Мистеријата наречена живот

СТЕВАН МИЛИЌ

Една од најважните работи во нашиот престој на овој свет е да знаеме да ги препознаваме и да си ги поставуваме прашањата кои имаат вистинска вредност. Можеби највредното и најинтригантно прашање, обвиено со мистерија, кое нѐ следи уште од времето кога сме станале свесни за себе, е прашањето за животот.

Животот е можност да проникнеме во мистеријата на постоењето и конечно да дознаеме кои сме, каков е светот околу нас и каква е нашата поврзаност со него.

Што е животот, како и кога е создаден, дали е резултат на низа случајности во развојот на универзумот, или е резултат на долгата еволуција на свеста, дали е Божја креација или е нешто друго? Ако заминувањето од овој свет е нашиот конечен крај, тогаш каква е смислата на сите наши борби, настојувања, грижи, страдања, успеси и неуспеси и по некое ситно задоволство? Дали животот има смисла, скриена и непозната за нас, или е можност да проникнеме во мистеријата на постоењето и конечно да дознаеме кои сме, каков е светот околу нас и каква е нашата поврзаност со него? Љубопитноста, заедно со желбата да се открие оваа мистерија, ја среќаваме во митовите и легендите на древните народи и цивилизации ширум светот. Иако многу нивни гледишта од денешна перспектива ни изгледаат наивни, нивната важност и вредност е, како што кажа еден научник, во тоа што „на нивните толкувања им претходи интуитивно разбирање за тоа што значи состојба на живот“. Ако ова го разбереме, никогаш нема да гледаме на минатите генерации од висина. Секој народ и култура се посебни на свој начин и ние денес, како цивилизација, сме продолжение на нивните стремежи, желби и жед за знаење. Затоа треба да имаме почит кон сите кои се труделе и постигнале колку што можеле, без оглед дали си заминале мислејќи дека громовите и молњите се бес на боговите, дека Земјата е плоча, дека Сонцето се врти околу Земјата, дека нашата галаксија е целиот универзум…

Размислувањето за животот во човечка форма, спонтано нѐ води кон размислување за различните форми на живот, како и до прашањето за животот како феномен создаден од нежива материја. Во историјата на нашата цивилизација има многу примери на поединци кои ги посветиле своите животи на одгатнување на мистеријата на животот – филозофи, теолози, духовни учители, научници – пред сѐ, биолози, биохемичари, биофизичари, еволуциски биолози, астробиолози, истражувачи на вештачката интелигенција… Резултат на нивните обиди да се открие и дефинира постанокот и развојот на животот се разни теории, хипотези и претпоставки. Ќе издвоиме неколку од нив:

  • Клеточната теорија, која се појавила во 1837 година, вели: „Клетката е основна единица на живот, во која се одвиваат биохемиски процеси; сите форми на живот се составени од клетки, од едноклеточните микроогранизми, па сѐ до трилионите клетки кај човекот.“
  • Прочуената Дарвинова теорија кажува дека: „Еволуцијата се одвива преку природна селекција која им овозможува на сите форми на живот да се адаптираат на својата околина.“
  • НАСА, во раните деведесетти години од минатиот век, се надоврзала на неговата теорија: „Животот е самоодржлив хемиски систем способен за еволуција, согласно Дарвиновата теорија.“
  • Рускиот биофизичар Едвард Трифонов анализирал голем број научни дефиниции и го извлекол заклучокот: „Животот е саморепродукција со варијации.“
  • Абиогенезата е теорија на самозачнување, хипотеза за настанокот на животот, односно живиот свет од нежива материја, како што се органските соединенија, односно соединенија што содржат јаглерод.

Сите овие теории и дефиниции зборуваат за веќе формиран живот, но за тоа како е создаден сѐ уште немаме сигурен одговор. Некои велат дека е невозможно и бесмислено да се обидуваме да го дефинираме животот, зашто нашето знаење е минорно во однос на нашето незнаење, и дека ние се обидуваме да го дефинираме животот кој ни е познат на Земјата, тнр. терестријален живот. Гледано од таа перспектива, тие се во право, но нашата способност да учиме, да се „вмрежуваме“, да ги поврзуваме откритијата и достигнувањата од разни области во целина, ни дава надеж дека некогаш ќе успееме да ја решиме енигмата наречена живот.