ДИЈАМАНТ. Критиката на нашите грешки, дури и кога е тенденциозна, би требало за нас да има вредност на скапоцен камен, зашто може да ни помогне да не ги повториме истите грешки. Под еден услов, во тоа да не се вмеша нашето его и нашата оптовареност со себе.

КАПКА. Неверојатна е вистината дека и покрај тоа што во космички размери сме помали и од честичка и речиси невидливи, сепак, на едно друго ниво сме свесни за универзумот, за неговата непоимлива големина и за нашето единство со него. Ни станува јасно дека, за кратко, сме само една од милијардите капки на врвот на океанскиот бран, но кога ќе се вратиме во него, повторно сме океан, и потоа повторно стануваме капка на некој друг бран, и повторно се враќаме во океанот, и повторно стануваме капка и повторно океан, и повторно и повторно… А сепак, како што вели Руми, капката во себе ги содржи сите особини на океанот.

ПОТЕНЦИЈАЛ. Како вид, ние сме врвот во развојот на свеста. Нашата самосвест, заедно со размислувањето и јазикот, е она што нè карактеризира и нè издвојува од другите форми на живот. Ние сме совршени, но како потенцијал, и ако не работиме на неговото потполно развивање, за жал, можеме да останеме само потенцијал.

ПОЧИТ. Развивањето на почитта кон оние кои несебично го пренесувале и делеле своето знаење меѓу луѓето се случува природно. Почитта е секогаш пропорционална со нивото на нашето напредување на духовниот пат, и тука нема место за стравопочит.

ЛИЦЕМЕРИЕ. Обидот учењето и секој негов збор и порака да ги претвориме во дело истовремено е и напор и задоволство. Јогинот не е мотивациски говорник. Јогинот кој само дели совети, кажува фрази и се кити со убави зборови, а не ја живее нивната порака, наликува на дрво со убави цветови, но јалово, без плодови. Всушност, тоа е највисоката форма на лицемерие и хипокризија и во случајот на таков човек, сè што останува зад него се само празни зборови кои брзо ќе исчезнат во заборавот и ќе се изгубат како прашина на ветрот.

ЖИВОТ БЕЗ ОДГОВОРИ. Неопходно е да научиме како да живееме без одговори на вечните прашања кои ги бараме и кои често ни изгледаат недостижни. Треба да бидеме свесни дека тоа е моментална состојба и дека никогаш не смееме да се откажеме од потрагата, без оглед на тешкотиите. Ако не останеме насочени на крајната цел, само е прашање на време, кога ќе се претвориме во разочарани, патетични и цинични луѓе кои не сфатиле што навистина значи да се биде Човек, да се биде духовно суштество.

РАЦИОНАЛНОСТ. Науката и духовноста често се предмет на компарации во кои обично за науката се вели дека е рационална, а духовноста е по малку наивна и површна. Но тука се поставува прашањето, како може да се биде рационален ако суптилните тајни на микро и макрокосмосот сè уште се скриени за нас, а нашето знаење се базира само на она што во моментот е видливо и мерливо. Затоа еден учител кажал дека духовноста, базирана и потврдена низ искуство, е вистинската рационалност.

ПАЈАК. Умот е како пајакова мрежа, исплетена од мисли, желби, сеќавања, чувства, потсвесни тенденции, а ние сме пајакот, кој се заплеткал во сопствената мрежа.

ОДГОВОРНОСТ. Јога значи да се преземе одговорност за сопствениот живот.

ВНАТРЕШЕН АВТОРИТЕТ. Сериозното себепроучување бара „револуционерна промена во структурата на сопствената психа“.

ПРОСВЕТЛУВАЊЕ. Просветлувањето можеби и не е крај на нашата еволуција, можеби е почеток на нешто толку совршено што сега не можеме ниту да го претпоставиме.

СПОСОБНОСТ. Забелешката на еден учител дека луѓето од Запад главно се интересираат за просветлувањето, а речиси никој за првиот чекор – етичкиот кодекс, го повлекува со себе прашањето – колку сме навистина способни да сфатиме што всушност јогата, низ милениуми, се обидува да ни каже?

ПАНДЕМИЈА Г-300. Животот во духот на јогата се базира, пред сè, на сознанието дека пандемијата на вирусот „Глупост-300“, која трае уште од нашата појава како хомо сапиенс, пред околу 300 илјади години, нема да ја надминеме доколку не ја примиме вакцината на знаењето. Единствено таа е делотворна против овој исклучително жилав и отпорен вирус, кој низ историјата развил безброј мутации и однел стотици милиони животи, повеќе од сите други вируси заедно. Секако дека сите што поскоро треба да ја примиме оваа вакцина, особено ризичните групи со ментални коморбидитети – егоцентричност, ароганција, нечувствителност, завист, алчност, себичност, нарцисоидност, желба за власт и моќ… Тие треба први да ја примат вакцината, а веројатно и повеќе бустер дози.

КАНЦЕР. Во болно општество, во кое политичарите се канцер, а корумпираните структури околу нив се метастази, доблесните луѓе се здравите клетки и противтежа, но единствено вистински духовните луѓе се тие кои можат да го излечат општеството.

ТИШИНА. Јогата вистински започнува кога од надворешниот простор и вревата околу нас се повлекуваме во внатрешниот простор. На почеток, во него обично е присутна поинаква врева, но ако дозволиме „филмот“ да истече, постепено ќе настапи тишина во која искуствата на чудесен начин се трансформираат во сознанија. И потоа влегуваме во поголема и поисполнета тишина.

ЗАМИНУВАЊЕ. Во животот треба да се трудиме да го даваме најдоброто, за да можеме да заминеме од овој свет со дигната глава, подготвени за нова авантура. Како што вели Халил Џубран: „…Уште малку, и мојот копнеж ќе собира прав и пена за друго тело. Уште малку, час одмор на ветрот, и друга жена ќе ме роди.“


Jогата е внатрешно патување чија цел е повторно да ја пронајдеме нашата изгубена суштина, нашето вистинско Јас и да се соединиме со Целоста. Смислата на живеењето во духот на јогата можеби најдобро и најконцизно ја изразува следното кажување на Мехер Баба:

Да проникнеш во сржта на севкупното постоење и да зрачиш со убавината на тоа внатрешно достигнување, за добробит на другите, изразувајќи ги притоа во појавниот свет вистината, љубовта, чистотата и убавината – тоа е единствената ‘игра’ што има внатрешна и апсолутна вредност. Сите други случувања, настани и достигнувања, сами по себе, немаат трајна вредност.


Текстот е инспириран од разговорите со практикантите во Центарот за интегрална јога, пролетта 2019 година.