Неопходноста од промени

Ние сме дојдени на овој свет, во овој живот, да учиме, зашто нашето незнаење е огромно. Ако во нас преовладува идејата дека се познаваме, мислејќи притоа на своите карактерни особини, доблести и недостатоци, и дека тоа е сè што можеме да научиме за себе, тогаш сме во голема заблуда. Всушност, многу од тие работи лесно може да ни ги објасни некој опитен психолог. Ако мислиме дека многу знаеме, ја правиме најголемата грешка, зашто тогаш се затвораме, и веќе нема простор за учење и нови сознанија.

Кај повеќето од нас, текот на животот е прилично предвидлив. Дури и кај уметници, спортисти и поединци за кои мислиме дека животот им е поразличен, често е исто, само што нивната рутина изгледа поинтересна. Ако го замислиме животот како круг, почетната точка го означува нашето доаѓање во овој свет. Зачекоруваме во животот, и кругот почнува да се исцртува. Поминуваме низ разни развојни фази – детство, адолесценција, зрело доба, старост. Низ искуствата што тие фази ги носат со себе, ние учиме, повеќе или помалку успешно. После одредено време, бидејќи животот не е „лесен спорт“, изморени и истрошени, задоволни или разочарани, стигнуваме до почетната точка, но сега од другата страна, и кругот се затвора. Го напуштаме овој свет, и тоа е единствено извесно во нашиот живот. Сè друго, иако на некој начин и донекаде е предвидливо, за нас е непознаница, која треба да ја откриеме и да разбереме што е тоа што се случува од „влезот до излезот“, зошто и како. Многу луѓе сакаат да разберат зошто се такви какви што се и зошто имаат слика за себе каква што имаат. Многумина не се задоволни од себе и сакаат да се променат и да му дадат смисла на својот живот, но не знаат како. Се обидуваат на различни начини, но евидентно е дека им недостасува метод.

Анализирајќи ја сликата што ја имаме за себе почнуваме појасно да ги согледуваме своите квалитети и недостатоци, а пред сè опсегот на своето незнаење. Тогаш во нас природно се буди потребата да почнеме да се менуваме, или како што вели денес едно клише: „Да станеме подобра верзија на себе.“ Интересно е што има и „среќници“ кои мислат дека нема потреба да се менуваат, зашто со нив сè е во ред. Од оние кои сакаат да се променат, некои не знаат како, а некои би се менувале, но притоа, ако може да останат исти. Не е мал ни бројот на оние кои се плашат од промени, иако ние, сакале или не, се менуваме под влијание на животните околности и случувањата во нашето окружување, односно општеството. За разлика од овие принудни промени, суштинските промени почнуваат од моментот кога ќе сфатиме дека промените не само што се потребни, туку се неопходни; кога ќе сфатиме дека суштинските промени се динамичкиот фактор во нашиот развој, за разлика од „козметичките“ промени кои уште повеќе нè враќаат назад.

Вистинската промена е свесност дека мора да се дејствува, зашто едно е нешто да посакуваме, а сосема друго е да дејствуваме во таа насока. Неопходно е да знаеме што треба да менуваме, и како, зашто некогаш за посакуваните промени едноставно не сме подготвени. Можеме да се промениме на подобро, но и на полошо. Затоа е важно да бидеме многу внимателни во поглед на своите желби и можности. Во тој контекст, добро е да се запрашаме:

  • кон кои цели и квалитети тежнеам во мојот развој во овој период?
  • какви промени треба да направам за да ги достигнам?
  • што е потребно да преземам во таа насока?
  • дали самиот/самата се попречувам во тој процес?
  • на кој начин очекувам промените да се манифестираат во секојдневието?

Кога ќе почнеме сериозно да се занимаваме со овие прашања, да размислуваме за нив и да се преиспитуваме, тогаш процесот на промени станува свесен чин и напор. Ако веќе се дефинираме како суштества кои учат од искуства, тогаш треба да бидеме постојано будни и внимателни за да можеме искуствата да ги протолкуваме правилно. Во спротивно, искуствата само ќе се „таложат“, ние ќе ги испуштаме можностите нешто да научиме и ќе ги повторуваме истите грешки. Ако во нешто згрешиме, тоа е разбирливо; ако истата грешка ја повториме, тоа треба да нè замисли; но ако згрешиме и по трет пат, тоа е неспособност нешто да се разбере. Во еден поширок контекст, може да се каже дека развојот на нашата цивилизација всушност е след на промени, кои за волја на вистината, не биле секогаш во вистинска насока.