Како функционира умот?

Кога и пристапуваме на јогата како на наука за себепроучување, смирениот ум е од најголема важност, зашто подразбира негова ослободеност од влијанието на непотребниот и штетен баласт од погрешни идеи, ставови и гледишта, од разни условености, вознемирувачки мисли и чувства, со еден збор, од сето незнаење кое ја искривува сликата за нас и за светот што нè опкружува. Само ум со такви квалитети има способност низ аналитичен мисловен процес, јасно да ги согледува и толкува појавите во внатрешниот и надворешниот свет и нивните меѓусебни односи. Само во таква состојба на умот, можеме свесно да го набљудуваме нашето однесување и да ги анализираме и откриваме причините за начините на кои дејствуваме. Тоа е неопходно ако сакаме да ги развиваме квалитетите потребни да направиме промени во животот. За постигнување на таква состојба, различните форми на јога се служат со различни техники и методи, но познавањето на умот, следењето на етичкиот кодекс и практиката на медитативните техники се присутни речиси во сите, како пишано или непишано правило.

Зошто е неопходно да разбереме што е умот и како функционира? Во духовните учења обично се вели: „Ние дејствуваме така како што мислиме.“ Тоа значи дека сите наши зборови и дела, одлуки и избори, прво се случуваат во умот, и потоа се изразуваат во надворешниот свет; или – сè се случува прво на суптилно и потоа се манифестира на грубо, материјално ниво. Затоа можеме да кажеме дека телото е „продолжена рака“ на умот. Патот по кој се движиме низ животот се трасира во умот, и ако не знаеме како функционира, можеме лесно да заталкаме во погрешни насоки. На пример, сите сакаме да бидеме среќни, но среќата ја бараме во материјалниот свет, иако знаеме дека тој постојано се менува и сè што се создава во него, по одредено време подлежи на уништување. И покрај нелогичноста, ние упорно продолжуваме да ја бараме таму, и постојано се разочаруваме не сфаќајќи дека бараме во погрешна насока. Па дури и кога ќе дознаеме каде треба да одиме, повторно грешиме. Ќе се обидеме тоа да го опишеме преку следниот пример.

Да замислиме дека живееме во Скопје, не знаејќи дека целта на нашиот живот е да стигнеме до центарот на градот, на плоштадот, каде се наоѓа книжарница, во која има една книга, во која е запишано што треба да правиме за да дојдеме до одговорот на вечното прашање „Кој/а сум јас?“. Еден ден, се појавува еден човек кој тоа ни го објаснува и ни кажува дека треба итно да тргнеме и да ја најдеме книгата. Некои ќе тргнат од Карпош 1, некои од Ѓорче Петров, некои од Сарај, некои од Радишани, а некои нема да тргнат велејќи дека „не веруваат во тие глупости“. Од оние што тргнале, некои одат пеш, некои со ЈСП, некои со велосипеди, а некои со автомобили. Но по пат се случуваат разни работи. На некои ќе им се расипе автомобилот, на други ќе им се дупне гумата на велосипедот, некои ќе се изморат и ќе седнат на клупа крај патот да се одморат. Се случува, исто така, разни нешта да ни го одвлечат вниманието – некој интересен објект, некој убав излог, некој маркет, некое кафуле, некој маж или жена, некои луѓе…, и така занесени забораваме каде сме тргнале. Занесеноста некогаш трае пократко или подолго, но обично трае цел живот.

И така, на крај остануваме без одговорите на овие животно важни прашања. Остануваме во своето незнаење и често се повредуваме и себе и другите. Затоа се вели дека знаењето е моќ и слобода, а незнаењето ропство, кое некогаш може да биде опасно по живот – буквално. Кога ќе сфатиме дека не сме само физички, туку и духовни суштества, кои можат да размислуваат и на тој начин да откријат што е умот, кога ќе сфатиме дека треба да ја истражуваме сегашноста за да можеме да ја поврземе со минатото и иднината, ни станува јасно дека прво што треба да направиме е да откриеме што е умот. А за тоа треба да имаме интерес и силна желба, треба да имаме љубов за знаењето, љубов за тој внатрешен пат, за кој Дон Хуан Матус вели:

…За мене постои само патување по патиштата што имаат срце. Таму јас патувам и единствен достоинствен предизвик е тој пат да се помине целиот, до крај. И таму патувам, гледајќи, гледајќи без здив.