Текст: Мозаик од еден светоглед | Автор: Стеван Милиќ
„НЕ САКАМ ДА БИДАМ ЧЛЕН НА МАФИЈАТА“ Спрегата помеѓу политиката и бизнисот е една од најстрашните појави, која денес поприма планетарни размери, во форма на т.н. државна мафија. Таа симбиоза на суети и болна желба за власт и пари, исфрла на површина монструозни ликови – политичари, кои опкружени со своите „верни“ поддржувачи – тајкуните, управуваат со државата како да е нивна фирма, а граѓаните се само нивни вработени. За жал, во денешниот поларизиран свет, во услови на општа конфузија и неморал, тоа функционира… И затоа денес ги слушаме овие „газди“ на државите, нивните лаги, небулози и воинствени и популистички изјави, кои секој би ги сметал за смешни и налудничави, да не се исклучително опасни.
Не знам до каде ваквата ситуација, за која сме делумно и самите виновни, може да нè доведе, но знам дека толку големата нерамнотежа и тој степен на глупост и автодеструкција неминовно води до урушување на поредокот во светот и создавање нов, „подобар“, под услов да не се самоуништиме… И тоа, за жал, во одредени временски периоди постојано ни се повторува… Се прашувам каде во сето тоа сме ние, „обичните“ граѓани?
ЈАСНОВИДЦИ. Овие турбулентни времиња исфрлија на површина, меѓу останатото, голема групација луѓе кои себе се нарекуваат коментатори, аналитичари, новинари, политичари и стручњаци за сè и сешто… Постојано се присутни во медиумите со своите коментари и толкувања за кои веројатно мислат дека се многу умни и значајни, и дека со нив ќе нè „просветлат“.
Секако дека е добро и потребно од упатени поединци да се слушнат размислувања за актуелните случувања, кои сите нè засегаат, особено политичките. Но, она што остава впечаток е што повеќето од овие „стручњаци“ се толку сигурни во тоа што го зборуваат и толку се убедени дека знаат „како стојат работите“, што човек може да помисли дека се јасновидци или пак вчера разговарале со Трамп, Путин, Си Џинпинг или со некој од непознатите ликови што стојат зад нив.
Нивната „сигурност“ и самобендисаност јасно се видливи во начинот на кој зборуваат и како се изразуваат, ставот на телото, фацијалните експресии, емоции и односот кон соговорниците. Обично во сè се упатени и за сè имаат свои ставови.
Толку честото појавување на ваквите ликови, кои патем веќе се досадни и не сфаќаат колку малку знаат, е бесмислено. Всушност, тие го контаминираат медиумскиот простор и создаваат конфузија кај луѓето, особено во ова време на лажни вести и манипулации. Затоа, кога медиумите ги организираат овие разговори и дебати, треба добро да размислат кого и зошто канат, и да ја преиспитаат својата улога и одговорност во создавањето на јавното мнение.
ЗАБОРАВ. Заборавот можеби е начин на кој нашиот ум се штити од ужасите кои како вид ги предизвикуваме на останатиот жив свет, на оваа „сирота“ планета, но и на самите себе. Заборавот можеби има „заштитна“ улога, но од друга страна има за последица постојано повторување на истите грешки. Но, има грешки и грешки, а војните се нивната кулминација. Ако ја погледнеме историјата на нашата цивилизација, ќе забележиме дека војните се неизбежен дел од речиси секоја епоха, но Втората светска војна е една од најкрвавите и најсуровите. Фактот дека во неа животот го загубиле околу 70 милиони луѓе, претежно цивили од Европа, ја прави потполно бесмислена идејата дека сме напредна цивилизација која се движи кон „светлата“ иднина.
Еден историчар за Втората светска војна забележал: „Сите патишта водат до неа и од неа… ставовите на меѓународната политика за важните и чувствителни прашања, како и целиот политички речник, се обликувани во таа епоха и нивното влијание се чувствува и денес“. Затоа е очекувано прашањето: „Што оваа војна оставила во колективната меморија на човештвото, какви траги, лузни, сеќавања, слики, колку болка и ужас…?“
Дали тоа се:
- насмеаните и пресреќни лица на луѓето на воените паради, кои како во транс, одушевено им мавтаат и се обидуваат барем за миг да ги допрат своите спасители, „харизматичните“ диктатори;
- генералите, во нивните уштиркани униформи, како наведнати над масите и загледани во мапите и картите се договораат кого, како и кога да уништат;
- сликите на мртвата војска расфрлана во бескрајната снежна белина на руските степи… телата на војници замрзнати во најчудни положби, налик на луѓето од Помпеја кои починале во секунда, погодени од пирокластичкиот тек од Везув;
- невидените ѕверства во концентрационите логори и сликите на живите костури облечени во пругаста облека, кои зад бодликавата жица немо нè гледаат, без страв, без обвинување;
- „планините“ од костури наслагани едни врз други, кои и во смртта останале заедно;
- црно-белите снимки на бомбардерите кои над градовите го исфрлаат својот смртоносен товар, т.н. „тепих од бомби“ и призорите на потполно разрушување на сè што сме изградиле и создале…
- потресните слики на мажи, жени и деца, кои во долги редови чекаат за парче леб и масовното умирање од глад и студ;
- слики на ранети и осакатени војници, кои во импровизираните болници веќе не можат да им пишуваат писма на своите сакани;
- глетки на живеење во страв и исчекување на нови бомбардирања, во темнината нa подземните засолништа, подруми и тунели;
- разрушените градови низ кои како сеништа се движат бегалци, ранети, инвалиди, слепи, осакатени;
- тагата, болката и очајот на лицата на луѓето кои ги загубиле саканите и се прашуваат како да продолжат без нив и зошто;
- јапонските војници, некогашните горди самураи, како палат градови и силуваат жени во Кина;
- силите на оската како безмилосно ја пустошат Северна Африка…
Сепак, во оваа војна – чудовиште, „печурките“ над Хирошима и Нагасаки, се страшното сознание за леснотијата со која човештвото може самото да се уништи. Особено денес, со сето тоа софистицирано оружје, со тие скапи „играчки“ на „господарите“ на војната.
И кога после сè ќе се запрашаме: „Што не е во ред со нас, има ли надеж за нас?“, како излез од оваа застрашувачка состојба и мрачна перспектива, на сцена стапува заборавот, и како маѓепсани почнуваме повторно сè одново… До следната војна…
„КУЌАТА НА СЛАВНИТЕ“. Размислувајќи за сложената човечка природа, некои работи ги разбирам, но за некои сум во недоумица. Така, на пример, јасно ми е зошто им подигаме споменици и го славиме придонесот за напредокот на човештвото на луѓе како Тесла, Ајнштајн, Пастер, Џордано Бруно, Кеплер, Лајбниц, Ганди, Леонардо да Винчи, Мајка Тереза… Од друга страна, не можам да сфатам зошто тоа го правиме за Џингис Кан, Наполеон, Александар Македонски, Сулејман Величествениот и многу други. Ги славиме ли нивните „големи“ победи и освојувања или нивните крвави војни, реките пролеана крв, милионите убиени цивили, загинати и осакатени војници, кои за нив биле само бројки и фигури на нивната шаховска табла.
Во оваа „куќа на славните“ секако влегуваат и свое значајно место имаат и кралевите, кралиците, царевите, принцовите и монарсите на големите империјални и колонијални сили кои сееле пустош низ целиот свет. Навистина не ми е јасно зошто ги славиме, кога нивниот главен придонес е грофовите, бароните, витезите, лордовите, серовите и останатата буржоазија да ужива, да се изживува во својата самобендисаност и да се себеобожува… И што всушност тие симболизираат?
ДУХОВЕН ДАЛТОНИЗАМ. Знаејќи ја моќта на зборот, „владетелите“ на овој свет се обидуваат на различни начини да ги загушат и цензурираат пораките кои се опасност за нивното владеење. Всушност, нивната цел е да ги заробат нашите умови и да ни го наметнат нивниот грд и бесмислен свет во кој царуваат парите, профитот, површноста и лагите. На тој начин сакаат да ни ја одземат слободата и да нè спречат да ги кажеме своите ставови и мислења за нештата кои се вткаени во нашето духовно битие – љубовта, добрината, емпатијата, сочувствителноста – нешта за кои тие се потполно слепи, налик на духовен далтонизам.
МАНИПУЛАЦИЈА. Начинот како денес слободата ја третираат современите општества и „демократии“, всушност е само уште една манипулација, уште една од многуте илузии во нашите животи.
ПРАВОТО НА ПОСИЛНИОТ. Низ историјата слободата речиси секогаш била право на посилните. Таа била резервирана за кралевите, царевите, великодостојниците и оние кои биле на високи позиции во општествената хиерархија. За обичниот „плебс“ таа била прилично редуцирана и затоа слободата не била еднаква за сите. За жал, во „пософистицирана“ форма тоа важи и денес, само што сега слободата е резервирана за олигархијата, која по дефиниција е политички и економски систем во кој севкупното владеење е во рацете на мал број луѓе, што би се рекло: политичарите, тајкуните и корумпираната структура околу нив. Затоа може да се каже дека денес институционалната слобода е само привид.
„ПОВИСОКИ ЦЕЛИ“. Историјата на човештвото изобилува со примери на срамно и примитивно ускратување или одземање слобода на поединци и народи. Тој стремеж на некои властодршци и нивните поддржувачи да потчинат други народи и држави го гледаме во разни форми уште од најдалечното минато – од времето на племенските заедници, низ разните општествени системи – робовладетелството, феудалниот поредок, капитализмот…
Во поново време ваквото однесување го продолжиле големите империјални и колонијални сили, кои користејќи ја својата моќ и оружје, ги прекројувале, и сè уште ги прекројуваат, границите на светот, онака како што нив им одговара. За тесните интереси на олигархијата освојувале туѓи територии, ги земале нивните природни богатства и ресурси, ја краделе нивната историја, а уметничките дела едноставно ги префрлале во своите музеи… Домородното население го поробувале и искористувале, одземајќи им ги основните човекови права и слободи. Оние „непослушните“ биле затворани, мачени и убивани…
Ваквата состојба и однесување во име на „повисоки“ цели, отелотворени во политиката и идеологијата на т.н. „чисти“ и „супериорни“ народи и раси е присутна и денес. Како рецидив од тие времиња, истото се случува и денес, на еден перфиден начин, за срам на нашата цивилизација. Всушност, суштината е иста, само што сега војните се водат со многу пософистицирано оружје и технологија и многу наликуваат на видео игри, така што убијците често немаат допир со жртвите, зашто можат да бидат оддалечени од нив илјадници километри.
АРМАГЕДОН. Денес суровата и брутална светска олигархија веќе не се ни обидува да сокрие дека вистинските причини за освојување туѓи територии и ресурси е исклучиво за пари, моќ и благосостојба, за сметка на послабите и посиромашните. А некои од тие „владетели“ зборуваат и за некакви нови крстоносни војни и армагедони, повикувајќи се на цитати од светите книги, кои очигледно сосема погрешно ги разбрале. Затоа денес, сè повеќе стануваме заложници на политичките „елити“, пиони во нивните отворени и сè поагресивни игри, манипулации и мешетарења во борбата за власт. Под параванот на демократијата, тие безочно ја крадат нашата слобода, која сè повеќе се сведува на гласање на избори секои четири или пет години.
