ФРАГМЕНТИ. Следењето на јогиското учење не се состои само во вметнување на некои негови фрагменти во нашиот вредносен систем, за кои мислиме дека ги разбираме или за кои имаме афинитети. Ако јогата е духовно учење и комплексен метод, тогаш е јасно дека фрагментите се само делови кои ја сочинуваат целината.

ПРОБЛЕСОК. Јога е доживување на проблесок во кој за миг сфаќаме дека штотуку сонивме сон во Сонот.

ФУНКЦИОНАЛНОСТ. Да се биде функционален во појавниот свет, за јогинот значи да се избегне замката на интелектуалното знаење кое се прикажува како крајна вистина.

РАМНОТЕЖА. Исклучително е важно да се открие вистинската улога и димензија на тагата и среќата, и да се воспостави рамнотежа помеѓу нив – бити сетан, а сретан.

НАБЉУДУВАЊЕ. Јога подразбира објективно набљудување на нашето дејствување во разни животни околности со цел да откриеме дали зад него стојат  несебичност, етичност, егоистични цели, страв од неуспех и критика, желба за моќ, успех, слава, пофалба, разни форми на врзаности… Но, обидот да станеме свесни за мотивите кои доминираат во нашето дејствување, не би требало да се претвори во некаква болна фиксација на себе, и причина за внатрешни конфликти, што под влијание на егото е честа појава. Идејата на самонабљудувањето е можноста да дознаеме повеќе за себе, затоа што „нашите дела се рефлексија на нас самите“. На тој начин можеме полесно да ги откриеме и надминеме нашите ограничувања.

ЛОВ. Постојана будност и трезвеност се неопходни за да можеме да ги „уловиме“ моментите кога јогата во нас или во рацете на неуките и самобендисаните, наместо откривање и осознавање, се претвора во замајување и заталкување во матните води на квазидуховноста.

НАПОР. Јогинот го прифаќа сознанието дека практиката на јога е континуиран физички и ментален напор, постојана и бескомпромисна борба со ограничувањата на телото и условеностите на умот, и подготвеност таа да трае цел живот. Но, ако борбата е агресивна и деструктивна, речиси е сигурно дека зад неа стои егото кое не прифаќа да се соочи со слабостите и лошите особини, кои низ животот, на различни начини сме ги насобрале. Иако можеби изгледа чудно, но дури и таквата беспоштедна борба, со текот на созревањето може да се трансформира во радоста на откривањето на тоа што значи да се биде Човек.

ПРИСТАП. Учењето не треба да се зема здраво за готово, и само со „верба“, зашто во тој случај го нема нашиот личен труд и напор да откриеме, да разбереме и да го посведочиме запишаното во сутрите. Ако знаењето во целост не го проникне нашето битие, ќе остане само интелектуална информација, чија веродостојност често е проблематична.

ЗАУЗДУВАЊЕ. Низ воспоставување и развивање на здрава строгост, префинета сила и свесност, јогинот може да го „заузда“ трагикомичното, но опасно по живот, чувство на самоважност, проследено со мегаломански и месијански идеи и очекувања.

ВРЕМЕ. Препознавањето и прифаќањето на реалноста дека сме дефицитарни со времето кое ни е неопходно за откривање на сопствената мистерија е од најголема важност. Го немаме луксузот напразно да го трошиме времето на бесмислени работи; немаме луксуз да бидеме лежерни и да го одолговлекуваме себеистражувањето, зашто едноставно немаме време, а влогот е максимален, влогот е нашиот живот. Староста бргу доаѓа и ако не почнеме да ги бараме одговорите додека сме млади и имаме енергија, може да се случи да останеме насукани на брегот на животот, налик на насуканите бродови на „брегот на скелетите“ во Намибиската пустина. Веројатно тогаш, иако доцна, ќе ја разбереме поговорката: „Бунар не се копа кога ќе ти се запали куќата“. Затоа, може да се каже дека живеењето во духот на јогата, меѓу другото, значи и трка со времето. 

Но, во однос на идејата дека за возрасните луѓе е доцна да почнат да практикуваат јога, би требало да бидеме многу внимателни. Имено, раната, како и зрелата возраст, имаат свои предности и ограничувања. На пример, младите луѓе претежно имаат повеќе енергија, но поради самата возраст и недостатокот на животни искуства, таа енергија често не е канализирана, додека кај возрасните е обратно или барем би требало. Затоа, не смее да се генерализира, бидејќи сè е индивидуално – има луѓе кои се млади, а „стари“, и луѓе кои се возрасни, а „млади“. Како што има млади и зрели, и возрасни а незрели. Всушност на овој свет сè доаѓа и сè има свое време, но важно е да не ја пропуштиме можноста, без оглед на возраста.

ИСКУСТВА. Јога значи отвореност за нови искуства. Тие не треба да се избегнуваат, освен оние кои се штетни и кои ги надминуваат нашите моментални способности во обидот да се справиме со нив. Тогаш, стратешки, треба да се остават за некое подобро време. Тоа е од голема важност, зашто ние сме вид кој учи од искуства. Со практиката на јога постепено го запознаваме и откриваме начинот како функционира нашиот внатрешен свет, што ни овозможува подобро функционирање во материјалниот свет, и развивање на способноста, искуствата доживеани во него да ги трансформираме во сознанија. Тие од своја страна влијаат на квалитетот на практиката, а таа на состојбата на умот. Така тие меѓусебно се надополнуваат, и острата граница помеѓу нив, помеѓу материјалното и духовното, постепено се намалува и исчезнува. Затоа што на крајот на краиштата ние и во „двата“ света функционираме како целина.

ТЕ РАЗБИРАМ. Ако сакаме да ги разбереме другите луѓе, треба прво да се разбереме себе, својот потенцијал, моменталните можности, должноста кон себе, кон другите и кон животот. Само тогаш ќе можеме некому да кажеме: „мислам дека те разбирам“. Во спротивно тоа ќе бидат само излитени и празни зборови. Тогаш ќе можеме вистински да разбереме и да сочувствуваме, зашто вистинската сочувствителност се раѓа од вистинското разбирање. Без него сочувстителноста е сожалување, кое всушност никому не му е потребно.

ГРЕШКИ. Секогаш треба да бидеме внимателни и да настојуваме да грешиме колку што можеме помалку; да не си повладуваме и да не опстојуваме свесно во грешките; да престанеме да се оплакуваме и да се жалиме, да критикуваме и да ги обвинуваме другите за нашата состојба, едноставно, да престанеме да се саботираме.

ПРЕТПАЗЛИВОСТ. Важно е да бидеме претпазливи и во подемите и во падовите. Во првите, за да не се возгордееме, а во вторите, да разбереме зошто тоа ни се случува за да не паднеме повторно, зашто после некои падови тешко се станува.