Нов почеток…Некој одозгора гледа сè…Мир

И така, имајќи ја предвид пошироката слика за севкупната ситуација, тој продолжи да предава. Разговараше со практикантите, особено со помладите, за да се запознае со нивните претстави за јогата и причините зошто одлучиле да ја практикуваат. Се обидуваше да ги разбере нивните размислувања, ставови, потреби, проблеми и очекувања, зашто тие беа „деца на интернетот“ и на социјалните мрежи, генерација која тој ја запознаваше. Затоа, иако работеше со групи, се обидуваше секому да пријде индивидуално, во рамки на времето и можностите.

На сите им велеше дека тој не е учител, туку некој кој сака да ги сподели со нив сознанијата до кои дошол практикувајќи јога. Сакаше да разговараат и заедно да откриваат, да ги споделуваат и проверуваат сознанијата за јогата и воопшто за животот, зашто секој од нив имаше своја приказна, свои искуства и перцепција на нештата, што за него беше вистинско богатство и можност за размена и учење.

Покрај редовните часови, во Центарот во кој предаваше, организираа предавања, работилници, проекции на филмови и сето тоа заедно го дискутираа, зашто забележа дека понекогаш работите подобро се разбираа кога се перципираа низ други „канали“, различни од оние низ кои умот вообичаено се движи.

Сепак, не одеше секогаш онака како што тој посакуваше и замислуваше. Иако практикантите беа задоволни и заинтересирани, често се прашуваше зошто не се поактивни, дали тој некаде греши, дали премногу бара од нив, дали брза или можеби не го разбира добро она што го кажал еден учител: „Искуството и знаењето не може да му се пренесе на друг човек, може само да му се предочи, а тој самиот ќе го побара и пронајде, ако за тоа е заинтересиран… зашто сознанијата секогаш се лични“. Размислувајќи за овие дилеми кои често го окупираа, се сети на старата поговорка: „Сè на овој свет има свое време“. Тоа му помогна подобро да сфати дека и во најдобра намера не смее никого да „притиска“ или да инсистира на усвојување туѓи сознанија и искуства, колку и да се тие точни, зашто можеше да изгледа дека им ги наметнува. Дури и пораките на големите учители не би требало да се земаат здраво за готово; треба да се споделат, а потоа низ медитативна анализа да се направи обид да се разбере нивното вистинско и честопати повеќеслојно значење. Во спротивно, можеше да се случи некои поединци да станат пасивни восприемачи на туѓи мисли и зборови и пасионирани „кликнувачи“ на лајкови. Така, конечно откри дека треба да престане да се грижи за другите на претерано заштитнички начин, иако понекогаш чувствуваше тага гледајќи како многумина се мачат во комплицираните меѓучовечки односи, изморени и дезориентирани од хаотичната ситуација околу нив. Веќе не ги советуваше, освен ако тие не го побараа тоа од него. Паралелно со тоа, увиде дека не треба да биде ни постојано достапен за другите, 24/7, зашто на тој начин тие лесно стануваа пасивни и слаби.

Нештата продолжија да се одвиваат така сè додека еден ден, во екот на пандемијата, не почувствува дека после сите години исполнети со труд и работа, и нему му се потребни време и енергија за она што сакаше да го проучува и разбере во овој период од животот, зашто и тој имаше свој пат. И додека размислуваше како понатаму да дејствува, зад прашањата и дилемите кои течеа низ неговиот ум, тој почна да насетува, на еден суптилен начин, дека во целата ситуација околу него, зад сета таа конфузија, страдања и неправди, постои еден повисок план и ред, и некој кој за него се грижи, на начин кој не му беше сосем разбирлив. Но, му беше јасно дека не смее да стане пасивен, зашто од претходните искуства во животот знаеше дека, без оглед на околностите, должен е сам да ги направи своите избори, да заземе ставови за кои мисли дека се исправни и да биде подготвен да ги сноси последиците. Му стана сосем јасно дека треба само да се усклади со тој повисок ред и тек, и внимателно да гледа, да слуша и да учи како подобро да се разбере себе и другите, и ако може, кога е потполно сигурен, да направи по некое добро дело. Требаше да внимава и да настојува да не биде пречка самиот на себе и на другите на нивниот пат, и тогаш сè ќе биде во ред.

Во една прилика, во состојба на длабок мир, тој ја доживеа, повеќе како претчувство, идејата дека сите вистини се веќе кажани, само што не можеме да се сетиме на нив. И тогаш сфати дека некогаш, многу одамна, во нашиот развој како вид, од некоја, за него непозната причина, сме доживеале духовна „амнезија“, и сè уште не можеме да се сетиме кои сме, од каде сме дошле и каде треба да одиме. И она што беше уште потажно е што речиси престанавме да се обидуваме тоа да го дознаеме. Во тој миг, кога го проникна сознанието дека нашите животи не се ништо друго освен можност да се сетиме и да ги дознаеме одговорите, го обзема некаква тивка радост и почувствува што значи да се биде вистински во мир со себе и со светот.

После тоа, ништо веќе не беше исто…


Денес зад секој агол не чека по некој духовен „учител“, но вистински мудреци, како оние од древните времиња, речиси и да нема. Затоа хамлетовската дилема можеби треба да гласи: „Да се биде учител или не, прашање е сега“. Одговорот на дилемата е најдобро да му го препуштиме на „Оној што одозгора гледа сè“ или како што рекол Шри Рамакришна: „Единствено оној кој го осознал Бога и добил овластување од Него, може да поучува други“.

Сè друго е голем ризик.