Текст: Умот-креаторот на нашиот свет | Автор: Стеван Милиќ
Жак Рансиер…Политиката, уметност на илузијата
Проучувајќи ја историјата на работничкото движење на 19.век, забележав дека ниските плати и лошите услови за работа не се единствениот проблем. Исто толку е важен и недостатокот на времето, т.н. „затвор на секојдневието“, работа од утро до вечер, која предизвикува страдање и потиштеност, поради тоа што не сте сопственик на своето време и не можете да бирате како ќе го искористите.
Прашањата кои денес во 21.век ги поставува европската граѓанска елита се следните:
– каков е денес односот на граѓаните кон демократијата?
– како дошло до дилемата – комунизам или демократија?
– каква е врската помеѓу капитализмот и демократијата?
– како дојде до омраза кон демократијата, која денес ја застапуваат и некои интелектуалци?
Порано, нè учеа дека има само два системи – тоталитаризам и демократија, па затоа по распадот на СССР и комунизмот, сите ја фалеа победата на демократијата. Франсис Фукујама, експерт за меѓународни односи од Америка, дури изјави дека демократијата завладеа во светот. Меѓутоа, набрзо, во сите земји ослободени од комунизмот почнаа да избиваат етнички и верски конфликти. Она што паѓа во очи е впечатливото насилство на капитализмот кое го спроведуваа токму луѓето „ослободени“ од комунизмот.
Многу е важно што голем број интелектуалци, веднаш по прогласувањето на победата на демократијата, почнаа да се прашуваат дали е таа навистина толку добра. Во тој период се обновени теориите од 19.век, според кои демократијата, како владеење на индивидуализмот и конзумеризмот, е опасна. Потоа, што е парадоксално, во Франција и западните т.н. демократски земји, постепено настана нова идеологија, која ја развија луѓе за кои поимот „демократија“ едноставно ги означува богатите земји со устав.
Тие почнаа да ја осудуваат демократијата, велејќи дека оние кои тежнеат кон демократијата, всушност, само сакаат да го зголемуваат богатството, да поседуваат и да трошат. И така, почна омразата кон демократијата, која всушност е омраза кон еднаквоста. Во последните неколку децении, во сите земји, „ослободени од тоталитаризмот“, дојде до вртоглав пораст на нееднаквост. Тоа сведочи за отфрлање на секаква форма на еднаквост, во која егалитарната идеологија се доживува како злокобна и опасна.
Своевидна омраза кон рамноправноста е присутна и кај оние кои управуваат, со други зборви меѓу „господарите“ на овој свет. Меѓутоа, таа омраза на свој начин ја искажуваат и поедини интелектуалци, што е чудно. Тие велат дека демократијата и потрошувачката се едно исто. И тогаш прашањето е кого прво напаѓаат – најсиромашните, меѓу кои и емигрантите, кои имаат најмала куповна моќ. Нив ги опишуваат како потрошувачи кои нè туркаат во бездна и ја уништуваат цивилизацијата. Оваа недоследна идеологија ми се виде значајна, токму поради тоа што поимот демократија не е така едноставен. Наједноставно кажано, демократијата е систем во кој еднаквите владеат со еднаквите. Но, во модерното време настана извесна збрка.
После американската револуција во 18.век, во нашите општества е воспоставен т.н. пратенички систем. Тој систем, не е нималку демократски, бидејќи во суштина е владеење на политички „елити“. Пратеничкиот систем почнавме да го поистоветуваме со демократијата, која всушност ја сведовме на излегување на избори еднаш во пет години, со што всушност само ја потврдуваме моќта на оние што се на власт. Тоа не е демократија. Пратеничкиот систем е систем на самообновување на „елитите“, во кој повремено „се бара“ мислењето на граѓаните.
Политиката денес е само професија на општествената класа која сама себе се обновува. Денес сме сведоци на авторитарно владеење во многу земји, како што се, на пример, Унгарија, Полска, Италија, а таков систем на владеење постои и во Франција. Демократските институции станаа олигархиски. И тогаш, како да се создаде политика која не е „уметност на илузии“?
Денешниот пратенички систем всушност е државна машинерија. Во 19.век народот постоеше независно од државата, а денес партиите се само збир на поединци кои тежнеат кон пратеничка или министерска функција… Денес, често се поставува прашањето зошто нашиот свет стана хаотичен? Јас не би рекол дека е хаотичен, тој има специфичен, посебен поредок. Последните децении беа интензивни како во западните, така и во поранешните комунистички земји.
Левичарските партии кои беа на власт водеа иста економска политика како и десничарските. Левицата ја прифати неолибералната програма, која патем не содржи ништо либерално. Таа програма е секоја форма на живеење која во целост се потчинила на капиталистичкиот систем. Левичарските партии го подржаа уништувањето на јавните услуги и севкупното владеење на конкуренцијата. Всушност, тие ја преземаа економската политика на десницата. После тоа, десничарските партии можеа да се истакнат само на еден начин – со развивање на расистички и ксенофобични идеи, со признавање на верска нетолеранција и со сите видови на омраза и изопштувања. Денес, ситуацијата е таква, до тука дојдовме.
Дали демократијата „се случува“ на улица или во парламентот? Од арапската пролет, преку многуте протести, во форма на заземање плоштади, до шпанското движење на „огорчените“ и „жолтите елеци“ во Франција, денешниот свет обилува со мини востанија. Се поставува прашањето, можат ли тие да доведат до демократска револуција? Не знаеме до што тие можат да доведат, но секако можеме да кажеме дека тие придонесуваат во одржувањето на вистинската демократија и овозможуваат разликување на демократијата од олигархијата, во земјите во кои овие две форми на владеење се потполно поистоветени, што е многу значајно…
Денес многу се зборува за разни видови кризи – економски, општествени, морални и слично, па се поставува прашањето – можат ли тие да доведат до промени? Јас воопшто не и верувам на старата марксистичка логика, која вели дека кризата води во револуција. Денес тој поим е воопштен и упростен. Секојдневните појави ги опишуваме како кризи – климатска криза, мигранстка криза… Ние ги доживуваме како кризи, но тоа не се кризи. Да ја земеме, на пример, „кризата“ на хипотекарниот пазар во Америка. Таа е само реалност на економскиот систем во кој живееме. Значи денес ние го нарекуваме криза, она што всушност е норма на еден систем.
Кога една ситуација ќе ја наречеме криза, потребата од „лекари“ се подразбира. Светските лидери, кои впрочем таквите „кризи“ ги предизвикуваат, потоа се појавуваат како „стручњаци“ кои ќе ги решат, и ни велат: „Останете во домовите, прифатете ги ниските плати, молчете, потчинете се, инаку постоечката „криза“ може да ескалира“. Затоа, сметам дека „кризата“ стана оружје на власта, и не мислам дека живееме во време на кризи, туку живееме во време на сурова доминација и искористување, чии последици можат да бидат катастрофални. Затоа, кога таквата состојба ја нарекуваме криза, решенијата им ги препуштаме исклучиво на оние кои себеси се нарекуваат стручњаци…
Денес живееме во временски расчекори. Доминантната струја секако е т.н. либерален капитализам, кој се поавторитарно управува со светот. Правилата на конкуренцијата владееле и во 18.век, но денес тие ни се наметнати. Либералниот капитализам се храни со систем на големи ограничувања. Тој повеќе забранува отколку што дозволува, а згора на тоа го следи екстремна верска и идеолошка регресија. Сепак, има луѓе кои настојуваат да создадат сопствени, нови временски рамки. Благодарение на тие повремени краткотрајни движења, политиката и демократијата, сеуште постојат. Тие ни даваат надеж. Сè додека постојат луѓе кои создаваат нови реалности или рамки и форми на мислење, ослободено од владеачкиот систем, надежта постои. Демократијата не бара вера во водачи и спасители, туку во еманципиран поединец кој верува во себе.
Политичарите се плашат од огорчениот човек – жртвата, но исто така се плашат и од огорчената маса која во нив буди атавистички страв. Позната е Платоновата идеја дека секој може да владее, но прашањето е кој треба да владее? Луѓето кои тоа го сакаат, или оние кои тоа не го сакаат? Платон признава дека се во право оние кои велат дека најлошата власт е составена од луѓе кои тежнеат да владеат. Денес такви влади се сеприсутни. Денес на власт се луѓе кои се истакнуваат ислучиво со својата желба да владеат.
Прашањето не е во тоа дали секој неспособен поединец од улица би можел да биде шеф на држава, туку зошто ние сметаме дека шефот на држава е неопходен. Во демократијата, шеф на држава не постои. Ако тој не ни треба, тогаш што ни е потребно? Потребни ни се чесни луѓе кои на чесен начин ќе ги преземат неопходните чекори. Како може да знаеме дека тие ќе работат чесно? Колку е помал профитот кој е поврзан со власта, поголеми се шансите владата да биде чесна. Ни велат дека шефовите на државите и пратениците во парламентот треба да имаат големи примања, за да не подлегнат на корупција. Но, колку платата е поголема, поголема е и желбата за пари. Колку сте на повисока позиција, толку сте поголема мета за подмитување.
Платон барем во тоа е согласен со денешните демократи – добрата влада е составена од луѓе кои не сакаат да владеат…
Често говорам за естетиката на политиката, но поимот естетика не го користам во значење на убаво… Ние тргнуваме од појдовната точка дека политиката, како вид на создавање заеднички свет, со низа потфати се претвора во видлива и сетилна појава. Нема политика без зборови. Политиката отсекогаш се водела со помош на зборови, кои предизвикуваат ефекти. Се води и со постапки кои секогаш се многу театрални. На пример, политиката е незамислива без конференции за печат, на кои за воља на вистината изјавите на претседателот и министрите не се многу значајни, но тука се новинарите, бината и останатиот декор.
Спротивен пример се уличните демонстрации кога се подигаат шатори на јавни места, се организираат разговори и трибини на улиците и се создава цел еден заеднички живот, на отворено. Тоа го видовме во Истанбул, Мадрид, Њујорк и во други градови. Политиката секогаш бара своевидни временски рамки. Нема политика без церемонии, паради, трибини и говори…
Ги одбивам повеќето класични пристапи кон политиката и културата и во своите книги се обидувам да го откривам потеклото на демократијата во начинот на пишувањето на големите светски автори, како и во современите уметнички форми.
Осврнувајќи се на случувањата кои го одбележаа модерното време, ја воочуваме суштинската улога на литературата како зачетник на еднаквоста. Ако се потсетиме на случувањата во Европа помеѓу 18.век и 19.век, ќе видиме дека во 18.век постоел збир на правила под името „убава литература“, во кои темите биле поделени на дозволени и забранети, прости и возвишени, популарни и научни, итн. На секоја од нив и бил наменет одреден жанр. Но, потоа во 19.век избувнала вистинска револуција, еден вид специфична демократија, во која биле дозволени сите теми.
Таа промена ја отсликува англиската поезија на 19.век. Вордсворт ја увидел можноста дека може да напише песна за грижите на обичниот селанец. Потоа Флобер изјавил дека нема ниски и возвишени теми, и дека секоја тема има своја вредност. Тој тоа и го докажувал пишувајќи за внатрешниот живот на ќерката на еден селанец. Тој прв јасно ја изразил идејата дека во литературата сите теми се драгоцени. Залагањето за еднаквост во литературата кај Флобер не било поврзано со одреден политички став. Тој впрочем бил буржоаски реакционер, но во сферата на литературата тој ја урнал хиерархијата на која се темелела традицијата на „убавата литература“. Во споредба со тогашната литература, современата ми се чини прилично отворена. Во еден значаен момент, литературата се „стопила“ со новите животни и општествени искуства.
Улогата што литературата ја имала помеѓу 1830 и 1950 година, подоцна, повеќе или помалку, ја презел филмот. Не издвојувам ниту една форма на уметност, само сакам да кажам дека во еден момент филмот потполно ја нарушил традиционалната хиерархија. Доживеал промена спротивна од онаа која ја одбележила литература. Во литературата, од „возвишена“ уметност поминавме на онаа која ги опишува обичните луѓе.
За тоа време, филмот, кој на почеток наликуваше на панаѓурска забава, постепено се оплемени и исто така ја наметна рамноправноста на сите теми. Денес е тешко да се каже која форма на уметност ја игра таа улога. Слободата и отвореноста на современата уметност ја прават интересна, но истовремено и збунувачка, зашто го отежнува нејзиното сместување во одредени рамки. На биеналињата на современата уметност можете да видите сè и сешто.
За тоа говорам во делото „Еманципираниот гледач“, зашто тоа е еден вид еманципација. За тоа пишував во контекст на „авторитарната“ уметничка традиција, чија цел беше во гледачот да предизвика одредени промени. За разлика од неа, емаципираната уметност создава ослободени гледачи. Таквата уметност гледачот не е приморан да ја прими и доживее како што уметникот тоа го одредил.
Денешниот свет изобилува со најразлични уметнички изрази, кои луѓето можат слободно да ги толкуваат, онака како што сакаат. Понекогаш ме прашуваат дали јас како филозоф сум еманципиран набљудувач на нашиот свет. Од моја страна тоа би било малку претенциозно да го кажам. Не се гледам себе како еманципиран посматрач кој за луѓето треба да биде некаков пример – модел, иако е вистина дека ја заземам позицијата на набљудувач. Својата улога на филозоф ја гледам во тоа што се обидувам на јавноста да и ги доближам различните толкувања и погледи на светот, и мноштвото можности за создавање нови реалности. Во суштина, јас тежнеам кон опишување на светот во кој постојат можности на кои ниту не помислуваме…
