Првично запознавање со умот…

Редовната практика му овозможи за релативно краток временски период директно да се соочи со умот, односно мислите и другите негови содржини, и да разбере дека запознавањето на умот и начинот како функционира е од суштинска важност, зашто сите наши постапки и дела се манифестација на она што прво се случува во него.

Бидејќи претходно многу „пострада“ од умот, беше среќен кога почна да успева свесно и од дистанца да ја набљудува појавата на мислите, нивното опстојување и заминување. Откри дека во тој постојан внатрешен дијалог всушност не се знае кој со кого „разговара“ и дека свесното набљудување на умот, особено во конфликтни ситуации или во моменти со силен емотивен набој беше вистински тешко. 

Во тој период дојде до едно клучните сознанија поврзани со функционирањето на умот. Откритието на потсвесните тенденции складирани во умот, т.н. самскари и нивното влијание на нашето размислување и дејствување, за кое најчесто не сме ни свесни, имаше врз него ефект на земјотрес. Му стана јасно дека многу често, под влијание на безбројните самскари акумулирани во овој и во текот на безбројните претходни животи, ние дејствуваме потполно автоматски – како роботи, иако имаме привид дека дејстуваме разложно. Всушност, често сме само марионети на тие потсвесни тенденции, кои во комбинација со најразличните желби и под капата на „смртоносното“ его, нè прават неспособни за подлабоки увиди во нашиот внатрешен свет. Ова силно го потресе и исплаши, но подоцна се смири, откако сфати дека не може, а и нема потреба да ги открие сите милиони самскари. Беше важно да го знае принципот на нивното дејствување, за да може да биде претпазлив и внимателен во проценувањето и донесувањето судови поврзани со луѓето и ситуациите.

Овие сознанија останаа во него како нешто најдрагоцено, нешто што требаше да го развива со текот на времето, сè додека не стане состојба на трајна и непопречена будност. Искуствата му овозможија, барем донекаде, да ги разбере кажувањата на јогините дека умот всушност е внатрешен орган, инструмент, алатка, која ако добро се запознае, „прочисти“ и контролира, може да ни биде од голема полза на нашиот духовен пат и, воопшто, во животот. Во спротивно, може да нè оддалечи од целта „светлосни години“ и да нè заглави во безброј инкарнации. Всушност, сознанието дека ние не сме само тело или ум со кои се поистоветуваме, за него беше првиот вистински чекор кон поголемото разбирање на себе, чекор кон слободата и вистинско олеснување.

Се разбира дека и подоцна имаше потешкотии и кризи, но сега имаше метод. Јогата беше неговото „оружје“ и тој учеше како да го користи во борбата со своите слабости и неразбирање. Почна да гледа нешта кои дотогаш не ги забележуваше. Виде една поинаква слика, нова димензија, една нова реалност, во која просторот му стана некако пофлуиден и почна да чувствува како се движи низ него и го набљудува од една нова, внатрешна перспектива. Како да беше во светот, а истовремено и не беше. И времето почна да се менува – доби нова брзина и поинаков тек.

На почеток сето тоа малку го исплаши, но набргу откри дека всушност му помага подобро да ги набљудува случувањата и да дејствува од неопходна и безбедна дистанца. Ни од далеку не му беше сè јасно, но она што му беше важно е што сега знаеше што треба да прави и во која насока да бара, имаше фокус, имаше цел. Сфати дека сме суштества што ја бараат смислата и дека без неа сме изгубени…

Така поминуваа месеци и години во кои работеше на двата фронта. Работеше многу, но не му беше тешко, зашто тоа му помагаше да го увиди и разбере заедништвото помеѓу духовното и световното, за кои порано мислеше дека се одвоени и различни светови…

И се предаде на јогата и сфати, од сопственото искуство, дека таа може да им помогне на другите кои како него бараа одговори.

„Разлики“…

Со восхит читаше за инспиративните животи на големите учители и за искуствата и сознанијата опишани во духовните и религиозните учења, но го збунуваше што често меѓусебно се разликуваа, а понекогаш дури звучеа и контрадикторно. Тоа ги отежнуваше неговите обиди да ги разбере. Забележа дека тоа често им се случуваше и на другите практиканти. Подоцна, му стана јасно дека во отсуство на лично искуство за она за што учењата говорат, а понекогаш и поради недостаток на критичко расудување, ние самите се принудуваме да избереме нешто во што ќе веруваме. Од таа позиција на површно разбирање на запишаното и длабоко неразбирање на духовната суштина на она во што често слепо веруваме, ние ги отфрламе другите учења, и што е уште полошо, сакаме „милом или силом“ да ги убедиме другите во нашиот „правилен и супериорен“ избор. Дел од вината за ваквиот став на многу верници и духовни следбеници лежеше и во самите „учители“ кои знаеја прилично „фундаменталистички“ да се однесуваат кон другите учења и учители.

За разлика од нив, Шри Рамакришна еднаш кажал дека практикувал хиндуизам, христијанство и ислам, и сфатил дека суштината им е иста, само називите им се различни. Веројатно најдоброто објаснување за причината на овие разлики меѓу духовните учења, но и меѓу религиите, го дал Рамана Махариши, велејќи дека тие се резултат на различните нивоа на духовна зрелост на учителите. Кај потполно реализираните мудреци, кои патем се исклучително ретки, разликите во искуствата не постојат, зашто за нив суштината на сознанијата е иста.

Во секој случај, воден од личното искуство, сметаше дека внимателниот и отворен практикант веројатно со задоволство ќе ги чита пораките на јогините, христијанските отци, будистите, суфистите и ќе го препознава суштинското во нив, слично на Ганди кој во една прилика, осврнувајќи се на Библијата рекол: „Читањето на Беседата на Гората, ми помогна подобро да го разберам Хиндуизмот“.

Јогата постепено стана негов идеал и тој се обидуваше колку што може да живее во нејзиниот дух. Даваше сè од себе; некогаш грешеше, некогаш беше бавен, а понекогаш брзаше и форсираше. Во желбата да ги надмине што побргу слабостите кои го мачеа, знаеше и несвесно да се повредува. Дури подоцна сфати дека треба да го пронајде својот ритам и темпо кое може да го следи. И така продолжуваше да учи, а ентузијазмот не го напушташе. Сфати дека убавината е во тоа што може да учи цел живот… 

Како што минуваше времето, му се случуваа вообичаени, но и посериозни здравствени проблеми, како и заминувања на блиски луѓе. Сето тоа почна да го доживува, меѓу другото, и како потсетник и опомена дека ние луѓето имаме сè, освен време.

Преиспитување и отрезнување…

После извесно време беше вклучен во наставата. Го доживеа тоа како голема чест, и беше многу среќен што ќе може да поминува повеќе време со другите наставници и со човекот кој ги водеше и кого го нарекуваа Учител.

Во односите со наставниците на почеток имаше подеми и падови, и му требаше време да разбере дека треба да престане непотребно да ги идеализира, зашто на тој начин само се оптоваруваше и себе и нив. Сепак, тие беа млади луѓе со свои доблести, мани и животно неискуство. Тогаш, конечно увиде дека вниманието треба да го насочи на себе, на својата внатрешност, и да има почит, разбирање и трпение и за себе и за другите, зашто сите беа на истиот пат, на кој никогаш не смее да се застане во борбата со немилосрдното и сеприсутно незнаење. И ги разбра, на еден друг начин зборовите на својата баба која често му велеше: „Сине, животот е борба.“

Исполнети со голем ентузијазам, труд и работа, годините „летаа“. Доаѓаа нови луѓе и организацијата се ширеше, а обврските стануваа сè поголеми. Речиси сите се трудеа да го дадат својот придонес за заедничката „кауза“. Во таа постојана работа, меѓу нив имаше и недоразбирања, но нурнат во обврските тој не им придаваше некое посебно значење. Едноставно, ги минимизираше конфликтите и се обидуваше да си ги објасни и да се убеди дека е очекувано да има несогласувања кога повеќе луѓе работат заедно, и дека голем дел од тие „искричења“ се должат, пред сè, на преморот. Тоа секако беше точно, но за некои случувања не наоѓаше оправдувања, и тоа со текот на времето почна сè повеќе да го измачува и да му предизвикува внатрешен немир.

Кога во еден момент на преиспитување застана и погледна околу себе, виде дека работите не беа како порано. Виде како првобитниот ентузијазам и заедништво во голема мера избледнале, а имаше сè повеќе критизерство и незадоволство. Дозна дека и некои други наставници го чувствуваат истото. Забележа конфузија и раскол кои длабоко го вознемирија и му покажаа дека ерозијата на квалитетот трае веќе подолго време, а работата оди по инерција и на „стара слава“. Виде слика поинаква од онаа што се прикажуваше во јавноста. Во еден момент помисли како состојбата почнува сè повеќе да наликува на состојбата во фирмата, а тоа за оние кои се обидуваа да пренесат едно духовно учење и порака, беше поразително. Со големо разочарување откри дека и тој самиот имал удел во таквата состојба со своето „губење“ во работата и незабележувањето на она што се случува…Во целото тоа болно освестување му помогна една умна, чиста душа која ја запозна на курсевите. Љубовта кон неа му ги отвори очите да го види она што дотогаш не го гледаше или не сакаше да го види. 

Но, она што најмногу го растревожи и загрижи, беше сознанието дека човекот кој ги водеше веќе не беше истиот. Го доживеа тоа како силен удар, зашто Учител за него беше нешто свето. Тој човек веќе не го живееше она на што ги подучуваше и советуваше. Сега повеќе наликуваше на мотивациски говорник. Манипулираше со учениците и го толкуваше односот учител-ученик како што му одговараше. Често реагираше импулсивно и хировито, и на тоа му придаваше едукативно и езотерично значење. За наставниците кои си заминуваа, затоа што не се согласуваа со него, секогаш имаше грди зборови и исто објаснување – „надуено“ его и криза. Тие за него веќе не беа важни, му требаа нови следбеници – „свежа крв“. Потонат во световното, тој повеќе време поминуваше на социјалните мрежи отколку во медитација. Ги броеше лајковите за своите „длабокоумни“ кажувања, а неговата самобендисаност добиваше сè поголеми размери.

И тогаш, клопчето почна да се одмотува. Од други наставници почна да дознава за неговото неетичко однесување. Работи за кои тој мислеше дека се озборувања, се испостави дека се точни, и тоа го потсети на забелешката на Свами Шивананда од Ришикеш: „Главниот проблем на денешните ‘Учители’ се егото и сексот.“ Се прашуваше дали човекот кого го нарекуваа Учител отсекогаш бил таков или падот бил постепен, а тој како „добар“ ученик, тоа не го забележувал. Се прашуваше како и зошто можел да биде толку слеп. Разочарувањето што го доживеа беше огромно и тој го напушти овој човек.

Но, она што во целата ситуација го откри кај себе, вистински го порази. Ја виде својата лековерност, глупост и слепило и се сети на прочуената реченица на Жозеф де Местр: „Секој народ има судбина каква што заслужува“, што во неговиот случај, аналогно значеше: „Секој ученик има учител каков што заслужува“. Секако дека ова не можеше да се генерализира, но имаше вистина во тоа.

Во таа состојба нештата како да почнаа да му се „отвораат“ и тој разбра неколку важни работи. Сфати дека од почит кон институцијата Учител, често го потиснувал својот револт конструирајќи објаснувања и оправдувања за неговите постапки, и дека тоа бил начин на кој сакал да ја смири својата совест, која не прифаќала двојни аршини на вреднување; сфати дека поради својата слабост, не сакал да го види неговиот пад и својата фрустрација. Во еден чудесен момент на Божја интервенција, тој успеа да се препознае во еден од ликовите на сликата „Слепец води слепци“, од прочуениот фламански мајстор Питер Бројгел. Во тој момент го проникна најстрашното сознание во животот – дека можеш да бидеш жив, а да не знаеш дека веќе си мртов. Тогаш, сè во него се сруши и настапи потполна тишина. Во тој мир и неподвижност, почна да ја согледува вистинската димензија и последиците од своето однесување.

Во моментите на преиспитување сфати дека не смее да дозволи ова болно искуство да го скрши и дека треба да стане и да ги залечи раните, ако сака да остане на духовниот пат; му стана јасно дека разочарувањето, тагата и лутината, поради тоа што бил изманипулиран, мора да ги протолкува на вистински начин и да ги трансформира во сознанија од кои произлегува вистинската сочувствителност; почувствува потреба да им се извини на сите оние кои со своето однесување ги довел во заблуда, а тоа да не биде самооправдување; сфати дека скромноста и постојаната свесност за своето и туѓото незнаење се најдобрата одбрана во борбата против двата моќни непријатели – суетата и гордоста. Сега знаеше дека никогаш не смее да ги заборави овие драгоцени сознанија, ако сака да стигне до одговорите кои ги бараше. И во таа тишина, како ехо го слушна гласот на Буда и неговата последна порака до учениците: „Бидете светилки самите на себе.“