Гуливер

Најголемиот проблем на денешницата е што светот го водат главно политички, религиозни и духовни Лилипутанци.

Алцхајмер

Како што старееме сè почесто ја посетуваме капелата испраќајќи ги нашите блиски. Таму често се слушаат разговори, мислења и мудрости – колку сме неразумни, постојано меѓусебно се караме, се расправаме, се нервираме и лутиме за ситници, а еден ден сите вака ќе завршиме и нас ќе нè испратат… И тогаш, на тоа место и во тие мигови, понизни и тажни, сите стануваме филозофи и знаеме како од сега треба да живееме. Но, набрзо се случува чудна работа. Кога ќе го испратиме упокоениот и ќе тргнеме кон своите домови, често уште на првите семафори ќе се налутиме и ќе се скараме со некој „невнимателен“ учесник во сообраќајот и ќе се вратиме на „добрите, стари“ матрици на однесување. Гледајќи го тој духовен Алцхајмер, се прашуавам дали бадијала ни побелеле косите.

Не ни е дадено

Честопати, во контекст на вечните прашања, од многу луѓе ја слушам изјавата: „Не ни е дадено да знаеме“. Се прашувам како дошле до ова сознание и кој е тој или што е тоа што нè казнува и не ни дава да знаеме. Јасно е дека не е лесно да се живее без одговори, но за мене пршањето е што ние правиме во насока да дознаеме. Ако не правиме ништо, освен што се жалиме и обвинуваме некој непознат ентитет за нашето неразбирање, тоа сигурно не е начин да ги дознаеме одговорите. Попрво е начин брзо да станеме апатични, разочарани циници и нихилисти, што сигурно не е „добитна“ комбинација… Не значи дека нашата идеја дека не ни е дадено да знаеме е точна, само затоа што ние не разбираме…дека ни е дадено.

Ментална благосостојба

Времето во кое живееме и состојбите кои се составен дел од нашето секојдневие, сигурно не се погодни услови за ментална благосостојба. Всушност, попрво нè тераат да се запрашаме „Што беше тоа ментална благосостојба?“ Јасно е дека денес мораме сами да се бориме за неа. И ако не сега, кога ќе го сториме тоа? Освен, ако не мислиме дека некој друг ќе го направи тоа за нас.

Прави добро

Пред извесно време, мојот пријател, оториноларинголог, ми раскажа „интересна“ случка. Еден ден во неговата ординација влегол човек, очигледно сиромашен и му се пожалил на болка во ушите. На барањето да му ја даде здравствената книшка, човекот му рекол дека нема. Мојот пријател се сожалил и му направил преглед, кој патем подразбира поблизок контакт поради самата позиција на главата. Откако завршил, му рекол дека сè е во ред и дека болката е можеби од настинка. Човекот се заблагодарил и веднаш си заминал. Потоа мојот пријател посегнал по мобилниот телефон да се јави кај некој пациент, но забележал дека телефонот, кој дотогаш бил во џебот од мантилот, го нема. И тогаш сфатил дека човекот кого бесплатно го прегледал, не бил само „сиромашен“, туку и многу добар глумец вешт со рацете или народски кажано имал „лепливи“ прсти.

Откако ми ја раскажа случката, се сетив на народната поговорка: „Прави добро и добро ќе ти се врати“ и се запрашав дали поговорката важи и денес или и таа има рок на траење.

Луј Витон

Пред некое време, додека купував на пазар, на оградата забележав закачена ташна на која некој, со дебел фломастер, напишал „Луј Витон“ (алудирајќи на неодманешниот скандал со изнуда на пари). Се насмеав и во исто време ме исполни надеж дека сè уште има спас за нас. Сè додека и за лошите и тешки работи, со кои сме опкружени, можеме да направиме шега и да се насмееме, значи дека сè уште во нас го има тој дух – „Балкански“.

Пчела или трут

Понекогаш, еден збор или реченица можат многу прецизно да отсликаат одредена состојба или карактеристика и кај поединци и во општеството. Денес, сите, особено политичарите, божем нешто работат, се фалат, зборуваат, ветуваат „брда и долини“, се разбира пред избори и потоа сето тоа го „забораваат“. Овој тип луѓе многу добро ги опишува коментарот: „Многу зуи, малку мед дава“. Се разбира дека ова не е „привилегија“ само на политичарите, тоа денес е тренд.

Дрон

Свесноста е како дрон со кој можеме од дистанца да ги осветлиме лавиринтите на нашиот ум, за да ги набљудуваме и истражуваме.

Повеќе и помалку

Колку повеќе се запознавам себе, сè помалку имам причини и потреба да се лутам на однесувањето на другите луѓе и на нивното дејствување… Едноставно, само гледам да се заштитам од нив, но и од самиот себе.

Последици

Не знам колку сме свесни за вистинската димензија на штетата која ја прават „властодршците“ и политичарите, но и ние, „тивкото“ мнозинство, со своето дејствување или недејствување. Гледано од јогиска перспектива, сите наши дејства и акции, оставаат траги во нас, но и во другите луѓе, во форма на самскари – импресии, потсвесни тенденции. Самскарите го обликуваат нашиот карактер и влијаат на нашите избори, ставови и одлуки, со еден збор имаат огромно влијание врз насоките во кои ќе се движат нашите животи – сегашни и идни.  Ако барем малку размислиме за ова, веројатно ќе останеме ужаснати од далекусежните последици на нашето себично, хаотично и непримерно однесување и дејствување, на многу идни генерации, вклучувајќи не и нас самите, во некој иден живот.

Модерна технологија на дело

Во близина на Центарот, на улицата се поставени три големи контејнери за смет. Од прозорецот, секојдневно, од утро до вечер, можам да видам поединци како ја пребаруваат нивната содржина. Една вечер, поминувајќи покрај контејнерите, забележав човек како наведнат над еден од нив пребаруваше по фрлените работи, а другарот му ја осветлуваше внатрешноста со мобилен телефон. И си помислив, види што ти е модерна технологија на дело, присутна во секоја прилика и во речиси сите аспекти на нашите животи. Можеби немаме пари да купиме леб, но мобилен мора да имаме – „ако држиме до себе“.

Децата vs. родителите

На курсевите кои ги одржувавме во Центарот, секогаш имаше многу млади луѓе. Индивидуалните консултации, како дел од наставата, беа можност да разговараме поединечно со оние практиканти кои сакаа да ги споделат со нас личните проблеми и дилеми од приватниот живот, кои во еден дел се однесуваа и на односот со родителите. Забележав дека дел од нив имаа нереални очекувања од родителите и често беа многу строги кога ги коментираа и проценуваа нивните постапки. Притоа, некако се изземаа себе од „проблемот“, што е и очекувано, зашто никој не сака да биде виновен, секогаш е полесно да се обвини некој друг. Секако дека немав готов рецепт за нивните проблеми. Всушност, и јас на нивна возраст имав слични недоумици и затоа ми се чинеше дека ќе им биде од корист ако им го раскажам моето искуство…

На еден семинар на кој присуствуваше и мојата мајка, во текот на едно од предавањата седев од страна и бев фокусиран на некои технички и организациски проблеми. Во еден момент, кога го подигнав погледот кон слушателите, ја видов и нејзе, мојата мајка, како внимателно слуша. И во тој чудесен момент не ја доживеав само како мајка, ја видов повеќе како човек кој, како и останатите, дошол нешто да разбере и да научи. И тогаш, во миг сфатив дека таа, како и мојот татко, за ништо не ми се виновни. Сите нивни добрини и грешки беа сосема човечки. Тие правеа сè за мене, најдобро што знаеја и умееја. Немаше причина да им се лутам, особено што и  јас, за воља на вистината, не бев „цвеќе за мирисање“.

Сакав да ги посоветувам практикантите да се обидат да ги гледаат и доживуваат своите родители не само како татко и мајка, туку и како луѓе кои имале свои родители, свои проблеми, кои живееле, работеле и ги правеле своите избори најдобро што можеле. Некогаш „погодувале“, некогаш „промашувале“… И на крајот, она што мислев дека е важно, беше да освестат што тие самите прават во односот со луѓето, кои во овој живот се нивни родители. Впрочем јогиската филозофија учи дека ние ги бираме родителите, во моментот кога свеста се спушта во матката на жената, која ќе биде нашата идна мајка. А и родителите би требало да бидат повнимателни со тие луѓе во „мало пакување“, кои не се табула раза и кои како и ние го носат во себе записот од минатите животи. Едноставно не знаеме кој доаѓа и стои пред нас, и што можеме и треба да сториме за него или нејзе.

Повторувачи         

Секогаш околу нас се случуваат чуда и настани од кои можеме многу да научиме, но ние често не сме добро „наштимани“, па тие случки и прилики само поминуваат покрај нас. Така, остануваме ускратени за драгоцени сознанија и чекаме некоја следна можност, која сигурно нема да биде ни полесна ни попријатна. И тогаш ќе треба да учиме на потежок начин, зашто таква е судбината на повторувачите.