Кршење на лушпата…

Во целата таа гужва и возбуда, неговиот мал и сигурен свет почна постепено, но сигурно, да бледнее и да исчезнува, особено кога ги посведочи големата поплава и катастрофалниот земјотрес, кој во миг го разурна неговиот град. Ужасните глетки на разрушените згради, исплашените луѓе кои трчаа на сите страни во општиот метеж и приказните кои ги раскажуваа, во него предизвикаа голема вознемиреност, тага и страв. Неговото детство како да беше прекинато. Омилените нешта наеднаш исчезнаа. Веќе не можеше да игра жмурки и фудбал со другите деца ниту да собира сликички од фудбалери и да ги реди во големиот албум; веќе ги немаше малите „војни“ со децата од другото маало; не можеше да оди кај соседите, кои единствени во зградата имаа телевизор, и да ја гледа омилената серија „Експедиција“, во која како маѓепсан гледаше нови и за него сосем непознати светови. Не можеше со другите деца да гледа филмови, кои некои непознати луѓе ги проектираа на фасадата на соседната зграда, ниту да ја слуша омилената радио емисија „101 приказна“ во која некој чичко со таинствен глас, секоја вечер во 19 часот раскажуваше приказни… Сликите на двоспратните автобуси кои заедно со ретките автомобили, преку камениот мост одеа во другиот дел од градот, вкусот на првите сендвичи со виршли и новиот „ескимо“ сладолед, „страшниот“ мотор на неговиот татко, сликите на Патрис Лумумба кои, од некоја непозната причина, ревносно ги собираше од печатот, чешелот што го доби на училишната новогодишна лотарија, сето тоа почна да станува сеќавање…

Но, животот не запираше, само го менуваше начинот и брзината на кој се одвиваше. И така, со доаѓањето на есента, тој продолжи да оди на училиште, сега во ново училиште, опкружен со некои други деца со кои се запознаваше. 

Од годините поминати во основното училиште му останаа и убавите сеќавања на часовите поминати во секциите по ликовно и ОТО, на кои цртаа, правеа макети од картон и шперплоча, честитки за нова година, колажи, предмети од пластелин… Тука свое „посебно“ место имаше и „кошмарот“ кога ја доби првата, но, за жал, не и последна единица. Додуша, имаше и пофалби од учителката дека е омилен меѓу соучениците, зашто на сите сака да им помогне, што беше вистински „мелем“ за неговите родители, кои беа горди како го воспитале своето дете.

Ги памтеше тие години како невини и наивни, време во кое сите беа „исти“ – сите по домовите имаа исти троседи и фотељи, креденци и радија, шпорети, а на училиште сите ги носеа сините работни облеки.

Во месеците и годините што следеа, времето после часовите обично ги поминуваше или во игра, или во библиотеката на неговите родители. Од нив ја наследи љубовта кон книгите, па освен задолжителната лектира, „голташе“ најразлична литература – од книгите за Тарзан и Винету, кои ја разгоруваа неговата детска фантазија, до подоцнежните дела на Жил Верн, Зен Греј, Џек Лондон… Прочуената книга на Брем „Како живеат животните“ и детските енциклопедии, со нивните шарени корици, останаа засекогаш врежани во неговиот ум…

Времето брзо му поминуваше и како што одеше во повисоките класови, деновите му ги исполнуваа нови познанства, повеќе дружење со другарите и помалку учење, по што следеа не баш добрите оценки, на „ужас“ на неговите родители.

Дечко што ветува…

Она што го одбележа периодот на средното школо беа музиката, книгите, филмовите, спортот… Тоа беше креативно време кога парите, не дека не беа важни, но не беа ни пресудни, барем така тој ги доживуваше. Тогаш подрумските простории со малку иновативност и фантазија се претвораа во т.н. „клупчиња“, каде се собираа и дружеа слушајќи ги фантастичните Цепелини, Џетро Тал, Пинк Флојд, Џими Хендрикс… Беше вистинско доживување кога „лонгплејките“, кои патем не се наоѓаа лесно, можеа да ги слушат на новите марки грамофони – Тоска, Турандот…

Секоја недела во два часот наутро, со „религиозна посветеност“, ја слушаше топ листата на легендарното радио Луксембург… Таа љубов кон музиката остана трајно во него, и кон делата на класичните, но и на современите автори, чија музика и хармонија будеа во него возвишени чувства и го хранеа неговиот дух.

Беше голем вљубеник во кошарката и се сеќаваше на „исцрпувачките“ баскети, после кои следеше задолжителната боза кај Апче, како и на натпреварите во спортската сала на Работнички, кога заедно со другарите „вооружени“ со лонци и капаци создаваа пеколна бука, за да го „збунат противникот“…

Инаку, тоа беше време на џинсот и првите фармерки – Рифле, кои подоцна ги заменија култните Левиски, како што и популарните кинески патики Шангајки, набрзо ги заменија престижните Старки. Како и сите млади, беше среќен кога ги купи и заедно со долгата коса, поради која често го бркаа од часовите, беше „горд“ претставник на младата генерација – „дечко што ветува“.

Сакаше да гледа филмови. На почеток тоа беа вестерните што ги гледаше со неговиот татко и секогаш беше тажен кога Индијанците ќе „изгубеа“. Подоцна, кога порасна, уживаше да ги гледа Фелини и Куросава, но му требаше време да ги „свари“ длабоко вознемирувачките теми и атмосферата во филмовите на Бергман и Кишловски, и допирот со нови дилеми и прашања поврзани со нашиот внатрешен живот… 

Беше тоа период кога можеше да патува низ целата земја. На лето одеше на море, на синиот Јадран, и обидувајќи се да не го оптоварува „домашниот буџет“, заработуваше работејќи преку младинската задруга. Подоцна, почна да патува по околните земји и да ја запознава „големата“ Европа…

Две реалности…

Во тие години интензивно читаше, а претходните писатели постепено ги заменија Достоевски, Андриќ, Селимовиќ, Маркес, Џубран, Сингер, Саројан, Хесе, Фром…, носејќи му увиди во една сосема нова внатрешна димензија на животот… Од друга страна, Ремарк, Солжењицин и Штајнер, како и кажувањата за Голиот оток, кој во една прилика го посети, му открија една поинаква, мрачна реалност, длабоко скриена зад завесата на секојдневниот живот. Тогаш, реченицата која во една прилика му ја кажа неговиот татко: „Синко, историјата ја пишуваат победниците“, доби сосем нова димензија и го стави во дилема – колку тоа што го читал и мислел дека е вистина, навистина е точно? Беше вистински потресен и исплашен од таа темна страна на човечката природа и до каде може да нè одведе… Размислуваше за изјавата на еден филозоф: „После Аушвиц веќе не можеме да зборуваме за цивилизација“, а се сети и на Мартин Лутер Кинг, кој во една прилика се запрашал: „Зошто лошите луѓе секогаш добро се организираат, а добрите луѓе не успеваат во тоа?“.  Се прашуваше зошто подигаме споменици на луѓе како Наполеон, Џингис Кан и други „големи“ војсководци, зад кои стојат освојувања на туѓи територии, милиони загинати војници, поробување и убивање на домицилното население, како впрочем и зад многуте кралски семејства и династии кои пљачкосувале по целиот свет… Понекогаш, беше згрозен од случувањата во светот, од неправдата, страдањето и лицемерието, и се прашуваше како е возможно во 20.век сè уште да војуваме и меѓусебно да се убиваме, како можеме мирно да ги гледаме луѓето кои умираат во сиротинските четврти и фавели на големите градови, како ја уништуваме оваа прекрасна планета на која и од која живееме, и како успеавме толку многу да скршнеме од правиот пат… 

Беше фасциниран од древните јужноамерикански цивилизации и нивните познавања на астрономијата, архитектурата, и читаше сè што ќе најдеше за Инките, Ацтеките, Маите, па дури и нивната света книга Попол Вух… Истовремено, Станислав Лем, Карл Саган и останатите научници од програмата ЦЕТИ, отворија во него силен и траен интерес за универзумот и неговите мистерии. Беше сведок на брзиот технолошки напредок, а кога Нил Армстронг стапна на Месечината, сфати дека пред неговите очи се отвораат можности за кои дотогаш не можеше ниту да сонува…

Во текот на рекапитулацијата тој допре и многу други важни и помалку важни содржини, кои беа испреплетени во мрежата на неговите искуства. Почувствува дека не е добро да брза и да се ограничува, зашто тоа не беше техничка работа, туку свесно и внимателно набљудување на многу суптилни моменти и случувања, кои во брзање можеше да ги занемари или пропушти. Затоа и не сакаше да става некаква временска рамка. И така, после неколку месеци, успеа да ја заокружи рекапитулацијата. Му се чинеше дека барем до некаде успеа да ја согледа поврзаноста на случувањата и ситуациите, и како комплексната интеракција со луѓето влијаела на него и го обликувала.

Потрага…

Од искусеното сфати дека ова е само почеток и дека рекапитулацијата треба да ја практикува и усовршува, за да стигне до ниво кога ќе стане постојана и објективна анализа и начин како да се разбере себеси, своето однесување и позадината на своите ставови – точните, но и погрешните. Години подоцна, откако почна да практикува јога, во медитациите често му се враќаа заборавени ситуации, луѓе, сништа…, кои го дополнуваа мозаикот на неговиот живот.

Му се чинеше дека почна да ги разбира, без некакво поедноставување, причините за некои карактеристични кажувања кои ги слушаше од возрасните, и кои му звучеа како стереотипи – „младост лудост“, „младоста е револуционерна“, „од колевката па до гробот најубаво е школското доба“, кои секогаш беа пропратени со доза на носталгија за времето што поминало. Но подоцна, кога „неговата генерација“ зачекори во „сериозниот“ живот и кога животните патишта почнаа да им се разделуваат, не му беше сосем јасно зошто некои од неговите другари со кои растеше речиси во исти услови и поминуваше низ слични искуства – со кои слушаше иста музика, гледаше исти филмови, читаше исти книги и добиваше исто образование, постепено се менуваа и стануваа различни од тоа какви што порано ги познаваше. Се прашуваше дали тоа се должи на личносните особини или можеби претходно не се создале услови да се покажат во поинаква светлина. Подоцна, откако почна да практикува јога и да чита за нејзината философска димензија, сфати дека не може, а да не ги земе предвид толкувањата на законите на кармата и реинкарнацијата, според кои причините за нештата што ни се случуваат, често лежеа скриени во нашите дела и начинот на кој сме дејствувале, не само во овој, туку и во некој од претходните животи, нешта кои, на шега, ги нарекуваше „минат труд“.

Оваа идеја и можност му ја предочи целата комплексност на човечките суштества и го замисли над сознанието колку лесно донесуваме судови за другите или ги критикуваме, горди и уверени во точноста на своето мислење, кое патем не се заснова на „голема памет“. Тоа го натера да се запраша како неговите другари го доживуваат него?

Но, она што како исход на рекапитулацијата за него беше можеби најважно, е што сфати дека причината за незадоволството, празнината и бесмислата кои ги чувствуваше лежи во него и дека тој самиот треба да ја бара и да ја открие… Порано, знаеше да се прашува дали е можеби депресивен, но рекапитулацијата некако го „расчисти теренот“ и тој постепено почна да сфаќа дека неговата состојба се должи на некои нешта во животот кои не му беа јасни. Никако не успеваше да ја разбере смислата на секојдневните обиди и напори да се постигнат и остварат нашите желби и сништа, не ја гледаше смислата на љубовта, радоста и успесите, кога заедно со нив, рака под рака, секогаш беа болката, страдањето, и пред сè, присуството на извесната смрт која сето тоа го бришеше со еден замав. Му се чинеше дека дури и книгите, во кои бараше решенија и спас, му даваа само делумни сознанија…

Грчевито бараше одговори, но не знаеше каде, како и на кој начин да дојде до нив. А без тие одговори сè му изгледаше некако бесмислено, веќе видено. Сè беше само повторување на она што го правеа неговите родители, нивните родители и родителите на нивните родители, само сценографијата беше различна… Со страв се прашуваше дали така ќе се одвиваат работите до крајот на животот, зашто тоа што му се „нудеше“, не му изгледаше како „добитна комбинација“.

Токму тогаш, на некаков чуден начин, слушна една песна и се препозна во неа. Му се чинеше како некој да му ја испратил, сакајќи да му помогне. Ја слушаше безброј пати, толку многу, што и после долги години сè уште се сеќаваше на секој нејзин збор:

Jedna mladost, jedan svet nade
Raste tiho u srcu tvom
Drugi za te ovaj svet grade
S malo prave istine u tom

Pričaju ti price te
I svaka ima svoj sretan kraj
Al’ prešućuju da taj svet krade
Bas tvog sunca sjaj

Jedna mladost, jedan san sreće
Al do nje jos dalek, dug je put
I dok srce na svoj put kreće
U taj svet ocvao i žut

Odjednom ćeš shvatit sve
Kako nigdje nema plamena tvog
Poput mrtve reke svet teče
Bez cilja svog

Tko zna, možda na me čeka neki drugi svet
Tko zna, i u mraku kadkad nikne divan cvet
Možda, tko zna, jedna od sretnih
Jedna od tisuću bit ću baš ja
Tko da zna…

И така, барајќи некој што тоа ќе го знае, тој се сврте кон Истокот, и се обидуваше да ги разбере Вељачиќ, Радакришнан, Буда… Иако го привлекуваше индиската филозофија, му беше тешко разбирлива и чувствуваше дека му треба нешто попрактично. Беше воодушевен од „Сидарта“, а во „Песме просјака и просјакиња“, го фасцинираа чудесните животи на будистичките монаси и монахињи, нивното напуштање на бесмислата на световните животи и сетилните задоволства, и аскезата во потрагата по скриената смисла на животот. Ни сам не знаеше колку пати ја препрочита  „Носорог“, поемата од раната будистичка поезија, а во умот постојано му одзвонуваа зборовите – медитација, просветлување, сончево племе, принц на светлината…