Текст: Самскари [1] | Автор: Стеван Милиќ
Самскарите и практиката на јога
Сите го знаеме одговорот на прашањето – во какво време и во каков свет денес живееме и дејствуваме, но она над што би требало да се замислиме е прашањето какви самскари создаваме во такво опкружување, особено ако сме свесни за последиците од нивното влијание на нашите животи. Кога секојдневно, во медиумите, гледаме и слушаме главно најразлични лаги, бесмислици и гадости, нормално е да бидеме загрижени за насоката во која ги усмеруваме нашите животи – и сегашните и идните.
Гледано од тој аспект практиката на многубројните техники во разните системи на јога, добива многу појасно значење и поконкретна улога. Тогаш концептите на јама и нијама, ваирагја, абјаса, концентрацијата, медитацијата… веќе не се само методи за смирување на умот и запознавање со неговото функционирање и не се само начини за создавање „добра карма“ и полесен живот. Тие стануваат методи за откривање, ослабување и воспоставување контрола над влијанието на самскарите и водат до постепено запирање на процесот на постојаното создавање на нови и нови „генерации“ самскари. Всушност, сите методи и форми на јога, на еден или на друг начин се патот и начинот како да се прекине постојаното вртење во вечниот круг на раѓања и умирања, предизвикано од дејствувањето на самскарите и да се достигне конечното ослободување од незнаењето. Да се стигне до врвното знаење за Себството.
Од сè што досега е кажано, јасно е колку е важно исправното разбирање на овие импресии кои се длабоко похранети во нас. Затоа сметам дека е повеќе од корисно да се запознаеме со повеќе прикази и толкувања на самскарите и да добиеме посферична слика не само за нивното значење, туку и за јогиското учење воопшто. Следат коментари од Свами Вивекананда на некои од Јогиските сутри кои се однесуваат на самскарите, во кои тој на својот препознатлив и едноставен начин ни ја доближува оваа тематика.
Вистински духовниот човек е зад умот
…Нашите акции се како мали бранови кои се поигруваат на површината на езерото. Брановите постепено се смируваат и исчезнуваат и што останува? Остануваат самскарите, импресиите кои ги остава секој бран кој излегува од умот.
Кога во умот се собираат голем број самскари, тие се натрупуваат и стануваат навики. Се вели дека навиката е втората природа на човекот, иако не би згрешиле и ако кажеме дека таа всушност е целата негова природа; сè она што сме е резултат на навиките. Тоа ни дава утеха, зашто ако нашата природа е само навика, ние можеме во секој момент да ја создадеме или да ја промениме. Нашиот карактер е збир на сите самскари и кога еден одреден бран ќе надвладее, човекот ја следи неговата насока.
Ако превладее доброто, човекот станува добар, ако превладее лошото, човекот станува лош, а ако превладее радоста, човекот станува среќен. Единствен лек против лошите навики е стекнување спротивни навики; сите лоши навики, кои оставиле на нас своја трага, мораат да бидат совладани со помош на новите – добри навики. Затоа е потребно да правиме добро и секогаш да размислуваме за светите нешта; тоа е единствениот начин да ги сузбиеме ниските импресии. Никогаш не велете за некого дека е безнадежен случај, зашто човекот е само карактер, сплет од навики, кои можат да се совладаат со помош на нови подобри навики. Карактерот се состои од навики кои се повторуваат и единствено со промената на навиките, карактерот може да се трансформира.
…Совршениот надсвесен самади, наречен асампраџната, е состојба на слобода. Претходниот „понизок“ самади не ја ослободува душата. Човекот може да ги стекне сите моќи и сепак повторно да падне. Не постои гаранција сè додека душата не престане да престојува во материјата. Тоа е многу тешко да се постигне, иако методот навидум се чини едноставен. Тој се состои од медитација во која умот е објектот на концентрацијата, како и од запирањето на секоја мисла која ќе се појави. Кога нема да дозволиме ниту една мисла да влезе во умот, тој станува апсолутна „празнина“.
Во мигот кога тоа вистински ќе го постигнеме, се случува ослободувањето. Луѓе кои без подготовка и без практика ќе се обидат да го „испразнат“ умот, најчесто успеваат само да го прекријат умот со тамас – материјалот на незнаењето. Тамас го прави умот тап и ги наведува луѓето да мислат дека успеале да го испразнат умот. Да се биде во состојба тоа вистински да се постигне, значи да се манифестира најголема сила и највисока контрола. Во таа состојба на свест, наречена асампраџната или надсвест, самадито станува „без семе“. Што значи тоа? Во состојбата на концентрација во која сè уште постои обичната свест, умот успева единствено да ги смири брановите на чита и да ги спречи повторно да се издигнат на површина; но брановите сè уште постојат во форма на самскари. Тие се како никулци, кои во погодни услови повторно стануваат бранови. Но кога ќе се уништат сите самскари, кога речиси ќе се „разори“ умот, тој самади станува самади без семе; во умот веќе не постојат никулци од кои секогаш, одново и одново, се раѓа животот, тој бесконечен круг на раѓања и умирања.
Можеби ќе се запрашате – каква е таа состојба во која нема ни ум ни знаење? Тоа што ние го нарекуваме знаење е состојба пониска од состојбата над знаењето. Секогаш треба да имаме на ум дека крајностите многу личат една на друга. На пример, бавните вибрации ги доживуваме како темнина, побрзите формираат светлина, а уште побрзите повторно ќе ги доживееме како темина. Така е и со незнаењето. Тоа е најниската состојба, знаењето е средната, а над знаењето се наоѓа највисоката состојба; двете крајности изгледаат слични. Самото знаење е нешто што е создадено, тоа е една комбинација, тоа не е Стварност.
Што е резултатот на постојаната практика на таа највисока состојба на концентрација? Сите стари самскари и нивната тенденција за активност или инерција ќе бидат уништени. Тоа е слично на процесот во кој со помош на хемикалии златото се ослободува од згурата. Кога рудата ќе се истопи, згурата согорува заедно со хемикалијата. На сличен начин, постојаната контрола ќе ги уништи сите претходни лоши самскари, а конечно и добрите. Всушност, тие взаемно ќе се уништат, оставајќи ја душата сама во нејзиниот сопствен сјај, ослободена и од доброто и од лошото, сеприсутна, семоќна и сезнајна. Тогаш човекот ќе знае дека за него не постои ни раѓање ни умирање и дека не му се потребни ниту небото ниту земјата. Тој ќе знае дека ниту дошол ниту некаде ќе отиде; дека само природата се движела и дека тоа нејзино движење се одразувало на душата. Светлината, која огледалото ја рефлектира на ѕидот, се движи, а ѕидот си замислува дека тој е оној што се движи. Истото ни се случува и нам; чита е таа која постојано се движи земајќи различни форми, а ние мислиме дека ние сме тие форми. Сите тие заблуди на крајот ќе исчезнат.
…Единствениот пат кој води до надсвеста е низ самади, а она што нè попречува да ја постигнеме таа состојба се самскарите. Сите сме забележале дека во моментите кога се обидуваме да мислиме на Бог, се појавуваат самскарите. Во некои други прилики тие не се така активни, но токму кога најмалку ни требаат тие сигурно ќе се појават и ќе се обидат во што поголем број да го исполнат нашиот ум. Зошто тоа се случува? Зошто самскарите се толку моќни, особено во моментите кога сакаме да се концентрираме? Затоа што кога ги потиснуваме самскарите, тие се спротиставуваат со сета своја сила, додека во некоја друга прилика, тие нема да реагираат.
Самскарите од минатото се навистина безбројни. Збиени некаде во чита, подготвени, само чекаат да скокнат како тигри. За да може идејата која ја посакуваме да се издигне, треба да ги отстраниме сите останати самскари. Токму тогаш, тие истовремено се обидуваат да излезат на површина. Моќта на различните самскари да ја попречуваат концентрацијата е многу голема. Затоа, самадито кој е наведен е најдобар, поради својата моќ да ги отстрани самскарите. Самскарата која е резултат на тој тип концентрација, ќе биде толку моќна што ќе го спречи дејствувањето на сите останати самскари.
…Ние би сакале да ја видиме душата, но не можеме зашто таа се поистоветила со природата, телото и умот. Неукиот човек мисли дека неговото тело е душата. Образованиот човек мисли дека неговиот ум е душата. Но, обајцата грешат. Причината поради која душата се поистоветува со природата, телото и умот, се различните бранови кои се подигаат на површината на чита и ја затскриваат душата. Низ брановите, ние го гледаме само слабиот одраз на душата. На пример, ако се појави бран на гнев, ние велиме: „Јас сум лут“. Ако пак тоа е бран на љубов, ние се гледаме себе како одраз на тој бран и велиме дека сакаме. Ако тоа е бран на немоќ, ние мислиме дека сме немоќни. Сите тие различни идеи потекнуваат од самскарите, кои ја прекриваат душата. Нејзината вистинска суштина нема да ја видиме сè додека сите бранови не исчезнат. Затоа Патанџали најпрвин нè учи за значењето на тие бранови; потоа за најдобриот начин како да ги зауздаме и на крај, како да создадеме еден бран, толку силен што ќе ги потисне сите други. Кога ќе остане само тој единствен бран, ќе биде лесно тој да се отстрани и тогаш ќе уследи самади, наречен „без семе“. Не останува веќе ништо и душата се појавува таква каква што е, во целиот свој сјај. Дури тогаш ќе сфатиме дека душата не е никаков склоп, туку е единствена вечна супстанца во универзумот и како таква таа не може да биде ни родена ниту може да умре. Таа е бесмртна, неуништива, вечно жива суштина на интелигенцијата.
…Самскарите се суптилни впечатоци – импресии, кои остануваат дури и кога менталните бранови се уништени со практиката на медитација. Како можат да се запрат тие суптилни самскари? Тоа се постигнува со сведување на последицата на нејзината причина. Кога чита, која е последица, низ самади ќе се сведе на својата причина – асмита или свеста за јас, единствено тогаш суптилните импресии – самскари умираат заедно со неа.
…Под „складиште на делата“ (карма-ашаја), се подразбира збирот на сите самскари. Што и да правиме, тоа предизвикува бранови во умот; кога делото е завршено, ние мислиме дека бранот исчезнал. Но не е така; бранот само станал суптилен, иако сè уште е тука. Кога се обидуваме да се сетиме на делото, тој се појавува и повторно станува бран. Значи, тој е тука, зашто во спротивно не би постоело ни сеќавањето. Така, секој чин и секоја мисла, без оглед дали се добри или лоши, одат во најдлабокиот слој на умот и остануваат таму складирани.
…И среќните и несреќните мисли се, како што велат јогините, „пречки кои носат болка“, затоа што на крајот на краиштата и едните и другите предизвикуваат болка. Секое чувство на среќа, кое потекнува од сетилата, на крајот ќе донесе болка. Секое уживање ќе го поттикне нашиот копнеж за уживање, а резултатот е болка. Нема граница на човековите желби; човекот секогаш нешто посакува и кога ќе дојде до точка кога неговата желба веќе не може да се исполни, исходот е болка. Затоа јогините сметаат дека сите самскари и добрите и лошите, се пречки кои предизвикуваат болка; тие ни стојат на патот кон слободата на душата.
Самскарите, суптилните корени на сите наши дела, треба да се сметаат за причини кои ќе донесат последици или во овој или во некој од идните животи. Во некои случаи, кога самскарите се многу силни, тие брзо носат плодови; исклучително добри или лоши дела, носат последици уште во овој живот.
…Во првата, пониската состојба на самади, модификациите во умот се совладани, но сè уште не потполно, зашто да се совладани не би постоеле ни модификациите. Кога постои модификација која го принудува умот да се движи нанадвор низ сетилата и кога јогинот ќе се обиде да ја совлада, самата таа контрола станува друга модификција. Еден бран ќе биде запрен од друг бран, така што тоа нема да биде вистинскиот самади, во кој сите бранови се смируваат, зашто самата контрола станува бран. А сепак, тој понизок самади е многу поблизу до повисокиот самади, отколку состојбата во која умот постојано се движи кон надвор.
…Контролата на умот станува постојана кога таа се практикува секојдневно, па умот постигнува способност за непрекината концентрација.
…Секое наше искуство се јавува во форма на бран во чита; бранот слабее и станува сè помал и помал, но никогаш не се губи. Тој останува тука во суптилна форма и ако можеме повторно да го предизвикаме, тој станува сеќавање. Значи, ако јогинот може да примени самјама (дарана, дијана и самади) на минатите самскари тој ќе почне да се сеќава на своите минати животи.
…Кога ќе стане суптилно, искуството се трансформира во самскара. Повторно оживувајќи, тие стануваат меморија. Зборот „меморија“ овде подразбира несвесно ускладување на минатите искуства, сведени на самскари, со сегашното свесно дејствување.
Во секое тело, само група самскари стекнати во слично тело, стануваат причина за дејствување во тоа тело. Искуствата стекнати во различно тело, остануваат во латентна форма. Секое тело се однесува како да е потомок на еден низ тела од ист вид; така, последователноста на желбите не престанува.
Колку е поголемо нашето разбирање на самскарите, толку појасно ни се открива вистинската улога на техниките и знаењата во различните форми на јога. Тогаш, нивната заедничка цел и патот до неа го добиваат своето вистинско значење и смисла. Проучувањето на толкувањата на јогата за умот како внатрешен – психолошки орган, за самскарите како потсвесни активатори и за реинкарнацијата како процес на повторни раѓања кои се налик на скалила на патот на нашиот духовен развој, можеби ќе ни помогне да го разбереме вистинското значење на втората сутра: „Јогачитавритинирода“ и зошто се вели дека таа истовремено го означува и почетокот и крајот на јогиското учење.
