Мозаик од еден светоглед
СТЕВАН МИЛИЌ
Кога размислуваме за суштински важните теми во нашите животи – слободата, љубовта, сочувствителноста… – поставувањето вистински прашања е поважно од инсистирањето на „точни“ одговори по секоја цена, зашто тие содржини имаат погруби и посуптилни нивоа, што значи пат од помало кон поголемо разбирање, од помала кон поголема вистина и всушност претставува постепено создавање на мозаикот на нашиот поглед на светот и на себе во него.
ЧЕСТИЧКА ПРАВ
Ако знам дека Земјата ротира околу својата оска со брзина од 1600 км/ч и дека се движи околу Сонцето со брзина од 107 000 км/ч;
Ако знам дека во однос на планетата, на која и од која живеам, сум како честичка прав, речиси невидлив;
Ако знам дека во однос на Сончевиот систем и околниот простор земјата е како честичка прав;
Ако знам дека сончевиот систем во однос на Млечниот пат, нашата галаксија, е како честичка прав;
Ако знам дека нашата галаксија е како честичка прав во однос на универзумот;
Ако знам дека и покрај тоа што сум како честичка прав, сепак ја сведочам оваа мистерија и ако наместо восхит и почит за Божјата креација се однесувам кон неа и кон останатите „честички прав“ егоцентрично, арогантно и самобендисано, тогаш би требало да знам дека всушност сè сум разбрал погрешно.
ВОСОЧНИ ФИГУРИ. Ние сме чудни суштества. Иако гледаме како околу нас секојдневно умираат луѓе, ние живееме и дејствуваме како тоа нам нема да ни се случи. И што е уште почудно, наместо да се трудиме да ја разбереме мистеријата на животот и да станеме барем малку помудри, ние на најразлични начини се обидуваме, со помош на пластични операции, ботокси и силикони, да останеме вечно млади и „убави“. Всушност, се претвораме во трагикомични восочни фигури кои не смеат да се насмеат и слободно да гестикулираат, за да не се измести нешто во силиконската структура… А ако нè види некој, во моментите кога не сме „маскирани“, веројатно нема да нè препознае…
(НЕ)СВЕСТ. Слушајќи ги луѓето, забележав дека опишувајќи некои ситуации и случувања во своите животи, често ја користат фразата: „паднав во несвест“, или „за малку ќе паднев во несвест“. Размислувајќи зошто оваа фраза ни е толку „омилена“, се сетив на еден разговор во кој некој на шега рече: „А како би било наместо во несвест да паднеме во свест“. Бидејќи е вистина дека поголемиот дел од животот го поминуваме „во несвест“, крајно време е да се разбудиме и да почнеме повеќе да паѓаме „во свест“.
ПОЧЕТОК И КРАЈ. Како што расте и созрева низ животните искуства, човекот од активен учесник постепено се менува во активен набљудувач на животните текови и случувања. На тоа можеби најмногу влијае сознанието дека своите искуства, суштински не може никому да ги пренесе, зашто „пренесувањето на знаењето“ е илузија. Имено, „знаењето може некому само да се предочи, а тој може по него да посегне, ако е заинтересиран, зашто сознанијата се лични“. И така, додека во човекот сè повеќе се кристализира и станува јасно сознанието за минливоста на животот и извесноста и приближувањето на неговото напуштање, тој обично почнува да го сумира она што го осознал и што не го осознал и да ги заокружува своите ставови и погледи на животот. Ги набљудува животните премрежја и се обидува да го надополни своето разбирање. Доколку животот го поминал етично и во исправен напор да го достигне знаењето, во него постепено почнуваат да бледнеат тагата и стравот, и се јавува чувство на спокојство и измиреност со себе, зашто знае дека направил сè што можел и колку што можел, без одлагање и без избегнување… Всушност, во јогиското учење, покрај начинот на живеење, внатрешната состојба при напуштањето на животот е од клучна важност за текот на наредниот живот.
УБАВИНАТА НА СРЕДНАТА КЛАСА. Пред многу години, некој заѕвони на вратата на нашата барака. Отворив и видов постар човек со секира на рамото. Ме праша дали сакам да ги исцепи дрвата кои беа ставени на куп во еден агол од дворот. Видов дека е прилично возрасен и ми беше непријатно да ја работи таа тешка физичка работа, па го одбив. Извадив од џебот пари и му ги подадов. Но, тој не сакаше да ги земе и ми рече дека сака да ги заработи. Бев изненаден, но се согласив, под услов да работи неколку денови и да не се преморува. И така, тој почна да работи… По некое време отидов да видам како е, како му оди. Седнавме на трупците и почнавме да разговараме. Во еден момент се појави мојата мајка, носејќи послужавник со кафе и неколку колачиња, и кажа: „Еве повелете, не е многу, од нас сиромашните е.“ Тој зачудено ја погледна и рече: „Зошто сиромашни? Јас не сум сиромашен, јас сум со Господ…“ Повторно ме изненади тој „обичен“, слабичок човек со темна кожа и мирен поглед. Ме поттикна да размислувам зошто во друштво на „сиромашните“ се правиме и ние сиромашни и што всушност значи да си сиромашен… Во тие размислувања се сетив на студените вечери во нашето село, кога во скромната куќа седев со баба и дедо во собата со под од даски, на кој беше расфрлана слама, за да не ни биде ладно. И додека огнот гореше во шпоретот, а треперливото светло на петролејската ламба правеше чудни сенки по ѕидовите, ги слушав нивните приказни и полека тонев во сон… незнаејќи дека сме биле „сиромашни“.
ЧИСТИЛИШТЕ. Дали земјата е, како што некои луѓе ја нарекуваат, рајска градина? Можеби некогаш и била, но ми се чини дека денес повеќе наликува на чистилиште, слично на деветте кругови на Данте… Изгледа дека сме тука за да ги прочистиме своите срца и умови и низ маки, страдања и малку радост, да се сетиме кои сме, од каде доаѓаме и каде одиме, нешта кои за жал одамна сме ги заборавиле… Всушност, тука сме да ја вратиме изгубената слобода и радост…
НАВРЕДА. Кога опишуваме некое свирепо насилство, повредување, убиство и слично, често го користиме терминот – ѕверско. Но, ако се навратиме низ историјата и ако се сетиме на сите наши војни, убивања, силувања, сечења глави, набивања на колци, тортури и изживувања врз заробениците и политички противници, ако се сетиме на концентрационите логори, сибирските гулази, ако се сетиме на освојувањата, поробувањата и геноцидите врз домородното население во Јужна и Северна Америка, Африка, Австралија, ако се сетиме на сите мрачни страници на нашата историја и на она што денес се прави во „демократските“ режими ширум светот, тогаш ми се чини дека терминот „ѕверски“ може да биде прилично навредлив за животните. Тие напаѓаат и убиваат кога се загрозени или го бранат потомството и својата територија, го прават тоа инстинктивно, за храна или во периодот на парење и не се изживуваат, не смислуваат мачења и понижувања, за разлика од нас кои го правиме тоа. Научниците имаат обичај да кажат дека човечкиот мозок е нешто најсложено и најсовршено во универзумот. Но, изгледа дека пропорционално со тоа и „дефектите“ се толку сложени, што многу тешко ги поправаме.
РЕАЛИЗИРАНОСТ. Кога зборуваме за некој познат или успешен човек, обично велиме дека е реализиран. Ми се чини дека тоа е премногу општо и недефинирано. Човекот може да биде успешен или неуспешен во разни аспекти од приватниот и општествениот живот. На пример, може да биде добар и успешен како сопружник и родител, но не и како пријател. Или може да биде врвен стручњак во професијата, но не и како колега или како надреден во хиерархијата. Затоа овој термин не дава јасна слика за оној на кого му се припишува. Всушност, знае да создаде и забуна, особено кај оние кои проучуваат или практикуваат некое од духовните учења, зашто таму терминот реализиран има сосема друго значење и се однесува на крајното достигнување во духовниот развој – ослободувањето од незнаењето и од стегите на материјата.
МИКРО-МАКРО, МАКРО-МИКРО. Гледајќи го микрокосмосот под микроскопот, и макрокосмосот низ телескопот, се прашувам дали нашиот универзум – макрокосмос, не е само микрокосмос во некој, за нас непоимливо голем макрокосмос…
ИНТУИЦИЈА. Во секојдневната комуникација често користиме термини чие што значење понекогаш не ни е сосем јасно. Обично ги користиме зашто веќе влегле во нашиот речник, не водејќи сметка дали за соговорникот тој има исто значење. На пример, често го користиме терминот интуиција, особено кога сакаме да кажеме дека во нешто сме сигурни, но не знаеме како до тој заклучок или став сме дошле. И тогаш обично велиме – „не знам како, ама знам дека е така, интуиција“. Но ако нашето тврдење подоцна се покажало како погрешно, тогаш само слегнуваме со рамениците. Прашав неколку пријатели, откако го употребија терминот интуиција, што тој значи, но не добив одговор. Затоа, сакам да цитирам како интуицијата е дефинирана во филозофијата на јога. Во неа терминот интуиција се означува со санскритскиот термин буди: „Буди е врвната свесност која распознава, разликува и разбира, бележи и реагира на работата на сетилата; има моќ на ускладување, бирање и волја. Буди проаѓа низ разни форми, во зависност од субјектот кој му е понуден. Сите ‘органи’ – сетилата, разумот и егото работат за буди, а тој пак работи за Душата“. Но, ако овие „органи“ не работат складно, интуицијата е само привид. Затоа треба да бидеме внимателни кога го користиме овој термин, како впрочем и сите други термини за чие значење не сме сигурни.
ХАЈЛЕНДЕР. Сите би сакале да живееме 1000 години, иако мислам дека и по нив веројатно би посакале, ако може, уште некоја година. Тоа всушност е израз на нашата наивна желба и претстава за бесмртноста, видена низ погрешна диоптрија – како вечно траење на животот во оваа форма.
Кога разговараме за должината на животниот век, повеќемина сметаат дека тој е краток, помал број мисли дека трае толку колку што треба, а за малкумина тој е долг. Претставата за должината на животот е поврзана со нашата перцепција на времето. Во зависност од случувањата низ кои поминуваме, брзината со која времето тече ја доживуваме различно. Во тој контекст често ја спомнуваме шегата – кога нè боли заб, времето минува бавно, никако да помине, а кога во нешто уживаме, времето „лета“.
Дали животниот век ќе го сметаме за долг или краток, многу зависи од нашиот став кон животот и од тоа што сакаме да постигнеме во тие просечни осумдесетина години. На пример, ако сакаме да водиме семеен живот, во кој семејството и работата се на прво место, тогаш животот веројатно ќе ни изгледа краток, зашто грижата за децата и сè што е поврзано со нив трае и го исполнува целиот живот. Ако, пак, во прв план ни се задоволствата и уживањето во нив, животот, исто така, ќе ни изгледа краток, зашто на желбите и задоволствата им нема крај.
Доколку нашиот интерес е да откриеме колку што можеме повеќе од мистериите на животот, тогаш тој веројатно ќе ни се чини уште пократок, зашто за одговорите кои ги бараме е потребно многу време. Од друга страна, сериозните здравствени проблеми или живеењето во екстремна сиромаштија на фавелите и сиротинските четврти на големите градови, ќе влијаат животот да ни се чини не само долг, туку и мачен.
Кога ќе достигнеме сериозна возраст и ќе снемоштиме, обично се сеќаваме на младоста и за животот обично велиме „провеано со виорот“. Ако се навратиме на минатото и ако успееме да се сетиме што сме правеле во изминатите години и децении, најверојатно ќе ни се причини дека животот е прилично долг, и можеби ќе забележиме дека во моментите кога нешто сме работеле, постоела само сегашноста во која сме биле апсорбирани. Гледајќи постојано кон нештата кои нè очекувале, кои „морало“ да ги постигнеме и кои патем немале крај, постепено сме го губеле осетот за времето.
Во еден момент, кога таа трка одеднаш ќе запре, од која било причина – смрт на блиски, кризи во општеството, војни… – во тој „стоп кадар“, гледајќи од страна, сфаќаме колку многу време и енергија сме „потрошиле“ на сосем неважни работи, кои до тој момент ни изгледале важни. За сметка на нив не сме се занимавале со други нешта важни за нас, а можеби и не сме знаеле дека треба да се во фокусот на нашето внимание и дејствување. Тој „момент на вистината“, за жал, обично се случува доцна кога времето веќе ни е при крај. Тогаш, обично повеќе или помалку разочарани, склони сме да правиме рекапитулација за да се преиспитаме што сме правеле, што не сме правеле, а требало да правиме, што сме можеле, а што не сме можеле и зошто…
Во моментите додека пребаруваме по минатото, почнува да ни станува јасно дека животниот век е долг токму колку што треба, но ние многу често во секојдневието сме придавале важност на сосема небитни работи и залудно сме ја трошеле енергијата. Обидувајќи се да ги досегнеме нештата кои нè привлекувале и да ги одбегнеме нештата кон кои сме чувсвтувале одбивност, полека сме се оддалечувале од себе. Како инсектите, кои привлечени од пламенот на свеќата ќе се запалат и ќе изгорат, така и ние, привлечени од светкавите световни дребулии ја губиме од вид целта и талкаме низ животот, заслепени од шаренилата на материјалниот свет, сè до својот крај.
Кога ќе станеме свесни за оваа поразителна вистина, ако тоа сознание не нè столчи, можеме да тргнеме по вистинскиот пат, ако сè уште имаме енергија. Колку порано откриеме што е важно во животот, толку сè поголеми шансите да проживееме исполнет и осмислен живот, и да сфатиме дека не е важно колку долго ќе живееме, туку како живееме и што ќе пренесеме во идниот живот. Но, за да се случи тоа, неопходно е прво да ја пронајдеме рамнотежата помеѓу световното и духовното, зашто кога едното претежнува, се оддалечуваме од целта и ја губиме смислата на нашето патување…кон бесмртноста.
