Кругови на влијанија

Кога се дефинираме како вид, често знаеме да кажеме дека сме отелотворени, мисловни и духовни суштества, кои живеат во заедници и учат од искуства. Од таа перспектива на социјални единки, сосема е разбирливо дека пресудно влијание на нашиот развој има нашата комуникација со луѓето и затоа треба многу внимателно да ја истражиме. Во спротивно, сликата што ја имаме за себе може да остане непотполна или искривена, како онаа што ја гледаме во деформираните огледала во циркусите и другите места за забава. За да ја избегнеме оваа грешка, која е последица на несистематски и хаотичен пристап во анализата, можеме прво да направиме рекапитулација на нашиот досегашен живот. Потоа можеме да ги групираме искуствата со другите луѓе и низ внимателно набљудување да ги откриваме нивните меѓусебни врски.

Поради нејзината важност, рекапитулацијата, меѓу другото, треба да биде креативен процес. На пример, во неа можеме да тргнеме од различни позиции: досегашниот живот можеме да го поделиме на временски периоди; можеме да направиме поделба по однос на возраста или групирања на луѓето со кои сме комуницирале; можеме да ги поделиме искуствата по нивната важност и последиците што ги оставиле врз одредени сфери од нашиот живот. Рекапитулацијата треба да биде сеопфатно набљудување во кое работите ќе ги гледаме од разни агли, не застанувајќи притоа на првата импресија, како што обично правиме. При рекапитулацијата треба да бидеме слободни и да ги одбегнуваме воспоставените, вообичаени обрасци на однесување и размислување кои нè ограничуваат. Исто така, кога проценуваме нешто, не смееме да изгубиме од вид дека сè е подложно на промена – ние се менуваме, луѓето околу нас се менуваат, приликите во општеството се менуваат. Ништо не е како вчера. Ако ништо друго, постари сме за еден ден. Сè се менува, иако некои работи навидум може да ни изгледаат исти и да ни се чини дека можеме да ги ставиме во иста „фиока“. Тоа може да е така, но само до некаде.

Влијанијата на кои сме изложени од поединци и групи, од нашето потесно и пошироко опкружување, започнуваат уште од најраната возраст. За полесно да ја истражуваме оваа сложена мрежа на односи, можеме графички да ја претставиме како шема на концентрични кругови. Центарот сме ние, а во круговите кои орбитираат околу нас се луѓето со кои доаѓаме во контакт во текот на животот. Шемата може да ни користи на повеќе начини. Може да ни овозможи поструктурирана анализа, а тоа е важно, зашто некои ситуации и влијанија, со текот на времето бледнеат, некои свесно или несвесно ги забораваме, а некои не ги ни забележуваме. Шемата може да ни овозможи полесно да се снајдеме во „хаосот“ на искуствата и осмислено да ги групираме за да можеме од некаде да тргнеме со анализата. Впрочем, кога во некои животни ситуации се прашуваме зошто сме се однесувале на еден или на друг начин, зошто сме направиле одредени избори, или сме донеле некои одлуки, одговорите најчесто можеме да ги најдеме во некој од круговите.

Во првиот, најблискиот круг се нашите родители. Во вториот се потесното и поширокото семејство. Третиот круг е нашето блиско опкружување и во него се наоѓаат нашите соседи и другари. Потоа следи круг кој можеме да го наречеме „образование“, составен од наставници, професори, едукатори, соученици. Во следниот круг, насловен „професија“, влегуваат колеги, соработници… Во последниот круг, се наоѓаат поединци и групи – научници, филозофи, духовни учители, писатели, уметници, „обични“ луѓе – кои на посреден или непосреден начин, со своите ставови, идеи и дела, извршиле на нас силно влијание во некои периоди и сегменти од нашиот живот.

Многу е битно кога се занимаваме со важни содржини од нашиот живот, прво да се обидеме самите да креираме пристап што ни е јасен и разбирлив. Откако ќе ги исцрпиме своите идеи и размислувања, можеме, и треба да посегнеме по литература и да ги провериме, споредиме, коригираме и дополниме нашите идеи. Тоа не значи дека постојано треба да тргнуваме од почеток, но ваквиот начин е добра вежба во развивањето на нашите умствени способности, која од нас бара труд и лична активност.

На пример, во психологијата се опишани различни начини како се формираат и дефинираат социјалните групи. Според една класификација постојат четири основни групи:

  • Првата, наречена примарни групи, ја сочинуваат роднини, блиски пријатели, соседи, кои се примарни извори на социјализација, што ги обликуваат ставовите, вредностите и општествената ориентација. Овие групи ги карактеризираат голема поврзаност, идентификација на членовите на групата, директна интеракција, солидарност итн. Тие се мали и долготрајни.
  • Втората, наречена социјални групи, ја сочинуваат колеги, соработници… Тие не се така блиски и интензивни како претходната група, и често се формираат околу заедничка цел. Обично се мали и со умерено траење.
  • Колективите се случајни, спонтани групи, кои траат кратко и во нив лесно се влегува и излегува. Примери се: публика, минувачи, набљудувачи.
  • Категории се најголеми групи, кои ги сочинуваат поединци слични по нешто (етничка, родова, верска припадност …) и во нив може да се припаѓа засекогаш или привремено.

Но да се вратиме на нашите кругови. Првиот и најблискиот круг се нашите родители. Тој веројатно е највлијателниот, зашто квалитетот на односот со родителите или оние кои ја играат нивната улога, има пресудно значење за нашиот понатамошен развој. Се сеќавам на еден прекрасен извадок од книгата „Синото момче“ од францускиот писател Жан Жионо, во кое главниот јунак го опишува односот со таткото:

Ништо не скрши, ништо не скина во мене, ништо не задуши, ништо не избриша… Со инстинктот на инсект, ѝ даваше на малата ларва, каква што бев јас, сè што треба: еден ден ова, друг ден она; ме опсипуваше со растенија, стебла, земја, луѓе, брегови, жени, јадови, добрини, гордост, и сето тоа како храна, како помош, сето тоа како насетување на нешто што би можело да биде болка. Однапред ми даде добар завој за она што можеше да биде рана, а што благодарение на него, во мене стана големо сонце.

Ние носиме голем „багаж“ уште од најрана возраст. Во тој период, многу работи ни се наметнуваат и ние, иако млади, во голема мера веќе сме обликувани. Додека растеме и созреваме, постојано сме под „капата“ на правила и норми кон кои треба да се придржуваме, едноставно затоа што се општествено прифатени, иако често не се во склад со нашите потреби, желби, можности, карактер… Како што во една песна вели Бора Чорба: „…правила, правила, да би нас удавила.“ Ова треба да нè поттикне да истражуваме и да почнеме да препознаваме што ни е наметнато од надвор, а што самите сме искреирале во сликата за себе.

Наредните кругови, колку се подалеку од нас имаат послаба „гравитација“, послабо влијаат на нас, иако тоа не мора да биде правило. Често се случува разни поединци или идеи, религиозни и духовни текстови и научни откритија, да извршат пресудно влијание на нашиот живот и да ја одредат неговата насока.

И така, како што тече животот, се зголемува бројот на поединци и групи со кои стапуваме во контакт, па така и ние почнуваме да стануваме делови од нивните кругови. Стануваме нечии родители, партнери, роднини, пријатели, соработници… Тие релации се можност за нови искуства и сознанија, но и за нови грешки и недоразбирања.

Анализирајќи ги круговите, сè повеќе ја откриваме вистинската димензија на нашата „вмреженост“ со другите. Сфаќаме дека сме дел од еден организам, една од седумте милијарди клетки. Тоа сознание почнува полека да го „топи“ нашиот егоизам и да го заменува со почит и скромност.