Како и колку нè обликува општеството?

Начинот на кој се доживуваме, во најголема мера зависи и се обликува низ односот и комуникацијата со другите луѓе, или сфатено во поширок контекст, зависи од општеството во кое живееме и чиј дел сме. Општеството има пресудно влијание врз нас, иако за тоа често не сме доволно свесни, па различно го проценуваме и толкуваме. Некои тоа влијание го минимизираат и симплифицираат, други го преувеличуваат и комплицираат, придавајќи му значења кои ги нема, а некои пак за сè имаат некакво квазидуховно објаснување.

За да го согледаме во што поширок опсег влијанието на општеството врз нас, треба да имаме барем основни познавања за неговиот историски развој, за односот кон поединецот, за етичките вредности кои ги негува, за правилата и конвенциите поврзани со разните сфери од животот, како што се науката, религијата, образованието, правниот систем, политиката, културата и така натаму.

Шемата на концентричните кругови по малку наликува на општество во мало. Разликата е во тоа што ние живееме и делуваме главно во опкружување кое е составено од роднини, пријатели и луѓе со кои делиме исти или слични идеи, гледишта, ставови, интересирања. Затоа, понекогаш сме искрено изненадени и вознемирени кога во одредени ситуации ќе откриеме дека во нашата близина живеат луѓе со многу поразличен поглед на животот и различна перцепција и вреднување на нештата. Поради тоа потребна е подлабока и посеопфатна анализа на општеството, приликите и времето во кое живееме. Семејните односи не се единствениот фактор во нашиот развој. Впрочем и нашите родители, баби и дедовци се производ на времето и општеството во кое се појавиле на сцената на животот. Ова не значи дека треба да станеме експерти за социјална психологија или други општествени науки, но не би требало ни да бидеме лаици. Зашто колку повеќе знаеме, полесно ќе ја видиме нишката што нè поврзува со луѓето и општеството, па ќе можеме полесно да се разбереме. Во спротивно, нема да можеме да сфатиме во колкава мера сме производ на минатите случувања и искуства. Нема да сфатиме дека со нашето дејствување ја градиме иднината на генерациите што доаѓаат и ќе влијаеме на сликата што тие ќе ја имаат за себе, но и за нас. Сознанието дека сме алка во развојот на општеството е исклучително важно, зашто меѓу другото може да нè ослободи од нездравото чувство на самоважност и од идејата дека сè почнува од нас.

Затоа, ако сакаме да го разбереме подобро нашето минато, и она што е похрането во нас како колективно искуство, не е доволно само да ги знаеме историските факти за општествата и цивилизациите, за нивните раѓања, достигнувања, подеми и падови; не е доволно само да ги знаеме имињата на царевите, владетелите, војсководците, нивните религиозни и духовни водачи, филозофи, уметници… Тoa знаење е, како што велиме, „општа култура“, и можеби е доволно за некаков квиз од областа на историјата. Но ако сакаме да ја видиме реалната и целосна слика на едно општество, а не некаква филмска или романсирана верзија, треба да ја вклучиме нашата имагинација и способност за креативно и критичко размислување и да се обидеме да „влеземе“ во животите на „обичните“ луѓе и да разбереме што мислеле и чувствувале, како живееле, во што верувале, кон што тежнееле, на што се радувале и за што тагувале, и да дознаеме каква слика имале за себе.

Како социјални суштества, ние сме изложени на силни влијанија од општеството. Затоа, кога ги анализираме, секогаш треба да имаме предвид дека општествата постојано се менуваат, развиваат, и меѓусебе се разликуваат. Како пример можеме да го земеме кастинскиот систем во древна Индија, без претенциозни идеи дека треба да го толкуваме. За него може да се каже дека е „наследна поделба во општествениот систем на хиндуизмот, во кој е вградена социјалната нееднаквост“. Според категоризацијата варна, која датира од ведскиот период, постојат четири касти. На врвот се браманите – свештенството; потоа следи кастата на кшатриите, на која припаѓаат воините и владетелите; третата каста се ваишиите, трговците и земјоделците; последната каста се шудрите, слугите. Постои и најниска група – парии, наречена недопирливи. Во овој систем, припадноста на кастата го одредувала начинот на однесување на членовите, односно ја одредувала насоката на нивните животи. Во некои сегменти, како на пример бракот, било забрането мешање помеѓу членовите на различни касти. Во контекст на нашата тема, припадникот на пониската каста немал пристап до одредени информации и знаења, што секако влијаело на неговиот развој.

Можеби едно кратко „патување“ низ разни епохи и цивилизации, еден мал времеплов, би ни помогнал да ги освежиме сеќавањата и да си доловиме како живееле и што мислеле за себе:

  • воините на Џингис Кан кои на своите крвави походи убиле речиси пет проценти од светската популација
  • луѓето во ацтешкото царство, додека ги гледале свештениците како им ги вадат срцата на сè уште живите луѓе кои биле жртвувани на боговите, и чиј број годишно изнесувал околу дваесет илјади
  • поданиците и робовите во древниот Египет, кои и по дваесет години ги граделе пирамидите на своите фараони
  • публиката во римскиот Колосеум додека одушевено гледала како гладијаторите меѓусебно се убиваат, за нивна забава
  • спартанците, кои мајките ги испраќале во војна со зборовите „со штитот или на него“
  • жените во средниот век, кои инквизицијата поради ерес ги прогласувала за вештерки и ги горела на клади
  • оние на кои црковната догма им велела дека се грешни и нечисти
  • оние кои биле спалени од страна на црквата затоа што велеле дека земјата се врти околу Сонцето
  • крстоносците кои оделе на Исток да го „бранат христијанството“
  • јапонските самураи додека самоволно извршувале ритуално самоубиство за да ја задржат својата чест
  • луѓето кои се повлекувале од светот во потрага по Бога
  • луѓето кои за време на индустриската револуција во тешки услови работеле по шеснаесет часови на ден
  • осумнаесетте милиони осудени на тешка работа во гулазите на Сталин во Сибир
  • депортираните кои влегувајќи во Аушвиц, на портата можеле да прочитаат: „Работата ослободува“
  • „вработените“ во концентрационите логори, кои откако ќе испрателе неколку стотици логораши на „капење“ во крематориумите, на крајот на денот се враќале во своите топли домови, кај своите семејства
  • жените во Швајцарија кои до седумдесетите години на дваесеттиот век немале право на глас
  • оние кои го гледале зачекорувањето на првиот човек на Месечината
  • научниците кои пред шеесетина години сфатиле дека нашата галаксија, Млечниот Пат, не е универзумот, туку само една од стотиците милијарди галаксии во неговиот бескрај
  • оние кои преку сликите што ги испрати вселенскиот телескоп Хабл, ѕирнаа во најоддалечените чудесни места на нашиот универзум
  • оние што сфатиле дека сме резултат на една долга еволуција на свеста и дека сме совршени, но како потенцијал…

Би можеле уште долго да патуваме низ минатото, но да се вратиме во сегашноста и да видиме што се случува денес, кај нас и во целиот свет. Кои се денес главните општо прифатени текови, или како што милуваме да кажеме – мејнстримот. До каде стигнавме? Што можеме да кажеме за себе и за светот во кој живееме? Свет во кој:

  • политичарите се синоним за криминалци
  • лагата тешко може да се одвои од вистината
  • секојдневно слушаме за скандали во највисоките политички, религиозни и духовни кругови
  • царуваат нетолеранцијата и религиозниот фундаментализам
  • го гледаме уништувањето на планетата – нашиот дом, и природните катастрофи како последица на глобалните климатски промени
  • филмските ѕвезди заработуваат по дваесет милиони долари за еден снимен филм, или по милион долари за дваесетминутна епизода од хумористична серија
  • фудбалерите кои добиваат плата од три стотини илјади евра неделно или повеќе
  • публиката на стадионите многу потсетува на римски Колосеум, а зборовите на римскиот поет Јувенал, „леб и игри“, изгледа важат и денес
  • на ТВ каналите постојано нè демнат „стручњаци“, „аналитичари“, „духовњаци“, „експерти“, и сите сметаат дека имаат да ни кажат нешто мудро, со цел да нè „просветлат“
  • јазот помеѓу богатите и сиромашните е сè поголем, само што сега најбогатите се само еден процент од светската популација
  • моќните банки уриваат влади и држави
  • научниците, лекарите, уметниците, хуманите луѓе и многу други вредни поединци и групи не можеме да ги видиме и чуеме од политичарите, спортистите, пејачите, готвачите, кои доминираат во медиумскиот простор
  • да се зборува за ерозија на моралот и изгубениот вредносен систем веќе станува излитено и дегутантно
  • мислиме брзо и површно, ако тоа воопшто може да се нарече размислување
  • младите се оставени сами на себе, изгубени во лавиринтите на социјалните мрежи, затруени со евтини содржини, евтина забава и реалити шоуа; живеат низ животите на „славните“ и сонуваат дека еден ден ќе станат познати глумци, пејачи, фудбалери, тенисери, и ќе зачекорат по црвениот тепих; како што во една прилика кажа Рамбо Амадеус: „Половина од младите сакаат да станат диџеи, а другата половина манекени“
  • стануваме сè посебични и поапатични, нечувствителни за другите
  • се прашуваме дали влеговме во ново робовладетелско општество, кое од старото се разликува по сценографијата и во кое робовладетелите на пософистициран начин им ги крадат животите на робовите, кои и не знаат дека се робови, зашто се „слободни“ – имаат куќа, кола и хипотекарен кредит
  • на едно место живеат оние што сè уште мислат дека земјата е плоча и дека сè е светски заговор и други кои се загледани во мистериите на микро- и макрокосмосот
  • како што кажа еден духовен учител, разликата помеѓу мајмунот и нас, обичните луѓе, е многу помала од разликата помеѓу нас и оние малкумина кои го реализирале својот духовен потенцијал

Руската поговорка, „Лоши времиња поминуваат, силни луѓе остануваат“, што во една прилика ми ја кажа виолинистот Леонид Пејсахов, нè става пред дилема и прашање – како да станеме силни и да останеме „нормални“ во свет кој сè уште го движи профитот, но за жал во погрешна насока.

Ако во контекст на темата ги споиме минатото и сегашноста, ќе воочиме дека нашето незнаење, изразено во форма на егоизам, суета, гордост, алчност и нетолеранција е присутно и сега, само што е спакувано во нов дизајн и понапредна технологија. Поткрепено со нашата постојана потреба да бидеме прифатени, одбележани, вреднувани и сакани, нашето незнаење влијае на начинот како ги разбираме работите и како се однесуваме во животот. Затоа постојано се трудиме да се вклопиме во посакуваната слика што општеството и времето ја наметнуваат и вреднуваат. За жал, како што видовме, општествата не биле секогаш на вистинскиот пат, ниту на висината на историскиот момент.

Од гледна точка на духовноста во која владеат законите на љубовта, сочувствителноста, толеранцијата, добрината и разбирањето, ние сè уште сме во камено доба. Но за некои луѓе ваквата состојба никогаш не била прифатлива. Секогаш имало поединци кои излегувале од вообичаената шема на живеење – раѓање, венчавање, смрт – која Џубран ја нарекува „историја на човекот“, а Крлежа ја коментира велејќи: „Во стадото смрди, ама топло е.“ За среќа, секогаш имало луѓе кои сакале да „дишат чист воздух“ и по цена да им биде ладно.