Текст: Да се биде ученик или не | Автор: Стеван Милиќ
Средба со јогата…Грешки и сознанија…
Еден ден во градот вниманието му го привлече плакат за курс по јога. Помисли дека можеби треба да проба, можеби таму ќе пронајде некои од одговорите кои ги бараше. Набргу се запиша на курсот и заедно со многу други луѓе почна да вежба во голема спортска сала. Практиката некако му „легна“, и тој почна секојдневно да ги практикува техниките кои ги учеше на часовите. Тоа предизвика во него чувство како да влегува во некој друг „канал“, во друг простор, во кој себе се доживуваше на различен, подиректен начин.
Поттикнат од тоа искуство, со голем ентузијазам почна да прави остри резови во начинот на кој дотогаш живееше. Во својот дом направи простор во кој можеше непречено да вежба. Почна да станува пред изгрејсонце, се слушаше себе и природата која се будеше. Го чувствуваше нејзиниот ритам и начинот како влијаеше на него, нешто што дотогаш го немаше осетено. Беше многу среќен поради тоа. На часовите вниманието му го привлекоа некои од наставниците. Му се чинеа некако различни од другите луѓе. Сакаше да биде во нивно друштво и после неколку месеци со воодушевување почна да им помага во организациските работи. Сè поретко се гледаше со старите другари, кои не го делеа неговото одушевување од јогата, можеби и поради сликата што тој самиот ја создаваше. Всушност, му требаше време да ги разбере новите искуства.
Набрзо, како резултат на интензивната практика, почнаа да му се случуваат големи промени. Го откри „субверзивното“ дејствување на своето его и сфати колку му е умот под негово влијание, и колку е исполнет и условен од погрешни идеи, ставови и најразлични заблуди. Му стана вистински тешко и се чудеше како дотогаш размислувал и дејствувал толку несвесно и површно, како што впрочем тоа го правеа и другите луѓе во помала или поголема мера. Се запраша како воопшто функционира овој свет и се исплаши од големината на своето и туѓото незнаење. Се исплаши самиот од себе и од фактот колку малку се познава… Сакаше некако да ги измири двата света – оној околу него и тој во него, но не можеше зашто не ги познаваше.
Во тој период, после неколку месеци се вработи и, како и повеќето почетници, во работата влезе со ентузијазам, очекувања и чувство на нелагодност како ќе се вклопи во новата средина. По извесно време, почна да го чувствува притисокот од амбиентот во фирмата. Беше затечен од однесувањето на поединци, нивните карактери, сплеткарењата и матните игри, и така откри дека дотогаш, на еден начин бил „заштитен“, зашто се движел помеѓу луѓе кои самиот ги бирал и кои му биле слични по интересирањата, размислувањата, ставовите, идеите… Сега беше втурнат во опкружување од луѓе кои му беа „дадени“, како што впрочем и тој им беше даден ним. Откри дека во новонастанатата ситуација во неговиот живот, одењето на работа почна да му наликува на одење во школо, само што сега учеше за луѓето. Обидувајќи се да „плива“ во тие „матни“ води, сфати дека всушност почна да учи за себе и откри работи кои дотогаш не ги знаеше. Во таквата средина набрзо почнаа да го мачат морални дилеми и внатрешни конфликти во ситуации во кои мораше да зазема страна во нечии туѓи недоразбирања. Иако „пливаше“, не ја разбираше најдобро таа „игра“ во која заедно со другите требаше да учествува. Често во недоумица се прашуваше „Чему сето тоа?“ и „Дали ова е тој, сериозен живот?“, за кој му зборуваа возрасните. Понекогаш, особено на почеток, не му беше лесно да функционира во таа средина која толку се разликуваше од средината во која ја практикуваше јогата и која почна да ја доживува како еден вид засолниште, чисто од надворешните валканици.
И како што обично се случува во животот, токму во таквата ситуација и состојба, во релативно краток временски период, тој го изгуби таткото и неколку блиски роднини и пријатели. Тоа уште повеќе ги изостри и интензивира прашањата поврзани со смислата на животот и смртта. Чувствуваше како да го губи тлото под нозете. Беше разнишан, „ни на небо ни на земја“, и неговиот дотогашен живот почна да се руши.
За среќа, во таа состојба, во која како Дон Кихот се бореше со својот ум, со своите мисли и чувства, се издвои од наставниците една млада особа, која му помагаше, со помош на јогата, полека да почне да застанува на свои нозе и постепено да гради нов, стабилен внатрешен свет. Тој и беше многу благодарен, зашто по долго време почна полесно да „дише“.
Навраќајќи се и размилувајќи за својот однос кон јогата, се сеќаваше како во обидот да ги открие и разбере бројните дилеми и тешкотии поврзани со практиката, се набљудуваше и себе и другите практиканти и нивните прашања и недоумици. На почеток, во своето незнаење, наивно мислеше дека мора да ги практикува сите, па и најтешките техники, иако никој не го бараше тоа од него. Но, воден од желбата што побрзо да ги надмине своите ограничувања, мислеше дека ако во тоа не успее, резултатите нема да бидат целосни. Од таа причина често непотребно се форсираше. Дури подоцна, читајќи литература за хата-јога, сфати колку е таа сложен и захтевен метод, и дека тоа што се работеше на часовите вклучуваше само мал дел од нејзиниот обемен и сложен спектар на техники.
Со подеталното запознавање на овој систем, му стана јасно дека нејзиното суштинско практикување е многу тешко и речиси невозможно за современиот човек, и дека бара потполна посветеност и сосема поинаков начин на живеење; бара опитен учител кој може да го води низ сложената мрежа на комплицирани техники и да го запознае со суптилната структура на неговото битие, за да може да разбере што всушност работи. Во крајна линија се поставуваше прашањето дали ученикот може да ги издржи напорите на овој, слободно може да се каже, тежок и за неуките и неискусните, опасен метод.
Постепено, со текот на времето, откри дека со редовна и свесна практика на едноставни техники може да постигне дури и поголеми резултати, отколку со тешките и сложени техники, за кои впрочем не беше ни подготвен, ниту знаеше дали некогаш ќе може да ги практикува, и дали воопшто треба да ги практикува. Ова му помогна да разбере дека напредокот е многу индивидуален и дека покрај редовната и внимателно конципирана програма, зависи и од многу други фактори – добро здравје, силна мотивација, личниот сензибилитет, критичкото размислување, цврста воља и решителност, здрава самодисциплина, трпение и способност да се чекаат резултатите, односно да се разбере факторот време, како период потребен да се направат неопходните промени за надминување на лошите навики, погрешните идеи и ставови, заблуди…
Низ личното искуство почувствува колку напредувањето е долг и често макотрпен и турбулентен процес, и колку е тешко да се надминат инертноста и мрзеливоста и да се развие редовност во практиката; колку е тешко од првичниот и честопати „прозаичен“ мотив, да се стигне до вистинскиот, и колку е важно сето тоа да биде базирано на суштинското разбирање на јогата како духовно учење; колку е важно чекорејќи кон посакуваните резултати и загледани кон „светлата иднина“ да не го изгубиме од вид патот и да се сопнеме на некоја „тривијална“ пречка. После почетните претстави за практиката, во еден момент престана да ја мери со часови и курсеви и таа стана дел од него, нешто што ќе трае цел живот. Му требаа години да ја надмине секојдневната борба со својот ум и да постигне постојаност во која напорот постепено стана состојба на задоволство во откривањето и надминувањето на незнаењето. Тогаш, престана времето да го мери во недели, месеци и години, зашто тоа едноставно стана само непрекинат тек на свесноста.
Паралелно со практиката на техниките тој многу читаше. Поттикнат од сознанијата за хата-јогата, се заинтересира и за други видови јога, кои по различни патишта водеа до истата цел. Многу го привлекуваше нивната практична димензија и можноста да практикува, барем одредени нивни делови, и да ги преиспитува нивните ефекти на себе. Во тој период особено го заинтересира концептот на карма-јогата, која низ несебичното дејствување ослободено од личниот интерес и од резултатите на дејствувањето, влијае лековито врз изразената и „канцерогена“ самоважност. Обидот за дејствување на ваков начин му откри дека повеќето конфликти помеѓу луѓето – при работата, всушност беа борба на нивните ега, што го почувствува и на сопствената кожа. Така сфати дека суштината на дејствувањето во карма-јогата е да работи најдобро што може и да даде сè од себе, што во голема мера го ослободуваше од грижата околу исходот од дејствувањето, во контекст на секогаш присутната чувствителност на критиките и пофалбите. Ваквиот начин на неврзување за исходот од дејствувањето му овозможуваше подобро да ги открива и контролира реакциите на своето его, што му донесе големо олеснување и му овозможи да чувствува задоволство во работата.
Читајќи и запознавајќи се со другите видови јога, разбра дека тие, иако се самостојни форми, меѓусебно идеално се надополнуваат и затоа е потребно суштинско познавање за нивното дејствување врз човековото тело и ум. Тогаш насети дека јогата е многу повеќе од некаков збир и комплекс на техники, и дека не само што може да му ги даде одговорите на вечните прашања, туку и многу повеќе, повеќе отколку што можеше и да замисли. И така, прашањата кои претходно го измачуваа и не му даваа мир, постепено станаа главен мотив и двигател во неговата практика. Всушност, јогата стана основата на неговиот живот.
