СЕДУМ ИЛЈАДИ. По читањето на одредени книги нашата перцепција за некои нешта се менува. Една таква книга, која засекогаш остана во моето сеќавање е: „Седум илјади денови во Сибир“, од хрватскиот комунистички активист од австриско потекло, Карло Штајнер. Во бурните триесетти години од минатиот век, животните премрежија од Австрија и Хрватска го одвеле во Москва каде пристигнал во 1932 година. Таму ја запознал Соња, која набрзо станала негова сопруга. Бил активен член на Комунистичката интернационала, во тие матни времиња на Сталиновите „чистки“, во кои биле уапсени помеѓу 14 и 25 милиони луѓе, а 1/3 од нив биле политички затвореници, „непријатели на народот“, од кои настрадале помеѓу 2 и 3 милиони… Во 1936 година тој бил уапсен и депортиран во Сибирските гулази. И таму, во тој пекол започнала неговата приказна.

Без докази и судски процес, вообичаен начин на кој функционирал режимот, тој бил осуден на 10 години робија, а пред самото пуштање осуден е на уште 10 години!!! И така по 20 години поминати во сибирскиот пекол, во 1956 година бил ослободен. Книгата предизвика во мене вистинска бура од прашања, мисли, емоции – тага, восхит, бес, страв… Бев длабоко потресен, а во мојот ум со месеци се редеа прашања и прашања на кои не наоѓав одговори.

Се обидував да разберам како се чувствувал тој човек, како е да бидеш осуден без докажана вина, да бидеш депортиран во снежната дивина на Сибир, илјадници километри далеку од саканата личност, од другите луѓе и пријатели, во услови кои ниту еден хорор-филм не може да ги долови…

Се прашував какви се луѓето како Сталин и тие околу него, кои проценувале кои луѓе се опасни за режимот, т.н. „непријатели на народот“, кои треба да бидат пратени на робија или ликвидирање, без оглед дали станува збор за поединци или стотици илјади и милиони луѓе… Кои се тие луѓе кои управувале со човечките судбини и животи, кои одлучувале кој треба да живее а кој да умре, кои биле тие „господари на животот и смртта“?… Какви и кои биле луѓето од т.н. „втор ешалон“, партиски послушници, инспектори, политички комесари, чувари… кои во незамисливите услови ја вршеле физичката и психичката тортура врз затворениците, особено политичките. Кои биле луѓето кои можеле да смислуваат и да извршуваат такви мачења и злосторства, не знам како да се наречат, можеби ѓаволски…

Кога го читав сето тоа, се прашував како е можно да постојат такви демонски природи, дали отсекогаш биле такви или подоцна станале такви… и почнав да се плашам од таа темна страна во нас… Ова ми стана појасно по неколку години кога го прочитав кажувањето на јаки шаманот Дон Хуан Матус: „Уметноста на духовниот воин е пронаоѓањето рамнотежа помеѓу чувството на страв што си човек и чувството на восхит што си човек“.

Од една страна ме обземаше вистински страв од тие демонски природи, а во исто време ме обземаше восхит кон луѓето како Карло Штајнер кои успеале сето тоа да го издржат и да преживеат… Се обидував да разберам што мислел и што чувствувал тој човек, изложен на секојдневна тортура и сеприсутна смрт, окружен со „луѓе“ кои станале монструми… Како се чувствувал одвоен од сопругата од која на неколку месеци или година добивал писмо кое му помагало да преживее, и кога помеѓу две писма не знаел дали таа сè уште е жива… Како се чувствувал кога после 10 години голгота, пред самото пуштање од затворот му било соопштено дека во меѓувреме е осуден на уште 10 години робија…

Од друга страна без восхитен од тој човек, кој сето тоа го издржал. Книгата за мене беше ода за човечката внатрешна сила и нескршливоста на духот… Многу работи ми минуваа низ умот и се сетив на еден учител кој кажал дека човекот може да издржи незамисливи работи, под услов да знае зашто и со која цел тоа го прави. Се сетив и на Виктор Франкл, творецот на логотерапијата, кој бил во концентрационен логор. Забележал дека и во тие услови имало луѓе кои го делеле последното парче леб со другите, им помагале, ги тешеле. Можеле да се избројат на прсти, но тие биле доказ дека на човекот може да му се одземе сè, но не и последната слобода – да избере личен став во секакви околности… Тоа е духовната слобода која не може да биде одземена, и која го прави животот осмислен и целисходен… Тоа беше одговор на моето прашање како во такви услови и во таков пекол и страдање можеш да ја најдеш смислата на животот.

И така, поминуваа денови во кои бев апсорбиран во неговата страшна судбина, која како него ја делеле стотици илјади непознати луѓе…

Но, во еден момент помислив на Соња и силно посакав да ја слушнам нејзината приказна, како таа ги поминала тие 20 години, како е да го чекаш оној кого го сакаш 7 000 денови и да го дочекаш… Само да изброиш до 7 000 ти требаат скоро два и пол часа, во кои секоја секунда е само уште еден проклет ден, во кој единственото нешто што вреди и што те одржува е само љубовта…

Ми се чини дека е најдобро целото мое доживување на нивната судбина, која меѓу останатото е и приказна за љубовта, да ја завршам со поемата на советскиот писател Константин Симонов „Чекај ме“:

Чекај ме, и јас ќе дојдам,
само чекај ме долго.
Чекај ме, и кога жолтите дождови

ќе ги исполнат ноќите со тага.
Чекај ме, и кога жештините ќе припечат,

и кога виулицата ќе брише,
чекај и кога другите
никој веќе нема да ги чека.
Чекај и кога чекањето ќе му дојади

секому кој чека.
Чекај ме, и јас сигурно ќе дојдам.
Не слушај кога ќе ти кажат
дека е време да заборавиш
и дека надежта те лаже.
Нека поверуваат и синот и мајката

дека веќе не постојам,
нека се уморат така чекајќи
и сите мои другари,
и горчливо вино за мојата душа

нека пијат крај огнот.
Чекај и немој да седнеш со нив,
и немој да пиеш ништо.
Чекај ме, и јас сигурно ќе дојдам,

ниедна смрт нема да ме убие.
Нека рече оној што не ме чекал –

Тој имаше среќа!
Кој не знае да чека, тој нема да сфати,

ниту ќе знаат другите
дека ме спаси ти
со своето долго чекање.
Само ние двајца ќе знаеме
како го преживеав клетиот оган –

едноставно, ти знаеше да чекаш
како никој на светот.