Животот како театарска претстава

За да се опише животот кажани се многу аналогии, метафори и други стилски фигури, и секоја од нив упатува на негови различни аспекти: животот е како бонбониера; животот е трка; животот е патување;  животот е панаѓур; животот е лотарија; животот е подарок; животот е борба, се само некои од нив.

Можеме да ја парафразираме метафората на Шекспир: „Целиот свет е сцена“ и да кажеме: „Животот е театарска претстава“. Ќе се обидеме, колку што можеме да се отвориме кон метафората и да видиме што сѐ ќе „извади“ од нас, што ќе ни открие и на што ќе нѐ научи. Низ поразлична перспектива, ослободени од воспоставените шаблони на размислување и толкување на нештата, да ни помогне да дојдеме до нашето видување и разбирање на животот.

Претставата се игра од памтивек, под различни имиња, и досега имала безброј изведби. Во неа постојано се менува актерската екипа, режисерите, сценографијата, кореографијата… Претставата ќе ја именуваме „Азбука на животот“, а театарот „Еден необичен камен“. Секоја буква претставува еден или повеќе чинови, на кои низ времето им биле придавани различни значења и вредности, но суштината на пораката останала иста. Буквата А е првиот чин, во кој стапуваме на сцената, а буквата Ш е последниот чин, во кој ја напуштаме. На сцената доаѓаме придружени од двајца актери, кои ни ја покажуваат сцената и ни ги даваат најважните информации за претставата: колку чинови има, колку трае, кои драмски жанрови најчесто се застапени… Од нив ги добиваме и првите лекции за актерската уметност. На сцената, во зависност од тоа кој чин се игра, има помалку или повеќе актери, но првите двајца имаат пресудна улога за нашата актерска кариера. На почеток, тие нѐ запознаваат со другите актери со кои ќе играме во претставата, како и со актери кои подоцна почнуваат да нѐ подучуваат и да ни го пренесуваат нивното искуство од различни жанрови: комедија, трагедија, трагикомедија. Некои од нив се специјализирале за античкиот театар, некои за класичниот, а некои за авангардниот. Тие го следат и проценуваат нашиот напредок и ни помагаат да се развиваме во посакуваната насока.

Во првите чинови, повеќе статираме, а понатаму добиваме и по некоја епизодна улога. Како што се развиваме и напредуваме, почнуваме да толкуваме и посериозни улоги. Со текот на времето постепено созреваме, па ни се случува да се приклониме кон некој жанр, што особено ни „лежи“, иако тоа секогаш не е правило. Со продлабочување на нашето знаење и разбирање на претставата и актерството, почнуваме во некои чинови да добиваме главни улоги. Во некои остануваме во епизодна улога, а понекогаш само статираме. Некогаш играме позитивни ликови, а некогаш негативци.

Но се случува, во некои чинови од претставата, од различни причини, да не се појавиме. Некогаш причината била болест, некогаш не ни се допаднала улогата па сме „ескивирале“, некогаш не сме го научиле текстот или не сме го минале кастингот, не сме биле во добри односи со режисерот, некогаш непрофесионално сме се „успале“, или сме биле во творечка криза, а некогаш едноставно сме забушавале. Некогаш, не по наша вина, поради склоп на околности, некои чинови не се одиграле.

На почеток, како млади актери, знаеме да импровизираме, но како стануваме посигурни, понекогаш успеваме да им дадеме свој печат на ликовите кои ги играме. Во претставата најчесто играме на напишан текст, но со текот на годините се случува и самите да напишеме по некоја реплика, а поретко и дел од некој чин. Се случува некои ликови да ни „легнат“ и ги играме лесно и со задоволство, нѐ инспирираат, а некои ни се тешки и не ни одат како што посакуваме – играме „технички“, без душа.

Нашиот успех во актерството, како и способноста да ги поврзуваме чиновите во целина, зависи од многу фактори: од режисерот, од актерската екипа, од сценографите, од кореографите, и од многу други поединци вклучени во реализацијата на претставата, од публиката, од театарските критичари, но зависи пред сѐ од нас самите. Зависи од силината на нашата желба да учиме и да дадеме сѐ од себе, од трудот и посветеноста со кои се вложуваме во претставата, и од она најважното, што на крајот нѐ дефинирало како добар или помалку добар актер, а тоа е одговорот на прашањето: „Дали ја сакам уметноста во себе или себе во уметноста?“

Како што тече времето и како што „денот станува долг, а годините летаат“, возраста почнува да го ограничува опсегот на улогите кои можеме да ги играме, па се случува да добиваме сѐ помалку улоги, а сѐ повеќе да глумиме советници и да ги подучуваме младите актери. И така, се доближуваме полека до последниот чин, во кој ја напуштаме сцената и заминуваме во „пензија“, некои испратени со аплаузи и награда за животно дело, некои со свирежи, а некои сосема неприметени.

Во претставата некои играат подолго, а некои пократко. Некои ја напуштаат задоволни и исполнети, а други незадоволни и разочарани, со чувство на онеправданост што не добиле „поважни“ улоги. Некои се бореле за улогите кои ги сакале, некои играле „туѓи улоги“, некои биле дублери, а некои само чекале да ја добијат улогата „од сништата“, за да докажат колку вредат, жалејќи се: „Животот пишува романи, но јас не сум му тема.“ Не сфатиле дека во претставата понекогаш треба да се „гризе“ за улогата и дека е подобро да се каеме за нештата што сме ги направиле, отколку за нештата што не сме ги направиле, а сме сакале.

Има и такви кои заминале од сцената со болно чувство дека можеле да дадат повеќе, но ги измешале улогите и чиновите, го промашиле тајмингот, се исплашиле или заглавиле во некој чин или жанр, со едноличен и ограничен репертоар. На некои не им било важно какви актери ќе бидат и што ќе остават зад себе, им биле поважни други нешта.

Правејќи рекапитулација, доаѓаме до заклучок дека квалитетот на нашата актерска способност зависи пред сѐ од нас, од нашето доживување и разбирање на претставата, од љубовта и односот кон актерството и кон сѐ што со нив е поврзано.


Постепеното усвојување на возвишеното јогиско знаење за нашето видливо и невидливо устројство, ослободено од незнаењето и ограничувањата на нашата нижа природа, ни овозможува да се загледаме во себе и да ја откриеме нашата духовна природа скриена зад телото и умот. Само тогаш можеме да ја напуштиме „сцената“ со дигната глава и со насмевка, затоа што сме дале сѐ од себе и сме го направиле тоа што требало на вистински начин. Како што вели индискиот поет Тулсидас:

Кога доаѓаше на овој свет, ти плачеше, а другите се смееја. Живеј така, што кога ќе си заминуваш од него, ти ќе се смееш, а другите ќе плачат.


При подготовката на текстот користени се материјали и белешки од обработката на оваа тема во текот на наставата со напредните групи во Центарот за интегрална јога, есента 2019 година.