Записи од секојдневието

СТЕВАН МИЛИЌ

Ние сме суштества кои учат од искуствата, а тие се случуваат сега, во моментот, во нашето секојдневие, какво и да е. Тие, „обични“ случки често во себе имаат потенцијал за нови сознанија, но ние понекогаш неправедно ги занeмаруваме. Пребивајќи повеќе во минатото или фантазирајќи за иднината, што често правиме, ние ја губиме сегашноста, и така, си ги ускратуваме искуствата, испуштајќи ја можноста да учиме, она за што сме дојдени на овој свет.

Наследство

Не знам од каде доаѓа нашата потреба да оставиме нешто зад себе, некаква трага, нешто по што ќе нè паметат нашите деца, пријатели, роднини, идните генерации и зошто тоа воопшто ни е важно? Дали во позадината на таа потреба можеби се крие желбата да си докажеме дека нашиот живот не бил залуден или сакаме на тој начин да го надминеме стравот од бесмислата на нашето потполно исчезнување од овој свет, како воопшто да не сме постоеле. Дали идејата да продолжиме да живееме во мислите и сеќавањата на луѓето и откако ќе ја напуштиме оваа физичка форма, барем до некаде ја исполнува нашата очајничка желба за бесмртност… Дали велелепните архитектонски градби, пирамиди, споменици за вечноста, како и разните уметнички дела, се само уште еден хир на егото – да бидеме запаметени или зад нив има и други причини? 

Всушност, вистинската уметност и наука доаѓаат од сферата на духот, а вистинските уметници и научници го истражуваат внатрешниот и надворешниот свет, водени од силниот порив да ја разберат мистеријата на животот, а не да бидат споменувани и славени од луѓето. Желбата да ги пронајдеме одговорите на вечните прашања, поврзани со нашата егзистенција и со мистериите на природата и на светот околу нас е вткаена во нашето битие и затоа сечиј придонес на тој план, голем или мал е толку важен…

На прашањето за нивната желба да остават нешто зад себе, поединци одговараат дека тоа е начин да им се оддолжат на претходните генерации, кои со својот труд, колку што знаеле и умееле, придонеле за нашето сегашно разбирање за тоа како функционира овој свет и овој живот. Зад нивната племенита желба е сознанието дека многумина, на свој начин и во рамки на своите можности, несебично учествувале во развојот на нашиот вид и на нашата цивилизација. Таквата желба да се остави нешто зад себе е позитивна и има смисол, зашто не е лична и егоцентрична. Добар пример за тоа се многу филозофи и духовни учители во древната Индија, кои често пишувале под псевдоними, не сакајќи да се експонираат во јавноста и да го „провоцираат“ своето его. Таа скромност е резултат на разбирањето дека ние всушност продолжуваме од нивото до кое стигнале генерациите пред нас и дека сме уште една перла во ѓерданот наречен човештво…

Во тој контекст, сè повеќе ме мачи прашањето – што нашата генерација им остава на идните поколенија…

Проблем

Не е проблем кога некој е ограничен, проблем е кога мисли дека е паметен, а кога мисли дека е и мудар, па другите треба да го слушаат и да го следат, тоа е проблем на квадрат… Всушност тоа е катастрофа.

Скапоценото камче

На патот од домот кон блискиот мол, поминувам покрај една градинка. Во летните месеци во дворот постојано „врие“ од деца, а нивниот џагор, помешан со гласовите на воспитувачките,  се слуша оддалеку. Во помали или поголеми групи обично трчаат, се бркаат, играат со топка, а некои се качуваат по специјално поставените дрвени конструкции. Но, забележав дека секогаш има неколку деца кои фатени за оградата, поставена паралелно со улицата, ги гледаат возилата и минувачите кои тука се движат. Еден ден, додека поминував покрај оградата здогледав едно мало убаво девојче со умни и бистри очи кои ме гледаа. Ја испружи раката низ оградата и ја отвори дланката, на која имаше мало убаво камче. И тогаш ми рече дека ми го подарува. Изненаден, во моментот сакав да го гушнам тоа „мало човече“ и да ја прашам како и е името. Но, наместо тоа, само го земав „подарокот“ и се насмевнав и се заблагодарив. Продолжив по патот, свесен дека не го направив тоа што го сакав, зашто некоја од воспитувачките можеби ќе помисли – кој е овој чуден чичко и што сака од детето… И тогаш ме обзеде некаква тага и си помислив – во каков свет живееме…

Циклуси

Попрво Универзумот ќе го заврши својот циклус на постоење, отколку што ние луѓето ќе се вразумиме.

Маките на метузалемите

Во последните 170 години, во периодот од 1840 до 2010 година,  забележано е огромно зголемување на човечкиот животен век. Научниците кои ова го проучуваат, сметаат дека тоа најмногу се должи на напредокот на медицината – во контекст на пронаоѓањето вакцини против заразни болести, подобрувањето на превенцијата, подоброто лекување на болестите, подобрата исхрана, животниот стил… Врз база на тоа, тие сметаат дека животниот век на човекот е помеѓу 110 и 120 години, наспроти 45-те години во 1840 година. Но, ако живееме во Газа или во некоја од сиротинските четврти на мегаполисите или на места без вода за пиење и основни услови за каков–таков пристоен живот, тогаш не знам зошто ни се тие 120 години поминати во пекол и измачување, заборавени од останатиот „цивилизиран“ свет.

Вештачка интелигенција

Кога во догледно време вештачката интелигенција доволно ќе се развие и ќе „сфати“ колку големи штеточини сме ние луѓето, се прашувам дали можеби ќе посака да нè уништи…

Модерно идолопоклонство

Понекогаш се прашувам, зошто создаваме идоли од познати и славни личности – спортисти, музичари, глумци… Зошто сакаме да се поистоветуваме со нив, да ги идеализираме, да ги имитираме и копираме во облекувањето, однесувањето… Зошто нивните кажувања за најразлични теми ги сметаме за меродавни; зошто сакаме да бидеме во нивното друштво, да се сликаме со нив, да им бараме автограми, да формираме клубови на нивни обожаватели, да бидеме нивни фанови… 

Оваа појава е интересна и поради тоа што опфаќа луѓе од разни возрасти и разни социјални групи. И додека кај младите оваа потреба ми е разбирлива, а понекогаш дури и симпатична, кај возрасните таа не ми е јасна. Кај младите постои потреба за припадност на групата, што е разбирливо, зашто тоа е период кога го градат личниот идентитет, кога ја создаваат сликата за себе, кога е изразена потребата од надворешно вреднување и во тој контекст ако барем и малку се доближат до „славниот“ и тие добиваат на значење.

На таа тема има една симпатична анегдота. Во седумдесеттите години од минатиот век, во поранешна Југославија, многу луѓе заминувале на работа во земјите на западна Европа, особено во Германија и Франција, и биле познати како гастарбајтери. Таму заработувале, штеделе и по неколку години печалба се враќале дома и купувале автомобил, стан… Еден од нив бил и нашиот „јунак“ Драган, кој работел на одржување, како сервисер во еден ресторан во Париз. Таму се вљубил во една девојка и сакајќи да ја импресионира, почнал да размислува што да направи. Во еден момент се сетил дека во ресторанот, секоја недела, заедно со пријателите доаѓал актерот Ален Делон, светска мегаѕвезда. И тогаш, му се родила идеја. Некако собрал сила и еден ден му пришол на познатиот актер, се претставил и му го објаснил својот план. Му рекол дека идната недела, заедно со девојката ќе биде во ресторанот и го замолил ако сака, кога ќе поминува покрај нив, само да го поздрави. На актерот тоа веројатно му било симпатично и прифатил. Идната недела, како што му ветил, поминувајќи покрај масата, каде Драган и девојката седеле, актерот се насмевнал и рекол: „Здраво Драгане“. На тоа нашиот „јунак“ го поздравил и му рекол: „Извини Алене, со девојката сум, ќе се видиме, ќе зборуваме друг пат“… Не знам колку поени добил Драган кај девојката, но мора да му се признае креативноста.

Често, се создава умислена врска со идолот, која понекогаш поминува во следбеништво. Таа потреба за припадност на групата понекогаш е резултат на осаменост и несигурност и тогаш е многу полесно кога постои групен идентитет. Голема улога во оваа појава имаат медиумите, кои во трката за гледаност и профит, агресивно и со претерување создаваат ѕвезди и идоли, многу често за т.н. една употреба. Потоа тие „славни“ фаци, од кои некои отпеале три песни или се појавиле во еден, два филма, почнуваат да стануваат мерило за вредности и модели на однесување, имаат мислење за сè и за сè зборуваат во своите бројни интервјуа.

Kaј младите, во нивниот развој често постои потреба од личност која ќе биде пример и која ќе влијае на нивното формирање. Меѓутоа, таа возраст, меѓу останатото, ја карактеризираат поводливост и некритичност, па понекогаш нивните идоли се поединци успешни во некоја област од животот, но често проблематични како личности. И тогаш, како резултат на тоа „идолопоклонство“, почнуваат да се случуваат чудни, а понекогаш и бизарни работи – се купуваат дресови со името на некој славен спортист за „само“ 99 евра; богатите фанови на аукции купуваат облека што ја носеле нивните идоли, плаќајќи за тоа „задоволство“ стотици илјади евра или долари, потполно индиферентни за сè поголемата сиромаштија околу нив. Околу новите идоли се создава цела индустрија за забава и тогаш треба да станеме свесни дека со нашето однесување и ние овозможуваме тие спортисти, претежно млади луѓе, да добиваат неделна плата од неколку стотици илјади евра!!! Тоа се случува и во други области – некој познат пејач да добие милиони за еден концерт или на пример глумец кој добива милион долари за дваесет минутна епизода од популарна хумористична серија…

Ова појава не е поволна за никого, особено за тие главно млади луѓе, кои потоа, откако ќе поминат нивните 5 минути, најчесто го губат „компасот“. Едноставно, не е здраво за психата на тие модерни „гладијатори“ да поседуваат повеќе пари од, на пример, буџетот на „мала африканска држава“. Уште поголема штета е што повеќето од тие нови „идоли“, со чесни исклучоци, стануваат егоцентрични, со многу високо мислење за себе и за тоа што го прават…

Како и да е, нашата потреба од обожување продолжува, само што сега божествата и идолите од минатото, ги заменуваме со „славни“ личности и мегаѕвезди. За жал, во ова „изместено време“, речиси сите слушнале за некој надежен фудбалер на 17 години, на кого му се нудат милиони да потпише договор со некој од клубовите кои се „тепаат“ за него; а повеќето не слушнале за некои научници, филозофи, лекари без граници, еколошки активисти и ред други поединци и организации кои секојдневно придонесуваат за доброто на човештвото… Но, она што е најпоразително е што се чини дека на тој начин своите празни и монотони животи, ги живееме низ животите на своите идоли, мечтаејќи, живеејќи во илузија и чекајќи да ни се случат „големите“ работи…