РАСПРСНУВАЊЕ И ПРАЗНЕЊЕ НА САМСКАРИТЕ

На крајот на првиот дел беа објаснети методи за отстранување на самскарите, кои првенствено се потпираат на принципот на отфрлање на позитивните самскари, поради тоа што ја затскриваат Вистината од свеста и го спречуваат просветлувањето на Себството – заради што и настанала целата креација.  Сите методи на отфрлање на позитивните самскари главно се засноваат на контролата на телото и умот. Контролата на вообичаените склоности на умот е многу посложена од контролата на физичките акции. Минливите и нејасни мисли и желби можат да се скротат само со помош на огромно трпение и со истрајна желба. Зауздувањето на мисловните процеси и реакции е важно поради контролата на формирањењето нови самскари и празнење или одмотување на старите, кои се нивна последица. Иако на почеток е сразмерно тешко да се постигне контрола, со вложување на искрени напори зауздувањето, со текот на времето, станува природно и лесно.

Отфрлањето на самскарите се постигнува со контрола

Воспоставувањето на контрола бара напор сè додека умот се обидува да се ослободи од својата условеност со самскарите. Кога со нивното отстранување умот ќе се ослободи, контролата се одвива спонтано и умот почнува да функционира слободно и со разбирање. Таквата контрола е резултат на силниот карактер и здраворазумското расудување и неизбежно го ослободува практикантот од страв, носејќи му мир и спокојство. Кога умот е див и се наоѓа во неконтролирана состојба, тој е потполно непредвидлив, но кога ќе се стави под контрола, станува извор на огромна сила. Контролата е од најголема важност за зачувувањето на умствената енергија и за економична употреба на мисловната сила во креативни цели.

Меѓутоа, чисто механичката контрола без вистинско разбирање ја поткопува сопствената цел – на умот да му се овозможи слободно и неограничено дејствување. За да има контролата духовна вредност, не смее да стане насилно потиснување на мислите и желбите, туку природно зауздување, кое е резултат на забележувањето на позитивните вредности во процесот на стекнувањето на искуствата. Според тоа, вистинската контрола не се засновува само на негирањето. Кога некои позитивни вредности ќе дојдат во жижата на свеста, се јавува потреба тие да се изразат во животот, а како резултат на тоа доаѓа до ментална реакција која спречува секое дополнително попречување на нивното слободно и потполно изразување. Така, усвојувајќи начин на живот во кој главните улоги ги играат чистотата, великодушноста и добрината, се отстрануваат склоностите кон страста, алчноста и лутината.

На умот, кој е навикнат на вообичаените начини и модели на размислување и реагирање, и заедно со заспаните импресии врзани за старите навики, не му е лесно да се прилагоди на новите барања на сопствените согледувања и искуства. Она што го нарекуваме контрола на умот всушност е процес на негово преобликување низ призма на вистинските вредности и не смее да биде механичко или присилно.

Таквата контрола всушност е напор на умот да ја надмине сопствената инерција. Нејзина цел во основа е творечка, не е негаторска. Низ неа умот прави обид да воспостави внатрешна рамнотежа и на тој начин да ги изрази вистинските животни вредности.

Распрснување и истрошување на самскарите

Креативна контрола на умот може да се оствари, затоа што изворот на светлината се наоѓа во секој човек; иако превезот од самскари го спречува просветлувањето на Себството, човековата свест не е потполно обвиена со темнина.  Зракот на светлина – човековото чувство за вистинските вредности, го осветлува патот на кој, во зависност од густината на превезот исткаен од самскарите, степенот на видливоста е помал или поголем.

Процесот на отфрлање на самскарите истовремено го следи процесот на разбирањето на вистинските вредности. Следствено на тоа, во духовниот развој се случува отфрлање на лажните вредности кои се темелат на самскарите во корист на вредностите на вистинското разбирање. Заменувањето на пониските вредности со повисоки е постапка на облагородување, која се состои од ослободување на психичката енергија врзана за старите самскари во насока на креативните и духовни цели. Кога енергијата врзана за самскарите ќе се насочи на овој начин, тие се распрснуваат и се трошат.

Постапката на облагородување е привлечна за духовниот практикант

Постапката на облагородување е најприроден и најплодоносен метод за пробивање низ каналите на старите самскари, а неговата посебна вредност е што во сите фази успева да го задржи вниманието на духовниот практикант. Метод во кој се случува само едноставно отстранување без замена, создава досада и духовна празнина. А постапката на облагородување, во која пониските вредности се заменуваат со повисоки, сосема го окупира вниманието на духовниот практикант и во него создава  чувство на внатрешна исполнетост и постоење на јасна цел. Мисловната сила може да се сублимира низ практиката на медитација, со несебично служење на човештвото и со предаденост на Бога.

Медитација-нејзината природа и цел

Медитацијата е длабока и непрекината концентрација на некој замислен објект. Во текот на концентрацијата, човекот е свесен само за објектот на медитацијата, а ги губи од вид телото и умот.

Така, не доаѓа до формирање нови самскари, а старите се распрснуваат и се трошат низ умствената активност, во која вниманието е потполно насочено на објектот на концентрацијата. На крај, кога самскарите потполно ќе исчезнат, душата ослободена во интензивната концентрација се спојува со замислениот објект.

Форми на медитација

Постојат онолку форми на медитација, колку што има човечки особини и склоности. Кај луѓе кои имаат тешка работа, имагинацијата често е слабо изразена, поради прекумерната работа и замор. За нив е најдобро во текот на медитацијата прво да се одвојат од мислите и потоа мислите и телото да ги набљудуваат непристрастно – неврзано. Кога практикантот ќе постигне состојба на потполна објективност во односот кон мислите и телото, тој тогаш се обидува да се поистовети со космичкото Битие низ конструктивни сугестии, какви што се, на пример: „Јас сум Бесконечност“, „Јас сум Сè“, „Јас сум во сè“.

Луѓе со жива имагинација можат да се обидат со интензивна концентрација на точка. Овој вид на сосредоточување на умот треба да го одбегнуваат оние кои кон овој вид практика немаат афинитет. Енергијата на умот вообичаено се расфрла низ многубројните променливи мисли. Медитацијата на точка е корисна за смирување на умот, но тоа е сувопарен процес на кој му недостигаат креативни искуства кои ги следи состојба на блаженство. Меѓутоа, во почетните стадиуми оваа форма на медитација може да се практикува како подготовка за подлабоки форми на медитација со кои се постигнуваат подобри резултати.

Медитација на личните и безличните аспекти на Бога

На поуспешните и подлабоки форми на медитација им претходи свесно и конструктивно размислување за Бога. Медитацијата на Бог е духовно најкорисна. Бог може да биде цел на медитацијата во двата негови аспекти – безличниот и личниот. Медитацијата на безличниот аспект на Бога им одговара исклучиво на оние луѓе кои кон тоа имаат особена склонот. Оваа форма на медитација се состои во сосредоточување на мислите на апстрактното и неманифестираното постоење на Бог. Од друга страна, медитацијата на личните аспекти на Бога се состои во сосредоточувањето на мислите, на формите и на атрибутите на Бога.

После интензивната медитација умот тежнее да се смири, но не во објектот на медитацијата, туку во постојанииот мир доживеан во текот на медитацијата. Потребата за одмор, природно произлегува од заморот на имагинативните можности и практикантот не треба да и се спротиставува. Медитацијата треба да биде спонтана, а не на сила. Во миговите кога ќе се разбрануваат божествените импулси, имагинацијата треба да се ослободи и да се пушти да полета. Летот на имагинацијата е добро да се насочи кон една утврдена цел – да се постигне едно со Бесконечното. Нејзиниот тек не смеат да го попречуваат чувствата на страст, алчност и лутина.

Пречки во медитацијата

Успехот во концентрацијата се постигнува постепено, но почетникот е склон да се обесхрабри ако веднаш не постигне забележителен резултат. Ова почетно разочарување може да биде една од најсериозните пречки во истрајното, секојдневно практикување на медитацијата. Останатите пречки, како што се мрзеливоста и слабото здравје, не се за занемарување, но можат да се надминат со редовна практика во точно одредено време. Раните утрински часови и периодот кога сонцето почнува да заоѓа и денот да се смирува, се периоди во кои настапува природна тишина и тие се особено погодни за медитацијата, иако таа може да се практикува во било кој дел од денот.

Улогата на повлекувањето во  медитативната практика

Самотијата е еден од најважните предуслови за успешна медитација. Во зовриениот свет на мислите, мисловните форми и бои постојано се испреплетуваат.

Посилните идеи имаат тенденција да се зацврстат во умот, додека послабите се распрснуваат. Умот е или маѓепсан или се спротиставува на шареноликите мисли. Корисно е практикантот да го избегнува влијанието на таквите мисли сè додека не стане способен да се зацврсти во мислите кои сам ги определил. Повлекувањето во самотија тука е од исклучителна помош во поекономичното распределување на мисловните сили, како и во јакнењето на концентрацијата. Бидејќи во осамата нема надворешни стимули или импресии кои на умот му се привлечни или одбивни, практикантот природно се врти навнатре и учи да се отвора кон повисоките струења кои се во состојба да му дадат сила, блаженство и сеопфатен мир.

Несебично служење

За разлика од медитацијата на личните и безличните аспекти на Бога, која бара повлекување на свеста во храмот на срцето, концентрацијата на Универзалните аспекти на Бога, најдобро се постигнува низ несебично служење на човештвото. Кога човекот во целост е посветен на служењето, тој, како и во медитацијата, заборава на своето тело, на умот и на нивните функции и затоа не се формираат нови самскари. Дури и старите самскари кои го врзуваат умот ослабуваат и се намалуваат.

Бидејќи човекот сето свое внимание го насочува на благосостојбата  на другите, а не на себе и на личната корист, јадрото на егото е лишено од неговата погонска енергија. Затоа, несебичното дејствување е еден од најдобрите методи за пренасочување и сублимирање на енергијата блокирана во самскарите.

Смислата на несебичното служење

Несебичното служење започнува тогаш кога ќе исчезне и последната помисла за наградата или за исходот, кога ќе исчезне секаква грижа за личната удобност, секоја чувствителност за туѓото неразбирање и критика. Кога некој е потполно преокупиран со благосостојбата на другите, тешко дека ќе може да размислува за себе. Тој веќе не се труди да си го олесни животот и да се растовари од грижите, да го подобри своето здравје и да оствари лична среќа. Всушност, подготвен е да жртвува сè за добробит на другите. Спокојството на другите и него го прави спокоен, нивното здравје го исполнува со задоволство, а нивната среќа со радост. Откако ќе се изгуби себе во животите на другите, човекот го открива својот живот. Живеејќи во срцата на другите, тој им дава прибежиште во своето. Таму веќе не постои разлика помеѓу „јас“ и „ти“. Таквиот човек на сите им помага, ја ублажува нивната болка и страдање со зборови на утеха и прави сè за да ги усреќи. Низ нивната благодарност тој добива многу повеќе отколку што дава.

Слобода и задоволство во служењето

И така, додека живеете низ другите, вашиот сопствен живот се развива и шири. Човекот кој несебично служи, речиси и не е свесен за тоа. Оние на кои тој им служи не се чувствуваат како негови должници. Напротив, човекот самиот се чувствува како должник, затоа што му е дадена единствена можност да ги усреќи другите. Тој не служи ниту за пофалби, ниту за име, ниту за слава. Вистинското несебично служење започнува дури тогаш кога човекот, служејќи, ја чувствува истата радост како кога некој него би го служел. Идеалот на несебично служење го ослободува човекот од власта на самскарите, од копнежот за моќ и поседување, самосожалување и љубомора, како и од лошите постапки предизвикани од себичност.

Љубов

Несебичното служење и медитацијата стануваат спонтани само кога се инспирирани од љубов. Затоа, со право се вели дека љубовта е најкраткиот пат до Бога. Љубовта става точка на создавањето нови самскари и ги уништува старите, давајќи му на животот сосема нова насока. Во ниедна друга состојба самозаборавот не се јавува така природно и спонтано како во состојбата на најголемата љубов. Затоа, на љубовта и припаѓа челното место меѓу методите кои водат до ослободување на свеста од ланците на самскарите.

Прочистувачкото дејство на љубовта

Се разбира дека љубовта е присутна и во другите патишта кои водат кон ослободувањето, но љубовта, сама по себе, е најубавиот и најделотворниот пат. Нејзините карактеристики се пожртвуваноста и радоста. Тогаш мисловната енергија не се расфрла и концентрацијата е потполна. На патот на љубовта, сите физички, витални и умствени сили се ставени во служба на Бога, па така љубовта станува вистинска творечка сила. Набојот на вистинската љубов е толку голем што уште во зачеток ќе одбие секое друго чувство кое ќе се обиде да се вмеша. Нема ништо помоќно од прочистувачкото и ослободувачкото дејство на љубовта.

Љубовта е присутна во целата креација

Во љубовта нема ништо неприродно и извештачено. Таа постои од самиот почеток на еволуцијата. На неорганско ниво, таа се манифестира како груба кохезија или привлекување. Станува збор за природен афинитет помеѓу работите, кој ги држи заедно и заемно ги привлекува. Силата на гравитацијата со која се привлекуваат небесните тела е израз на ваквиот тип љубов. На органско ниво, љубовта станува самоизразена и самопросветлена и како таква игра значајна улога почнувајќи од најниските форми, како што е амебата, па сè до најразвиената форма – човекот. Кога љубовта е самопросветлена нејзината вредност е зголемена заради нејзиното свесно жртвување, кое е целовито и по своја волја, доброволно. Таа дава сè, а за возврат не бара ништо. Колку повеќе дава, сè помалку е свесна за давањето. Нивото на водата во реката на вистинската љубов секогаш расте и никогаш не опаѓа. Љубовта е чиста едноставност на предавањето.

Различни нивоа на љубов

Длабоката и интензивна љубов се нарекува бакти или предавање на Бога. На почетните нивоа таа се манифестира како идолопоклонство, молитви за божествата, длабоко почитување и приврзаност кон светите списи, или потрага по Бога низ апстрактно размислување. На позрелите нивоа, таа се изразува низ грижата за добробит на луѓето и служење на човештвото, љубов и најдлабоко почитување кон светите луѓе и верноста на духовниот Учител. Овие нивоа имаат своја релативна вредност и даваат релативни резултати. Љубовта кон живиот Совршен Учител е следно значајно ниво на предаденост на Бога, зашто со текот на времето се трансформира во парабакти или Божествена љубов.

Чистотата и делотворноста на љубовта која ваквиот следбеник ја прима од Учителот, ја зголемуваат и онака непроценливата духовна вредност на оваа највисока форма на љубов.


На крајот од ова „патување“ посветено на самскарите се надевам дека она што е кажано во двата текста на оваа тема, барем донекаде ќе ни помогне појасно да ги согледаме и да ги разбереме основните принципи на кои се темели класичната јога на Патанџали. А можеби и ќе нè мотивира да дознаеме како другите форми на јога на различни начини стигаат до истата цел. Можеби термините карма, реинкарнација, ум, душа, сега за нас ќе добијат ново, посепфатно значење.

Можеби сега за законот на кармата, освен добро познатите формулации – закон на акција и реакција, причина и последица, „што ќе посееш – тоа ќе пожнееш“ и слично, ќе можеме да кажеме и нешто повеќе, освен „мудрата“ реченица: „Таква му била кармата“, која „објаснува“ сè во животот. Можеби сега низ призма на новите сознанија за самскарите поинаку ќе го разбереме значењето на карма-ашаја – складиштето на остатоците од минатите акции, кое всушност претставува мрежа на самскари кои ја формираат структурата на потсвеста и се одговорни за поединостите поврзани со овој или некој од идните животи: раѓањето, времетраењето на животот и видот на искуствата во него.

И она што веројатно е најважно е што сега знаеме со сигурност како можеме да ги надминеме ограничувањата кои ни ги наметнуваат самскарите, за да можеме посигурно да се движиме на патот кон просветлувањето. Пат, по кој секој од нас одел безброј пати досега и ја сведочел, ја сведочи и ќе ја сведочи историјата на човештвото, сè додека не го постигне единството со Апсолутот.