Каква слика имам за себе? Vs. Кој/а сум јас?

СТЕВАН МИЛИЌ

Јогата постепено го тенчи густиот превез исткаен од нашето незнаење, кое нè попречува да ја видиме реалноста каква што е, а не каква што ни ја „сервира“ умот. Вистинската јога, таа рафинирана наука за свеста, започнува од моментот кога прашањето „Каква слика имам за себе?“ се трансформира во „Кој/а сум јас?“

Јас сум убав, јас сум силен, јас сум мудар, јас сум добар и сето тоа јас го открив.

Овој афоризам на полскиот поет и сатиричар Станислав Јиржи Лец е ведар вовед во обидот да одговориме на по малку провокативното прашање „Каква слика имам за себе?“. Обично, тоа нè остава затечени и збунети, и во дилема од каде да почнеме, за разлика од леснотијата и „стручноста“ со која ги опишуваме другите. На прашањето обично одговараме: „Зошто е тоа важно?“ Но ако малку размислиме, ќе видиме дека одговорот на ова прашање е поврзан со желбата на секој од нас да биде среќен и да има осмислен и исполнет живот. Да не ни се случи, ако се запрашаме дали жалиме за нешто што не сме го направиле во животот, да го дадеме истиот одговор како познатиот аргентински писател, есеист и преведувач Борхес: „Жалам што не се потрудив повеќе да бидам среќен.“ Затоа е важно, пред да тргнеме во потрага по одговорот, појасно да дефинираме на што мислиме кога велиме „каква слика имам за себе“. Тоа можеме да го сториме со неколку дополнителни прашања: Што знам за себе? Како се доживувам? Како би се опишал/а? Што мислам за себе? Како се вреднувам? Кои се моите слабости и квалитети? Како ме перципираат другите? Како би сакал/а да ме перципираат? Каков/каква посакувам да бидам? Овие прашања, доколку не им пристапиме како на некаков забавен психолошки тест во кој за кратко време треба да одговориме со една-две реченици, можат да бидат корисна насока во обидот да сфатиме каква слика имаме за себе, што сè влијаело на тоа да биде таква каква што е, како сме ја создале, колку е реална, дали е преценета или потценета итн.

Секој човек има некаква претстава за себе, која почнува да ја создава уште во детството (моментот кога стануваме свесни за себе, на едно примарно ниво, научниците денес го лоцираат на возраста помeѓу петнаесеттиот и дваесет и четвртиот месец, сè дотогаш детето не препознава дека ликот во огледалото е тоа самото). Во сликата што ја имаме за себе, обично сме такви какви што посакуваме да бидеме, а не какви што сме. Тоа нè тера свесно или несвесно да се трудиме да ја одржиме по секоја цена, што најчесто ни создава голема тензија и конфликти со другите луѓе. Прашање е колку таа слика, создадена од желбата и потребата да бидеме прифатени од другите, е реална, колку објективно нè прикажува и колку нејзиното „одржување“ нè чини – време, енергија и нерви. Повеќето од нас, сликата за себе обично ја поврзуваат со телото и физичкиот изглед, со „улогите“ кои ги играме во животот, со местото и статусот во општеството, како и со постигнувањата на приватен и професионален план. Ќе го илустрираме тоа со следнава приказна.

Една жена се разболела и западнала во кома. Наеднаш, како да се нашла пред Божјиот суд.

– „Која си ти?“, ја запрашал Гласот.

– „Јас сум жената на градоначалникот.“

– „Не те прашувам чија жена си, туку која си ти?“

– „Јас сум мајка на четири деца.“

– „Не те прашувам чија мајка си, туку која си ти?“

– „Јас сум учителка во школо.“

– „Не те прашувам што работиш, туку која си ти?“

Разговорот продолжил во таа насока. Што и да кажувала, жената не успевала да го најде вистинскиот одговор.

– „Која си ти?“

– „Јас сум христијанка.“

– „Не те прашувам на која вера ѝ припаѓаш, туку која си ти?“

– „Јас сум онаа што секогаш одеше во црква и им помагаше на сиромашните.“

– „Не те прашувам каква си била, туку која си ти?“

На крај, бидејќи не умеела да одговори на прашањето, жената била вратена назад. Кога оздравела, решила да открие која е.

Затоа, ако анализата на сликата што ја имаме за себе ја препознаеме како можност за себепроучување, тогаш сме на добар пат суштински да се промениме; да не останеме вечна енигма за себе, да престанеме непријатно да се изненадуваме себеси и да не останеме заложници на своето незнаење. Приказната всушност ни покажува како прашањето „Каква слика имам за себе?“, се менува и еволуира во прашање „Кој/а сум јас?“.

Позитивната страна на обидот да се опишеме е што ни открива колку малку знаеме за себе, и што нè упатува на неопходноста да почнеме да ги решаваме замрсените загатки на нашето физичко, ментално и духовно постоење. Зашто и покрај тоа што секојдневно гледаме што сè се случува околу нас, во нашата слика за себе често преовладува познатото и постојано „јас, јас, јас“, и однесување кое го карактеризира кажувањето: „Ако сакам да слушнам нешто умно, разговарам со себе“. Упорно опстојуваме во идејата дека сме центарот на универзумот и дека ќе живееме илјада години, а заминувањето од овој свет великодушно им го препуштаме на другите.

Како што растеме и созреваме, сознанието за опсегот на нашето незнаење сè повеќе го стега обрачот околу нас, па почнуваме да бараме на разни начини, во надеж дека ќе дознаеме нешто повеќе за себе. Некои луѓе се навраќаат на минатото за да разберат какви биле и колку во меѓувреме се промениле; други низ повнимателна анализа на своите постапки во интеракцијата со околината се обидуваат да допрат поблиску до себе; некои пак, без посебен ред и план минуваат низ животните искуства и бараат на начин како да сакаат нешто да уловат, нарекувајќи го тоа „спонтаност“, и потпирајќи се на, како што велат, својата „интуиција“. Некои посегнуваат по психолошка литература, а некои решение гледаат во разни духовни и религиозни учења.

Денес многумина велат дека „работат на себе“, термин што често се сретнува во секојдневниот говор. Но за волја на вистината, кај повеќето резултатите не се многу видливи. Обично забележуваат кај себе некои недостатоци, но за жал тука најчесто и остануваат. Тешко успеваат да отидат понатаму и да ги откријат причините зошто се такви. Дури и кога ќе ги откријаат, не знаат како да ги коригираат и продолжуваат да се вртат во тој магичен круг, често само нагаѓајќи и сомневајќи се во точноста на своите претпоставки и судови. Причината за ваквите потешкотии, обично лежи во фактот што работата со себе, или себепроучувањето, кое во јога е наречено свадјаја, е сериозен и не толку едноставен потфат, кој често ги надминува нашите моментални можности.

Важноста на себепроучувањето налага тоа да се одвива свесно и во континуитет, објективно (колку што е возможно), без обвинувања и самообвинувања, без самосожалување, без самозалажување и разубавување, искрено и бескомпромисно. Потребен ни е јасен увид во нашата состојба и сознанието дека е неопходно да менуваме нешто во својот живот. За да го сториме тоа, треба да знаеме што треба да менуваме и како; потребни ни се метод и стратегија, силна желба и енергија, постојаност и систематичност, како и широки познавања од различни области на животот. Ова само по себе покажува дека, кога се впуштаме во овој процес, веќе треба да имаме развиено одредени квалитети како личност, но пред сè неопходно е да имаме базично познавање за тоа како функционира умот, со сите негови квалитети, условености и недостатоци. Зашто на крајот на краиштата, ние се проучуваме себеси со умот и со него ја проверуваме веродостојноста на нашите заклучоци. Или, ако го формулираме ова со други зборови, можеме да кажеме дека со умот го истражуваме умот, зашто сè почнува и завршува во него.