Умот – креаторот на нашиот свет

СТЕВАН МИЛИЌ

Нашето минато и сегашност, сите наши достигнувања, подеми и падови, како и сè она што нè очекува во иднина, било, е и ќе биде условено од дејствувањето на умот. Затоа, за нас како поединци и како човештво, нема ништо поважно од неопходноста да се фокусираме на откривањето на мистеријата на умот. Колку повеќе ќе го осознаваме и разбираме, ќе ни станува сè појасно дека единствена алатка што ја имаме на патот до Возвишеното е токму умот.


Сè што можеме да видиме на овој свет, од игла па сè до најголемите и најсложените инженерски и градежни структури, телескопи и вселенски сателити, сите научни истражувања кои ни ги откриваат тајните на микро и макрокосмосот, уметничките дела, филозофските и духовните учења, но и нуклеарното оружје за масовно уништување на непријателската жива сила – се мисли на луѓето – концентрационите логори, сибирските гулази, расистичките идеи, верската нетрпеливост, инквизицијата и ловот на вештерки…, сето тоа е создадено прво во умовите на поединци или групи луѓе. Како што еднаш рекол Тесла: „Сите мои пронајдоци прво ги создавав и тестирав во умот, и потоа ги изработував, и секогаш функционираа беспрекорно.“ Затоа и може да се каже дека сè што како вид сме создале, всушност се материјализирани мисли… И тука, логично доаѓаме до исклучително интригантната идеја – дека овој универзум е материјализирана идеја на Оној кого го нарекуваме со различни имиња, но сепак не го разбираме…

Ако ни е јасна пресудната улога на умот и начинот на кој функционира, ако го разбираме значењето на мислите и мисловните процеси кои во него се одвиваат, ако гледаме дека од нив зависи нашето поимање на себе, на животот и светот кој нè опкружува, тогаш е разбирливо да се запрашаме – што всушност знаеме и што точно подразбираме под термините ум, мисли и мисловен процес, зборови… На ова природно се надоврзува прашањето – кои се главните чинители што влијаат на умот и на мислењето, тој исклучително сложен и суптилен процес, кој во најголема мера ги одредува, но и самиот е одреден од нашите желби, ставови, идеи кон кои се приклонуваме, одлуките кои ги носиме, и на тој начин нè обликуваат и ја трасираат насоката на нашиот живот.

Еден од чинителите кој се издвојува по својата важност, секако е огромното влијание на општествата во кои живееме, и односите кои во нив се воспоставени, а во пошироки рамки и нивото на развој на нашата цивилизација. Затоа, пред воопшто да почнеме со анализа на термините – ум, мисли, мислење и зборови, добро е прво да направиме, колку што можеме, посеопфатен преглед на условите и случувањата во светот во кој денес живееме, за да добиеме појасна и попрецизна слика за амбиентот во кој се одвиваат нашите внатрешни, ментални процеси .

Светот денес

Живееме во апокалиптично време кое го карактеризираат брзи и драматични општествени промени, време за кое некој на шега кажал: „Денес празната батерија на мобилниот телефон е поголем проблем отколку празната глава.“ Прекумерно изразените желби за моќ, власт, богатство, влијание, слава, „углед“ и доминација, психологијата ги третира како ментален проблем. Знаејќи дека токму овие особини и тежнеeња ги пројавуваат денешните политичари, може слободно да се каже дека светот денес го водат, во најмала рака, проблематични луѓе.

Со чесни и ретки исклучоци, денешните политичари повеќе наликуваат на современи, но опасни кловнови. Облечени во скапите костуми и опкружени со своите свити, ги играат нивните драмолетки, а членовите на свитата, не само што мораат да слушаат, туку треба и да се воодушевуваат и да аплаудираат. Овие луѓе заслепени од нивните мегаломански амбиции и неостварени желби, не можат да го поимат вистинскиот живот. Во светот на илузии, кој самите го создале, и во кој се главните протагонисти, затворени во своите умови, тие не можат да ја видат и да ја почувствуваат вистинската убавина, но и кревкоста на овој прекрасен и чудесен свет, кој во секој момент може да биде збришан од удар на астероид, ерупција на некој од супервулканите, од некоја нова и посмртоносна пандемија или нуклеарна војна… Тие мислат дека се вечни и засекогаш ќе бидат властодршци. Ова оди во прилог на тврдењето дека ние како вид сме совршени, но само како потенцијал. Како човештво, низ историјата, никогаш не сме се одликувале со голема мудрост, но денес нашето застранување од исправниот пат е застрашувачко. Одиме во насока во која станува сосема вообичаено и оправдано екстремно богатите држави и поединци да ги искористуваат сиромашните, кои стануваат се посиромашни и побројни, а според некои научни испитувања и предвидувања, до крајот на 2050 година, секој трет жител на планетата ќе живее како питач.

Корумпираните и самобендисани политички „елити“, уверени во својата супериорна интелигенција, во спрега со мафијашките структури, создаваат простор и услови за дејствување на организираниот криминал, кој тие го нарекуваат демократија и владеење на правото. Во 21.век, ние сè уште водиме војни и меѓусебно се убиваме, со цел да им ги украдеме ресурсите и териториите на послабите и посиромашните, се разбира, под закрила на демократијата. Безмилосно го уништуваме нашиот дом, оваа преубава планета на која и од која живееме, и упорно се обидуваме да ја пресечеме гранката на која седиме.

За разлика од „владетелите“ на светот, останатото „тивко мнозинство“, секојдневно е бомбардирано со лажни вести и манипулации кои „елититите“ им ги сервираат преку нивните вазали – корумпираните медиуми, кои секогаш се подготвени безпоговорно да ги слушаат и исполнуваат желбите и наредбите на своите шефови. Талкајќи во медиумската темнина, во исконструираната „реалност“, која од година во година е сè понестабилна, живееме лути или уплашени, апатични или агресивни, збунети и изманипулирани, очајни и огорчени, не знаејќи кому да веруваме. За жал, рамо до рамо со политичарите се и религиозните и духовните кругови со своите безбројни скандали.

Обземени од чувството на безнадежност дека можеме нешто да сториме и да смениме во нашите животи, затворени во мачното секојдневие, изложени на постојани дезинформации и најапсурдни теории на заговор, се обидуваме да останеме „нормални“ и да преживееме, повлекувајќи се во своите животи, кои постепено, но сигурно, стануваат бесмислени. Тешкото опстојување во суровиот капиталистички систем, кој како аждаја секој ден бара сè повеќе и повеќе, постојано го зголемува притисокот на нашето физичко и ментално здравје. Во такви услови не успеваме да го најдеме таканареченото „време за себе“, да се отвориме и да се видиме во вистинска светлина, за да го пронајдеме толку потребното упориште во себе. За жал, тоа време за себе веќе одамна стана луксуз, мисловна именка.

Денес сè повеќе стануваме потрошна роба, особено младите луѓе, па не е ни чудо што професионалното согорување поприма размери на епидемија. Сè повеќе стануваме луѓе со искривена перцепција и нарушено расудување. Не знам зошто, но кога размислувам за ова, ми доаѓа на ум насловот на книгата: „Смеј се, ако имаш заби“, од полската писателка Зита Руцка, а со него и прашањето дали денес е неопходно да имаш добри заби, силна челуст и јак угриз, ако сакаш да се смееш?

Како хипнотизирани ги следиме вестите за пандемијата, климатските промени, војните ширум светот, мигрантските кризи…, и сето тоа заедно со информациите за познат фудбалер кој мора да оди на операција на коленото, па потоа веста како по втор пат го ограбиле Киану Ривс, како Мадона паднала на концерт и сето тоа гарнирано и зачинето со безброј бесмислени реклами и неважни информации, кои тешко можеме да ги испроцесираме.

Фатени во замките на високата технологија и вештачката интелигенција, кои навидум нè зближуваат, а всушност сè повеќе не оддалечуваат од другите луѓе, од себе и од природата, стануваме неспособни да го видиме и препознаеме убавото околу нас. Опсесивно загледани во нашите скапи мобилни телефони, не го подигаме погледот за да ја видиме и доживееме природата, небото, облаците, ѕвездите… Трчаме по профитот не размислувајќи доволно каде тоа на долги патеки ќе нè однесе – нас, нашите семејства, нашите потомци. Ако семејството е основната градбена клетка на организмот наречен општество, тогаш состојбата во семејството, која сè повеќе е исполнета со нарушени односи, конфликти и нетрпеливост, станува метафора за болно општество, во кое секојдневно слушаме за семејно и врсничко насилство, за фемициди и убиства кои ги извршиле малолетници. Во секојдневието, сè повеќе сме опкружени со физичко, вербално, ментално и емоционално насилство и затоа нема да згрешиме ако кажеме дека живееме во многу насилен свет.

Тешко е да се живее кога мислата и зборот не се слободни, во свет на лаги, беззаконие и безмилосна тортура на „владетелите“, кои во некое друго време би биле обични маргиналци. За жал, тие маргиналци, често и со наша помош, изградија поларизиран свет на лажна демократија, во која виреат најразлични форми на антагонизми и анимозитети – верски, расни, етнички, зашто само во тие матни води овие квазилидери можат да пливаат и успешно да го прикриваат своето незнаење и инфериорност.

Всушност, денес сè повеќе се случува трансформација на демократијата во диктатура. Тоа е процес што се случува постепено, чекор по чекор, речиси незабележливо за обичниот и неиформиран граѓанин. Диктаторот не доаѓа на власт случајно или одеднаш. За тоа се потребни одредени услови, како на пример, незадоволството на „тивкиот“ граѓанин, кој разочаран од состојбтаа во општеството и функционирањето на власта, бара промени и гласа за друга политичка опција, дури и кога знае дека тоа, народски кажано, е промена во стилот: „Слези Курто, да се качи Мурто“. Затоа, со право се вели дека диктаторот е одраз на состојбите во општеството, кое го дозволува тоа со своето дејствување или недејствување. На бранот на незадоволството на граѓаните и со нивен „амин“, идниот диктатор ја зграпчува власта. Трансформацијата на „легитимно“ избраниот „владетел“ во диктатор, зависи од повеќе фактори: од историјата и културата на општеството, сфаќањето на демократијата, како и моменталните политички прилики во светот, но пред сè, зависи од отпорноста на „владетелот“ на „вирусите“ на егоцентричност, самобендисаност и желба за моќ. Малкумина се имуни на нив и затоа, без оглед на разликите, секој диктатор, без исклучок, е веќе видена и добро позната приказна за моќ, аспирации, егоцентричност, самобендисаност, подлост, бескрупулозност или едноставно кажано, станува збор за „харизматичен“ тип со нарушување на личност. Веројатно затоа Томас Џеферсон, третиот американски претседател, уште во 1778 година рекол: „Искуството покажа дека оние на кои им е поверена моќта, со текот на времето, ја претвораат во тиранија, диктатура…“

Елиминирањето на опозицијата и на сите кои мислат поинаку, формирање на поданичка структура околу себе, контрола на медиумите и цел спектар на забрани, репресии, се методите со кои диктаторот ја држи власта, секако со поддршка на полицијата, воената структура и корумпираната бирократија. Иако диктаторот добро знае дека секоја диктатура се движи кон неизбежен пад, неговата болест веќе толку напредувала, што тој почнува да халуцинира и да мисли дека тоа не важи за него. Но, „за секој случај“, неговата диктатура станува сè побрутална и понасилна, што резултира со огромно страдање на луѓето, со несигурност и страв во сите аспекти на нивните животи.

За да се избегне диктатурата, таа рак рана на денешницата, треба да се бираат лидери кои се мудри, етични и стабилни личности, инаку, како што кажал Платон: „Човештвото нема да се ослободи од злото, сè додека властодршците не станат филозофи“. Тоа значи дека не ни треба „татко на нацијата“, туку чесен лидер, кој е свесен за својата улога, одговорност и должност на својот народ да му обезбеди благосостојба и услови кои ќе можат да изнедрат млади, самосвесни и еманципирани поединци и нови лидери. За жал, од денешна перспектива, ова звучи како утопија…

Кога долги години сме изложени и живееме во вакви услови, границата помеѓу доброто и лошото, слободата и заточеништвото станува сè потенка. Постепено ја губиме силата и отпорноста и се деформираме, а животот ја губи смислата. Затоа тешко или воопшто не успеваме да се справиме на адекватен начин со одредени проблеми, ситуации и луѓе, па знаеме тоа да го решаваме така што посегнуваме по различни маски и почнуваме да се претставуваме и да глумиме нешто што не сме. „Владетелите“ токму тоа и го сакаат, зашто сè што е вредно тие го гледаат и чувствуваат како опасност и закана за нивната власт. Затоа чесните и умните луѓе, кои не се „хипнотизирани“ и не ја прифаќаат нивната глупост, тешко можат да бидат видени и слушнати.

Сето тоа е голем товар и притисок кој во нас предизвикува сериозни психички повреди и остава длабоки лузни, кои понекогаш тешко или воопшто не зараснуваат. Ваквата планетарна ситуација предизвикува различни состојби, чувства и реакции, кои секого го обликуваат на посебен начин – некои стануваат апатични и разочарани, се препуштаат и се повлекуваат во својот мал свет; некои живеат во минатото сеќавајќи се на „старите, добри времиња“, кога бевме млади, наивни и емотивни; други се бранат со иронија и цинизам; трети се лути и агресивни, а некои како да велат: „јас не сум одовде“…

Ваквите несоодветни услови за достоинствен живот, кај помал број поединци отвораат дилеми и тие почнуваат да бараат одговори на прашањата: која е смислата на ваквиот живот, зошто човештвото постојано е во таа епска војна помеѓу силите на доброто и злото, зошто тоа постојано се повторува, дали тоа е нашиот усуд, нашата судбина?… Обично тогаш се прашуваат дали можат да сторат нешто или само безнадежно, повторно и повторно ќе го гледаат тој добро познат и веќе виден космички трилер со кусо и јасно сценарио:

Што било, тоа ќе биде.
Што се правело, тоа ќе се прави.
И нема ништо ново под сонцето.

– Книгата на проповедникот, 1:9

Или можеби ќе гледаат некој негов римејк со нови актерски „ѕвезди“, со модерна сценографија  и „современо“ сценарио кое вели:

Во времињата мрачни,
дали и тогаш ќе има пеење?
Да, и тогаш ќе има пеење,

за времињата мрачни.
– Бертолд Брехт

Секој од нас има свој поглед на светот. Разбирањето на нештата кои се случуваат околу нас, е повеќе или помалку субјективно, точно или погрешно. Ако сакаме подобро да го разбереме овој свет и себе во него, треба да развиеме способност да учиме – и сами, но и од поединци кои знаат повеќе од нас. Всушност, во тоа е и убавината и способноста на нашиот вид – да можеме да ги здружиме, да ги вмрежиме нашите искуства и сознанија и на тој начин да напредуваме. За волја на вистината, денес сè повеќе се вмрежуваме во нашата глупост.

Во тој контекст, мислам дека е корисно да проследиме неколку кажувања, поврзани со оваа тема, од францускиот филозоф и писател Жак Рансиер и британската режисерка и новинарка Мириам Франсоа.