Моќта и немоќта на зборовите

Ние сме единствена форма на сложен живот која користи говор во меѓусебната комуникација. Своите мисли, идеи, ставови, чувства, им ги пренесуваме на другите користејќи зборови, вербално или во пишана форма.

Еден од проблемите во таквата комуникација е прекумерната и манипулативна употреба на зборовите, кои стануваат излитени фрази и ја губат силата, а со тоа и можноста да ја отсликаат вистинската димензија и значење на нешата кои ги опишуваат. Ќе го парафразирам Парамаханса Јогананда кога ги спореди зборовите со „темпирани бомби“, кои активирани во вистинско време, на вистинско место и на вистински начин, можат да го „расчистат теренот“ и да ја одиграат својата улога.

Ние учествуваме во вербалната комуникација на различни начини. Некои се специјалисти да зборуваат многу и да не кажат ништо, а на прашањата да даваат „дипломатски“ одговори, и главно да не ја кажуваат вистината. Има луѓе кои зборувааат малку, но кажуваат многу и ќе нѐ замислат. Тие се многу ретки и за нив нашиот народ вели: „Секој збор, алтан.“ Некои зборуваат многу поради внатрешниот немир, а други за да го прикријат своето незнаење. Веројатно оттаму произлегла поговорката: „Попаметен си кога молчиш.“ Има луѓе со широки познавања, но им недостасува способност тоа јасно да го искажат. Интересно е да се комуницира со луѓе чиј речник се состои од двеста-триста зборови, но сепак, најинтересни се самобендисаните. Вистинско доживување е да се гледаат како со восхит ги слушаат своите „умни“ зборови.

Во една прилика, кога слушнав дека Фидел Кастро, познат по своите долги обраќања, одржал говор кој траел седумнаесет часа, се сетив на Иво Андриќ, кој во својата медитативна проза „Знаци покрај патот“, опишувајќи еден зборлест човек, забележал: „Не знам како од толку зборување не му се излижа непцето.“

Друг проблем во вербалната и пишана комуникација е што зборовите кои ги упатуваме на соговорниците или читателите понекогаш за нив имаат помалку или повеќе изменето значење, во зависност од културата од која доаѓаат, од религиозната припадност, од нивото на образованието, од гледиштата и ставовите кои ги застапуваат, од структурата и сензибилитетот на личноста, од контекстот во кој се кажани, итн. Затоа, особено кога станува збор за комплексни теми и содржини, прибегнувањето кон изразување со помош на стилски фигури како што се аналогиите, метафорите, алегориите и параболите, како и користењето на сличности и споредби, може да биде од голема корист пораките да ги разбереме во нивното подлабоко значење, а не само како информација. Тие може да ни помогнат да не останеме само на лексичкото значење на зборовите, туку да ги разбереме и доживееме пошироко, и да го дофатиме и она „помеѓу редовите“. Ќе пробам ова да го илустирам со еден пример.

Пред извесно време гледав емисија за проблемите поврзани со обезбедувањето храна за светската популација. Во еден момент ме шокираше изнесениот податок дека на годишно ниво во Европа биле фрлени отприлика 88 милиони тони храна. Првата реакција беше да ја вратам снимката, за да проверам дали точно слушнав. Кога се уверив дека бројката е точна, впечатокот ми беше дека тоа навистина е многу храна и дека тука нешто не е во ред. Но во продолжение на емисијата следеа и други информации, кои во еден момент беа прекинати со реклама, во која мали, слатки бебиња лазеа среќни и насмеани во новите пелени. Тие ја „покрија“ информацијата и, во мојот ум, тие 88 милиони тони храна останаа само како импресија на голема бројка. Поради начинот на кој медиумите нѐ бомбардираат и манипулираат со информациите, стануваме сѐ поконфузни, отапени и бесчувствителни, пасивни и неспособни да ја разбереме нивната суштина. Затоа, по емисијата се обидов некако да си ја претставам таа бројка во мерки кои ќе можам да ги разберам, за да увидам колку всушност тоа „многу“ е вистински големо. Решив со воз да им ја „пратам“ храната на гладните во Европа, и почнав да пресметувам колку вагони ќе ми бидат потребни за транспорт. Се одлучив за просечен вагон со носивост од 50 тони и должина од 15 метри. Пресметката покажа дека ќе бидат потребни 1.760.000 вагони, кои ќе формираат композиција долга 26.400 километри! Низ призма на овие бројки, информацијата доби сосема нова димензија, ново значење. Надополнета со податоците дека во Европа приближно 35 милиони луѓе живеат на работ на ухранетост, и дека најмногу храна се фрла во Норвешка, Финска, Данска, Холандија, Германија и Обединетото Кралство, бројката од 88 милиони тони храна престана да биде бројка и се трансформираше во слика за нашето лицемерие и перверзија, и ме натера да се запрашам каде сум јас во таа грда слика.

Во духовната литература, стилските фигури често се користат, за да нѐ поттикнат на апстрактно размислување, низ кое со сопствен труд го развиваме своето разбирање и знаење, кое тогаш добива вистинска вредност. Метафорите на суфи мистикот Џалалудин Руми за двајцата вљубени: „Врзи две птици и нема да можат да летаат, иако имаат два пара крилја“, и на Халил Џубран: „Стојте заедно, но не преблиску, зашто столбовите во храмот стојат одвоени, а дабот и чемпресот не растат во сенка на другиот“, нѐ повикуваат на размислување за природата на овој исконски однос помеѓу две човечки суштества, за љубовта, врзаноста, љубомората, посесивноста, слободата. Ако не застанеме да ги развиеме и разбереме повеќеслојните пораки скриени во овие метафори, ако не нѐ проникнат и не фатат корен во нас, ако не почнат да нѐ менуваат, ќе останат само бледи информации изгубени во нашиот ум. Интелектуалното знаење за нештата има свое место, улога и значење во духовноста, но во однос на знаењето за внатрешниот живот, базирано на личното искуство, сепак има второстепена вредност.