Самскари – перпетуум мобиле на еволуцијата на свеста [1]
СТЕВАН МИЛИЌ
Пловејќи низ мистериозниот универзум, под закрила на нашата мајка Земја, маѓепсани од треперењето на ѕвездите и танцот на безбројните галаксии, откривме непоимливи чуда – црни дупки, квазари, пулсари, небули, супернови, неутронски ѕвезди, темна материја… Илјадници години наназад, патувајќи низ непознатите пространства на својот внатрешен универзум, јогините откриле други чуда – пуруша, манас, буди, ахамкара, карма-ашаја, вритија, васани… Ги откриле и самскарите, кои налик на перпетуум-мобиле, влијаеле и влијаат на нашиот духовен развој, на еволуцијата на свеста – и како поттик и како пречка.
Самскарите се еден од клучните концепти во јогиската психологија и затоа не би требало да нè чуди забелешката на еден учител дека нивното влијание на нашиот духовен развој тешко би можело да биде пренагласено. Неговото кажување нè поттикнува да истражуваме и да дознаеме зошто тие се толку важни. Самскарите обично се дефинираат како трагови или впечатоци – импресии во свеста. Уште од почетокот на мојот допир со јогата, кога читав за самскарите, ме фацинираше таа интригантна формулација – траг во свеста, траг во нешто толку суптилно и неопипливо како што е свеста. Но, со оглед на тоа што во јогата личните искуства и сознанија имаат предност над интелектуалните, добро е од таа позиција да го започнеме нашето истражување.
Приказна за една „наивна“ самскара
Додека сè уште бев „тазе“ практикант, еден ден, со една пријателка работевме на проект поврзан со јогата. Во еден момент таа ја повика својата сестра која беше во соседната просторија. Во истиот миг, речиси автоматски, низ умот ми помина мислата: „Што е сега ова, зашто вака се пренемага?“, а веднаш по неа и „контрамислата“: „Од каде сега ваква реакција, кога знам дека воопшто не е таква личност?“. Мојата внатрешна непримерена реакција ме збуни и предизвика во мене чувство на нелагодност, иако „за среќа“ никој не ги „слушна“ моите мисли.
По извесно време се разделивме, за да го заврши секој својот дел од проектот. Дома продолжив со работата која беше интересна и целосно го апсорбираше моето внимание. Но, во еден момент концентрацијата одненадеж ми ја прекина сликата – ликот на една познаничка која се појави во мојот ум. Никогаш не бев „воодушевен“ од нејзиниот карактер, зашто ми се чинеше дека е малку размазена „итрица“ и манипулатор. И во тој миг, како во некаков проблесок, сфатив дека бојата на гласот и начинот како мојата пријателка ја повика својата сестра, ме потсетија и всушност се совпаднаа со бојата на гласот на „непријатната“ познаничка. Во моментот кога тоа се случуваше, воопшто не бев свесен дека моето лошо чувство кон познаничката едноставно само излезе од мене и се „залепи“ за пријателката.
Искрено, бев шокиран од случката, која навидум изгледаше толку секојдневна и наивна, а всушност воопшто не беше за потценување. Иако претходно, од љубопитност, читав малку за јогиската филозофија, меѓу останатото и за самскарите, сето тоа ми беше далечно, повеќе беше само интелектуална информација, зашто во тој период немав доволно лично искуство во практиката. Но сега, кога ја почувствував на своја кожа последицата од дејствувањето на самскарата, наеднаш ми се „откри“ нејзиниот механизам. Од една страна, многу ме израдува ова сознание, но од друга страна ме исплаши. Се запрашав како јас размислувам и заклучувам, кога воопшто не сум свесен за можното „вплеткување“ на ваквите импресии од минатото.
Кога сфатив колку може да биде големо нивното влијание врз моето расудување и проценките на нештата, ме облеа „ладна“ пот… Се сетив како понекогаш знаев за некого да кажам: „Овој човек ме нервира, не знам зошто, едноставно ме нервира“. Сега, таквото однесување веќе не можев да го објаснам само со познатите – „карактер“ или „младост-лудост“, зашто постоеше реална можност моето однесување да било резултат на „будењето“ на некоја самскара.
Мојот страв тогаш стана уште поголем, зашто знаев дека и другите луѓе околу мене, повеќе или помалку, мислат и проценуваат слично како и јас, сосема несвесни за невидливото „позадинско“ дејствување на самскарите. И на крај, како „капак“ на сè, се појави најстрашното сценарио: „Па добро, ако е така, како тогаш воопшто функционира овој свет, во кој сите го трпиме влијанието на овие импресии ‘закопани’ во нас, а ние не го знаеме тоа“. Оваа мисла потполно ме порази…
Дури подоцна, практиката на јогата и посериозното запознавање со нејзината теорија ми помогнаа да разберам дека таа случка, таа иницијална свесна „средба“ со самскарата, всушност беше едно од најдрагоцените искуства на мојот пат. Тоа ми овозможи подобро да ги разберам другите аспекти на јогиското учење, особено етичкиот, како и нивната меѓусебна поврзаност. И така, „вооружен“ со ова искуство, почнав да се прашувам како да научам да ги препознавам самскарите во моментите кога тие стануваат активни, што е тоа што ги буди, како да откријам кога се мешаа во моето расудување и како да се „исчистам“ од нив.
Сфатив дека, пред сè, е важно да се разбере механизмот и начинот на нивното дејствување, зашто јогиското учење вели дека бројот на самскарите „депонирани“ во нас, од овој и од минатите животи е огромен и едноставно не е возможно сите да се манифестираат во еден живот. Она што меѓу останатото за мене беше многу важно е што ова сознание ми помогна да станам многу попретпазлив во своите проценки и во комуникацијата со другите луѓе. Тоа само по себе значеше и намалено создавање на нови „негативни“ импресии. Затоа, разбирањето на начинот како дејствуваат самскарите и практикувањето на методите со кои тие можат да се ослабат и постепено да се елиминираат, се неопходни за секој практикант кој сака да има стабилен духовен развој.
Во продолжение ќе проследиме неколку дефиниции за самскарите, зашто сметам дека кажувањата од различни автори за исти теми можат да бидат многу корисни. Имено, разликите во нивните искуства и начинот на кој ги опишуваат и толкуваат, некој збор или реченица искажани на посебен начин, можат да нè „погодат“ и да ни помогнат полесно и појасно да разбереме дури и вакви посложени концепти.
Самскарите се вообичаени обрасци и несвесни поттикнувачи, преостанати од претходните акции во сегашниот и во минатите животи. Тие се придвижувачки сили кои во голема мера ги одредуваат човековите акции и оставаат малку можности и простор за позитивно дејствување, во насока на прогресивно разбирање и развој на сопствената природа.
– Мехер Баба
Самскарите се импресии – впечатоци, создадени низ дејствувањето во текот на сегашниот или минатите животи. Складирани во менталната содржина – чита, тие претставуваат фиксирани ментални формации – импресии од стари искуства и навики, собрани во несвесното, во форма на латентни тенденции. Тие се манифестираат како свесни состојби и стануваат причина за нови дела, кога за тоа ќе се создадат поволни околности.
– Свами Вивекананда
Врити-вртлог, мисловен бран кој се појавува во океанот на умот, опстојува некое време и потоа тоне надолу под прагот на вообичаената свест. Од површината на свесниот ум, каде што се задржал некое време, тој тоне длабоко во пределот на потсвесниот ум – чита. Тука продолжува да постои како потсвесна акција и станува самскара – импресија. Свесната акција, било да е во форма на мисла, чувство или копнеж, ја поприма потенцијалната и скриена форма веднаш под прагот на свесноста. Тоа се нарекува самскара.
– Свами Шивананда
Во јога, терминот самскара има психолошко значење. Самскарите означуваат трајни, неизбришливи траги – впечатоци во потсвеста, кои остануваат после нашите секојдневни искуства, без оглед дали тие биле свесни или несвесни, внатрешни или надворешни, посакувани или непосакувани. Терминот укажува дека овие траги не се само пасивни остатоци од делата или намерите на една индивидуа, туку се исклучително динамични сили во нејзиниот психолошки живот. Тие постојано ја придвижуваат свеста на дејствување.
Во Јогиските сутри (III:9) се разликуваат два вида потсвесни активатори – самскари: оние што водат до екстернализација на свеста и оние што ги запираат свесните процеси. Јогинот мора да го култивира вториот вид самскари за да ја достигне состојбата на самади, која спречува појава на нова „генерација“ самскари. Според Јогиските сутри (I:50) во највисоката состојба на свеста – сампраџната самади, се создава самскара, која ги попречува сите други самскари и на тој начин води до состојбата на натсвест – асампраџната самади.
– Георг Фоернстајн
Самскарите се трагови, импресии, впечатоци во свеста, создадени како резултат на претходните дејствувања и желби. Секое однесување и ментална состојба остава во свеста импресија која поттикнува волева акција и постојано ги зголемува резервите на самскарите. Тие се појавуваат кога за тоа ќе се создадат поволни услови, во форма на вритија – промени во свеста, кои пак од своја страна веднаш создаваат нови латентни можности – самскари, кои можат да се манифестираат како свесна состојба, кога за тоа ќе се создаде поволна можност.
Самскарите се создаваат од ист вид промени во свеста – вритија, а тие пак се создаваат од ист вид самскари. Самскарите постепено се засилуваат и преоѓаат во навика, со дејствување на исти вритија, чие траење зависи од силата и од траењето на самскарите. Тој затворен круг на вратија и самскари е причина за последователните инкарнации и корен на сите постоења.
Додека сеќавањето на минатите животи може да исчезне, самскарите кои во нив се создадени остануваат. Самскарите можат да бидат вродени и стекнати. Вродените самскари се создадени во претходните животи, а стекнатите се последица на однесувањето и состојбата на свеста во тековниот живот. Самскарите кои стануваат активни во тековниот живот се похранети во свеста во форма на прарабда. Самскарата е семе кое се задржува во свеста сè до постигнувањето на т.н. состојба на самади без семе, односно асампраџната самади. Отстранувањето на самскарите е можно со согорување на клешите – причините за страдање, со отстранување на незнаењето и сите негови последици. Со тоа се развива врвното знаење – праџна и се постигнува ослободувањето – каивалја.
– Хелена Ребернишак
За да го разбереме подобро значењето на дефинициите, особено на клучните термини „чита“ и „врити“, ќе наведеме два коментари на втората сутра од Јогиските сутри на Патанџали (повеќе информации за останатите санскритски термини спомнати во дефинициите, може да најдете во текстот „Основни предуслови за разбирањето на јогиското учење“).
