Самскари – перпетуум мобиле на еволуцијата на свеста [2]
СТЕВАН МИЛИЌ
Јогискиот опис на самскарите и толкувањето на нивното влијание врз нашиот живот и духовен развој е силен поттик и мотив за внимателно преиспитување на сегашното познавање на нашиот внатрешен свет и живот. Една објективна и непристрасна анализа на оваа исклучително значајна содржина од јогиската психологија може да ни отвори подлабок увид во начинот на кој функционира нашата психа. Особено кога ќе сфатиме дека голем дел од тешкотиите со кои се соочуваме во обидот да се разбереме себеси, се должат токму на самскарите и нивнотот „скриено“ влијание.
Но, за една ваква посеопфатна анализа потребни ни се многу повеќе информации, поголемо познавање на самскарите и се разбира, одредено искуство во практиката на јога. Поради важноста и неопходноста на ова знаење корисно е да се надополни темата со извадоци од книгата „Беседи“ на Мехер Баба. Неговиот текст може да се подели во три целини, во кои генерално станува збор за начинот на формирање на самскарите и нивната функција, но содржи и практичен дел во кој се накратко опишани методите со кои можеме да постигнеме запирање на создавањето самксари, нивно слабеење и празнење. Овој практичен дел може многу да ни помогне подобро да ја разбереме класичната јога како метод, но и останатите форми на јога. Токму таа различност во пристапите и нивното можно умешно комбинирање ја прави јогата делотоворна и ја открива нејзината убавина и мудрост.
ФОРМИРАЊЕ НА САМСКАРИТЕ И НИВНАТА ФУНКЦИЈА
Анализа на човечкото искуство
Искуствата низ кои човекот поминува имаат два аспекти – субјективен и објективен. Од една страна се мисловните процеси, како суштински состојки на неговото искуство, а од друга страна се работите и објектите на кои тие процеси се однесуваат. Мисловните процеси зависат делумно од непосредната објективна ситуација, а делумно од наталожените самскари, односно импресии. Така човековиот ум се наоѓа во процеп – од една страна е морето самскари од минатото, а од другата страна е целото пространство на објективниот свет.
Самскарите водат потекло од искуствата
Сите човечки акции се засноваат на дејствувањето на минатите самскари складирани во умот. Секоја мисла, емоција или дело, води потекло од група самскари кои, на еден или на друг начин, го обликуваат умот. Самскарите се како талог од претходните искуства и со текот на времето стануваат најважни фактори кои ги одредуваат насоките на сегашните и идните искуства. Доживувајќи постојано нови и нови искуства, умот создава и собира нови самскари. Кога е окупиран со физичките објекти од овој свет – телото, природата и слично, умот е свртен кон надвор и тогаш создава т.н. груби самскари. Во моментите кога е окупиран со сопствените субјективни мисловни процеси, кои се одраз на веќе постоечките самскари, тој создава суптилни, ментални самскари. Прашањето што е создадено прво, самскарите или искуството, потсетува на прочуеното прашање – што е создадено прво, кокошката или јајцето. Тие се меѓусебно зависни и се развиваат паралелно. Затоа проблемот на разбирањето на човечкото искуство се сведува на проблемот на разбирањето на процесот на создавање и дејствувањето на самскарите.
Еволуциски и постчовечки самскари
Според начинот на кој се создадени, разликуваме два вида самскари – еволуциски и постчовечки. Самскарите кои душата ги собира во текот на органската еволуција се т.н. еволуциски самскари и тие се создаваат во процесот во кој душата постапно презема разни подчовечки форми, поминувајќи од привидно неживи форми, како што се каменот и металот, па сè до нивото на човекот, каде свеста го достигнува потполниот развој. Сите самскари кои душата ги развива пред да ја прими човечката форма се продукти на еволуцијата на природата и се нарекуваат еволуциски самскари. Нив треба внимателно да ги одвоиме од самскарите кои душата ги развива откако ќе ја прими човечката форма. Самскарите кои се врзуваат за душата во човечката форма се развиваат со полна морална слобода на свеста, која ја следи одговорност за изборот помеѓу доброто и лошото, доблеста и порокот. Нив ги нарекуваме постчовечки самскари.
Иако директно зависат од еволуциските, тие се формираат во суштински различни услови на живот и по потекло, во однос на еволуциските самскари, се многу помлади. Разликите во должината на периодот во кој се создаваат, како и на условите под кои еволуциските и постчовечките самскари се формираат, го условуваат степенот на нивната врзаност за душата. Постчовечките самскари можат полесно да се искоренат, за разлика од еволуциските, чие наследство е многу постаро, а коренот многу по цврст. Бришењето на еволуциските самскари, за духовниот практикант, практично е невозможно без помошта на Совршен Учител – Сатгуру.
Прогресивна еволуција на свеста и формите
И најмалите можности за просветлување на свеста во формата на камен, водат потекло од Апсолутот – Наддушата, а не од каменот. Меѓутоа, свеста не е во состојба да се прошири независно од телото на каменот, бидејќи Наддушата се поистоветува прво со свеста, а потоа, низ неа и со формата на каменот.
Со оглед на тоа што нивото на свеста на каменот е ограничена со неговото неподвижно тело, еволуцијата во повисоки форми или носачи, со текот на времето станува неизбежна. Развојот на свеста мора да се одвива паралелно со еволуцијата на телата, кои тој развој го условуваат…
Така, со текот на времето Наддушата зема нов носач во форма на метал, во кој свеста е благо зајакната. И на ова ниво свеста е неразвиена и постепено мора да се пренесе во повисоките форми на вегетацијата во кои, поради одржувањето на виталните функции на растење, зреење и репродукција, е присутно повисоко ниво на свест.
Појавата на уште поразвиени форми на свест се случува кога Наддушата се манифестира низ инстинктивниот живот на инсектите, птиците и животните, кои се потполно свесни за своите тела и за средината во која пребиваат и кои во настојувањето да овладеат со својата околина, развиваат дополнителен инстинкт за самозаштита. Кај повисоко развиените животински видови, во извесна мера е присутна моќта на расудување – интелектот, но неговиот опсег, поради преокупираноста со инстинктите за самоодржување, одгледување и чување на подмладокот е тесно ограничен. Затоа, непотполно развиената животинска свест не може да и послужи на првобитната цел на Наддушата да го доживе просветлувањето на Себството.
Човечка свест
Конечно, Наддушата ја презема човечката форма во која свеста го достигнува својот полн развој, а единката станува потполно свесна за себе и за својата околина. На ова ниво моќта на расудувањето го достигнува својот врв и највисок дострел. Меѓутоа, поради тоа што Наддушата се поистоветува со грубото тело, таквата свест не може да ја исполни целта на просветлувањето на природата на Наддушата. Но, и покрај тоа, свеста сепак го остварила својот највисок развој во човечката форма, во која е посеано семето на Самореализацијата.
Намотување на самскарите
Наддушата не може да постигне Самоспознавање низ обичната човечка свест, бидејќи таа е „затрупана“ со мноштво самскари – импресии.
Како што свеста поминува низ различни нивоа, од привидно неживите состојби на камен или метал, преку вегетативниот живот на растенијата, инстинктивното ниво на инсектите, птиците и животните, па сè до потполната свест на нивото на човекот, таа постојано создава нови самскари кои сè погусто ја обмотуваат. По достигнувањето на нивото на човекот, еволуциските самскари дополнително се оптоваруваат со „нижење“ на постчовечките самскари кои се резултат на неговите многубројни активности и искуства.
Така, самскарите постојано се создаваат и во текот на еволуцијата и подоцна, како резултат на човечкото дејствување. Формирањето на самскарите може да се спореди со намотување жица околу стап – каде жицата ги симболизира самскарите, а стапот е умот на поединечната душа. Намотувањето започнува од почетокот на создавањето и поминува низ сите еволутивни нивоа, сè до нивото на човекот; а намотаната жица ги симболизира сите самскари и еволуциски и постчовечки.
Примери за силата на самскарите
Самскарите постојано се формираат во човековиот живот, благодарение на многубројните објекти и идеи со кои свеста доаѓа во допир. Самскарите предизвикуваат значајни промени во свеста. Импресиите кои ги будат убавите објекти имаат моќ да разбудат во свеста дар за возвишено разбирање и живење во убавината. Кога некој слуша убава музика или ужива во прекрасен пејсаж, импресиите предизвикани од тие објекти, во него будат чувство на егазалтираност. Исто така, во контактот со некој значаен мислител, човекот може да се заинтересира за нови идеи и патишта на мислите и да биде вдахновен со ентузијазам кој претходно му бил сосема далечен. Како и импресиите за објектите и луѓето, така и импресиите поврзани со разни суеверни и празноверни идеи, играат значајна улога во преобразувањето на свеста.
Импресии на празноверие
Моќта која импресиите на празноверието ја имаат врз човекот ќе ја илустрираме со една приказна за духовите. Ниедно подрачје на човечката мисла не е во таа мера исполнето со празноверие како она кое се однесува на духовите, за кои народното предание верува дека ги мачат и злоупотребуваат своите жртви на многу чудни начини…
Во далечното минато, кога во Индија владееле Могулите, во едно место живеел многу учен човек, скептичен околу верувањата во духовите. Наумил овие приказни да ги провери лично. Луѓето го предупредиле да не оди на гробиште во текот на најтемната ноќ во месецот, бидејќи кружеле приказни дека таму живеел ужасен дух, кој се појавувал секогаш кога некој ќе заковал шајка во земјата на гробиштата. И така, со чекан во едната рака и шајки во другата, човекот во најтемната ноќ влегол на гробиштата и побарал место на кое тревата била најретка, за да ја закова шајката. Земјата била темна како и неговата долга наметка. Седнал на земјата и додека ја ковал шајката во земјата, не забележал дека сосем случајно, со шајката го потфатил работ на наметката. Откако ја завршил работата, почувствувал задоволство што после изведениот експеримент не го сретнал духот. Но кога требало да стане, нешто силно го повлекло назад, кон земјата, што во него предизвикало паничен страв. Благодарение на дејството на претходните импресии, тој не можел да мисли на ништо друго освен на духот и помислил како тој конечно го фатил. Шокот што го доживеал бил толку силен што сиротиот човек доживеал срцев удар и починал. Оваа приказна зборува за огромната сила која понекогаш ја имаат импресиите поврзани со суеверието.
Искуството станува складно кога е ослободено од дејството на самскарите
Силата и дејството на самскарите тешко може да биде преценето. Затоа може слободно да се каже дека самскарата е една цврста и трајна сила. Таа може да биде толку силно врежана во човековиот ум, што и покрај сите негови искрени желби и настојувања да ја искорени, таа самата ќе избере време и начин на своето посредно или непосредно појавување. Умот содржи многу разновидни самскари, кои додека се појавуваат во свеста, меѓусебно се судираат. Судирот на самскарите свеста го доживува како мисловен конфликт. Сето ова за свеста претставува едно хаотично и неразбирливо искуство, проследено со осцилации од едната до другата крајност. Сложениот јазол станува сè позамрсен, сè додека свеста не се ослободи од сите самскари – добри и лоши. Искуството може да стане вистински целосно и урамнотежено дури откако свеста потполно ќе се расттовари од бремето на самскарите.
Видови самскари и состојби на свеста
Самскарите можат да се класифицираат и според суштински квалитативните разлики помеѓу сферите на кои им припаѓаат. Според различните сфери на постоење, разликуваме три вида самскари: груби, кои ни го доловуваат грубиот свет низ груби медиуми и ја присилуваат душата да се поистовети со грубото тело; суптилни, кои ни го доловуваат суптилниот свет со помош на суптилен медиум и ја присилуваат душата да се поистовети со суптилното тело; ментални, кои ни го доловуваат менталниот свет низ ментални медиуми и ја присилуваат душата да се поистовети со менталното тело.
Разликите во состојбите на поедини души, во целина, можат да им се припишат на разликите помеѓу самскарите со кои душите се оптоварени. Така грубо-свесните души го доживуваат грубиот свет, суптилно-свесните души имаат искуство исклучиво на суптилниот свет, а ментално-свесните души го доживуваат само менталниот свет. Квалитативната разлика помеѓу овие три типа души е условена од различната природа на нивните самскари.
Самоосвестените души се ослободени од самскарите
Самоосвестените души радикално отскокнуваат од останатите души бидејќи ја доживуваат Наддушата низ Себството, додека останатите души ги доживуваат само своите тела и световите кои нив им одговараат. Оваа драстична разлика помеѓу свеста на душите кои се свесни за своето Себство и оние другите, го потврдува и фактот дека свеста на Самоосвестените е потполно ослободена од самскарите, додека свеста на останатите е секогаш оптоварена со некој вид самскари. Само низ чистата и неусловена свест доаѓа до конечното, вистинско созревање на првобитната волја да се биде свесен и свесното остварување на бескрајното и нераскинливо единство со Апсолутот/Наддушата. Поради тоа, проблемот на разрешувањето на умот од условеноста со самскарите, како и проблемот на нивното отстранување е од најголема важност.
