Текст: Записи од секојдневието | Автор: Стеван Милиќ
Антививека
Еден од клучните поими во јогиското учење е вивека. Овој термин, накратко објаснет, подразбира „способност за расудување и распоредување на работи и поими според нивните вистински својства… Вивека значи поништување на незнаењето и разликување на вистинското од лажното, вечното од ограниченото, личноста од Себството – Душата…“.
Токму овој висок квалитет на функционирањето на умот, кон кој се стреми духовниот практикант е причина поради која понекогаш се прашувам, зошто меѓу „јогините“ се чести приврзаниците на теориите на заговор, антиваксери и сл. Дали станува збор за личносни предиспозиции или практиката на јога може да има одредено влијание? Имено, треба да се има предвид дека јогата е „лизгав“ терен, особено за оние кои не ги краси критичкото размислување, што води до непосакувани последици.
Поединци кои предаваат јога, понекогаш се толку фасцинирани со оностраното, што тоа почнува да наликува на опсесија. Проблем е кога тоа се случува за сметка на овостраното и кога влијае на нивните практиканти. Во контекст на оваа појава, се сеќавам на коментарот на јаки шаманот Дон Хуан Матус дека старите видовњаци од неговата лоза биле толку обземени со истражувања на оностраното, што го занемариле овостраното. Затоа, кога пристигнале шпанските конквискадори, лесно ги истребиле.
Денес, кај некои „вљубеници“ во оностраното се случуваат препознатливи појави, кои имаат негативно влијание не само на нив самите, туку и на нивните практиканти, поточно следбеници. Една од најопасните е чувството на „супериорност“ во однос на „обичните смртници“. Мислејќи дека многу знаат за оностраното, со голема жар и увереност, тие сакаат да има го „пренесат“ своето „знаење“. Убедени се во својата „света мисија“ да ги просветлат неуките. Уживаат да зборуваат и да го споделуваат прочитаното за оностраното – и со своите истомисленици, но и со другите луѓе. Најчести теми во нивните монолози се енергијата, паранормалните (не)способности, граничните подрачја, реинкарнацијата…Дури сметаат дека тоа што го говорат е точно и супериорно во однос на науката, иако најчесто е неосновано и без докази. Чудните миксови на оностраното и овостраното кои ги прават, обично се базирани на прочитаното, во кое се потполно уверени, иако не е резултат на личното искуство. Инаку, „доживувањата и визиите“, како обично ги нарекуваат, се многу субјективни и дискутабилни. Во тој контекст им придаваат преголемо значење на своите „медитативни“ искуства, кои патем не се ништо ново и „спектакуларно“ и често се сосема вообичаени појави во практиката – кога се правилно разбрани и протолкувани.
Кон другите духовни учења, овие „духовњаци“ се или исклучиви и го сметаат своето за точно и најдобро или прифаќаат се што е под знамето на духовноста и го толкуваат тоа како потврда на „нивните“ кажувања. Интересното кај овие поединци и групи е што за случувањата во животот за нив нема тајни, се им е јасно. Но сепак, најинтерсното е што за сите проблеми и очигледни грешки во својот живот секогаш имаат објаснувања, кои доаѓаат од пространствата на оностраното и обично го носат префиксот карма.
Размислувајќи за овие луѓе, се сетив на Сократовото кажување дека луѓето сакаат да верувате во нивните ставови и решенија, а не да размислувате со своја глава. Затоа е најважно самостојно да размислуваме и секогаш да го преиспитуваме слушнатото или прочитаното, без оглед кој авторитет тоа го кажал. Некој можеби ќе забележи дека ова се коси со духовните учења, во кои се вели дека она што кажува учителот е неприкосновена вистина. Оваа „контрадикција“ е само привидна ако имаме на ум дека денес сме опкружени со учители и „учители“. Затоа, треба да почитуваме сечие мислење, но и да бидеме претпазливи, особено кон оние кои сакаат да бидеме нивните клонови, а не да бидеме свои.
Набљудувајќи ги и слушајќи ги овие „напредни јогини“, понекогаш се чувуствував нелагодно што предавам јога, зашто за луѓето сите сме исти. Овие појави кои се чести на патот на јогата, а веројатно и во другите духовни учења, јасно ни укажуваат дека во отсуство на критичко мислење, се случува антививека и тогаш теориите на заговор лесно стануваат единствената вистина.
Факт е дека денес живееме во свет во кој профитот го замени Бога и во кој смислата на животот, за повеќето луѓе, е во сетилните уживања и во забавата. Знаењето и мудроста станаа далечни и за нив обично говорат „стручњаци“ и мотивациски говорници. Ваквата ситуација на општо заглупување ја поддржуваат „властодршците“. Всушност тие и ја предизвикуваат, зашто им одговара да веруваме во најразлични теории на заговори, кои во нашите умови предизвикуваат конфузија и чувства на несигурност, немоќ, страв, лутина, бес, апатија, депресија – со луѓе во таква состојба лесно се манипулира и владее. Затоа ваквата ситуација не треба да нè чуди.
Денес, во т.н. либерален капитализам или технофеудализам, како што го нарекува грчкиот економист Варуфакис, сите знаеме дека има многу поединци и групи кои имаат моќ и богатство и безмилосно ги газат сите кои ќе им се најдат на патот. Идеите кои ги смислуваат нивните извитоперени умови, се честа мета на теоретичарите на заговор, но мислам дека и тие „тајни“ групи и елити, кои веќе и не се тајни, прават сметка без крчмарот. Всушност, нашиот главен проблем сме ние самите. Пандемијата на ковид-19 некако помина, но пандемијата на глупоста Г-300, која е активна уште од почетоците на нашиот вид, пред 300 илјади години, сè уште е тука, дури и забрзано се шири.
И ние, обичните луѓе, како и оние кои мислат дека се семоќни, не разбираме или не сакаме да разбереме, дека ваквиот начин на размислување и дејствување води во самоуништување од кое никој не може да биде поштеден. Зашто, без оглед дали ние разбираме или не, Универзумот не го поддржува ваквото наше однесување.
Добро е, во тој контекст, да размислиме за кажувањето на еден учител: „Структурата на Универзумот е во таква рамнотежа, што ако би можеле да извадиме само една игла, тој би се срушил“. Она што не би требало никогаш да заборавиме е дека не смееме да бидеме пасивни; постојано и со сета сила треба да ја одржуваме нашата внатрешна рамнотежа и да се обидеме да се ускладиме со Универзумот, зашто тоа значи живот, а спротивното е смрт.
Навредениот бездомник
Пред блискиот маркет, во кој обично пазарувам, често седи еден бездомник со ранец и неколку големи кеси. Понекогаш му оставам пари, а понекогаш нешто што сум земал за јадење. Еден ден, кога поминував покрај него, ме запре и ме праша дали имам да му дадам некоја јакна, зашто ноќите сè уште се ладни. Гледајќи го облечен во два џемпера и тенок мантил, му одговорив дека ќе погледнам дома да видам дали нешто ќе најдам. И навистина, кога се вратив, се сетив дека имам потполно нова јакна, која од некоја причина никогаш не сум ја облекол; веројатно сум бил „емотивно“ врзан за старата. Се израдував и ја спакував во убава торба, да изгледа како „купена“. Утредента тргнав малку да прошетам. Му ја однесов јакната на бездомникот и продолжив со прошетката. На враќање, кога ме виде, ми мафна да дојдам и потоа, некако незадоволен, ми кажа како јакната му е многу дебела. Збунет од неговата забелешка, му реков да ја продаде или нека ја даде некому. Продолжив кон дома и веројатно под импресија на случката, се сетив на една анегдота од гимназиските денови. Еден човек, на патот кон фирмата во која работел, поминувал под еден мост, каде се сместил еден бездомник. Проаѓајќи тука секој ден, многу често му оставал по сто динари, но во последните месец дена му оставал по педесет динари. Бездомникот, не знаејќи на што се должи промената, еден ден го прашал човекот, зошто порано му оставал по сто динари, а сега „само“ по педесет. Човекот му одговорил дека почнал да гради куќа, па мора повеќе да внимава на финансиите, на што бездомникот помалку навредено му забележал: „Па добро, на мене ли најде да штедиш?“ Чудни сме ние луѓето, што би рекле нашите северни соседи: „Сто луѓе, сто карактери“.
Инквизиција
Кога сме болни или имаме некаков проблем со телото, често се жалиме како тоа е слабо и речиси му се лутиме. Изгледа дека имаме кратко помнење и забораваме како го мачиме и повредуваме своето тело – често премногу јадеме или консумираме нездрава храна, пушиме или пиеме, не го одмораме доволно, не спиеме редовно, ставаме во него секакви лекови и суплементи, го изложуваме на секакви, често непотребни и бесмислени напори и стресови, и што уште не; а тоа сирото работи ли работи и се бори некако да ги поднесе и поправи нашите грешки. Затоа мислам дека во однос на сопственото тело функционираме како инквизиција…
Библиотека
Пред многу години, кога ја посетив Света Гора, во еден манастир имав можност да ја видам нивната костурница. Во дворот во не многу голема просторија, на дрвени полици, налик на библиотека, беа наредени черепи на починати монаси. Не осетив нелагодност каква обично се чувствува во прилики кога тие остатоци се резултат на насилна смрт. Всушност, овие беложолтеникави черепи повеќе ги доживеав како наредени книги – секој череп еден монах, една книга, еден живот кој го оставиле зад себе и заминале на друго, подобро место.
Заостанат или…
Пред извесно време, еден пријател, малку на шега, малку сериозно, ме прекори велејќи ми дека сум заостанат, бидејќи немам паметен мобилен телефон и не сум присутен на социјалните мрежи. Искрено, неговата забелешка ме замисли, па сакав да проверам колку во неа има вистина. Факт е дека не сум голем љубител на овие телефони, иако модерната технологија ми е интересна. Мислам дека разумно и правовремено применета, таа дава добри и корисни резултати во разни области. Она што не ми се допаѓа е што денес премногу агресивно се инсистира на модерната технологија и на вештачката интелигенција и ми се чини дека тие почнуваат постепено да нè контролираат нас, наместо ние нив. Гледајќи околу себе, забележав дека односот кон модерната технологија е многу индивидуален и зависи од човек до човек. На пример, јас повеќе сакам во мир и тишина, рачно да ги запишува своите размислувања, зашто тој чин го доживувам како интимен процес во кој звукот на постојаното типкање по тастатурата и гледањето во екранот, некако ме заморува и деконцентрира…
Како и да е, ако ваквиот однос ме дефинира како заостанат во „технолошкиот развој“, тогаш сум заостанат… А можеби е поточно да се каже дека само сум старомоден.
„Уметност“
Кога изворната народна музика ќе се изроди, станува збирштина од евтини рефрени со лакримозни чувства и ниски страсти, наречена турбофолк; или како што еден мал „филозоф“ од градинка ја нарече „сељачка“ музика. Во неа ќе слушнете стихови од типот: „Сузама лепила сам тапете“, „Од модрица твојих плава сам ја, плава као небо без облака“, „Родиќу ти сина, краља кокаина“.
Затоа, може да се каже дека напредувањето на духовниот пат е како движење од турбофолк кон класична музика.
„Своје тело јачај…“
Понекогаш размислувам како со возраста се менува перцепцијата на нашето здравје. Кога сме млади, здравјето го земаме здраво за готово и обично не е многу во фокусот на нашето внимание. Често кога сме се шегувале на таа тема, сме велеле: „Своје тело јачај, да би стек’о општи значај“ или „У здравом телу, здрав звук“. Но, како што поминуваат годините, телото почнува да ни испраќа јасни сигнали дека бара „тајм-аут“ во сулудата трка по „успехот“, обично во форма на некој „брнаут, инфаркт или стент…“ И тогаш, во паника, сфаќаме дека некаде сериозно сме погрешиле, па почнуваме да правиме промени во насока на здрав живот – ја менуваме исхраната, симнуваме килограми, почнуваме да пешачиме, одиме на фитнес, зумба, тенис, јога… И овие промени, иако често само козметички, се добри, но главно не го дофаќаат суштинското значење на доброто здравје. Тоа лежи во сознанието дека телото е носач, храм на душата и дека сите наши обиди за добро здравје произлегуваат од потребата, за која не сме секогаш доволно свесни, телото да ни овозможи, односно да не нè попречува во обидот да ја откриеме смислата на нашите животи и да разбереме што всушност треба да правиме во таа насока… Тоа ме потсети на една сцена од животот на Анштајн, во која до последните мигови пребарувал по своите формули, за да открие барем уште некој дел од мистеријата на Универзумот.
Во јога, зад идејата за добро здравје и долговечност, всушност е потребата да имаме доволно време за непречена и континуирана духовна практика. Со неа треба да го постигнеме конечното ослободување од канџите на незнаењето и на материјата, и да го откриеме своето Себство и единството со Бога. Всушност, сите духовни учења, ја имаат таа цел, само патиштата и методите се различни. Еве што на пример, во таа насока вели една дефиниција за хата-јога, една од неколкуте нејзини базични форми: „…Хата-јога е разработен систем на техники и постапки чија цел е човечкото тело да го доведат до совршено функционирање, за да не подлежи на болести, стареење и на други ограничувања на обичното смртно тело. По учењето на хата-јогата, таквото совршено тело (siddha-deha), јогинот со понатамошни постапки ќе го преобрази во божествено тело (divya-deha), кое единствено му ја гарантира бесмртноста…“.
