Расадник на „учители“…

По подолг период на размислување, пребарување и анализа на искуствата низ кои помина, откако сè во него се смири, тој одлучи да продолжи да предава јога. Но, претходно, сакаше да види што се случува со јогата во неговото опкружување. Дотогаш, тоа го правеше повремено, повеќе од љубопитност и очигледно не доволно внимателно, зашто тоа што го виде прилично го изненади. Забележа дека нештата се многу изменети и различни од неговото поимање на јогата, што го натера на размислување за иднината на ова древно учење.

Прво што забележа беше речиси секојдневното отворање нови центри, во кои јогата се практикуваше главно како систем на физички вежби за подобро здравје и порелаксирано секојдневие. Секако дека тоа беше корисно, но тој сметаше дека е потребно на заинтересираните, особено на оние со повисоки очекувања, да им се предочи дека нивната практика всушност е мал сегмент од хата-јога, најпопуларната форма на јога на Запад. Гледајќи од таа перспектива, си велеше дека јогата е за секого, но од друга страна, знаеше дека таа сепак не е „средство за широка употреба“, што обично води до нејзино вулгаризирање. Едно е кога во нејзината практика централно место заземаат асаните и основната идеја водилка е доброто здравје, а сосем друго е кога таа се практикува како духовен метод за откривање и трансформација на внатрешниот свет и законитостите кои владеат во него. Првото има смисла ако води кон второто, а второто губи смисла ако попатно се изроди во некаков вид „тешка езотерија“ и духовен „елитизам“, со сите бесмислици и заблуди кои ги носат со себе. 

За него, сериозната практика на јогата, мотивирана од силниот порив и желба да се стигне до одговорите на вечните прашања, беше вистинскиот пат, но кога во прв план се ставаа личната амбиција и кога за тоа не постоеше доволна свесност, тогаш целта на практиката беше промашена. Секако дека различните мотивации со текот на времето можеа да се променат во позитивна, но често и во погрешна насока и лесно да го повлечат практикантот надолу, доколку не е доволно внимателен.

Забележа и дека повеќето поединци кои предаваат се нарекуваа себеси учители. Ако сите што предаваат се учители, дали тоа значи дека меѓу нив на постои разлика во однос на нивната зрелост и познавање на јогата. Учители беа и оние кои со години практикуваа и подучуваа, како и оние што поминуваа пократки или подолги обуки, курсеви или семинари. За воља на вистината, долгогодишната практика и предавање, илјадниците одржани часови и стотиците практиканти кои поминале низ курсевите, сами по себе не се гаранција за квалитет, особено кога се имаат предвид сложеноста и непостојаноста на човечката природа и карактер, осцилациите на внатрешен план, предизвикани од разни надворешни и внатрешни фактори, како и комплексноста на јогиското учење. Ваквата ситуација во категоризацијата на оние кои предаваа, беше честа причина за забуна кај оние кои сакаа сериозно да практикуваат јога. 

Покрај тоа, забележа дека во понудата на „пазарот“ за јога, покрај редовните часови се нудеше и можност за следење на „структурирана“ обука со која за 200 часа се оформуваа нови генерации „учители“, подготвени да отпочнат самостојна „кариера“, а со 500 часа можеа и самите да обучуваат нови учители. Во еден момент помисли дека со такво темпо може набрзо да станеме водечка земја во Европа со број на јога-учители по глава на жител. Идејата дека некој за толку кратко време може да стане учител, за него беше чудна и проблематична, особено ако се знае дека традиционално ученикот останувал 12 години под будното око на учителот кој го „брусел“ неговото его и му помагал да стекне знаење, искуство, стабилност и духовно разбирање. Тој временски период се сметал како неопходен за проверки и корекции, за да се избегнат бројните опасности кои го демнат недоволно подготвениот ученик на неговото патување низ „внатрешната џунгла“.

Тој сметаше дека во јогата, како филозофски, но пред сè, практичен метод за себепроучување, исклучително е важно ученикот со текот на времето да развие способност за самостојно учење и преземање иницијатива во таа насока. Тоа не подразбираше само читање на јогиска литература, туку и будно следење на напредувањето, усовршувањето и потешкотиите во разбирањето на практиката како процес. Тоа, исто така, значеше и препознавање на содржините од секојдневниот живот важни за напредувањето во личниот развој и потребата од нивна подлабока анализа. Токму затоа, концептот – учител по јога за 200 часа, неодоливо го потсетуваше на некогашниот „Работнички универзитет“. Неформалното образование кое таму се нудеше, значеше можност преку курсеви од 100, 200, 300 часа да се стекнат одредени знаења и вештини за цел спектар занимања – фризер, кројач, молер… и тоа беше сосема во ред кога станува збор за тој тип занимања. Но, нештата се многу посложени кога работата со луѓето е насочена кон подобрување на нивната добросостојба. А,  кога сето тоа треба да се пренесе на други, работата станува „невозможна мисија“. За жал, секогаш имало поединци за кои важи шегобијното кажување: „Што знае дете што се 300 кила – зема и носи“.

Што сè може да се случи кога наставник без „минат труд“, со „тенка километража“ и без надзор од компетентен ментор ќе влезе во менталната и духовната сфера, може само да се претпостави, а кога ќе седне пред луѓето и ќе почне да им држи „предавања“, последиците не можат ниту да се замислат. Недоволно зрелиот наставник тешко успева да се држи до она што го знае. Причината најчесто е неговата потреба да ги импресионира практикантите, што всушност е груба манифестација на неговото его. А врв во целата ситуација е кога и менторот нема кој да го менторира. Затоа падовите на овој пат не се реткост и во тој случај најдобро е наставникот да се повлече и доколку може, да се консолидира, но проблемот обично лежи во неможноста да се увидат сопствените грешки. Затоа, ако некој станал наставник, не значи дека цел живот може и треба да предава и подучува…

Размислувајќи за начинот на живеење и протокот на информации, кои денес се многу побрзи отколку во минатото, тој во еден момент се запраша дали луѓето сега побрзо созреваат, па можат тие 12 години да ги збијат во 200 часа или во тримесечна обука – секако, за време на викенди. Но, од лично искуство и од годините поминати во набљудување на практикантите и младите наставници, знаеше дека созревањето и трансформацијата на искуствата во сознанија е долг процес, сосема индивидуален и често непредвидлив и нестабилен, што се должи на повеќе фактори, но примарно на условеностите и ограничувањата на умот во неговото функционирање, како и поради тоа што јогата е, пред сè, искуствено, а не само интелектуално знаење…

И порано, а особено сега, во контекст на целата ситуација, често се прашуваше зошто всушност некој сака да стане учител, каква е неговата мотивација. Дали воопшто знае што е јога, што значи да се биде учител, што значи да се биде ученик, што значи учеништво и какви квалитети и знаења обајцата треба да поседуваат.

На почеток, многумина тргнуваа со т.н. „чисти“ мотиви – да го споделат своето позитивно искуство со другите, да ја пренесат пораката на јогата и да научат нешто повеќе за неа и за себе. Но подоцна, кога почнуваа да „предаваат“, на површина често излегуваа и т.н. „скриени“ мотиви – желбата и исконската потреба да се биде вреднуван и одбележан, и на тој начин да се потврди сопствената важност. Тоа „проклетство“ на егото, може да го спречи само вистински учител, или искусен и опитен ментор, а во посериозни случаи ни тие. Токму поради тоа, се прашуваше дали сите што сакаа да ги споделат своите искуства мораа да станат учители, дали сите се кадарни или мислат дека можат да го сторат тоа на адекватен начин – зашто едно е да се учи за себе, а сосема друго е да се подучуваат други. 

Често беше сведок на случаи кога скромниот и посветен практикант, со својот напредок и стекнатите квалитети, беше поголема инспирација за другите од некој „учител“ или наставник кој убаво и умно зборува и „знае“ сè за јогата. Низ годините имаше многу прилики да види како некои практиканти ги надминуваа своите „учители“. Од една страна тоа беше убаво, а од друга страна беше тажно да се гледа како некои наставници се губеа во лавиринтите на незнаењето и заблудите кои ги создаваше нивниот ум. Но, исто така, се прашуваше дали скромниот практикант би ги направил истите или слични грешки кога би станал наставник?

Како што стоеја работите, му се чинеше дека малку се обрнува внимание на суштината на овие проблеми и дека се дава нивна „лајт“ варијанта, која му личеше на нешто што би можело да се нарече – „телешоп јога“ – расадник на учители. Впрочем и рекламите, во кои доминираа пораки од типот – придружете ни се во нашето големо семејство; поврзете се со изворот на вашето постоење; инвестирајте во работата на себе и со 200 часа обука стекнете се со меѓународно признат сертификат за учител по јога, од разни федерации, алијанси и асоцијации итн, итн, неодоливо го потсетуваа на познатиот западен маркентишки наратив и идеално се вклопуваа во овој брз, конфузен и површен потрошувачки свет. Знаеше дека многумина не би се сложиле со неговите размислувања, но тој со текот на времето стана претпазлив во ситуации во кои некои „учители“ премногу се трудеа да се претстават како љубезни и умни, опишувајќи се како посветени, силни и автентични, со богато CV. Во нивните кажувања сè беше „мед и млеко“, треба само да се пријавите за обуката и тоа што побрзо, зашто местата се ограничени, се работи во мали групи, а патем, можно е плаќање на рати… 

Се прашуваше каква е мотивацијата на оние што создаваа нови „учители“ и дали можеби заборавиле дека учеништвото е долг и често макотрпен процес на внатрешни промени, особено во структурата на егото. Ако овој процес не е под надзор на учител или искусен и компетентен наставник – ментор, нештата можат лесно да излезат од контрола и да му нанесат голема, и често непоправлива штета на ученикот, во форма на заборав за тоа кој е, колку знае и каде всушност тргнал. Ако ученикот, како впрочем и младиот, а често и поискусниот наставник, се оставени сами на себе и своите проценки, кога нема кој да ги провери и коригира, тие лесно доаѓаат во ситуација кога почнуваат да мислат дека сè што прават е правилно. Тогаш стануваат „сами свои мајстори“ и лесен плен за итрото его. Ова не важеше само за „учителите“ и наставниците, туку и за практикантите, со таа разлика што практикантот во своето незнаење главно си наштетува само себеси, за разлика од оној што предава и кој на разни начини може да им наштети и на другите. Затоа мислеше дека треба да се биде многу поскромен и повнимателен со „месијанските“ идеи дека треба некого да спасуваме, да просветлуваме и да ја споделуваме со сите својата „љубов“ кон јогата. Таквите идеи најчесто беа наивни или проследени со чувство на елитизам, високо мислење за себе, и претстава дека јогата е супериорна во однос на науката, особено психологијата. Од друга страна, виде и примери на нејзино лаичко поврзување со медицината и популарната психологија, најчесто сосема површно, со „докази“ и повикувања на наводни истражувања, често недоволно проверени. Наметнувањето на своето мислење и постојаното „супериорно“ толкување за случувањата во животот низ призма на законите на кармата и реинкарнацијата – проследено со цитирање и „рецитирање“ на кажувањата на големите учители, беа главните манири на овие луѓе. Свесно или несвесно тие го присвојуваа слушнатото или прочитаното и потоа од „висините на духот“ им проповедаа на другите како да живеат и да ги решаваат проблемите, губејќи го притоа контактот со реалноста и условите во кои тие луѓе живеат.

Сите овие размислувања го водеа до заклучок дека е многу подобро и поумно прво да се спасиме себе од самите себе, и тогаш ќе знаеме што и како треба да правиме и на кој начин да дејствуваме.