48 Аko
СТЕВАН МИЛИЌ
Овој „јогиски римејк“ на поемата „Ако“ од Радјард Киплинг е благодарност до малубројните вистински духовни Учители, за нивниот труд и огромни напори вложени во обидите да го подигнат нивото на нашата свест и да го зголемат доброто во нас и околу нас.
Ако си свесен за незавидната ситуација во која се наоѓаш, поради непознавањето на скриеното значење и суштината на нештата;
Ако поради тоа се чувствуваш „тесно“ во сопствената кожа и имаш силен копнеж да излезеш од таквата состојба, за да дознаеш повеќе за себе, за своето тело, ум и душа;
Ако си подготвен да се вложиш себе и сета своја енергија и сè што имаш, за да го видиш она што не се гледа во огледалото;
Ако си сосем сигурен дека некаде постои човек што може да ти помогне да го подигнеш превезот од незнаење и да ја видиш вистинската реалност, тогаш треба да почнеш да го бараш оној кого обично го нарекуваат Учител, но мора да знаеш дека е исклучително тешко да го пронајдеш и дека треба да се вооружиш со бескрајно трпение, претпазливост и здрав разум;
Ако не ти е кристално јасно какви доблести треба да го красат и што можеш и што треба да очекуваш од Него, но и од себе, лесно можеш да потонеш во живиот песок на незнаењето.
Ако трагајќи сретнеш учител од кого мислиш дека можеш да учиш, не брзај со одлуката и прво внимателно набљудувај го неговото однесување и дејствување, и пред се, гледај дали го живее она на што подучува.
Ако е опитен и ослободен од незнаењето, цврст и бескомпромисен во своите ставови кога е во прашање учењето;
Ако во дејствувањето не е под влијание на околината, со која не прави непотребни и проблематични компромиси;
Ако не е врзан за световното – моќ, слава, углед, богатство, удобности и уживања;
Ако е чесен, скромен, правичен, благ, но и строг кога е потребно;
Ако во радоста и тагата, пофалбите и критиките, озборувањата и лагите, останува мирен и урамнотежен;
Ако неговото разбирање на луѓето произлегува од познавањето на човечката сложена природа;
Ако не прави суштинска разлика меѓу „себе“ и „тебе“, „мое“ и „твое“, и во секого – машкото и женското, детето и возрасниот, царот и питачот – ја гледа истата заедничка суштина, наспроти разликите во надворешното „пакување“;
Ако ги коригира учениците, а притоа не ги деформира;
Ако ги поттикнува на развивање на критичко размислување, наспроти лекомисленост и лековерност;
Ако се што бара од нив е бескомпромисно да се борат со своите слабости, но истовремено и да развиваат љубов и разбирање за себе и за другите;
Ако не дозволува учениците кон него да градат култ на личност;
Ако неговите зборови се искрени и водени од љубов, разбирање, сочувство и желба да се отстрани незнаењето;
Ако етичките принципи се основата од која дејствува, а грижата и внимателноста никого да не повреди или навреди, се пример за тебе, те исполнуваат со сигурност и ти даваат потстрек и сила;
Ако сретнеш ваков доблесен Учител, кој е вистинска реткост, доколку те прими, вложи ги сите свои сили и труди се да бидеш добар, посветен и достоен ученик, кој свесно и храбро ќе се соочува со проблемите и потешкотиите на својот пат, и со опасноста од можен пад, кој секому, па и на најдобрите, може да им се случи во моменти на слабост и невнимание.
Ако, пак, во својата потрага сретнеш учител кој е вешт со зборовите и звучи разумно, но повеќе наликува на мотивациски говорник;
Ако советите што им ги дава на другите не ги применува на себе и не го живее она на што подучува;
Ако има месијански идеи и слика за себе што многу потсеќа на афоризмот на Станислав Лец: „Јас сум убав, јас сум силен, јас сум мудар, јас сум добар, и сето тоа јас го открив“;
Ако зборува за своите духовни „достигнувања“, а притоа вели дека не сака да зборува за себе;
Ако манипулира со учениците толкувајќи го традиционалниот однос учител-ученик, онака како што му одговара, за да го истакне своето значење;
Ако бесрамното однесување кон ученичките го објаснува велејќи дека тоа е чест за нив, а потоа додава – „јас не сум монах“;
Ако најблиските ученици, кои поради несогласувања со него си заминуваат, ги нарекува со грди зборови, „толкувајќи“ им на другите дека си заминале зашто им „пораснало егото“ и дека такви „кризи“ се случуваат секои седум години;
Ако вели дека учителот никогаш не смее да се критикува, дури и кога греши, и притоа се лути на оние кои не му се обратиле со „учителе“;
Ако често реагира хировито и потоа на своето однесување му припишува „едукативно и езотерично“ значење;
Ако љубоморно го чува „своето“ know-how, за да не му го „украдат“;
Ако ги омаловажува и им наоѓа мани на другите, а на своите „длабокоумни“ кажувања поставени на интернет ревносно им ги брои лајковите;
Ако потонат во световното, повеќе време поминува на социјалните мрежи отколку во медитација;
Ако за него важи забелешката на Свами Шивананда: „Главниот проблем на денешните ‘учители’ се егото и сексот“, тогаш напушти го овој „учител“ што побрзо.
Ако, пак, во својата лековерност и глупост си бил доволно слеп да го следиш овој човек;
Ако од почит кон институцијата учител, често си го потиснувал својот револт, конструирајќи оправдувања за неговите постапки, при што за многу други не си ни знаел;
Ако на тој начин можеби си сакал да ја смириш својата совест, која не прифаќала двојни аршини на вреднување;
Ако поради својата слабост не си сакал да го видиш неговиот пад, и својата фрустрација;
Ако во момент на Божја интервенција конечно си успеал да се препознаеш во некој од ликовите на сликата „Слепец води слепци“ од фламанскиот мајстор Питер Бројгел;
Ако те проникнало страшното сознание дека можеш да го загубиш животот, а притоа да изгледа дека се уште си жив, тогаш биди среќен и благодарен што си добил уште една шанса.
Ако после сè, успееш да ја согледаш вистинската димензија на своето незнаење и не дозволиш ваквото искуство да направи од тебе „оштетена роба“;
Ако можеш да станеш и да ги залечиш раните;
Ако успееш разочарувањето, тагата, лутината и фактот дека си бил изманипулиран, да ги разбереш и постепено да ги трансформираш во сознанија и да развиеш сочувство;
Ако можеш да собереш сила и да им се извиниш на оние кои можеби си ги довел во заблуда со своето несвесно однесување, а тоа да не биде себеоправдување;
Ако можеш да продолжиш понатаму по својот пат и да ја откриваш својата особеност, но и заедништво со луѓето околу себе;
Ако во ова време на самопрогласени гуруа и учители, кои демнат зад секое ќоше, говорејќи за своето „долгогодишно искуство и за стотици / илјадници практиканти со кои работеле“; време во кое секојдневно се отвораат нови центри за јога и се „сертифицираат“ нови „учители“; време во кое се наближува денот кога веќе нема да има практиканти, зашто сите ќе бидат учители;
Ако успееш да останеш стабилен, со нозете цврсто на земјата и да ги оставиш зад себе суетата и гордоста, скромен и свесен дека севкупното човечко (не)знаење се базира на минорното познавање на овој универзум;
Ако ти е сосема јасно дека се додека духовно не се реализираме, и не ја откриеме сопствената мистерија сите сме повеќе или помалку ограничени;
Ако успееш тоа никогаш да не го заборавиш, само тогаш ќе имаш можност да сфатиш кој си и што значи да бидеш вистински слободен, и „тогаш целиот свет ќе биде твој и сè што е во него, и што е многу поважно, ќе бидеш [јогин] синко мој“.
Гуру Пурнима, Денот на духовните учители, 16 јули 2019