ПРЕЧКИ. Откривањето и соочувањето со пречките кои предизвикуваат вознемиреност на умот, чита-викшепа, во која свеста е распрсната на сите страни, е еден од клучните елементи во практиката на јогинот. Патанџали наведува девет состојби на телото и умот кои ја предизвикуваат ваквата состојба. Тоа се: болест – вјади; изнемоштеност – стјана; колебливост – самшаја; немарност – прамада; тромост – аласја; отсуство на самоконтрола и неврзување – авирати; погрешно увидување – брантидаршана; немоќ да се напредува – алабдабумикататва, и нестабилност во постигнатото – анаваститатва.

ЕГО. На егото треба да се гледа како на продукт во процесот на еволуцијата на свеста. Егото или нè води напред или нè враќа назад, во зависност од тоа како функционира. Кога дејствува на примитивно ниво, ние сме како коњи со оглав – не гледаме ни лево, ни десно, само пред себе и за себе. Тука нема многу место за другите. Таквото дејствување нè спречува да видиме дека не сме центар на светот, барем не на таков начин, и дека како нас има повеќе од седум милијарди, кои можеби се разликуваат од нас по расата, полот итн., но сите, како и ние, имаат свои соништа, надежи и очекувања, копнежи, таги и радости, желби, стравови, страдања. Нè спречува да видиме дека секогаш ќе има понапредни и помалку напредни од нас, и дека мудроста во овој контекст значи да можеме да учиме од првите и да не дозволиме вторите да нè повлечат надолу, во нивната бесмисла. Нè оневозможува, како што забележа еден учител, да видиме дека разликата помеѓу нас и мајмуните е многу помала отколку разликата помеѓу нас и малкумината кои го реализирале својот духовен потенцијал. Ваквото примитивно его нè оневозможува да откриеме кои сме и да бидеме тоа што сме.

СВЕДОК. Во практиката треба особено да се внимава на постојаниот напредок во развивањето на моќта и квалитетот на медитативното задлабочување, и постигнување на стабилност во ставот на непристрасен сведок, набљудувач на сите ментални промени. Кога во тоа ќе успееме, и кога тоа ќе стане континуирана и непопречена состојба на свесност, ќе посведочиме, не само интелектуално, една од најголемите вистини што може да ни биде откриена – дека не сме само тело и ум, со кои се поистоветуваме, туку сме нешто многу повеќе – духовни суштества.

МИСЛИ. Не знам дали во вистинска мера можеме да ја сфатиме важноста на мислите, не само за духовниот развој, туку и воопшто во нашиот живот. Затоа е неопходно да ја откриеме нивната вистинска природа, да видиме какви мисли доминираат во нашиот ум, како се појавуваат, што ги предизвикува, какви последици носат, каква е нивната врска со чувствата, и зошто некогаш велиме дека мислите ни се пребоени со чувства.

Без одговори на овие прашања, директно сме изложени 24/7 на „теророт“ на мислите кои не развлекуваат на сите страни и ја одредуваат насоката на нашиот живот. Некои мисли се „гласни“, а некои се „тивки“. За некои не сме ни свесни, и на нив добро им прилега будистичкиот термин „мисловен подток“, односно мисли кои „течат“ под површината на примарната свесност, налик на морска струја чиј ток не се гледа на површината на водата.

Во сите духовни учења се потенцира важноста и улогата на мислите, и доколку не ја познаваме нивната вистинска природа, се поистоветуваме со нив, и полека но сигурно стануваме тоа што мислиме – сакале или не. Во контекст на важноста да се истражува оваа област, следат неколку кратки кажување на Свами Шивананда од Ришикеш, кои можат во тоа да не поттикнат:

Желбите стимулираат мисли, мислите се изразуваат како акции, а акциите ја плетат мрежата на судбината.

Мислата создава силна вибрација во секоја клетка од нашето битие. Клетката има тенденција да стане тоа за што најмногу мислиме и во зависност од тоа ќе се развива или ќе пропадне, ќе добие импулс на живот или на смрт.

Дури и кога ќе престанеме да постоиме во оваа човечка форма, нашите мисли ќе продолжат да вибрираат во секој дел од Универзумот. Така, и без да знаеме, нашите добри или лоши мисли покренуваат големи сили и предизвикуваат одредени последици.

МИСЛИТЕЛ. Практикувањето јога, меѓу останатото, значи постојан труд во откривањето на карактеристиките на нашите когнитивни процеси – мислењето, расудувањето, анализата… Целта е да научиме да мислиме, затоа што размислувањето не е само собирање и натрупување информации и цитирање на слушнатото и прочитаното, кое подоцна свесно или несвесно само го присвојуваме.

Во контекст на јогата, прилично е смешно и егоцентрично да се кажува: „тоа се мои мисли“, „тоа се мои зборови“, зашто клучните нешта во јога одамна се веќе кажани, а нам ни останува да се обидеме кажаното да го разбереме и посведочиме, за да може да стане дел од нас и нашите животи.

Да се биде мислител се учи и се вежба, и тоа е од најголема важност, зашто само чистиот и мирен ум е способен да ги разликува и распределува работите по нивното вистинско значење и важност, да прави разлика помеѓу вистинското и лажното, вечното и минливото, личноста и вистинското себство, и на тој начин да го надмине незнаењето. Само таквиот ум е способен за медитативно задлабочување и функционирање на повисоко, интуитивно ниво. Само таквиот ум може да нè донесе до предворјето на самореализацијата, и да ни ја отвори портата кон слободата. И тука, неговата улога завршува.