МЕНТАЛЕН МИКРОСКОП. Кога сакаме да погледнеме во длабочините на космосот за да дознаеме повеќе за неговото минато и за неговите мистерии, се служиме со телескопите како Хабл и Џеjмс Веб. На сличен начин, љубопитни да дознаеме нешто повеќе за субатомската структура на одредени материјални примероци, користиме силни микроскопи кои ни го откриваат нејзиното невидливо устројство. А кога се работи за материја од органско потекло, можеме да видиме и да набљудуваме цел еден жив микросвет, невидлив за нашите очи. Слично постапуваме и кога сакаме да дознаеме повеќе за мислите и другите ментални содржини кои патуваат низ лавиринтите на нашиот ум. За да видиме од каде и од кои причини се појавуваат и какви емоции предизвикуваат во нас, ги ставаме мислите под нашиот „ментален“ микроскоп и фокусирајќи ја свесноста на нив, почнуваме да ги истражуваме и да го запознаваме нивниот карактер.

Јогините, низ медитативен процес, го откривале тајниот свет и живот на мислите, воочувајќи дека тие се посебни ентитети со одредена форма, енергија, боја, звук… Порачувајќи ни дека нашиот ум всушност е збир од мисли, кои ја одредуваат насоката на нашите животи, тие велат дека мислите никогаш не се губат, и остануваат во бесконечните пространства на универзумот и по нашето напуштање на овој свет… За среќа или за несреќа…

ДЕЦАТА НА УМОТ. Може да се каже дека мислите и зборовите се децата на умот, бидејќи сè започнува во него. Кога низ медитативната практика фокусот ќе го насочиме на мислите и мисловнот процес, на почеток ќе забележиме, а можеби и ќе се изненадиме, како низ нашиот ум, сосема произволно, и без некаков ред, поминуваат најразлични мисли – добри, помалку добри и лоши. Сè додека не достигнеме одредено ниво на познавање на природата на мислите и мисловниот процес, и не стекнеме барем иницијална контрола над нив, сè дотогаш најважно е што правиме, и како дејствуваме, но кога низ практиката умот сè повеќе ќе се прочистува, и свесноста ќе се проширува, тогаш ќе стане важно не само што правиме, туку уште повеќе – што мислиме.

„МЕ УБИ СИЛЕН ЗБОР“ Зборовите, како резултат на она што се случува во умот, можат да бидат вистинска драгоценост, но и вистинска ноќна мора. Затоа е многу важно да внимаваме како ги користиме. Од нас зависи дали тие ќе ја одразат вистината или ќе ја заматат и извртат, дали некому ќе бидат поткрепа и мелем, или некого ќе збунат и повредат. Зборовите можат да нè воздигнат и облагородат, но и да нè повредат и да остават во нас длабоки рани, па дури и да нè убијат, како што рекол српскиот поет Бранко Миљковиќ: „Ме уби силен збор. Не стигнав да се засолнам.“

ПРАЗНИ МУАБЕТИ. Зборовите што ги кажуваме често се само звуци и бука, и немаат никакво посебно значење. Ништо не кажуваат и без трага исчезнуваат во етерот.

СЛУШАЊЕ VS ЗБОРУВАЊЕ. Обично зборуваме многу кога сме вознемирени или кога имаме потреба да се чуеме и во нешто да се убедиме себе или другите, а всушност само повеќе се збунуваме. Главно е подобро повеќе да молчиме и да слушаме отколку да зборуваме – затоа и имаме две уши и една уста. Говорејќи за ова, еден поет рекол: „Ако човекот би плаќал за секој изговорен збор, сигурно би зборувал многу помалку“.

ШТО ДА КАЖЕМЕ? Гледајќи и слушајќи како комуницираме со другите, се прашувам дали доволно внимаваме при изборот на зборовите, нивното значење и точност, дали и колку сме свесни што тие предизвикуваат и каков впечаток оставаат на оној кому се обраќаме. Добар пример за површна и автоматизирана комуникација се ситуациите во кои се обраќаме некому кој има здравствен проблем, и кога незнаејќи што да кажеме, во таа нелагодност го „тешиме“ со фразите: „ајде, ајде ништо не ти е“, „ќе ти помине брзо“, „и јас бев болен како тебе“ и слично, при што немаме поим дали тоа навистина може да се случи. Впрочем, овие фрази кои во себе содржат невтемелен „оптимизам“ и „добар збор“, често повеќе го иритираат отколку што му помагаат на оној кому му се упатени. Не водејќи доволно сметка за неговиот карактер, и не задлабочувајќи се во неговата состојба, нашите „утешителни“ фрази, кои обично ги користиме во нелагодни ситуации, кога не знаеме што да кажеме, не му значат ништо ни нему, ниту нам.

БОЖЕМНА КОМУНИКАЦИЈА. Од најголема важност е да стануваме свесни и да ги откриваме начинот и карактеристиките во нашата комуникација со другите луѓе. На тој начин можеме да ги избегнеме невнимателностите кои можат да имаат непредвидливи последици. За почеток можеме да издвоиме некои вообичаени примери:

  • често не ги довршуваме речениците, а веќе почнуваме нови, што често остава впечаток како да се тркаме со себе, а соговорникот треба да трча по нас;
  • понекогаш сме толку опширни во објаснувањата што се случува да заборавиме што впрочем сакавме да кажеме;
  • не е реткост да не успеваме да најдеме точни и соодветни зборови во прилики кога сакаме нешто да кажеме или објасниме, што понекогаш се должи на скромниот речник, кој е последица на недоволната начитаност и образование; (некои луѓе во комуникацијата со другите се служат со 200-300 зборови, што секако ја ограничува можноста за квалитетна комуникација);
  • прекумерното користење странски зборови и стручни изрази, кога за тоа нема потреба, е честа појава, која со себе го повлекува прашањето зошто тоа го правиме: дали губиме од вид пред кого и за кого зборуваме, дали сакаме да ги импресионираме оние кои нè слушаат или едноставно не сме свесни;
  • понекогаш одиме во друга крајност користејќи неформален говор, својствен за секојдневната комуникација, дури и во ситуации кога за тоа не само што нема потреба, туку води до недоволна јасност и прецизност; причината за ова знае да биде скриена во потребата за „оригиналност“ и „автентичност“, па се трудиме за зборуваме „народски“, за да им се допаднеме на оние кои нè слушаат;
  • во комуникацијата често користиме предолги дигресии, кои тогаш ја губат смислата и нè оддалечуваат од темата;
  • честа појава, особено денес, е кога некои зборови или странски изрази „влегуваат во мода“; сите ги користат и многу ги слушаме во медиумите, како, на пример, „во принцип“, „на крајот на денот“, „политички елити“, „комфорна зона“, „бенефит“, „рандом“, „девастиран“… Како во нашиот јазик да нема доволно соодветни зборови кои можат да го опишат нивното значење. Причината за ова може да биде скромното познавање на сопствениот јазик, желбата да се биде „модерен“, или заборавот дека јазикот е во коренот на еден народ и дека со таков однос на еден начин го губиме својот национален идентитет. Затоа е многу важно да го користиме колку што можеме повеќе чистиот мајчин јазик и колку што можеме помалку да кажуваме „чисти глупости“.

COGITO ERGO SUM. Во гимназиските денови, на часот по филозофија, го слушнав прочуеното кажување на Декарт „Мислам, значи постојам“. Тоа, во прв момент ми прозвучи јасно, но потоа се запрашав, а колку е важно што и како мислам и колку е тоа поврзано со начинот и квалитетот на моето постоење… Денес, во ова забрзано време, повеќето мислиме брзо и површно – да не речам, ризично, а има и такви кои мислат бавно и површно – да не речам, ризично. Затоа, ми се чини дека забелешката на филозофот и психолог Вилијам Џејмс, ја дава вистинската слика: „Голем број луѓе мислат дека размислуваат, а всушност само ги прераспоредуваат своите предрасуди“.

ДОПИРОТ НА ЗБОРОТ. Некои луѓе зборуваат толку многу што по извесно време никој веќе не ги слуша. Но, има и поединци со посебен сензибилитет, кои со малку зборови успеваат да ја отсликаат вистината на начин кој многу повеќе ќе нè допре и ќе нè поттикне на размислување. Се сеќавам на зборовите на поетот и актер Енес Кишевиќ: „И зидот на плачот плаче“ и „Деца со седа коса“. Првото кажување е страшната вистина за она што денес се случува во Газа и на Блискиот исток, а важи за целиот свет, додека второто е потресен опис за состојбата и судбината на децата во воените конфликти и на местата и ситуациите во кои тие се злоупотребуваат… Како после овие зборови, кои директно му се обраќаат на Човекот во нас и ја повикуваат нашата заспана или исплашена совест, некој може да остане рамнодушен и да не реагира, да не го каже своето мислење. Ако не го стори тоа, како може да не се срами од себе, „како може да продолжи мирно да спие?“.