Љубов во време на пандемија

СТЕВАН МИЛИЌ

Понекогаш, во време на војни, пандемии и разни природни катаклизми, кои со себе носат огромна деструкција, се случува во нас да се отвори нов „канал“, една сосема нова и дотогаш непозната перцепција и видување на животот…


Низ затворените очи чувствувам како светлината нечујно ја исполнува собата. Влегува во мојот ум и нежно почнува да ме повлекува кон горе. Ја напуштам полека земјата на сништата и изронувам на површина. Ги отворам очите. Надвор се разденува. Многу е тивко. Како да е недела, а не е. Среда е. Тишина… Се слуша само нејзиното дишење. Лежи до мене склупчена како дете. Го гледам нејзиниот спокоен лик. Каде ли е сега, во кои светови талка нејзиниот дух?

Се чувствувам некако чудно, тука сум, а како да не сум… Станувам и погледнувам низ прозорецот. Како маѓепсан го гледам снегот што паѓа. Сè е бело. Ми се чини дека е Божиќ, а не е. Знам дека е први април.

Големи и мали снегулки лебдат во воздухот. Ветрот се игра со нив и постојано им го менува движењето. Ми се чини како да сум во малата стаклена кугла со која се играв како дете… На големото дрво, во паркот од спротива, две гнезда полни со снег. Што ли прават птиците, каде одлетале? Празна улица, нема никој. Само заспани коли покриени со бели јоргани и едно црно куче кое брза некаде…

Почнувам да правам чај. Звуците на водата што врие неуспешно се обидуваат да ја разбудат тишината… Шолјата ми ги грее дланките. Топлина ми се разлева низ телото. Тишина и чуден мир… Вратата од собата се отвора и таа тивко влегува со насмевка. Ја гледам… Само таа не е чудна во ова чудно утро. Само таа е вистинска…

На масата, од вчера ме чека еден будистички текст и ми вели:

…Во овој релативен Универзум, во чии рамки постојано се одвиваат циклусите на раѓања и умирања, не постои потполна слобода од страдањето. Постои само одредено количество среќа, измешано со страдање… Сепак, за нас обичните луѓе, ова е единствена егзистенција за која знаеме, затоа што сме целосно нурнати во неа. Во овој Универзум, сè што нè прави среќни, неминовно подложи на стареење и пропаѓање, а со тоа доаѓа и страдањето…

Ме обземаат мисли. Како снегулки летаат низ бескрајот на мојот ум… Денот некако неволно се одмотува и се движи по својот пат. По некое време, почнува да забрзува за да се засолни од студот… Снегот сè уште паѓа. Светлината ита кон запад, а самракот тивко се прикрадува од истокот…

Влегувам во просторот за јога. Мирно е. Просторот нежно ме обвива. Ги затворам очите… Од далечина го слушам божествениот глас на Никодимос Кабарнос во Аја Софија. И потоа само возвишен мир… Мислите во мојот ум потполно стивнуваат. Тишина во мене, тишина околу мене. Се слеваат една во друга, и времето и просторот исчезнуваат… Повторно ги отворам очите. Надвор е темно. Низ прозорецот ја гледам сливата во дворот. Снегот и ги покрил цветовите. Гранките се свиле удолу…

Излегувам надвор. Чист леден воздух ме пресекува како ладна вода… Отспротива, на трите згради, сите прозорци се осветлени. Како закотвени бродови чекаат снегот да запре, па да отпловат… Околу мене само мир. Нема движења, нема звуци, нема џагор на деца што трчаат по снегот… А и тој е некако тежок, молчалив, притиска… Ги тресам натежнатите гранки на дрвјата. Брзо се подигаат да земат воздух. Им олеснува… Облеката ми е мокра и излепена со розови латици. Студот навлегува во мене и ме тера да се вратам дома. Повторно топлина и нејзината насмевка…

На масата, текстот нетрпеливо ме чека да продолжи да ми ја раскажува својата вистина:

Зад овој круг на раѓања и умирања, постои егзистенција ослободена од стареење, страдање и смрт. Таа егзистенција е таканаречена неусловена егзистенција. Нејзино директно искуство е возможно само после долга духовна практика. Сè дотогаш, за неа не знаеме ништо, освен информацијата дека постои. Нашата неспособност да го увидиме постоењето на оваа неусловена егзистенција се нарекува основно незнаење и тоа е во коренот на сите наши страдања; ова незнаење нè тера да ја бараме среќата во овој минлив свет. Кога ова незнаење ќе исчезне, со него исчезнува и страдањето…

Повторно мисли… Доцна е. На денот му истекло времето… Почнуваме да пребаруваме по тв каналите. На сите програми исти слики – празни улици, градови духови – клонирани Чернобили. Каде се луѓето, дали се живи или некаде се скриле? Само некои непознати луѓе со маски на лицата. И сите кажуваат исто – корона, пандемија, корона, пандемија, Кина, Вухан, Италија, Шпанија, Америка, рецесија, локдаун… На екраните, карти на светот со црвени кругови – поголеми и помали. Табели со бројки – заразени, излечени, починати… Нема луѓе, само бројки. Дали еволуиравме во Хомо нумерус, дали секој од нас има свој број?

Ме обзема замор… Си легнуваме… Полека почнувам да тонам во тишината, во мекиот флуиден свет на сништата… Одненадеж, во силен проблесок, видов дека штотуку сонив сон во Сонот… Видов дека единствено таа и нејзината насмевка се вистински…


Април 2020 година