Фрагменти
СТЕВАН МИЛИЌ
Ако фрагментите по дефиниција се делови од една целина, тогаш во контекст на животот, како кратки или подолги записи, тие се искристализирани сознанија, гледишта и ставови за разни аспекти од нашето битисување. До нив обично стигнуваме поминувајќи низ најразлични животни искуства или низ контемплативно задлабочување. Пораките на фрагментите, преку нивната позитивна конотација, се длабоко човечки и универзални, што како специфичен облик на проза, ги прави исклучително привлечни и инспиративни.
Фрагментите обично се есенција, лаконичен приказ кој отсликува, укажува или коментира одредена појава или состојба кај човекот, но и пошироко во општеството. Можат да бидат резултат на подлабока и посеопфатна анализа и набљудување, но и на одредено проникливо согледување.
Начинот на кој фрагментите се запишани е ослободен од строга книжевна форма и може да биде – сериозен, сатиричен, ироничен, хумористичен…, што зависи од темата, како и од сензибилитетот на авторот. Ова секако придонесува фрагментите за многу читатели да бидат омилена прозна форма, особено ако се има предвид фактот што тие обично се кратки, концизни и не бараат да се одвои многу време за нивно читање.
Актуелни се и важни, зашто го допираат читателот и едноставно го повлекуваат во активен однос, предизвикувајќи го да проникне во суштината на она „што писателот сакал да каже“. На тој начин попатно се вежба и „изострува“ умот во постигнување на квалитетот на правилно откривање на разликите помеѓу појавите.
Споредувањето на фрагментите запишани од други луѓе со своите ставови и идеи, како и нивното преиспитување е исклучително корисно. Во тој динамичен процес читателот често почнува да размислува, да се прашува и да ја открива „својата“ вистина, што само по себе е креативно и инспиративно.
Придобивките од запишувањето на заклучоците од своите размислувања се двострани: како прво, поради тоа што изискуваат претходна анализа и труд, со цел правилно да се разберат искуствата и да се прочистат до форма на пократок или подолг запис; и како второ, затоа што што можеме, кога за тоа ќе почувствуваме потреба, да се навратиме на запишаното и да провериме дали од одредена временска дистанца, поинаку гледаме на некои работи.
Кога фрагментот ќе нè „улови“, не треба да останеме на првата импресија. Добро е да го истражуваме понатаму, за да не останеме ускратени за неговото подлабоко значење. Некои веројатно ќе забележат дека со анализата и контемплацијата фрагментот ја губи свежината и автентичноста. Тоа само навидум може да изгледа така, зашто сметам дека тој е „окидач“, што го канализира умот кон поширокото значење на записот. Затоа анализата и контемплацијата на еден начин се врзивно средство кое го вградува во нас сознанието за „скриеното“ значење на фрагментот. Без нив пораката нема да остави трага во нас, и ќе испари како роса на сонцето, како ништо да не се случило…
При читањето на фрагментите, важно е да станеме свесни за првите импресии и за тоа што предизвикуваат тие во нас – какви реакции и чувства. На какви размислувања и заклучоци нè упатуваат? Дали нè вознемируваат, нè поттикнуваат или нè оставаат индиферентни?
На крај, би можело да се каже дека фрагментите се како отворени канали до одредени сознанија, кои понекогаш се доживуваат како проблесоци, како мали „просветлувања“… Отсекогаш сум ги сакал овие кратки записи, кои многу ми значеле во одредени моменти од животот и ме туркале за да се поместам од „мртва“ точка.
Во продолжение на текстот можеме, како вежба, да разгледаме три фрагменти, чии автори се од различни култури и временски епохи и да се обидеме да ја разбереме нивната порака.
Не ми треба поголемо школо од мојата болка.
Душко Трифуновиќ, српски писател од 20-21.век
Ако школото во ова кажување е синоним за знаењето кое го стекнуваме низ конвенционалното образование, тогаш се поставува прашањето каква е природата на знаењето изнедрено од болката?
Дали се мисли на знаењето стекнато во т.н. „школо на животот“, кое го црпиме од животните искуства и дали тоа е супериорно во однос на другото?
Дали тие воопшто се споредливи, дали можат едно без друго или се испреплетуваат и заемно си влијаат?
Дали тука станува збор за интелектуалното наспроти искуственото знаење?
За каков вид болка станува збор, физичка или психичка, и од кои причини е предизвикана?
До какви сознанија може да нè донесе болката и дали таа е подобар учител од состојбата на нејзиното отсуство? Се разбира, ако болката не нè скрши.
Дали благосостојбата нè „успива“, а болката нè упатува на вечните прашања за смислата на животот и за нашиот однос и очекувањата од него?
Дали болката може да нè направи подобри или полоши?
Кога дојде на овој свет,
ти плачеше, а другите се смееја.
Живеј така, што кога ќе заминуваш од овој свет,
ти ќе се смееш, а другите ќе плачат.
Тулсидас, индиски светец и поет од 16-17.век
Зошто доаѓаме на овој свет со болка и зашто си заминуваме со болка?
Што треба да направиме и како да живееме за да го напуштиме со насмевка?
Дали тајната е во добрината, емпатичноста, сочувствителноста, можат ли тие во тоа да ни помогнат или тајната е во парите, моќта, задоволствата…
Ако не знаеме кои сме, од каде доаѓаме, каде треба да одиме и која е смислата на нашето битисување на оваа планета, ако ги немаме одговорите на овие прашања, тогаш како можеме да заминеме со насмевка, кога всушност не знаеме каде и како треба да одиме?
Како да бидеме среќни ако знаеме дека единственото нешто во животот што е извесно е нашето заминување, ако знаеме дека сè друго е непостојано и минливо…
Дали интелектуалното познавање на законите на кармата и реинкарнацијата, како и за нашата вистинска суштина, можат да ја ублажат болката и стравот од смртта, ако го немаме личното искуство? Дали Буда затоа вели: „Сè е страдање, дури и кога ни се чини дека нешто е добро“ (затоа што сè што „имаме“, во еден миг ќе го изгубиме).
Дали познавањето на нашата вистинска суштина, искуството на нашето Себство е единствениот спас, а сè друго е само илузија и шаренило…?
Под високо дигнатиот меч, пеколот е пред кој трепериш.
Тргни напред и земјата на блаженството ќе биде твоја.
Мијамото Мусаши, јапонски самурај од 16-17. век
Ако во ова кажување катаната, самурајскиот меч, е метафора за смртта, тогаш стравот од неа е пеколот. Наместо да се соочиме со него, ние со „помош“ на цинизмот и иронијата стравот го туркаме „под черга“ и божем живееме, замајувајќи се со најразлични глупости. Таквиот живот во лага и негација, постепено се претвора во пекол.
Потребни се голема храброст, пламена желба и натчовечки напор, за да се тргне напред, во непознатото, и да се надмине стравот од смртта за да се разбере животот… и да се стигне во земјата на блаженството.
Во овој фрагмент мечот може да биде и метафора за незнаењето, кое исто така може да направи пекол од нашите животи, и кое исто така, е смртоносно – буквално!
Во продолжение следат фрагменти за различни искуства низ кои сум минувал во животот, во периоди кога тие биле во фокусот на моето внимание, интересирање и доживување. Се обидував да ги разберам и забележам низ призма на јогата како духовно учење, сакајќи да живеам и дејствувам во нејзиниот дух, онака како што го разбирам и чувствувам.
