Писмена задача

Се сеќавам на часовите по македонски јазик, во текот на основното и средното образование, на кои имавме писмени задачи. На одредени теми, кои ги задаваа наставниците, требаше да напишеме свое видување на темата. Тоа го правевме во големи сини вежбанки кои наставниците ги собираа на крајот на часот и по неколку дена ни ги враќаа оценети. Се сеќавам на возбудата додека ги отворавме вежбанките, за да видиме каква оценка сме добиле (од 1 до 5). Имаше тука различни оценки од кои најинтересни ми беа – единица со два плуса (има минимална надеж за тебе) или двојка со минус (пази, на работ си). Сепак, најинтересно ми беше кога наместо оценка ќе ја прочитав пораката на наставникот напишана со црвена боја „Си ја промашил темата“. Тогаш тоа ми изгледаше и важно и трагикомично во исто време. Денес не знам колку тие писмени задачи ми помогнаа да сфатам дека најважно е да не ја промашам главната идеја во темата „Живот“, која ни ја зададе еден друг Учител.

Комшии

Кога пред повеќе од две децении ја посетив Индија, ми оставија впечаток нејзината големина – од едно до друго место има и повеќе од 2500 км оддалеченост, и многубројноста на населението – тогаш на еден Македонец имаше 600 Индијци, а денес сигурно и повеќе. Исто така, бев изненаден од меѓусебното прифаќање и толеранција, кога гледав како поединци од разни секти, едни до други, ги вршеа своите обреди во светата река Ганг. Но, повеќе од останатото ме изненадија нивните лица. И покрај големата сиромаштија, повеќето од нив беа пријателски расположени и насмеани… За разлика од нас, на ова мало парче земја, на кое речиси сите сме комшии, но со чудни манири, во стилот „да му умре козата на комшијата “.

Во земјата на чудата

Понекогаш, кога го враќам „филмот“ назад во своето детство, пред шеесеттина години, се сеќавам на нешта кои децата од денешните генерации никако не би можеле да ги замислат. Како би можеле да сфатат дека во зградата во која живеев, од петнаесетина семејства, само едно имаше телевизор – црно-бел. Се собираавме кај нив, секој по нешто ќе донесеше и гледавме разни емисии, на единствениот канал, кој емитуваше програма само во неколку вечерни часови! Како би можеле да сфатат дека пред зградата беше паркиран само еден автомобил. Се сеќавам колку бев фасциниран од тој форд таунус, син, со интересна полутопка на хаубата и со регистарски таблички на кои беа напишани само буквата М – Македонија и неколку броеви. Како би сфатиле дека тогаш се појави единствениот сладолед Ескимо, на Скопската млекарница, а наместо чоколади јадевме грозни шеќерни табли… Дали и колку денешните деца, израснати со паметни телефони, брзи интернет врски, компјутери, окружени со огромни телевизори, електрични автомобили, вештачка интелигенција и постојано нови и нови производи на модерната технологија, можат да го разберат тоа не толку далечно минато на нивните татковци и дедовци… Размислувајќи за тоа време и за начинот на кој денес живееме, сепак се прашувам дали ваквиот живот повеќе ни одзема, одошто ни дава…

Многу, многу…

Многу „учители“ мислат дека се многу духовни, а всушност се многу духовити, зашто многу од она што го кажуваат е многу смешно… Освен кога не е многу трагично.

Три фази

Еден пријател ми кажа дека во животот на човекот постојат три фази – младост, зрелост и „добро изгледаш“. Понекогаш, хуморот е вистинскиот начин да се кажат вистинските работи.

„Заједно смо јачи“

На часовите, предавањата и работилниците, при обработка на некои суштински теми од јогиското учење и од животот, понекогаш се соочував со молк од „другата“ страна или со млака повратна реакција. Тоа не значи дека темите не им беа интересни на практикантите, но дискусијата знаеше да биде „тенка“, повеќе од очекуваното. Не сакав никого да притискам на некакво поактивно учество во тие разговори и пред сè, се преиспитував себеси. Но, понекогаш ја посочував важноста на меѓусебната интеракција и користа од неа. Во тие разговори, размислувањата на другите можат да бидат многу полезни и поттикнувачки, зашто сечиј ум има своја „траекторија“ по која се движи, па некогаш ќе чуеме размисли и идеи на кои воопшто не сме помислиле. Таа размена на мислења и искуства е вистинско богатство… Барем за мене беше така. Ми значеа нивните кажувања, зашто ме „туркаа“ напред и беа предизвик за заедничко напредување, за разлика од молкот, кој таа ретка можност ја ускратуваше… Затоа, не треба да заборавиме дека јогата не е вежбање на сложени техники, мижење во „медитација“ и заспивање во релаксацијата, таа е нешто многу повеќе.

Глад

Лагите, манипулациите, лицемерието, хипокризијата и другата расипана „храна“, што ни ја сервираат политичарите, предизвикуваат „духовен пост“, но од друга страна, го буди и зајакнува гладот за вистинската храна – духовната.

Good times, bad times

Во една прилика разговарав со виолинистот Леонид Пејсахов за влијанието на општествените околности врз уметноста и воопшто врз нашите животи. Во тој контекст, ми ја спомена руската поговорка: „Лоши времиња поминуваат, силни луѓе остануваат.“ Нема сомнеж дека во таквите времиња треба да се биде силен и храбар, за да се остане „на нозе“, но мене на размислување ме повлекоа зборовите „лоши времиња“… Ако има лоши времиња, значи има и добри, па се запрашав како ги разбираме и толкуваме. Ако под лоши времиња подразбираме периоди на војни, пандемии, природни катастрофи, политички и социјални превирања и немири – кои всушност постојано се повторуваат, само со различен интензитет, тогаш ми се чини дека низ историјата имало малку мирни и добри времиња, и затоа повеќе ми изгледаат како кратки секвенци помеѓу трагичните настани.

Кога велиме добри и лоши времиња, обично мислиме на нивното влијание на човештовото во подолги временски периоди, но мене ме заинтересира што тие значат за обичниот човек, во тие просечни осумдесетина години од неговиот живот, што носат со себе и какви последици оставаат. Помислив како овие дијаметрално различни времиња би ги опишала мојата баба, родена на почетокот на дваесетиот век. Дали за нејзе добрите времиња би биле кратките временски периоди помеѓу Балканските војни, помеѓу Првата и Втората светска војна… Како би ја опишала повоената пустош, периодите на глад, сиромаштија, болести и загуби на блиски; што би ми кажала за Информбирото, Голиот оток, Црвената буржоазија, Маршалот во бело… Слушајќи ја кога ми раскажуваше за својот живот, често се прашував како ние денес ги дефинираме добрите и лошите времиња. Дали се тие исти за сите или се истовремено добри за едни, а лоши за други – за оние кои ја плаќаат „сметката“; како на нив гледаме кога сме млади, а како кога сме возрасни…

Всушност, колку нашата субјективна проценка на она што го нарекуваме добро или лошо ја замаглува нашата перцепција, па не можеме да видиме дека времињата тешко дека можат да се дефинираат само како добри или само како лоши, зашто најчесто се неурамнотежена мешавина од двете.

Пропуштен повик

Како што старееме сè повеќе размислуваме за тоа што направивме во животот. И тогаш си го поставуваме „прочуеното“ прашање: „Где си био и шта си радио?“ Одговорот, за жал, најчесто не е многу задоволителен, па почнуваат да се нижат и други „незгодни“ прашања. Понекогаш во недоумица велиме: „Кога бев млад, бев многу љубопитен – полн со прашања, сè ме интересираше… Каде е сега сето тоа, како спласна и се изгуби тој ентузијазам со кој бев исполнет, додека ги барав одговорите… Како заборавив и каде исчезна интересот за нештата кои ми беа толку важни?“ Во таквите прилики и неприлики, особено ме интересираа малубројните поединци, кои во секојдневната гужва, раздвиженост и бука, сепак го слушнаа внатрешниот „повик“, ехото на вечните прашања – кој сум јас, од каде доаѓам, каде треба да одам и како?

Се прашував, како дури и на нив, со изразен интерес за овие прашања, сепак им се случуваше да ги заборават. Сфатив дека всушност тоа важи речиси за сите оние во кои, со помал и повисок интензитет, се појавил интересот за енигмата на нашето постоење. Се прашував зошто дозволуваме секојдневието и околината да нè одвлечат на некои туѓи „патишта кои немаат срце“; зошто дозволуваме да се изгубиме во лавиринтите на некои општествени конвенции и потоа некои непознати луѓе, одозгора, да управуваат со нашите животи; зошто залудно ја трошиме енергијата и времето кои ни се дадени, на помалку важни или сосем неважни работи; зошто прифаќаме да се изгубиме себеси и потоа да се прашуваме – каков човек бев, а каков станав…

Ова е една од најтешките и најтажните ситуации во нашите животи, кога откриваме дека не сме го направиле најважното – не сме тргнале во потрага по одговорите или сме тргнале, па некаде по пат сме застанале или сме заталкале во погрешна насока и сме се изгубиле… И тогаш, разочарани се прашуваме – има ли шанса за нас, ако не во овој живот, барем во наредниот… Можеби и има, но прашање е дали и тогаш ќе се сетиме што треба, без одлагање, да правиме или ќе ни се случи повторно да го пропуштиме повикот. ●