Текст: Фрагменти | Автор: Стеван Милиќ
ВИСОКА ТЕХНОЛОГИЈА. Денес на долго и на широко анализираме, дебатираме и зборуваме за предизвиците, дилемите и проблемите со кои се соочуваме внесувајќи ја високата технологија и вештачката интелигенција во нашите животи. Ситуацијата во која се наоѓаме на тој план добро ја доловува едно луцидно кажување: „Живееме во време, во кое празната батерија од мобилниот телефон е поголем проблем од празната глава“.
ХИТЛЕР ОД НАШИОТ СОКАК. Поединци, под плаштот на „добрина и толеранција“, всушност ја кријат својата слабост и страв пред туѓата грубост и ароганција. Тогаш, добрината не е она што би требало да биде – првото скалило на духовниот пат. Интересно е што некои од тие луѓе, кога ќе успеат да го надминат својот страв, често стануваат исти како оние од кои се плашеле, па дури и полоши – вистински мали „Хитлери од нашиот сокак“.
ЧУДНА ЕВОЛУЦИЈА. Кога сме млади, обично имаме здраво тело, но не и многу „здрав“ разум. Како што растеме, телото најчесто сè уште ни е здраво, а низ животните искуства стануваме малку поразумни. Подоцна, ако во текот на животот сме вложувале исправен напор и труд, со многу „зoшто“ и „како“, нашето расудување станува поточно и поквалитетно, но за жал телото почнува да попушта. Пред крај, обично немаме ни здраво тело ни здрав разум. Овој расчекор помеѓу состојбата на телото и умот најчесто нè следи низ целиот живот, а спротивните примери се вистинска реткост и затоа се уште подрагоцени.
ХЕРМАФРОДИТ. Нашата глупост започнува од моментот кога во нашиот ум ќе се роди идејата дека сме многу умни. Потоа таа идеја сама, како хермафродит, почнува да создава свое потомство – егоцентричност, саможивост, гордост, ароганција, себичност, алчност… Гужвата и бучавата што ја создава ова големо семејство нè спречува да ја видиме вистинската слика за себе и да препознаме дека идејата за нашата „големина“ не е втемелена во реалноста и дека е само една голема „смртоносна“ илузија.
„ЖОЛТ КАРТОН“ ИЛИ ЛЕК. Болеста е искуство низ кое сите понекогаш поминуваме. Најчесто е проследена со болка и страдање, а во посериозни случаи и со страв од можен фатален исход. Затоа, сите сакаме да ја одбегнеме, а некои не сакаат ниту да зборуваат за неа, како да не постои. Наместо тоа, би било подобро за болеста да разговараме без страв и потиснување, и да се обидеме да изградиме здраворазумски став, каков што впрочем би требале да имаме и за другите клучни содржини во животот.
Кога се зборува за болеста обично се вели дека таа е состојба на нарушена физичка и ментална рамнотежа која влијае на општата благосостојба. Сепак, односот кон болеста е многу индивидуален. На пример, кога болеста е по сериозна, некои ја доживуваат како „жолт картон“ и опомена пред исклучување од играта наречена живот. А тој жолт картон е последица на нашата груба игра и несоодветното однесување со кои сме се повредувале и себе и другите учесници во играта… За некои, болеста е прашање на гените и родителското наследство.
Во случаи на сериозни болести, големото страдање и тагата понекогаш резултираат со намалување на врзаноста за животот, поточно за бесмислената желба да ги повторуваме сетилните задоволства до бескрај… Патанџали во своите Сутри ја наведува болеста како една од пречките на духовниот пат. Тоа секако е точно, но сепак не мора буквално да биде така. Имено, ако болеста стане причина поради која ќе почнеме сериозно да се преиспитуваме и да размислуваме за нашето дејствување и важните аспекти од животот, како и за смислата на нашето постоење, тогаш болеста станува лек, иако горчлив, против незнаењето. Во тој случај можеби подобро ќе ја разбереме пораката на еден учител: „Кога сте болни, треба да знаете дека Вие не сте болни, болно е вашето тело“.
ГРАМОФОНСКА ПЛОЧА. Нашите умови се како грамофонски плочи на кои се снимани најразлични музички жанрови – на едни рок, на други поп, на трети панк, на четврти џез, на петти класика, на шести турбо фолк… Кога мислиме дека нашата „музика“ е најдобра, тогаш сме среде голем проблем, кој станува уште посериозен кога не успеваме да видиме колку плочата е изгребана и оштетена, и како и колку тоа влијае на квалитетот на звукот кој го репродуцира.
ЧОВЕКОТ VS ПЛАНЕТАТА. Еден јужноамерикански шаман рекол дека најголемото откритие на учителите од неговата лоза е сознанието дека Земјата е жив организам. Ако неговот кажување е точно, тогаш со сигурност можеме да кажеме дека човечкиот род е канцер на планетата – на која живее и со која се храни.
ПАРИ ИЛИ МОЌ. Кај поединци, во нивната намера и желба да предаваат јога, финансискиот мотив не е секогаш видлив и често е присутен во притаена форма, за разлика од некои „учители“ кај кои е јасно дека практикантот го гледаат како евро. Постои и посебна група „учители“, кај кои доминира прикриената желба за моќ и потребата да бидат одбележани и вреднувани од другите. Овие, често пати нарцисоидни структури, обидувајќи се да создадат идеализирана слика за себе, кај своите следбеници но и кај другите луѓе, се подготвени да живеат многу скромно и во аскеза, само да предизвикаат восхит во окружувањето. Многумина подлегнуваат на оваа смртоносна игра на итрото его.
ОДРЕДИШТА. Реката извира од земјата и го започнува својот пат кон конечното одредиште – океанот. Течејќи низ различни предели, таа прима во себе помали притоки и станува поголема и помоќна. На некои места тече брзо и диво, на други е мирна и бавна. Некогаш расте и се излева од коритото, а некогаш опаѓа и се намалува. Некогаш на луѓето и почвата им ја дава својата скапоцена вода, а некогаш ги поплавува и им наштетува. Но, без оглед на сè, таа сигурно тече кон океанот.
Така е и со човекот. Од моментот кога ќе стане свесен за себе, тој го започнува своето патување кон одредиштето. Некогаш се движи побрзо, а некогаш побавно. Низ многубројните раѓања и умирања, проаѓајќи и доживувајќи подеми и падови, успеси и неуспеси, ентузијазам и малодушност, добро и зло, кризи и стабилност, тој сепак продолжува кон своето конечно одредиште – кон Бога, знаејќи го тоа или не.
ПРЕПОЗНАВАЊА. Во духовната литература често се пишува за квалитетите и недостатоците на ученикот. Обидувајќи се да ги препознаеме кај себе, обично одиме во крајности. Или се гледаме само во недостатоците или само во квалитетите, или се самообвинуваме или сме задоволни, па дури и горди на себе. Малкумина имаат објективна слика за себе и знаат колку „вредат“. Способноста објективно да се видат сопствените доблести и мани е во основата на духовниот напредок и значиповисока состојба на свесност во која се надминува диктатот што го наметнува егото.
„БУЈНА МАШТА МОЖЕ СВАШТА“. Како љубопитен вид, ние отсекогаш сме сакале да слушаме за нештата од „онаа страна“. Прашање е дали за случувањата од другата страна може да се зборува од оваа страна? Јогините не се на мислење дека интелектуално можеме да го разбереме искуственото и затоа секогаш инсистираат на личното доживување, а интелектуалното во најдобар случај го сметаат за патоказ. За жал, денес има многу „учители“ кои за сè што ни се случува во животот „добиваат“ објаснувања од онаа страна, во кои дури и најбаналните работи се толкуваат со добро познатите термини: карма, реинкарнација, астрал, акаша, чакри, енергија–прана, гуру-божја милост… Сите наши постапки, избори и одлуки, болести, грешки, релациите со луѓето, со еден збор сиот наш живот, за нив е „отворена книга“ – сè знаат и за сè имаат објаснување. Потполно сигурни во информациите што ги „добиваат“ од другата страна, убедени се во точноста на тоа што го зборуваат.
Овие „просветлени“ сезнајковци предизвикуваат најразлични реакции кај луѓето: некои воодушевено и без никаква резерва ги прифаќаат и го сметаат за точно тоа што го слушаат, други се сомневаат, а трети им се потсмеваат… Затоа, целата таа „учителска папазјанија“, треба внимателно да ја набљудуваме, со многу претпазливост, и свесни дека сме на многу лизгав терен. Во спротивно, лесно можеме да се изгубиме, заедно со „учителот“, во лавиринтот на квазизнаењето.
АПСУРД. Случувања во животот стануваат толку брзи, што имаме чувство дека сегашноста ни бега, ни лизга низ прстите како песок. Веќе го немаме слободното време за себе, за да застанеме и барем за кратко, да се преиспитаме каде сме, што работиме и што всушност ни се случува. Тоа нè доведува до апсурдна ситуација во која, како што забележал еден новинар, почнуваме да чувствуваме „носталгија за сегашноста“.
ДВОЈНО ДНО. Благословени се оние што можат да го работат она што го сакаат и од тоа да егзистираат. Повеќето се препелкаме во цврстиот стисок на „властодршците“ и тешко доаѓаме до здив. Божем живееме, а всушност полека се „кршиме“ губејќи сила и енергија потребни за неопходните промени. Правиме компромиси таму каде што не треба, надевајќи се дека не може да биде полошо од ова, дека сме го допреле дното. А потоа ќе се покаже дека може, во форма на таканареченото „двојно дно“.
