактички размери и речиси никако во рамки на универзумот. Тоа далеку ги надминува нашите умствени способности, па затоа, таму каде што тоа е возможно, користиме сличности и споредби, за да можеме нештата да ги сведеме на ниво и димензии кои за нас се разбирливи. Ќе се обидам тоа да го илустрирам со неколку примери:

  • Кога велиме дека брзината на светлината изнесува 300.000км во секунда, тоа звучи прилично неразбирливо; тешко можеме да го поимиме ако со нешто не го споредиме. Но ако кажеме дека движејќи се со брзината на светлината, за една секунда можеме 75 пати да отидеме до Стокхолм и назад, или 7,5 пати да свртиме околу Земјата, тоа ни станува барем малку појасно. Но дури и ваквите споредби не можат многу да ни помогнат кога ќе кажеме дека нашиот Сончев Систем ротира околу центарот на нашата галаксија оддалечен 30.000 светлосни години. Тоа значи дека секоја секунда, во тие 30.000 години, би се приближувале до центарот за 300.000 километри.
  • Кога велиме дека во универзумот има милијарди галаксии, тоа за нас не значи речиси ништо, но ако кажеме дека тоа би било еквивалентно на фудбалски стадион полн со грашок, каде секое зрно е една галаксија, тоа е малку поразбирливо. Но кога ќе кажеме дека едно истражување од 2016 година покажува дека во видливиот универзум има два трилиони галаксии, повторно сме на маки да разбереме.

Да се симнеме на планетарно ниво. Велиме дека бројот на жители на нашата планета е нешто над седум милијарди, и на таа бројка сме навикнале и нѐ остава рамнодушни. Но ако сакаме да ги видиме ликовите на сите тие луѓе само по една секунда, ќе ни требаат 222 години. Целиот тој период да не правиме ништо друго и секоја секунда да гледаме нов лик.

Овие споредби можат да ни отворат нови видици во разбирањето, не само за бројките, податоците или димензиите, туку и за нас самите. Затоа, кога по гледањето на ова видео ќе кажеме седум милијарди, тоа може, барем до некаде, да го растопи нашето чувство на самоважност, зашто сфаќаме дека сите тие луѓе, исто како и ние, имаат свои желби, стравови, копнежи… Не сме центарот на универзумот, не сме единствени. Всушност единствени сме, но не на егоистичен начин.

На пример, ако ги споредиме Македонија и Индија според бројот на жители, знаеме дека разликата е огромна, но станува многу поопиплива кога ќе кажеме дека на еден Македонец има 600 Индуси. Тоа значи дека ако во просториите на нашиот Центар сега има 40 луѓе, во Индија таа бројка би изнесувала 24.000.

Слично, ако кажеме дека Русија е огромна земја која се простира на 17.000.000км2, а Македонија на 25.700км2, тоа е едно, но ако кажеме дека во Русија може да се смести 661 Македонија, тоа е друго.

Ваквите споредби не би требало да нѐ повлечат во водите на некаква занимлива статистика. Нивната улога е да ни помогнат поточно и појасно да го лоцираме своето место во овој универзум и во овој свет што нѐ окружува, зашто како мал дел од него, ние сме под негово силно влијание. Тоа не значи дека треба да се почувствуваме мали и ништожни, туку да ја видиме вистинската, реалната слика. Зашто ние, иако така мали и речиси невидливи во рамки на универзумот, сепак сме станале свесни за него. Имаме капацитет, имаме свест, чиј потенцијал е речиси неограничен.

Времето во животот

Во контекст на нашата тема, често слушаме како луѓето околу нас коментираат дека животот е краток. Тоа на прв поглед така изгледа, што се тие просечни осумдесетина години во однос на „вечноста“. Кога ни се случува нешто убаво времето ни лета, но кога нѐ боли забот, денот нема крај. Шега настрана, ако малку посериозно се позабавиме со нашите животи, ако направиме рекапитулација на досегашниот живот низ призма на времето, може да дојдеме до интересни сознанија. Ќе видиме дека во животот сме имале толку многу случувања и дека толку многу време сме поминале правејќи некои работи, што ќе останеме изненадени. Како пример ќе земеме еден просечен животен век од 80 години:

  • ако спиеме просечно 8 часови дневно, ќе преспиеме 26,5 години од својот живот
  • ако во подготовка на храна и јадење сме поминувале просечно по 1,5 час дневно, на крајот ќе се соберат 5 години
  • ако во текот на образованието, во учење и посета на едукацијата сме поминувале приближно по 8 часа во денот, на крајот ќе се соберат приближно 6 години
  • ако на работа сме поминувале по 8 часови во просечен работен век, тоа е приближно 12,5 години.

Значи речиси 50 години од животот ни поминале во овие активности, а ни останале 30 години за сѐ останато: живот во семејство и сѐ што тоа со себе повлекува; дружење со пријатели; гледање концерти, филмови, натпревари, ТВ серии; читање, караници и помирувања, венчавки, прослави, погреби, крштевки, хобија и безделничење на социјални медиуми во очекување да се случи нешто „важно“, бесмислени разговори, болести, грижи, стресови и нервози, таги и радости… Гледано низ оваа перспектива ни се открива сосема друга слика за животот и времето. Ни станува јасно дека немаме време за губење и затоа е уште поважно да согледаме како го користиме и што правиме со него.

Некои живеат кратко, и ќе направат многу, а други живеат долго и нема да направат ништо, сѐ нешто чекајќи и одлагајќи. Изборот што ќе правиме со времето во животот зависи од нас.