Текст: Каква слика имам за себе? Vs. Кој/а сум јас? | Автор: Стеван Милиќ
Јога – прецизна „духовна математика“
На почеток, кога говоревме за начините на кои се обидуваме да се осознаеме, бидејќи за себе сме „равенка со многу непознати“, ги спомнавме и духовните учења. Јогискиот метод е како прецизна „духовна математика“ која може да ни помогне во решавањето на равенката. Ако сакаме да ја практикуваме во таа насока, и да почнеме поорганизирано и посистематски да ја откриваме сликата за себе, потребно е да се запознаеме со нејзината сложена психолошка и филозофска димензија, и суштината на нејзината порака, за да разбереме како може да ни помогне. Во спротивно, можеме да ја осиромашиме и да ја претвориме јогата во мешавина од малку вежби и малку дишење, малку релаксација, и сето тоа „зачинето“ со многу „позитивна енергија“, чакри, просветлување и санскритски термини. Влегувањето во таа „сива“ зона, во која сè може да се кажува и сè да биде „вистина“, е најдобриот начин и пат да направиме од себе самобендисани и опуштени карикатури. За жал, денес главно тоа се случува – едно незнаење заменуваме со друго.
Сеопфатно толкување на јогата како учење, кое низ различни форми и методи, на различни начини допира до физичкиот, менталниот, емоционалниот и духовниот аспект на нашата личност, ја надминува намената на овој текст. Затоа, во контекстот на темата, ќе се задржиме само на одредени елементи. Постојат повеќе форми на јога, од кои четири традиционално се сметаат за основни. Сите имаат иста цел, да нè ослободат од незнаењето за нашата вистинска природа, и да нè донесат до нашата духовна суштина. Начините и методите кои притоа ги користат се разликуваат.
- Џнана-јога е патот до вистинското знаење за животот, преку интелектот
- Раџа-јога го следи медитативниот пристап
- Карма-јога е уметноста на несебичното дејствување, кое во рацете на јогинот станува моќна алатка за внатрешна трансформација
- Бакти-јога до целта стига низ возвишената љубов и предаденоста на Бог
Денес на Запад, без генерализирање, главно е присутна хата-јогата, форма од понова дата, чии сложени техники се насочени кон телото и енергетскиот систем, но за жал се практикуваат во прилично редуцирана и симплифицирана форма.
Секако дека добро разбрана и осмислена практика, во која би биле интегрирани клучните аспекти на сите основни форми на јога, би била идеална, но тоа е тешко остварливо, зашто како луѓе меѓусебно се разликуваме и имаме различни афинитети, способности и мотивации. Во продолжение, без претензија да нудиме некаков „најдобар“ начин, ќе се обидеме во кратки црти да опишеме еден правилен начин на практика.
Патот на јогата не е ниту лесен ниту едноставен. Често е тешко разбирлив и затоа се случува, и покрај нашите искрени напори, понекогаш да не стигнуваме до посакуваните резултати. Тогаш треба да застанеме и да провериме на што се должи тоа. Прво, дали имаме реални очекувања и реална слика за своите можности, потоа дали и колку сакаме вистински да се менуваме, или посакуваните промени се сепак на ниво на „корективна козметика“. Треба да преиспитаме да не грешиме во пристапот, дали ни недостасуваат самодисциплина, ентузијазам, трпение, или имаме проблеми со претходно стекнатите негативни тенденции и ставови кои нè влечат назад. Потешкотиите обично се многубројни и затоа треба да се надминуваат внимателно и трпеливо. Не треба да одиме во крајности – ниту да рушиме, ниту да бидеме млаки во напорот и да си попуштаме. Во јогата е неопходен еден вид позитивна впрегнатост; не агресивен пристап, потребна е нежна, а не деструктивна сила.
Ако сакаме да напредуваме, неопходна е редовна и контиуирана практика. Квалитетот на фокусот и свесноста кои ги постигнуваме додека практикуваме јога, со текот на времето треба да се „прелее“ во секојдневните животни активности, во комуникацијата со луѓето, таму каде што можеме најмногу да учиме за себе и да разбереме зошто сме такви какви што сме. Ако во односите со другите луѓе, на нивните забелешки, нашиот „конечен одговор“ е: „Па таков сум…“, што често се слуша, тогаш не ни останува ништо друго освен, како што вели англискиот филозоф и нобеловец, Бертранд Расел: „…да ги засукаме ракавите, и со помош на тупаниците да се ‘разбереме’ со другите“.