Основни предуслови за разбирање на јогиското учење

СТЕВАН МИЛИЌ

На светот генерално постојат два вида луѓе – оние кои се заинтересирани да го пронајдат и разберат одговорот на прашањето: „Кој/а сум јас?“, и оние кои тоа не ги интересира. На првите, свесноста за незнаењето, кое како Дамакловиот меч виси над нивните глави, им предизвикува нелагодност и тескоба, а на вторите, кои се нурнати во материјалното, тоа не им е важно, и тие главно „молчат и пливаат“.


Кога се обидуваме да ги дефинираме клучните аспекти на нашето битие, се соочуваме со сериозни потешкотии. За прашањата од типот: што е свеста, дали нејзиното седиште е во мозокот, дали воопшто постои некаков центар, каде е свеста за време на спиењето и што се случува со неа по смртта; што се мислите и на кои начини ги артикулираме во зборови, што претставува размислувањето, како тој процес се одвива и дали главно се случува во форма на внатрешен говор; каде и во каква форма се складирани сеќавањата и како ги повикуваме на свесно ниво; на што точно мислиме кога го поистоветуваме умот со мозокот; што е интуицијата, итн., итн., ние се уште немаме сосема задоволителни одговори. Затоа ако сме заинтеесирани за нашата духовна егзистенција, развивањето на вистинскиот пристап кон јогата е од клучна важност. Тоа е сложен процес во кој е потребно, пред сè, да дознаеме што јогата, како впрочем и секој духовен, филозофски и научен систем на знаење, нуди како одговор на тие вечни дилеми.

Како прво, јогата вели дека човекот живее и дејствува во два света – внатрешниот и надворешниот. Следствено на тоа, таа ги истражува и двата, ја следи нивната испреплетеност, меѓусебни влијанија и што се ги условува. Во описите за човековото надворешно и внатрешно устројство, таа спомнува погруби и посуптилни енергетски обвивки, кои меѓусебно поврзани ја одржуваат сложената структура тело-ум и ја вдомуваат душата.

За човекот кој не е свесен за својата духовна природа, или слушнал за неа, но не тежнее кон нејзината реализација, јогата вели дека е како марионета, а конците со чија помош ги прави движењата, ги влечат неговите мисли, желби, потсвесни тенденции и сè она што со други зборови може да се нарече кармичко наследство – од овој и од минатите животи.

Говорејќи за човековата духовна суштина, јогата објаснува како непознавањето на таа суштина резултира со постојани раѓања и умирања, и нови страдања, во овој релативен свет. Во тој контекст го спомнува причинско-последичниот закон, односно законот на кармата (и реинкарнацијата), и објаснува како човековото дејствување го насочува тековниот живот и ги детерминира идните.

Јогата вели дека за повеќето луѓе оваа егзистенција е единствената за која знаат, зашто се целосно нурнати во неа. Како и многу други учења од Истокот, стои зад идејата дека „зад вечниот круг на раѓања и умирања, постои егзистенција ослободена од страдање, стареење и смрт. Нејзиното директно искуство е возможно само низ долга духовна практика. Сè дотогаш, човекот за неа не знае ништо. Неможноста да се увиди постоењето на оваа т.н. неусловена егзистенција, се нарекува – основно незнаење, и тоа е коренот на сите човекови страдања, кое го тера да ја бара среќата во овој минлив свет. Кога ова незнаење ќе исчезне, со него исчезнува и страдањето“.

Јогата укажува на човековите потенцијали, на натприродните психички моќи, кои се развиваат како последица на практика на разни психофизички и духовни техники, но и на опасноста да станат погубни за јогинот доколку биде невнимателен и дозволи егото да загосподари со него. Всушност, на овие моќи јогата гледа повеќе како на пречка, отколку како на некаква потреба во духовниот развој.

За јогинот мислите се ентитети со форма, облик, боја и звук, кои се движат низ етерот и никогаш не исчезнуваат. Тие им претходат на сите нешта што човекот ги создал во појавниот свет. Оттаму и произлегува исклучителната важност што јогата ја придава на проучувањето на природата на умот, начинот на кој функционира, како и сите условености кои го попречуваат да биде тоа што е – внатрешен инструмент, со чија помош човекот ќе дојде до слободата, до својата духовна суштина.

Јогата го прифаќа толкувањето за југи и калпи, временски интервали – периоди во постоењето на светот, кои траат милијарди и милијарди години, во кои се случуваат создавања, развој и распаѓања на световите, кои циклично се повторуваат без прекин и без крај. Но душите, дури и по распаѓањето на светот опстојуваат и го продолжуваат својот пат по создавањето на новиот.

Јогата гледа на животот како на ретка можност за излез од ќорсокакот на незнаењето и за ослободување од стегите на материјата. Земајќи го сево ова предвид станува појасно зашто градењето на правилен пристап кон јогата е вистински предизвик, особено за луѓето од западната култура.

За да ја процениме вистинската вредност и важност на ова древно духовно учење, неопходен е одреден ментален капацитет. Потребен е отворен ум, кој низ критичко размислување, без предрасуди и ограничувања може да ги запознае и да ги анализира пораките запишани во старите јогиски текстови, кои често не се на иста линија со моменталните научни ставови во однос на човекот и универзумот. Но тоа не значи дека во некоја поблиска или подалечна иднина тие нема да се сретнат. Такво е впрочем и предвидувањето на Свами Вивекананда кој рекол дека науката и духовноста се како две патеки кои водат до врвот на планината, и кои таму еден ден сигурно ќе се спојат.

Во обидот да оформиме коректен пристап кон јогата, добро е да се воздржиме од донесување избрзани проценки и заклучоци, од т.н. „тврди ставови“ и од заземање страна. Имено, многу луѓе во контакт со јогиското учење имаат дијаметрално различни ставови. Оние кои се повеќе наклонети кон науката, главно се скептични, и тоа не само кон јогата (тука не мислам на различните физички техники), туку и кон сè друго што во моментот не може да се докаже или измери. Другите, кои повеќе ги привлекуваат  религијата и духовните учења, често одат во друга крајност и ги прифаќаат „здраво за готово“ кажувањата на авторитетите за јогата. За жал, честа појава е тие „авторитети“ да „знаат“ повеќе за минатите и идните животи, за чакрите и натприродните моќи, отколку за своето тело и ум. 

Всушност, проблемот да и се пристапи на јогата на вистински начин е присутен и кај едните и кај другите. Првите забораваат дека науката не е догма и дека е во постојан развој, особено брз во последните децении. Вторите, најчесто или се во конфликт со науката или се обидуваат невешто да кокетираат со неа и да ја користат како параван за своето незнаење. Бранејќи ги своите ставови, и едните и другите зборуваат на различни јазици, не успевајќи да ја препознаат заедничката суштина, заборавајќи притоа дека вистинските научници и духовни трагачи ги карактеризираат отвореност кон нови идеи и сознанија, подготвеност да учат и да тргнат од почеток доколку откријат недостатоци и недоследности во нивните гледишта, и пред сè почит кон „противничката“ страна и подготвеност да ја сослушаат и да прифатат нешто од неа. 

Заедно со процесот на градење на коректен пристап кон јогиското учење и препознавање на важноста што тоа може да го има за нашиот живот, важно е паралелно со него да тече и процес на себепреиспитување, во кој треба да си поставиме многу суштински прашања на кои, колку е тоа возможно, треба да имаме искрени и точни одговори, како на пример:

  • дали можеме јасно да ја видиме пошироката слика за себе и светот, која сами или со помош на другите сме ја создале, и дали имаме силен порив да ја провериме и да дознаеме нешто повеќе;
  • дали можеме да разбереме на што мислел Џордано Бруно кога на црквените достоинственици им кажал дека нивната претстава за Бога е бедна и ограничена;
  • дали Биг Бенгот е она што Мехер Баба го опишува како импулс на Апсолутот да стане свесен за себе низ бескрајна низа на форми на живот;
  • дали ни е сосема јасно дека потрагата по смислата на нашето постоење е речиси единственото нешто на што вреди да му се посветиме, зашто во неа се содржани сите наши тежненија, потреби, сништа…;
  • дали можеме да го пронајдеме заедничкиот именител помеѓу она што јогата го опишува како исход од нејзината практика и нашите желби, очекувања и објективни можности;
  • дали нашата способност за критичко размислување е на ниво од кое можеме да согледаме дека за постигнување посериозни резултати во практиката и проучувањето на јогиското учење треба целосно да се вложиме, да бидеме подготвени да се менуваме, да бидеме подготвени за подеми, падови, сомнежи, грешки, критики, преиспитувања и нови почетоци, да бидеме трпеливи и да знаеме да ги чекаме резултатите дури и тогаш кога сè ќе ни изгледа залудно;
  • дали можеме да го прифатиме фактот дека на овој пат постојано ќе се соочуваме со своето незнаење и со нешта кои ќе можеме да ги разбереме само низ практиката и личното искуство, кога за тоа ќе дојде време;
  • дали сме кадарни да постигнеме квалитет и состојба во која ќе можеме да кажеме дека сме подготвени да живееме во нејзиниот дух, што меѓу другото значи да бидеме потполно свесни во што се впуштаме и колку и како тоа ќе ја одреди насоката на нашиот живот.

Надминување на потешкотиите во толкувањето на значењето на санскритските/јогиските термини

Сите научни дисциплини, вклучувајќи ги и филозофските учења, имаат своја специфична т.н. „техничка“ терминологија. Така е и во случајот со јогата, и затоа доколку сакаме посериозно да ја проучуваме, неопходно е да имаме барем базично познавање на основните термини вткаени во нејзиното учење.

Проблемите со проучувањето на класичните текстови за јогата, запишани на санскрит, обично во форма на сутри – кратки афоризми, отпочнуваат токму тука, од моментот кога тие треба да се преведат. Имено, за многу јогиски термини не постои, или тешко може да се најде соодветен израз во нашиот како и во другите светски јазици. Имајќи предвид дека несоодветниот превод, може во голема мера да го измени значењето на запишаното, станува јасна исклучителната важност и потреба од превод кој ќе овозможи исправно разбирање на и онака сложената материја.

Друг проблем кој на ова се надоврзува е поврзан со термините во нашиот јазик кои се користат како превод. Имено тие за нас имаат одредено значење и будат асоцијации кои можат лесно да нè попречат, и да нè оддалечат од вистинското значење на терминот кој се преведува.

За да се надминат овие сериозни проблеми, во продолжение на текстот, за некои посложени и поважни термини се наведени повеќе изрази со кои обично се преведуваат, за да се создадат можности за нивното суштинско разбирање. Исто така, од голема помош може да ни биде познавањето на основите на други форми на јога, како и толкувањата на самкја и веданта за човековото надворешно и внатрешно, видливо и невидливо устројство. Сепак, од најголема помош, покрај добрите коментари напишани од опитни учители, е личното искуство, без кое тешко ќе ги препознаеме суптилните нијанси на запишаното искуство.

Во текстот се користени и комбинирани материјали од повеќе автори, кои најчесто се изворно изложени, со цел да се избегнат грешки во нивните толкувања.