Текст: Самскари [2] | Автор: Стеван Милиќ
ОТСТРАНУВАЊЕ НА САМСКАРИТЕ
Самскарите го спречуваат просветлувањето на Себството
Човечките суштества не го доживуваат просветлувањето на Себството затоа што нивната свест е прекриена со самскари – впечатоци натрупани низ претходните искуства. Волјата да се биде свесен, со која започнала еволуцијата, успеала во човечката форма да создаде потполна свест. Меѓутоа, свеста не успева да го постигне спознавањето на Наддушата, зашто свеста и служи на поединечната душа да ги искуси самскарите, а не да ја доживее својата вистинска природа, Наддушата. Тоа проживување на самскарите го држи човекот во илузија дека е смртно тело кое се обидува да се прилагоди на светот на луѓето и објектите.
Индивидуалните души се како капки во океанот. Секоја капка во основа е исто што и океанот, но се доживува како поединечна благодарение на илузијата. Всушност, поединечната душа секогаш е Наддуша и никогаш не се одвојува од неа. Меѓутоа, самскарите со кои свеста е обвиткана ја спречуваат душата да го доживее просветлувањето на Себството, задржувајќи ја во подрачјето на дуалноста. За да може поединечната душа да ја оствари својата истоветност со Наддушата, неопходно е потполно свесно и до крај да се отстранат самскарите. Имено, самскарите допринеле за еволуцијата на свеста, но потоа стануваат сами по себе пречка во успешното осветлување на природата на Наддушата. Поради тоа, основниот проблем со кој се соочува волјата да се биде свесен, не е понатамошниот развој на свеста, туку ослободувањето на свеста од самскарите.
Пет начини за сигурно ослободување од самскарите
Ослободувањето од самскарите се случува на следните пет начини:
1. Запирање на создавањето нови самскари
Се состои од запирањето на активностите на создавање нови самскари. Ако формирањето самскари го споредиме со намотување жица околу стап, тогаш овој чекор подразбира запирање на понатамошното намотување на жицата.
2. Слабеење на старите самскари
Спречувањето самскарите да се манифестираат низ акции и искуства води кон нивно постепено слабеење. Во примерот со жицата овој процес би можел да се спореди со тенчење на жицата на одредено место.
3. Одмотување на претходните самскари
Постапката се состои во поништување на претходните самскари со повторно умствено проживување на процесот кој довел до нивно формирање. Продолжувајќи со нашиот пример, тоа е како жицата да се одмотува.
4. Распрснување и исцрпување на одредени самскари
Ако умствената енергија која е врзана за самскарите се сублимира и насочи во други канали, самскарите се распрснуваат, се исцрпуваат и постепено тежнеат кон исчезнување.
5. Бришење на самскарите
Се состои од потполно уништување на самскарите. Може да се спореди со пресекување на жицата со ножици. Конечното уништување на самскарите може да се постигне единствено со милоста на Совршениот Учител.
Треба да се напомене дека многу конкретни методи за отстранување на самскарите имаат повеќеслојни ефекти, поради што, врз основа на петте горе наведени начини, не може да се изврши нивна строга класификација. Тие, пред сè, ги отсликуваат принципите карактеристични за духовните процеси кои се одвиваат паралелно со отстранувањето на самскарите.
Во продолжение ќе се занимаваме само со методите кои, пред сè, ги опфаќаат првите три принципи – запирање на создавање нови самскари, слабеење и одмотување на старите самскари. Методите кои ги илустрираат последните два принципи – распрснување и исцрпување на самскарите низ сублимација, како и бришење на самскарите ќе бидат разгледани во следните делови.
Одрекување
За да се ослободи умот од ропството на постојаното натрупување самскари, неопходно е да се стави точка на создавањето нови. Тоа може да се запре со надворешно и внатрешно одрекување.
Надворешното или физичко одрекување се состои од напуштање на сето она за што умот вообичаено се врзува – родители, брак, деца, пријатели, богатство, удобности и уживање во сетилните задоволства.
Внатрешното или ментално одрекување се состои од укинување на секој копнеж, а особено кон сетилните објекти.
Иако надворешното одрекување, само по себе, не е секогаш проследено со внатрешното одрекување, тоа сепак му го трасира патот. Духовната слобода се состои од внатрешно, а не во надворешно одрекување, но надворешното одрекување, во голема мера, помага да се постигне внатрешното одрекување.
На пример, човекот кој се одрекува од својот имот, истовремено, одвнатре, се одврзува од сè што имал или има. Работите од кои се одрекол веќе не претставуваат извор на нови самскари. Така, со запирањето на процесот на формирање нови самскари, човекот презема битен чекор кон ослободувањето. Тоа не е сè што може да се постигне со надворешното одрекување. Одрекувајќи се од сè, човекот ги отфрла сите стари врзаности. Старите самскари врзани за имотот се одвојуваат од умот и бидејќи им е ускратено да се манифестираат, тие се исцрпуваат.
Кај повеќето луѓе надворешното одрекување создава поволна клима за успешно слабеење на самскарите. Оној кој поседува моќ и богатство се изложува на опасност да се препушти на екстравагантен живот.
Самите услови во кои живее му погодуваат на таквото искушение. Човекот главно е онаков каков околината, како скулптор, го обликува. Дали ќе успее да го надвладее влијанието на околината зависи од силата на неговиот карактер. Ако биде цврст, ќе остане слободен во мислите и од реакциите на своето окружување. Доколку е слаб, ќе подлегне на нивното влијание. Дури и на силниот може да му се случи да го понесе силниот бран на колективниот начин на живеење и размислување. За човекот е тешко да не потпадне под влијанието на духот на времето и да го избегне паѓањето во замката на околностите. Колку и да се труди да одолее, најверојатно ќе го зафати некој надмоќен бран на колективна страст или ќе го совлада одреден облик на размислување. Главно, тешко е да се одолее и да се надвладее влијанието на опкружувањето; полесно е да се избегне. Многумина би живееле почист и поисправен живот да не се опкружени со луксуз и искушенија. Одрекувањето од излишни работи го поттикнува слабеењето на самскарите и на тој начин придонесува за послободен живот.
Самотија и пост
Две важни форми на надворешно одрекување кои имаат изразена духовна вредност се самотијата и постот. Повлекувањето од бурите и стресовите на забрзаниот начин на дејствување и повремено живеење во самотија е ефикасен метод за слабеење на самскарите поврзани со инстинктот на групата. Но тоа не би требало да се смета за цел.
Како и самотијата и постот има голема духовна вредност. Јадењето претставува задоволство, а постот е негово порекување. Во физичка смисла, постот е неземање храна, иако постои силна желба да се ужива во неа; во ментална смисла, постот е земање храна, но без уживање во неа или поради врзаност за неа, туку само поради одржувањето на телото. Надворешниот пост се состои од избегнување на директен допир со храната, со цел да се постигне квалитетот на менталниот пост.
Храната е основна животна потреба, па честото неземање храна сигурно води до нарушување на здравјето. Затоа надворешниот пост треба да се практикува периодично и исклучиво накратко. Треба да се практикува сè додека не се постигне конечна победа над копнежот за храна. Кога виталните сили кои одолеваат на копнежот за храна ќе се стават во погон, можно е умот да се ослободи од врзување за храната.
Надворешниот пост нема духовна вредност доколку се практикува само за зачувување на телесното здравје или поради желбата за самоистакнување. Тој не треба да се користи како средство за самодокажување. Исто така, не смее да се практикува и да се оди во крајности, во исцрпување на телото до крајни граници. Самоумртвувањето, како резултат на продолжениот пост, не помага секогаш во обидот човекот да се ослободи од копнежот за храна. Всушност, се случува спротивното и за последица има подоцнежно препуштање на уживање во храната. Затоа, умерениот надворешен пост чија цел е духовен напредок, ќе му помогне на човекот да го постигне квалитетот на внатрешниот пост. Кога надворешниот и внатрешниот пост се практикуваат со полно срце и со искрени намери, тие поволно дејствуваат на одмотувањето на самскарите врзани за копнежот за храна.
Покајување
Покајувањето води до одмотување на многу самскари. Покајувањето значи да се чувствува и да се изразува силно каење откако човекот ќе увиди дека направил некакво лошо дело.
Методот се состои од повторно мисловно проживување на лошите постапки, заедно со строг самопрекор. На искреното покајување му помагаат: храброто соочување со околностите и ситуациите кои го предизвикале чувството на каење, потоа отвореност кон силни емоции кои го следат и на крај намерно, свесно оживување на сторените дела, во умот, проследени со искрено жалење во срцето и силно неодобрување. Таквото покајување ги одмотува самскарите кои ги предизвикале лошите постапки. Покајувањето – покорот, во спрега со длабоко проживеани чувства може да ги поништи самскарите поврзани со чувствата на лутина, алчност и копнеж.
Под претпоставка дека некоја личност и нанела непоправливо зло на друга личност низ неконтролирана алчност, лутина или копнеж, таа кога-тогаш ќе доживее разорно каење и грижа на совест. Ако тогаш јасно го увиди злото кое го сторила, силата на емоционалното разбирање ќе ги согори лошите тежнеења поради кои се кае.
Покајувањето понекогаш се манифестира низ разни форми на самоказнување. Некои духовни практиканти одат дотаму што во состојба на покајување си нанесуваат телесни повреди, но такви драстични мерки генерално не се препорачуваат. Така, на пример, некои хинду трагачи паѓаат пред стапалата на секој минувач, обидувајќи се да развијат кај себе скромност и понизност.
На оние со силна волја и стабилен карактер, покајувањето ќе им ги донесе посакуваните добри резултати токму низ понизност, бидејќи таа ги разврзува и искоренува различните самскари поврзани со добрите и лошите дела. Други поединци со послаба волја, исто така, можат да имаат корист од покајувањето кое е насочено кон милосрдие и љубов. Искреното практикување на покајувањето неизбежно води кон укинување на несакани модели на размислување и однесување и му помага на човекот да биде поподготвен да го живее животот во чистота и служење.
Меѓутоа, секогаш треба да се биде внимателен, зашто кај покајувањето постои опасност умот да се задржи предолго на лошите навики и да развие морбидна навика на јадосување и оплакување за безначајни работи. Претераната, речиси настрана сентименталност, е јалово трошење на енергијата и не може да помогне во слабеењето и одврзувањето на самскарите. Покајувањето не смее да се претвори во секојдневно каење кое е сигурен знак на слабост. Тоа не смее да се развие во мачна навика на неумерено, тмурно размислување за сопствените неуспеси. Искреното покајување не се состои од вечно жалење поради лошите постапки, туку во решеноста постапките кои предизвикуваат жалење во иднина да се избегнуваат. Ако покајувањето резултира со појава на недостаток на себепочитување и доверба во себе, тогаш не е остварена неговата вистинска цел, а тоа е да се избегне повторување на одредени постапки.
Отфрлање на желбите
Слабеењето и одмотувањето на самскарите, исто така, успешно се остварува кога човекот ќе престане да ги искажува и исполнува своите желби.
Луѓето се разликуваат во способноста и во подготвеноста да се откажат од своите желби. Оние кај кои желбите се јавуваат импулсивно и со голема брзина, кои не се во можност да ги зауздаат на самиот извор, можат барем да се воздржат од тоа да ги остварат во дела. Дури и оние кои немаат контрола пред навалицата желби можат да го спречат нивното спроведување во дело. Отфрлањето на желбите низ контролирани акции го исклучува засејувањето на семето на идните желби. Спроведувајќи одредени желби во дело, човекот може да исцрпи и да испразни одредени импресии, но со тоа ќе создаде нови и ќе го посее семето на идните желби, кои потоа ќе продолжат да го притискаат, тежнеејќи да се исполнат. Процесот на трошење и празнење на импресиите по пат на нивно исполнување, ни најмалку не придонесува за сигурно ослободување од самскарите.
Кога желбата ќе се појави, а човекот нема да и дозволи слободно исполнување, тој може на мира да размислува за неа. Размислувањето за желбата резултира со слабеење на самскарите поврзани со неа. Меѓутоа, треба да се обрне внимание на фактот дека таквото спонтано размислување не ги дава посакуваните резултати доколку поприми форма на препуштање на желбата во мислите. Свесното давање прибежиште на желбите во умот, не само што нема духовна вредност, туку станува причина за формирање суптилни самскари. Размислувањето не смее да го следи свесно одобрување на желбата, ниту пак треба да се прават напори да се сочува сеќавањето на неа.
Кога на желбите нема да им се дозволи исполнување, ниту во мислите ниту во стварноста, и кога тие ќе се пропуштат низ интензивниот оган на промислената свест која не ги одобрува, нивното семе ќе се затре. Отфрлањето на желбите и запирањето на нивното исполнување во физичкиот свет доведува до автоматско природно бришење на старите самскари.
Отсуство на желби (непосакување)
Отфрлањето на желбите е подготовка за непосакување или состојба без желби, која е услов за вистинска слобода. Секоја желба, било да е исполнета или не, секогаш подразбира врзаност. Кога желбата е исполнета, таа води до раѓање на нови желби и така го продолжува ропството на духот. За разлика од неа, неисполнетата желба предизвикува разочарување и страдање, што низ самскарите на разочарување и страдање повторно ја ограничува слободата на духот.
На посакувањето му нема крај, зашто умот е постојано изложен на надворешни и внатрешни стимули, поради кои постојано е замелушен, во состојба на посакување или одбивање, кое всушност е само друг вид на посакување нешто. Надворешните стимули се примаат преку сетилата за вид, слух, мирис, вкус и допир, а внатрешните стимули се оние кои се јавуваат во умот како сеќавања од сегашниот живот и како збир на самскарите кои свеста ги собрала во текот на еволутивниот период и низ човечките животи. Кога умот ќе стекне квалитет да остане мирен и сталожен во присуство на надворешните и внатрешните стимули, тој ја постигнува состојбата на непосакување. А кога не се посакува ништо, освен апсолутната Стварност која е вон сите спротиставени стимули, станува можно да се одмотаат самскарите на желбите.
Постојана рамнотежа на непосакување и принципот нети-нети
Посакувањето е состојба на нарушена рамнотежа на умот, а непосакувањето е состојба на постојана рамнотежа.
Спокојството на непосакувањето е остварливо само ако човекот постојано се ослободува од лошото влијание кое на него го вршат надворешните стимули – било да се пријатни или болни, забавни или не. За да остане недопрен од радостите и страдањата на овој свет, умот мора потполно да се одвои од надворешните и внатрешните стимули. Иако умот постојано се штити себеси и зацврстува со сопствени конструктивни сугестии, секогаш постои можност неговите одбранбени стражари да бидат совладани од удар на некој неочекуван бран од океанот на природното и менталното опкружување. Кога тоа ќе се случи, човекот некое време се чувствува изгубен, но ставот на неврзување ќе му ја врати стабилноста.
Таквиот став подразбира примена на принципот нети-нети, ни ова – ни она. Потребно е постојано да се вложуваат напори за да се задржи цврстиот ослонец на неврзувањето за лажните спротивности на ограниченото искуство. Недозволиво е да се отфрлаат непријатните стимули, а одвнатре да се остане врзан за пријатните. Умот нема да стане имун на нападите на противречностите ако продолжи да се врзува за пријатните дразби, останувајќи под нивното влијание. Рамнотежата се состои од соочување со двете можности без врзување за нив.
Елементот на негирање во сите видови аскетизам
„Да, да“ – пораката на позитивните самскари – може да се поништи единствено со негативниот одговор „не, не“. Елементот на негирање е присутен во сите видови аскетизам: во одрекувањето, осамата, постот, покајувањето, воздржувањето од исполнување на желбите и непосакувањето.
Урамнотеженото комбинирање на овие методи и форми на однесување, ќе му дадат на аскетизмот здрава основа ослободена од болни напрегања. За да стане тоа возможно, негирањето мора да се јави природно, без претерување и непотребни ограничувања.
Бесполезно е умот да се приморува на аскетски живот. Секое присилно прилагодување на аскетско живеење, најверојатно ќе го оневозможи развивањето на некои позитивни особини. Кога на здравите особини во човечката природа ќе им се овозможи природен и постепен развој, сознанието за минливите вредности ќе се појави само од себе, отворајќи му го патот кон спонтан аскетски живот. Секој обид умот насилно да се приклони кон аскетскиот живот само ќе го предизвика неговиот отпор.
Процесот на ослободување од врзаноста најчесто го следи појава на нови врзаности. Најгрубите форми на врзување насочени се кон светот на објектите; а кога умот ќе се ослободи од врзувањето за светот на објектите, тој ќе теженее да влезе во некои посуптилни врзувања од субјективен вид. Кога умот ќе постигне одреден степен на неврзување, тој најверојатно ќе почне да развива суптилна форма на егоизам, кој ќе се изрази како чувство на издвоеност и супериорност. Неврзувањето не смее да стане основа за создавае ново јадро, за кое егото би можело да се зацрврсти; истовремено не смее да стане изговор за човеково избегнување да се соочи со бурите и проблемите во световниот живот.
Работите кои го ограничуваат чистото и бесконечно битие треба да се отфрлат, а за тоа е потребна неизмерна сила која извира од чистотата и просветлувањето, а не од чувството на беспомошност пред искушенијата и проблемите.
Понатаму, неврзувањето не би требало да стане буквално спроведување на принципот нети-нети во дело, зашто тоа би прераснало во опсесија лишена од најдлабокиот копнеж за просветлување.
Таквото тесно разбирање на принципот на негирање води во внатрешна преокупираност со искушенија. Неврзувањето станува целовито и суштинско дури тогаш кога ќе стане нераскинлив дел од човечката природа.
Негативните самскари, исто така, мораат да исчезнат пред просветлувањето
Негативниот одговор „не, не“ е единствен начин да се одмотаат позитивните самскари кои се насобрале во текот на еволуцијата и животот во човечка форма. Меѓутоа, иако овој процес води кон искоренување на позитивните самскари, низ него се формираат нови негативни самскари, кои повторно, на свој начин го обликуваат умот создавајќи нови компликации. Одговорот „не, не“ треба да биде доволно силен за да предизвика исчезнување на сите самскари – физички, суптилни и ментални; откако ќе ја одигра таа улога, човекот мора дефинитивно да го отфрли. Целовитото духовно искуство не може да се заснова на обично негирање. Да се изедначи со принципот на негација, значи да се сведе на чисто интелектуална категорија. Формулата на негација служи да го ослободи умот од ограничувања, но да се стигне до крајната цел на животот, во одреден момент таа мора да се отфрли.
Мислата треба да биде средство со чија помош ќе се надминуваат ограничувањата создадени со самата нејзина активност, но кога целта е постигната, мислата треба да се отфрли. Тоа се нарекува процес на надминување на умот, кој станува возможен дури откако човекот веќе нема да се поистоветува со умот и неговите желби. Да се согледаат објективно – телото, како и сите мисли и пониски пориви, значи да се дојде до блажена состојба на неврзување и поништување на сите самскари. Тоа е ослободување на душата од самонаметнатите илузии како што се: „Јас сум тело“ или „Јас сум ум“ или „Јас сум желба“ и претставува поставување на темели за просветлената состојба „Јас сум Апсолут“.
