Свест, душа, ум во филозофијата на јога

Филозофите од Истокот пристапиле кон прашањето на свеста на многу различни начини. „Некои автори во индиската филозофија на чувството за себе, кое го нарекуваме свест, гледаат повеќе како на ‘сведок’ отколку како на дејствувач – ние сме попрво сведоци на свесно искуство отколку предизвикувачи на тоа искуство“. Оваа забелешка на Јозеф Вашингтон, професор по филозофија, може да биде вовед во јогиското толкување на умот и душата (повеќе за овие теми во текстот Основни предуслови за разбирање на јогиското учење).

Душа – пуруша

Првобитното значење на терминот пуруша било – човек, космичка душа, извор на универзумот. Пуруша е движечкиот принцип во човекот и првиот принцип во еволуцијата на свеста според филозофијата на самкја. Како издвоена, самостојна единка на свесност, душата е непристрасен, пасивен набљудувач и сведок, спротиставена на материјата и нејзиниот севкупен развој. Душата не е ни причина ни последица, ниту создава, ниту е создадена, но кога материјата ќе се спои со неа, материјата да го создава појавниот свет. Притоа, душата не ја менува својата трансцендентална природа; нејзината вечна свест останува непроменлива сцена за променливиот свет на просторот, времето и причината. Душата е набљудувач, а она што е набљудувано е материјата.

Улогата на материјата е да ѝ овозможи искуство на душата. Нивната врска е причина за вечниот круг на раѓања и умирања. Души има многу, а материјата е една и заедничка за сите. Спојувањето на душата и материјата е резултат на метафизичкото незнаење, кое води до создавање на останатите причини за страдање. Душата го остварува искуството, така што со својата светлина ја осветлува спознајната свест. Одразот на така осветлената свест, создава впечаток дека душата доживува разни состојби на свеста, иако всушност таа останува слободна и недопрена. Врската помеѓу душата и материјата не е трајна, и ѝ овозможува на душата да стекне искуство, а потоа и одвоеност од материјата и слобода, а на материјата ѝ овозможува да ја развие својата вистинска природа.

Одвојувањето на душата од материјата се постигнува со надминување на незнаењето за својата вистинска природа, низ спознавање и длабок дискриминативен увид. Кога ќе се спознае вистинската природа на душата како различна од материјата – свет кој е во постојан развој и опаѓање, тој свет за душата престанува да постои и состојбите на свеста веќе не ја допираат, иако тој свет продолжува да постои за оние души кои не постигнале самореализација.

Ум – антакарана

Антакарана е кованица од санскритските термини: анта – внатрешен и карана – алатка, и вообичаено се преведува како: внатрешна алатка; внатрешен инструмент – психа; внатрешен орган, она што работи однатре, внатрешни способности или функции; внатрешно сетило; индивидуален ум…

Во филозофијата на самкја, антакарана означува тричлен внатрешен орган кој има способност за размислување и кој е седиште на мислите и чувствата. Во составот на антакарана влегуваат:

  • Манас – разум, способност за перцепција и за размислување
  • Буди – интелект; го карактеризираат способностите за разликување, разбирање и одлучување
  • Ахамкара – чувството за себе или принципот на индивидуација, его.

Во филозофијата на веданта, антакарана се состои од четири функции: манас, буди, ахамкара и чита, а во раџа-јогата на Патанџали, чита се користи како синоним за антакарана. Во делото Самкја-карика, буди се опишува како повисок ум, ахамкара е творецот на „јас“, а манас е означен како понизок ум.

Активноста на умот започнува како реакција на дејствувањето на сетилата, кои на умот му презентираат разни објекти и појави од надворешниот свет.  Во умот се сместени огромен број искуства од овој и од претходните животи, кои можат да бидат искористени како материјал за ментален, емоционален и духовен развој. Но, можат да бидат и пречка, доколку не се разберат добро. Таа можност обично малку ја користиме, поради неусогласеното дејствување на неговите меѓусебно поврзани делови. Основната причина за тоа е нашето непознавање на умот и незнаењето за самите себе. Последиците се манифестираат во најразлични форми – приврзаност за погрешни идеи и ставови, условености од претходните искуства складирани во умот во форма на потсвесни  тенденции, желби, сеќавања,  негативни емоции – страв, љубомора, завист, омраза, лутина, како и чувството на самоважност.

Набљудувајќи го опсегот на функциите на умот, станува јасно дека тој е медиумот низ кој дејствува свеста. Филозофијата на јогата вели дека свеста, во својата суштина, е чиста, но како ќе се манифестира зависи од состојбата во која се наоѓа умот. Затоа се вели дека умот е како инструмент кој мора добро да се исчисти и „наштима“ низ јогиската практика, за да може прецизно да функционира. Без тој процес на прочистување и облагородување – алхемија на умот, животот наликува на вистинска „рашомонијада“, во која сме само слуги на нашите умови.

Ако сакаме да го осознаеме нашиот внатрешен свет и да разбереме во каква корелација е со надворешниот, неопходно е да знаеме како функционира умот. Тоа само по себе е тешко, зашто станува збор за сложен потфат во кој интелектуалното познавање ни од далеку не е доволно. Без практика и директно искуство за дејствувањето на умот, тоа останува само интелектуална информација која нема многу да нè доближи до неговото вистинско разбирање. Всушност, без директни увиди и свесност за функционирањето на умот во секојдневните активности, како и во медитативната практика, само неговото теоретско проучување често станува уште поголема илузија и фрустрација. Знаејќи го ова, опитните учители кои имаат вистинско разбирање и познавање на овие аспекти од јогиското учење, користат разни стилски фигури за да им го олеснат и доближат на учениците ова знаење, зашто кога е објаснето низ термините на сложената јогиска филозофија често звучи апстрактно и неразбирливо.

На пример, Свами Рама го споредува умот со фабрика на нашиот внатрешен живот. Во неговата аналогија, разумот е службеник-шеф, кој работи во секторот увоз-извоз на материјали, во склад со потребите на фабриката. Дејствува и внатре и надвор – прима информации и изразува мисли и чувства во надворешниот свет. Тој има десет работници. Пет од нив се сетилата за вид, слух, мирис, вкус и допир. Другите пет се органите за дејствување: устата, рацете, нозете и двата органи за излачување. Разумот директно ги надзира и води работниците, и ако тоа не го прави добро, може да се создаде немир во умот. Понатаму, разумот му ги предава информациите на својот шеф и советник, чистиот интелект. Информациите кои ги добива од разумот, тој ги анализира, просудува, носи одлуки и дава насоки. Ако разумот и интелектот не се координирани настанува конфликт кој се изразува кон надвор, а ако дејствуваат сложно, умот е спокоен. Егото е менаџер и советник во фабриката, но лажно се претставува како нејзин сопственик. Тогаш се нарекува пониско его, а кога се прочистува, станува инструмент на свеста. Чита е „магацин“ во кој се сместени знаењето, сеќавањето и потсвесните тенденции. Таа е складиште на знаењето, а не негово средиште. Седиштето на свеста се наоѓа зад чита, во душата, но свеста преку чита доаѓа до умот и сетилата.


Оваа јогиска перспектива ни открива сосема нова слика за нас како вид. Слика која нè претставува како отелотворени духовни суштества, за кои телото и умот се само инструменти на душата. Нашето погрешно поистоветување со телото и умот е т.н. основно незнаење, на кое понатаму се надоврзуваат сите погрешни претстави, идеи и ставови за нас и за светот што нè опкружува. Искривените конструкции на нашите умови, втемелени во метафизичкото незнаење се причина поради која сè уште талкаме во темнината, меѓусебно се судираме, конфронтираме и страдаме.


Нашето минато и сегашност, сите наши достигнувања, подеми и падови, како и сè она што нè очекува во иднина, било, е и ќе биде условено од дејствувањето на умот. Затоа, за нас како поединци и како човештво, нема ништо поважно од неопходноста да се фокусираме на откривањето на мистеријата на умот. Колку повеќе ќе го осознаваме и разбираме, ќе ни станува сè појасно дека единствена алатка што ја имаме на патот до Возвишеното е токму умот. Но, тоа важи само за прочистениот и бистар ум, ослободен од незнаењето и илузијата што ги создава егото. Во спротивно, важи тоа што го кажал еден учител: „Она што те одвојува од Бога – космичката свест, е умот, кој како ѕид стои помеѓу тебе и Него. Ако го срушиш со помош на медитацијата и предаденоста, ќе се најдеш лице во лице со Него.“