Текст: Умот-креаторот на нашиот свет | Автор: Стеван Милиќ
Мириам Франсоа – За медиумите и нивната одговорност
Денес од нас се бара да го проголтаме моралното изедначување, кое се однесува на избегнување на одговорност за своите постапки. Потребна ни е морална доследност, да се избегне изедначувањето на окупираниот и окупаторот.
Кога се поставува прашањето дали медиумите на Запад се морално зрели да го следат овој принцип, треба да имаме предвид дека овие медиуми се одраз на западните општества, кои во голема мера се изградени на култура која се заснова на идејата за надмоќта на белата раса. Оваа идеја е создадена од потребата да се креираат стратешки предности за европските земји, за да можат колониите и луѓето кои живеат во нив, да бидат експлоатирани, изгладнувани, сакатени и убивани.
Секако, тоа начело било долготраен принцип во ерата на колонијализмот. Но, би можело да се каже, како што тоа го тврдат бројни интелектуалци, дека наместо тоа што сметаме дека колонијализмот едноставно завршил, би било подобро за него да размислуваме како за дел на империјалистичкиот проект кој се преобразил, за да се прилагоди на различните временски периоди во кои и понатаму опстојува. Така и денес империјализмот, во различни форми продолжува да постои ширум светот.
Секако дека Америка и Западот не се единствените империјални сили на светот, но сосема сигурно и понатаму се многу силни. И со оглед на тоа, гледаме дека медиумите дејствуваат како средство на општеството за поддршка на политиката која продолжува да работи во корист на Западот. Всушност, нам ни е потребно оправдување за инвазијата на други земји, поради пристапот кон нивните ресурси, кои ни носат корист, без оглед дали тоа значи дека децата на шест годишна возраст во Конго, ги праќаме во рудници, за да можеме да имаме скапи мобилни телефони, но сепак не толку скапи колку што би требало да бидат. Истото важи и за пристапот до нафтата и другите природни ресурси.
Во контекст на дејствувањето на медиумите поранешниот претставник на ОН, Крег Мокхибер, нагласи дека водечките медиуми се механизмот на геноцидот во Газа. Бројни се начините на кои западните медиуми продолжуваат во тоа да бидат соучесници. Она што мене, како новинар и режисер најмногу ме вознемирува е отсуството на солидарност со нашите колеги. Имаше некои подобрувања кога еден број медиумски куќи го осудија фактот што на меѓународните медиуми им беше оневозможен пристапот до Газа. Но, кога би било јасно кажано дека во Газа се убиени 160 новинари-белци, и дека многу од нив беа директна мета, понекогаш и заедно со нивните фамилии, само поради тоа што сакале да известуваат за она што вистински им се случува, уверена сум дека сега би имале не само поголем број реакции, туку и некои форми на медиумски протест, прекинување на програми и исклучувања.
Би имале вистински побуни во самите медиуми против ваквото мирно и пасивно прифаќање на идејата која вели: „Добро, немаме пристап до Газа, па тогаш мораме помалку или повеќе да го прифатиме наративот на ИДФ (израелската војска)“, кој тоа им го презентира на медиумите. Тоа значи дека ќе известуваме за истрагите на израелската војска за нивните сопствени злосторства, како да се тие некоја референца. И тоа со месеци, откако во многу случаи се утврдени не само недоследности, туку и чисти лаги и пропаганда на кои им прибегнува израелската влада.
Мислам дека во оваа фаза на конфликтот треба да биде сосема јасно дека единствениот начин на комуникација со израелските претставници на власта е тие да се сметаат за гласноговорници на една пропагандна машинерија. Во такви услови тие би изгледале сосема поинаку од она што во моментот го гледаме. Мене тоа ми зборува за еден имплицитен расизам кој дозволува одреден степен на невиност, ако станува збор за белци, што инаку не би се дозволило кога би станало збор за некој челник со темна боја на кожата или за некој арапски диктатор. Тоа исто така зборува за фактот дека имплицитно постои претпоставка дека еврејската држава ни е многу слична на нас западњаците. Тие имаат исти геноцидни тенденции какви што сме имале и ние низ нашата историја, и се чини дека ги прифаќаме на ист начин на кој се правдавме себе во текот на вековите на етничко чистење, геноцид и експлоатација на народите ширум светот. Затоа е сосем разбирливо што Израел проаѓа така лесно и едноставно во западните медиуми во однос на тоа како би требало да биде третиран. Мислам дека вистинската цена која поради ова ја плаќаме е во тоа што денес имаме цела една генерација на млади луѓе кои повеќе не веруваат во она што им го сервираат водечките медиуми. Поради тоа, луѓето сè повеќе се вртат кон дигиталните извори на информации, кон еден друг вид на морален авторитет, кога зборуваме за разбирањето на светот. Лично сметам дека тоа е голем губиток.
Би ги прашала своите колеги зошто прифаќаме потполно урушување не само на меѓународниот поредок, туку и на довербата во институциите кои ние ги претставуваме, само за да го заштитиме Израел? Се поставува прашањето што ние тука штитиме и што би можел да биде темелниот интерес кој стои зад тоа? Алудирам на фактот дека Израел повеќе не треба да се набљудува одвоено од Америка која денес е најголемата империјална сила на светот, иако Кина и е зад петиците. Но засега, Америка и понатаму е најголемата империјална сила, за која денешниот Израел останува стратешка база во тој регион…
Ако знаеме дека Америка денес локално произведува повеќе нафта од Саудиска Арабија и дека е во тек трка за одредени ресурси кои се при крај, ако знаеме дека постои потреба од осигурување на тие ресурси, тогаш е логично во таквата ситуација, кога зборуваме за медиумите, да зборуваме за нивната одговорност…
И што сега?
Некому овој вовед за состојбата и насоката во која светот денес се движи, можеби ќе му се чини предолг и „познат“. Но, оној што претендира да биде вистински духовен човек, знае дека мора да биде добро запознаен со движењата во светот – политички, економски, културни…, за да биде во состојба да ги проценува и предвидува случувањата и во тие околности да одржува баланс помеѓу материјалниот и духовниот аспект од животот. Во спротивно, може да му се случи да биде „прегазен“ од времето и приликите околу него, како што им се случило на една група шамани од Јужна Америка, во средниот век. Потполно апсорбирани во своите духовни истражувања, тие го занемариле световното, па кога дошле шпанските конквискадори, не им било тешко да ги погубат.
Иако можеме лесно да помислиме дека нема излез од оваа безнадежна ситуација во која сме речиси задушени – како што вели српскиот академик Ненад Костиќ, од „претенциозната поплава на празноречивост“ – изложени на баналноста, грубоста, нечувствителноста, површноста и зовриените страсти, присутни во сè понетолерантните поделби од секаков вид, не е сè така црно, излез сепак има. Тој постои во можноста секој поединец да го направи својот морален избор и да заземе страна, иако тоа често е многу тешко. Но, ако се направи, нема поубаво и посеопфатно внатрешно растоварување. Тој избор всушност ја прави разликата помеѓу луѓето – храбрите ги прави уште похрабри, јаките уште појаки, а слабите уште послаби.
Парафразираното кажување на поетот Енес Кишевич вели: „Пред да нè роди, мајката девет месеци нè чува и расте во сигурноста на нејзината утроба. Но, откако ќе дојдеме на овој свет, ние самите треба да се родиме во духот“. За жал, приликите и времето во кое живееме, овој чин го прават уште потежок… А можеби и не е така, можеби и ни помагаат полесно да го изостриме фокусот на она што е вредно и што навистина треба да сториме.
Затоа, духовноста, вистинската, со своите суптилни познавања и толкувања на човековата внатрешна природа и смислата на животот, станува насушна потреба за сè поголем број луѓе. Дијаметрално различна од екстремната материјалистичка реторика и начин на живеење, духовноста нè враќа на смислата на нашето постоење и на исконската потреба да се запознаеме себе и да го достигнеме внатрешното знаење и слобода. Но, бидејќи од некаде треба да се почне, мислам дека појдовната точка би требало да биде откривањето на функционирањето на умот.
Што е умот?
Обидот да се даде одговор на прашањето „Што е умот?“, обично предизвикува многу повеќе прашања, отколку што води до одговори. Во современата психолошка наука умот се дефинира како севкупност на менталните и психичките процеси на организмот, како и структурните и функционалните когнитивни компоненти од кои тие зависат. Терминот, исто така, се користи и да ги означи само когнитивните активности и функции, како што се перципирање, внимание, мислење, решавање проблеми, јазик, учење и помнење. Понатаму, со терминот ум во психологија се означува и човековата свест, како нематеријален ентитет различен од мозокот, но се означува и анатомскиот орган, мозокот, како и она што тој го прави, односно неговите функции.
Во текст посветен на разбирањето на умот, Линда Гласер од Универзитетот Корнел се прашува дали умот се разликува од мозокот? Дали, всушност, постои душа која ги насочува нашите мисли или тие се целосно определени од нашата биологија? Пред постоењето на когнитивната наука, невробиологијата – дури и пред биологијата – хуманистите се бореле со овие прашања. Дуалистите велат дека умот ќе функционира исто како што функционира без разлика дали има тело или нема. Според нив, постои нешто посебно во умот – тој не е само неверојатно интересна и сложена машина. Од другата страна се физикалистите. Повеќето филозофи денес сè уште сметаат дека физикалистичкото објаснување е попривлечно: дека менталните феномени имаат физиолошка или неврофизиолошка основа. Сепак, дури и таа едноставна изјава покренува повеќе прашања. На пример, ако физикализмот се дефинира како сè што е физичко, тогаш што значи „физички“? Тоа не значи опипливо, бидејќи гравитацијата е физичка сила, но не може да се допре.
Дури и меѓу физикалистите, постојат две главни школи, вели професорот по филозофија Вилијам Стар. Функционалистите велат дека умот е она што го прави мозокот, што е процедурален пристап. Може да имате исти мисловни процеси кои се случуваат во многу различни физички медиуми; на пример, вонземјанин со сосема поинаква биологија сепак би имал капацитет за мислење. Теоретичарите на идентитетот, од друга страна, нагласуваат дека умот е мозокот.
Нам ни е особено збунувачки да увидиме како физичките случувања би можеле да објаснат и да создадат свесно искуство. Но, Лоран Дубреј, професор по компаративна книжевност, вели: „Каков и да е вашиот став за дуализмот или физикализмот, умот е повеќе од мозок. Менталните операции, не само што се „шират“ надвор од нервниот систем и се претвораат во книги, предмети или компјутери – туку се јавуваат и „надвор“, особено кога споделуваме јазик“. Онаму каде што невронаучниците бараат заеднички карактеристики во мозокот, дефинирајќи го на тој начин сознанието како повторлива, извршена задача, Дубреј вели дека има ситуации кога на работите им припишуваме флуктуирачки значења што тие вообичаено ги немаат и создаваме нови идеи. За да се разбере ова потребно е нешто повеќе од строго когнитивна рамка, вели тој.
Прашањето за умот е тесно поврзано со прашањето за свеста која привлекува значително внимание последниве години. Тоа ни е познат феномен, најинтимното нешто што го доживуваме – дека сè ни изгледа на одреден начин и го чувствуваме на одреден начин. Сепак, по Фројд, стана вообичаено да се верува дека голем дел од овој процес се случува под прагот на нашата свесност. Како што забележува Дерк Перебум, професор по филозофија, можеби не сте свесни за вашиот гнев кон татко ви, но тој влијае на вас.
Во својата последна книга „Слободна волја, агентност и смисла во животот“ тој го истражува прашањето на слободната волја. „Ако нашите умови се само физички нешта, тогаш нашиот ум е управуван од она од што тој се состои, што е определено со правилата на физиката. Дали тогаш имаме простор за слободен избор?“ прашува Перебум. Како што објаснува тој, ако претходните настани ги прават следните настани неизбежни, тогаш враќајќи се назад во времето, состојбата на универзумот пред да се родиме ги фиксира сите наши избори и постапки, кои во тој случај би биле каузално определени. Дали тогаш е правилно да се обвинат и казнуваат луѓето за нивните лоши избори, или верувањето дека луѓето се слободни и морално одговорни е погрешно?
