„ДАЛЕКУ Е СОНЦЕТО“. Со право може да се каже дека слободата е еден од најкористените, но и најконтроверзни зборови во човечката историја. Слободата и нејзините различни аспекти се проучуваат во општествените и хуманистичките науки, а за неа зборуваат и пишуваат духовните учења, религиозните системи, мислители, филозофи, поединци… Денес, на долго и на широко се дискутира за слободата, како на индивидуално така и на општествено ниво. Се зборува за слободата како за можност човекот да ги оствари своите цели и стремежи во животот, својата слободна волја. Се вели и дека слободата е можност за дејствување на човекот во некоја област од животот, без ограничување. Зборуваме за слобода на мислење, слобода на говорот, слобода на медиумите, слобода на протест, слобода на избор, слобода на образование, слобода на движење, се зборува за индивидуалната и колективната слобода… Но, понекогаш ми се чини колку повеќе се дебатира, нештата стануваат сè посложени и понејасни, а слободата сè подалечна. И тогаш се прашувам на што точно се мисли кога се вели слобода или да се биде слободен човек. Дали може едноставно да се каже дека слободата е состојба на оној човек кој не е затворен?

КОЈ Е СЛОБОДЕН? Дали е слободен човек оној кој има покрив над главата, работа, автомобил и секако – хипотекарен кредит, и кој не е физички заточен во затворска ќелија, помеѓу „четири ладни ѕида, во една одаја, во хотел на изгубени души“? Може ли некој кој е во затвор, да биде во поголема мера слободен од некој што е надвор од затворските ѕидини? Ако тоа е можно, дали тоа значи дека освен физички, може да се биде заточен и на други начини, на пример, во ментален или духовен затвор? И тогаш, каква е разликата?

МЕНТАЛЕН ЗАТВОР. Ментален затвор е структура, конструкција, изградена на темелите на разни форми на незнаење, погрешни идеи и ставови, предрасуди, стравови… Тоа е место каде помеѓу четирите ѕида на умот – егото, потсвесните тенденции, желбите и мислите, затвореникот го поминува своето заточеништво. Во зависност од „прекршочното“ дело, тој може да помине во затвор одреден временски период, иако не е реткост тоа да трае и цел живот.

Со текот на времето, кај голем број затвореници се создава привид дека се слободни, и само треба да следат некои правила кои доаѓаат „одозгора“. Толку се навикнуваат на затворските услови и правила, што почнуваат да забораваат дека се во затвор од кој треба да излезат. А можеби и не забораваат, можеби од разни „непознати“ причини го кријат тоа од себе толку „успешно“, што на крај веќе не се сеќаваат како и кога го изградиле менталниот затвор и зошто сè уште се во него.

Една од причините е можеби сознанието дека слободата обично не се добива на „тацна“, дека треба да се сака да се биде слободен и да се биде подготвен да се бориш за неа со сите сили. Всушност, тоа е борба на живот и смрт со стегите однадвор и однатре, со оние што ни ги наметнува системот, но уште повеќе со оние кои самите си ги наметнуваме. Честа причина е и стравот од последиците од своите избори, зашто слобода значи да се преземе одговорност за своите постапки, наспроти „комотноста“ кога им дозволуваме на другите да ги прават изборите за нас, а ние од безбедна дистанца само критикуваме и паметуваме.

СЛОБОДА – РЕАЛНОСТ ИЛИ ИЛУЗИЈА. Дали можеме да кажеме дека сме слободни, ако не знаеме кои сме, ако не ја разбираме смислата и значењето на својот живот и не знаеме дали смртта е негов конечен исход. Ако не ги знаеме одговорите на овие прашања или не ги бараме, тогаш нашата идеја за слободата е прилично ограничена и ни претстои долг пат до нејзиното вистинско разбирање.

АНАРХИЈА. Некои поединци сметаат дека се слободни ако го прават тоа што сакаат, нешта за кои мислат дека се исправни, не водејќи притоа сметка како тоа влијае на мислите и чувствата на другите луѓе. Тогаш слободата добива форма на анархија.

ПРЕДУСЛОВИ. Понекогаш се прашувам дали за материјалната и психолошката независност може да се каже дека се слобода или се тие само предуслови за неа.

СИНЏИРИ. Една од најголемите пречки да станеме слободни е нашата особина или тенденција да се врзуваме за материјални добра, предмети, за идеи, ситуации… Тоа се железни синџири со кои сме врзани и кои нè попречуваат да посегнеме по слободата. Дури и врзаноста за добрите луѓе и убавите нешта за кои се вели дека се златни синџири, од аспект на слободата, сепак се само врзаност, односно само синџири.

НА ПАТОТ КОН СЛОБОДАТА. Ако не избегнуваме да се соочиме со своите слабости и незнаење, со искушенијата и моралните дилеми, со стравовите за сопствената и за добросостојбата на блиските, значи дека сме на патот кон слободата.

СРЕЌА. Дали слободата е синоним за среќа? Во некое крајно исходиште веројатно е, но проблемите и тешкотиите со кои се соочуваме, обидувајќи се да ја достигнеме и начинот како ги доживуваме и толкуваме, често ни отежнуваат да ја доживееме како среќа.

ЕВТАНАЗИЈА. Често велиме дека секој човек во својот живот треба да има слобода да избира. Но, тоа во некои сложени животни ситуации не е многу лесно ниту едноставно. Не знам дали е исправно да се проценуваат изборите на другите луѓе во таквите ситуации. На пример, ако од нас се бара став или мислење за изборот на абортус на жена чиј плод е резултат на силување или во случајот на терминално болниот кој постојано трпи неподносливи болки и во еден момент ја избира евтаназијата како излез, што треба ние да кажеме и зошто воопшто тоа би го правеле?

„СТРАВ ОД ЛЕТАЊЕ“. За разлика од некои луѓе кои жестоко се борат за својата слобода, која на некој начин им е ускратена или одземена, има и такви кои не знаат што да прават со слободата, зашто им е полесно кога друг ги води, мисли и избира за нив.

ОД ЗАТВОР ВО ЗАТВОР. Некои луѓе си земаат слобода да им ја одземат слободата на другите. Интересно е што обично тоа го прават поединци заточени во своите „ментални“ затвори. Користејќи ја наивноста и глупоста на останатите затвореници, тие успеваат да ги изманипулираат и да ги вовлечат во својот „полиберален“ затвор.

НЕКОЈ ОД ТОЛПАТА. Слободата и нејзиното „практикување“ е во тесна врска со возраста. Уште од мали нозе сме соочени со најразлични ограничувања на слободата и наметнување правила и норми од страна на општеството и неговите „авторитети“. Секако дека во една организирана држава мора да постојат правила и закони, но проблем е кога тие не се во склад со потребите и тежненијата ниту на поединците ниту на мнозинството. Властодршците со вешто заобиколување на законите често на поединецот му ја ускратуваат слободата да биде свој, да биде тоа што е и да го каже своето мислење, а не да биде „некој од толпата“. Создавањето истомисленици и „униформност“ е нешто што му е неопходно на секој авторитарен режим, кој по секоја цена сака да ги замолчи свесните и еманципираните поединци.

ТРИ ЗАТВОРИ. Постојат три вида затвор: физички, ментален и духовен. На прв поглед изгледа дека физичкиот затвор е најлош, но можеби и не е така. Понекогаш менталниот и духовниот затвор се многу полоши, затоа што нивните заточеници, за разлика од првите, ретко сфаќаат дека се во затвор, и уште полошо, мислат дека се слободни.

КАКО ЗДИВ… Се вели дека човекот освен душата, умот и телото всушност и нема ништо друго. Со нив тој патува низ животот, го дише воздухот, зема вода и храна за да преживее, собира искуства и учи од нив. Некогаш чекори сигурно, некогаш се сопнува, некогаш паѓа, некогаш се подига полесно, а некогаш потешко, но продолжува понатаму. Сепак, мислам дека на воздухот, водата и храната, треба да им се додаде и слободата, зашто без неа тој всушност и не може да живее, барем не како Човек.

„ШЕФОТ ВО ГЛАВАТА“. Ако ги анализираме кажувањата за слободата во духовните учења, ќе воочиме дека сите го посочуваат човековото непознавање на сопствената духовна природа, како главна причина за неговото заточеништво во материјата. Од тоа тн. основно незнаење, произлегува погрешната слика за себе како единка одвоена од целоста и чувството за „јас“ и „мое“, во негативна смила. Од основното незнаење, односно од погрешната претстава за себе, произлегуваат сите понатамошни проблеми и условености на умот, кој почнува да креира и гради структура налик на ментален затвор, во кој идеите, ставовите и концептите, во поголема или помала мера, го носат предзнакот на егото, големиот „газда“ . И така, човекот, односно неговото его, најчесто влегува во конфликт со другите луѓе, односно со нивните ега и поради тоа страда.

ДУХОВЕН ЗАТВОР. Може да се каже дека духовниот затвор, како впрочем и физичкиот, е „сестринска фирма“ на менталниот затвор. Духовниот затвор има повеќе филијали со различни програми за рехабилитација. Во јогиската филијала, програмата е базирана на повеќе постулати, но нејзините заточеници најчесто се повикуваат на неколку од нив – карма, реинкарнација, енергија-прана, чакри, сидија-моќи итн., и сè објаснуваат со нив. Како и во другите филијали, проблемот не е во програмата, туку во ставот на заточениците кои се убедени дека нивната програма е најдобра и дека е супериорна во однос на другите. Дури и кога велат дека сите програми се добри и имаат иста суштина, која е изразена со различни зборови, сепак најчесто тоа е само реторички.

„БЕГСТВО ОД СЛОБОДАТА“. Ако состојбата на слобода го исклучува стравот, дали тогаш неприфаќањето и „бегството“ од сознанието за минливоста на животот и извесната смрт, која секого го очекува и плаши, не е всушност „Бегство од слободата“… Ако стравот од смртта, во јогата наречен абинивеша, е една од главните пречки и причини за човечкото страдање, тогаш прашањето е дали и колку тој може да се пренасочи во поттик и инспирација за започнување на сериозна потрага по одговори за мистеријата на животот и смртта… Всушност, мислам дека за тоа нема подобар мотив.