Две категории незнаење

И покрај љубопитноста и желбата да учиме и осознаваме, кои го карактеризираат нашиот вид, одговорите на вечните прашања сѐ уште само ги претпоставуваме. Основната причина за тоа е нашето незнаење, индивидуално и колективно, кое можеме да го поделиме во две категории. Во првата е незнаењето за универзумот, а втората категорија се однесува на незнаењето за нас самите. Овие две категории незнаење меѓусебно „одлично“ се надополнуваат, и со себе повлекуваат сериозни недостатоци во начинот на кој се доживуваме и себе и светот. Всушност, тие се толку испреплетени што на еден начин и не можеме да ги набљудуваме одвоени. Затоа, ако навистина сакаме да ги откриеме мистериите на животот, прво треба да го откриеме обемот на нашето незнаење.

Првата категорија незнаење е поврзана со универзумот. Мислењето на некои научници дека познаваме само пет проценти од него, и дека севкупното знаење на нашата цивилизација се засновува на тие пет проценти, звучи поразително, но во исто време и мотивирачки, во смисла, уште колку многу можеме да научиме.

Во овој момент, ние немаме капацитет да ја сфатиме вистинската димензија на нашето незнаење. Како деца, се играме на песочната плажа, градејќи кули и дворци кои првиот поголем бран може да ги однесе. Живееме на „жива“ планета која е нашиот дом, живееме на „буре барут“, заборавајќи дека во еден миг, додека да трепнеме, сѐ може потполно да се смени. „Тврдата“ земја по која чекориме, се движиме, ја обработуваме, на која градиме и живееме, е само тенка кора под која се наоѓа пекол од оган и течна магма, чија температура достигнува 5500 целзиусови степени, и која постојано се излева низ вулканските ерупции, со помал или поголем интензитет. Но истовремено таа страшна магма го создава магнетното поле околу Земјата, кое нѐ штити и без кое Сонцето би нѐ спржило во миг.

Цикличните промени во природата, кои се одвиваат во одредени пократки или подолги временски интервали, создаваат во нашите умови илузија на некаква постојаност. Веројатно, поради краткотрајноста на нашите животи во однос на долгите периоди во кои се случуваат промените во природата, наивно мислиме дека живееме во сигурен и стабилен свет. Секако дека не е лесно да се живее со ова сознание, но тоа само јасно укажува на неопходноста да се ослободиме од цврстата „прегратка“ на незнаењето.

За нас, материјата има своја густина и цврстина, но научниците велат дека „сѐ е празнина“. Имено, ако замислиме дека јадрото на атомот, составено од протони и неутрони, е големо колку нашата тупаница, патеката по која електроните кружат околу јадрото би била оддалечена од нашата тупаница околу еден километар. Сѐ помеѓу е празнина – засега.

Кога во летните квечерини набљудуваме како Сонцето со последниот зрак тоне во морето, тоа било зајдено веќе осум минути, зашто на сончевите зраци им биле потребни осум минути да го минат растојанието до Земјата, кое изнесува 150.000.000 километри. Или кога во романтично расположение го гледаме треперењето на ѕвездите на ноќното небо, не знаеме колку од нив веќе не постојат – останала само нивната светлина што уште патува кон нас.

Заедно со нашата планета, која ротира околу себе со брзина од 1670 км/час, кружиме околу Сонцето со брзина од 110.000 км/час, и за една година правиме круг околу него, поминувајќи 940.000.000 километри; со Сонцето и останатите планети кружиме околу центарот на нашата галаксија од кој сме оддалечени 30.000 светлосни години, со брзина од 800.000 км/час и правиме круг за околу 225-250 милиони земски години, или една космичка година; заедно со стотиците милијарди други галаксии, во друштво на црни дупки, квазари, пулсари, супернови и други небесни тела, се движиме низ бескрајот на универзумот, кој по сѐ изгледа, сѐ побрзо се шири. Свесни или не, ние сме патници кои талкаат низ универзумот.

Денешните научни сознанија укажуваат дека универзумот е стар околу 13.8 милијарди години. За да можеме, колку-толку, да го разбереме овој временски интервал, како и местото и периодот кога сме се појавиле како вид, астрофизичарот Карл Саган направил интересен преглед на неговиот развој. Тие 13.8 милијарди години ги „сместил“ во една година, и од тоа произлегле овие интересни споредби:

  • на први јануари се случил Биг Бенг
  • на 22 јануари биле создадени првите галаксии
  • во средината на март била создадена нашата галаксија, Млечниот Пат
  • Сончевиот Систем и Земјата се формирале на почетокот на септември
  • кон средината на септември се појавил биотичкиот живот
  • примитивниот човек се појавил на 31 декември, во 22 часот и 24 минути
  • како развиена форма сме се појавиле на 31. декември во 23 часот  и 52 минути
  • на 31 декември во 23 часот  59 минути и 54 секунди се појавиле Буда, Махавир, Зороастер и Конфучиј, a во слeдната секунда, Исус.

Веројатно многу од кажаното веќе сме го слушнале, и го знаеме, но очигледно само како информација, зашто да сме го разбрале вистински, би ни било барем малку појасно дека зад нас е незамисливо долга и динамична еволуција, и не би се однесувале така како што се однесуваме сега, ни кон себе, ни кон другите, ни кон планетата, ни кон животот во целост. Пропорционално со развивањето на свесноста за овој еволутивен процес, од нас почнуваат да отпаѓаат тони и тони ситничавост, егоцентричност, суета, гордост и ароганција. Сѐ додека живееме со главите во „живиот песок“ на секојдневието, обземени со себе, тешко дека ќе можеме нешто да разбереме, а најмалку себеси.

Така доаѓаме до втората категорија, незнаењето за нас како човечки суштества. Ние сме целост, создадена од два дела – физичка и психичка, кои ја вдомуваат нашата суштина – душата. Кога се гледаме во огледало, ја гледаме само физичката форма, за која по нешто почнуваме да осознаваме, но за делот кој не се гледа во огледалото, нашиот внатрешен свет, просторот на нашите мисли, идеи, чувства, знаеме уште помалку. Сѐ уште не ни се сосем јасни нештата поврзани со свеста; дали се создава како исход на мозочната активност или таа ја создава активноста, и дали по смртта, свеста со сите искуства, останува недопрена и продолжува да се движи во посуптилна сфера на постоење…Дури сега почнуваме да ги откриваме мистериите на мозокот; како функционираат тие 86 милијарди неврони и стоте трилиони врски што ги формираат. Се прашуваме што се мислите, како и каде се формираат, како ги меморираме искуствата, каде ги складираме и во каква форма, како ги повикуваме на свесно ниво, како се одвива нашиот мисловен процес и дали воопшто постои онака како што го замислуваме… Будистичкото учење вели дека тој е илузија, зашто секоја мисла постои сама за себе, како сликите на филмска лента, но нивната брзина е толку голема што создава привид на континуиран тек. Јогиското учење, пак, вели дека секоја мисла е посебен ентитет кој се движи во етерот – акаша, има своја форма, звук, боја и никогаш не исчезнува.

Не разбираме како функционира нашиот ум; зошто правиме избори какви што правиме; зошто се однесуваме така како што се однесуваме; зошто не можеме да се промениме, а сакаме; зошто се приврзуваме за идеи и ставови, водени само од лични интереси и афинитети, не проверувајќи ја веродостојноста на фактите, зошто функционираме на начин кој во нас создава конфузија и состојба на вознемиреност на нашиот ум, која резултира со брзоплето, површно и конфузно размислување, состојба многу слична со јогискиот термин чита викшепа, што означува „растресеност, растроеност, вознемиреност на умот, во која свеста е распрсната во сите насоки, и ѝ недостасува увид во сопствената внатрешност“.

Нашиот мисловен процес наликува на индиската приказна за слонот и слепите луѓе кои се обиделе да го опишат неговиот изглед. Некој го допрел за ногата, некој за стомакот, некој за сурлата, и нивните описи биле во склад со нивното искуство. Слично е и со нас. И ние често „чепкаме на слепо“, и потоа донесуваме судови и заклучоци, кои во најмала рака се проблематични. Затоа е многу важно барем малку да ги расветлиме и увидиме проблемите со кои се соочуваме во животот, зашто тие главно произлегуваат од нашето незнаење, и потоа уште повеќе го продлабочуваат, што силно влијае на начинот на кој живееме.

Последици од незнаењето

Денес сме постојано во временски теснец, притиснати и исцрпени од многубројни обврски и проблеми – финансиски, здравствени, социјални. Влезени во убиствениот ритам – „кућа-посо, посо-кућа“, почнуваме да губиме време, енергија, интерес и желба да ги бараме одговорите на прашањата суштински важни за нашите животи. Во ваквите услови, тие за нас остануваат „мисловна именка“, дури и за оние кои имаат внатрешен порив да дознаат како „стојат работите“. 

Живееме неприродно брзо и не можеме да стигнеме да ги преработиме и разбереме искуствата. Дејствуваме како да сме „дрогирани“. Ние, „обичните“ луѓе сме „навлечени“ на „лесни дроги“ – политика, турски и индиски сапуници, лесна забава, турбо фолк, конзумеризам, квазидуховност… Другата групација, „необичните“ луѓе, се на „тешки дроги“ – моќ, суета, лажен морал, криминал. Но не смееме да заборавиме на опасноста дека од лесни дроги многу брзо се поминува на тешки.

Длабокото незнаење во кое сме нурнати има широки импликации за сите сегменти од нашиот живот. Кога ќе станеме свесни за незавидната ситуација во која се наоѓаме, во желбата да се промениме, почнуваме на различни начини да работиме на себе. Тука често грешиме, зашто на процесот на себепроучување му пристапуваме на еден груб, неук начин – како да „копаме“ по потсвесното, во чии мрачни одаи нѐ демнат „страшила“. Далеку од тоа дека овој процес е лесен и пријатен, но ваквиот приод не е многу конструктивен, зашто сите во себе имаме похранети и добри и лоши искуства. Секако дека треба да бидеме сериозни и внимателни, но не и да се земаме пресериозно, зашто тогаш, под „патронатот“ на егото, сѐ почнува да станува тешко и мачно. На себепроучувањето треба да гледаме од поведра перспектива, имајќи ја во прв план убавината на учењето и откривањето. Животот е таков каков што е, и не мораме во своето незнаење да го правиме потежок одошто е. Тука, фина доза на хумор, секогаш е од корист.