Текст: Мистеријата наречена живот | Автор: Стеван Милиќ
Животот низ призма на среќата и смртта
Да се вратиме сега на нашата основна тема. Ние постојано ги бараме одговорите на прашањата: кој сум јас, од каде доаѓам и каде одам, што е животот, како е создаден, која е неговата смисла, што е смртта. Степенот на нивното разбирање го одредува патот на нашата цивилизација. Секое сознание поврзано со нив е драгоцено и може да ни ја појасни сликата за нас како поединци и како вид. Затоа е неопходно да се проучуваме и осознаваме, за да разбереме подобро што правиме и што сѐ можеме и треба да правиме со капацитетот со кој располагаме, зашто она што, меѓу другото, нѐ дефинира како човечки суштества се токму љубопитноста, степенот на самосвест и опсегот на знаењето поврзано со суштинските прашања. Наспроти тоа, одбегнувајќи ги овие прашања, го осиромашуваме животот и го редуцираме на биолошко функционирање. Значи, не станува збор за тоа дали да размислуваме за овие теми, туку како и на кој начин да им пристапиме.
Интересот за прашањата поврзани со нашето постоење се буди во нас во различни периоди од животот, од различни причини, на различни начини и со различен интензитет. Генерално, може да биде резултат на интересот за духовноста и духовната практика, последица на тешки животни околности, возбудливи научни откритија за микро и макрокосмосот и слично. Ретко, во случаи на духовно развиени поединци, интересот може да се разбуди во само еден миг на некакво искуство, доживување, контакт со некоја особа, книга, текст, реченица, она што го нарекуваме „иницијална каписла“, која ќе ги активира искуствата од минатите инкарнации, за да продолжи континуитетот на духовниот пат, на потрагата по знаењето. Поединци до суштинските прашања доаѓаат размислувајќи за важни аспекти од животот: радост, тага, болест, старост, смрт, среќа, сочувствителност, љубов, слобода… Но доколку размислувањата останат „интелектуална гимнастика“, цел сама за себе, ако не нѐ поттикнат да влеземе во „текот“ на себепроучувањето, тогаш од нив не само што нема никаква посебна корист, туку и уште полошо, може да станат храна за егото и причина за празна самобендисаност.
Нема човек кој во одредени моменти или периоди од животот не се запрашал: Зошто сево ова ми се случува, која е смислата на сето тоа, што е животот, има ли воопшто некаква цел? Ова особено се случува во ситуации во кои од различни причини во нас се појавува јасна идеја за присуството на смртта во нашиот живот, и кога е осуетена нашата желба да бидеме среќни. Затоа размислувањето за животот, низ призма на среќата и смртта, може да нѐ доведе до нови прашања и да нѐ приближи до одговорите.
Сите сакаме да бидеме среќни, сакаме да избегнеме болка и страдање, никој не сака да остари, а некои, како Доријан Греј, би ја продале душата за да останат вечно млади. Сите посакуваме мир, спокојство, сигурност и благосостојба за себе и блиските. Но дали тоа е среќа, или се тоа само предуслови за среќа? Дали среќата се состои во задоволување на овие желби или е во осмисленоста на животот? Дали смислата и среќата се исто? Ако не се, во што е разликата? Дали можеме да бидеме среќни без некаква подлабока смисла во животот, или да имаме смисла, а да не бидеме среќни, во контекст на среќата како општа благосостојба? Дали она што е среќа за нас, нужно мора да биде среќа и за другите? Ако постои константа без која не можеме да бидеме среќни, значи ли тоа дека постојат трајна и минлива среќа? Дали воопшто може да се бара среќа во минлив свет?
Дали можеме да бидеме вистински среќни, ако знаеме дека зад некое ќоше нѐ демне смртта? Ако знаеме дека сите драги луѓе кои ги сакаме, сите наши постигнувања, во еден момент ќе исчезнат од различни причини и под различни околности. Како да живееме и да бидеме среќни во присуството на извесната смрт, а притоа да не станеме апатични или пак огорчени циници и нихилисти, хедонисти, анархисти или било што друго? Како да не станеме луѓе кои се занимаваат со сѐ и сешто, само за да ја покријат свесната или несвесната фрустрација предизвикана од немањето одговори и толкувања поврзани со животот. Дали заборавот е спас? Дали Буда затоа вели: „Сѐ е страдање“?
Како тоа да го сфатиме, како да ги надминеме стравот и тагата што во нас ја предизвикуваат несигурноста и неизвесноста, во која само нашето заминување е извесно; тагата која ја препознаваме во стиховите на шпанскиот поет Хуан Рамон Хименез, во неговата песна „Последно патување“:
…Ќе заминам. Ќе останат птиците. Ќе пеат.
И мојата зелена градина ќе остане, градината со зеленото дрво и стариот бунар. И ќе има уште денови со сино и мирно небо, и камбаните ќе бијат,како што бијат ова попладне. Луѓето што ги сакав ќе заминат, а градот ќе се обновува секоја година. Но мојот дух, тажен, ќе талка во некој таинствен агол на мојата цветна градина.
Каде да го сместиме одговорот на суфи мистикот Уваис, кога го запрашале:
– „Како се чувствуваш?“
– „Како некој кој утрово се разбудил, но не знае дали нема да биде мртов до вечер.“
– „Но тоа важи за сите луѓе.“
– „Да, но колкумина го чувствуваат тоа?“
Што да правиме со овој одговор што сече како нож?
Свесноста за животот во сенка на неминовното заминување ја менува нашата перцепција, и после тоа ништо веќе не е исто; барем не би требало. Ваквата ситуација во нас предизвикува различни реакции, но вообичаено делуваме во две насоки: првата би можеле да ја наречеме „ној“, а втората „лавиринт“.
Ној
Тоа е состојба во која се помируваме со незнаењето и продолжуваме да живееме со главата во „живиот песок“ на секојдневните случувања. Не преземаме ништо, велејќи: „Тоа е тоа, тоа е животот“, или „Колку повеќе мислиш на тие работи, само повеќе те боли главата“. За среќа, поединци попрво прифаќаат да ги боли главата, отколку да прифатат ваква статус кво ситуација, во која постепено се претвораме во уморни, незадоволни и разочарани луѓе, исплашени или „бунтовници без причина“, лути и на себе и на другите. Насловот на книгата на чешкиот писател Кундера: „Неподносливата леснотија на постоењето“ е добар опис на оваа состојба. Живеењето на ваков начин со текот на времето станува вистински кошмар.
Во еден период од животот, имав среќа до мене да дојдат делата на либанскиот поет Халил Џубран. Во едно од нив јасно укажува дека не мораме да функционираме како ној, постои и друга можност:
Ова е историјата на човекот: раѓање, венчавање, смрт; раѓање, венчавање, смрт. Но тогаш, пред луѓето се појавува некој „лудак“, со своите чудни идеи, зборувајќи за еден поинаков свет, во кој неговите понапредни суштества во своите сништа гледаат повеќе од раѓање, венчавање и смрт.
Лавиринт
Движејќи се по нашиот животен пат, понекогаш стигаме до „наплатна рампа“, зад која се влегува во огромен лавиринт, изграден од нашето незнаење, кој изгледа застрашувачки. Но на крајот на лавиринтот има излез, порта низ која се влегува во земја во која „нејзините понапредни суштества“ ги имаат одговорите на нашите прашања, и тоа магично нѐ привлекува. Влегувањето и движењето низ лавиринтот е проследено со неизвесност, страв и несигурност, зашто стапнуваме на непознат и опасен терен и ризикот да се изгубиме е огромен. Затоа цената за влез во лавиринтот се плаќа со храброст и пламена желба за одговорите. Како што кажал јапонскиот самурај Мијамото Мусаши:
Под високо кренатиот меч,пеколот е пред кој трепериш. Но тргни напред и земјата на блаженството ќе биде твоја.
Желбата и храброста не се доволни безбедно да минеме низ лавиринтот. Ако не можеме да преземеме одговорност за одлуката да влеземе во него, ако немаме помош од некој што добро го познава лавиринтот, ако немаме мапа, или не знаеме да ги читаме „знаците покрај патот“, со еден збор, ако не сме потполно подготвени и одлучни, подобро е за некое време да го одложиме патувањето, сѐ додека не бидеме подготвени. Непотребниот ризик нема да нѐ доведе до целта, исто како и одлуката да останеме во живиот песок на секојдневието.
За среќа, ние како вид сме љубопитни, па живеењето во монотоното секојдневие обично не нѐ задоволува. Љубопитноста е еден од главните двигатели во нашиот развој, но може да бидеме љубопитни за тривијални нешта или за суштински прашања. Првата нѐ влече назад, додека другата, вистинската љубопитност, нѐ води напред, затоа што е поврзана со откривање на смислата на нашето постоење.