Да се биде ученик или не, прашање е сега

СТЕВАН МИЛИЌ

Начинот на кој денес живееме и дејствуваме е речиси идентичен со описите на човечката состојба во кали-југата – мрачното доба, еден од четирите временски периоди во постоењето на универзумот и неговите циклуси на создавање, развој и распаѓање. Главни карактеристики на овој циклус, кој патем е сличен на описите на железното доба во антиката, покрај човечкиот морален пад, се и неговата потполна нурнатост во материјалното, како и губењето на знаењето за јогиското учење.


Затоа, не треба да нè чуди што во ваквите (не)прилики се случува хиперинфлација на лажни гуруи, спасители, пророци и „духовњаци“ од сите учења и религии, кои наместо да нè извлечат, уште повеќе нè туркаат во калта на ова мрачно време. Тоа е причината што хамлетовската дилема „да се биде ученик или не, прашање е сега“, денес е повеќе од актуелна. Тоа секако не значи дека не треба да станеме ученици,  зашто човекот во својата суштина е ученик или подобро кажано, тој е трагач по смислата на своето постоење. Тој трага на различни начини, повеќе или помалку свесно и повеќе или помалку успешно.

Генерално, трагачите може да се поделат во две групи. Во првата се т.н. трагачи во „мирнодопски“ услови. Тие се малубројни и кај нив импулсот за трагање е внатрешен и многу силен. Се јавува како резултат на духовниот развој во минатите животи, кој теженее кон свое продолжување. Такви се примерите на млади луѓе кои своеволно се повлекле во ашрами и манастири за да го продолжат својот пат кон повисокиот идеал или останале да дејствуваат во рамки на општествата. Во втората група спаѓаат трагачи во „воени“ услови и прилики. Побројни се и кај нив импулсот за трагање најчесто доаѓа однадвор. Тие се будат од дремежот во илузијата, согледувајќи ја бесмислата на квазисигурноста што таа ја создава. Тој привид обично се руши во тешките животни околности – болест, смрт на блиски, војни, природни катастрофи, кои агресивно ја реметат секојдневната рутина и „сигурност“ и го соочуваат човекот со реалноста, поттикнувајќи го на размислување и барање одговори. Трагачите од оваа група се побројни, но и се поподложни на разни внатрешни или надворешни дистракции, кои го покриваат импулсот за трагање, поради што мал број од нив остануваат во потрагата по знаењето и одговорите.

Затоа, би можело да се каже дека дилемата „да се биде ученик или не“ всушност повеќе упатува на внимателност и предострожност при изборот на оној што ќе го прифатиме да нè води на ова епско, внатрешно патување, кое често знае да биде многу замрсено и комплицирано. Меѓу другото, тоа подразбира и развивање на етички квалитети и способност правилно да проценуваме, за да можеме да учиме од учители кои се на различни нивоа на духовен развој. Без тие квалитети тешко ќе можеме да ги избегнеме потенцијалните опасности во комплексниот однос учител-ученик (повеќе на оваа тема во текстот: „Во потрага по учител и понатаму“).

КРАТКА ПРИКАЗНА ЗА ЕДЕН ТРАГАЧ

После задолжителното образование, без некаков преголем напор и „воодушевување“, некогаш со поголем, а некогаш со помал интерес, тој го заврши и високото образование. Немаше некакви посебни проблеми и сè одеше по однапред утврден ред, по кој сега требаше да следат вработување, кариера, женидба, деца… Навидум сè беше во ред, но тој веќе подолг период наназад чувствуваше некакво незадоволство, празнина, нешто како да му недостасуваше. Тоа особено беше изразено за време на студирањето и по неговото завршување. Имаше чувство дека нешто не е во ред, едноставно дека тоа што го прави не е тоа вистинското, дека тоа не е тој…

Иако се обидуваше да се вклопи во општоприфатената „шема“, тоа не му одеше најдобро, па почна несвесно, а потоа и свесно да „глуми“, што на почеток му беше дури и забавно. Тонејќи повремено во рутина и заборав, понекогаш беше и „среќен“, но тоа обично не траеше долго, по што повторно ја чувствуваше предвидливоста и тескобноста на „неподносливата леснотија на постоењето“. Всушност, не му се допаѓаше да се преправа дека сè е во ред, зашто имаше чувство дека на тој начин се изневерува себеси. Незнаејќи што да прави и како да дознае зошто така се чувствува, во еден момент помисли да направи рекапитулација на својот дотогашен живот, надевајќи се дека истражувајќи го минатото ќе стигне до некаков одговор.

Почна да размислува за луѓето кои ги запознал, случувањата низ кои поминал, и како и колку тие искуства влијаеле на него. На почеток тоа предизвика хаотични сеќавања на важни и неважни работи, кои како лавина го исполнуваа неговиот ум. Му стана јасно дека ваквиот начин е многу тежок и дека му треба некаков метод. Дојде на идеја да ги подели случувањата и луѓето по нивната важност и влијание што ги имале врз него, во различни периоди и области во животот. Се замисли себе како центар околу кого се ширеа концентрични кругови на различна оддалеченост, како кога ќе се фрли камен на мирна водена површина.

Првиот и најбитниот круг го сочинуваа неговите родители и сестрата; во наредниот круг беа сместени роднините и пошироката фамилија; потоа следеа соседите и блиското опкружување; во наредниот круг беа неговите пријатели и школските другари, а следниот го сочинуваа наставниците и професорите кои ги запозна низ образовниот процес. Посебно важен му беше кругот во кој ги смести писателите, уметниците, научниците, религиозните и духовни учители, кои со своите идеи и ставови го потикнале на размислување за најразлични нешта во животот.

И така почна времепловот, патувањето низ времето. На почеток беше малку конфузно, но постепено стана љубопитен и заинтересиран. Обидувајќи се да набљудува од објективна дистанца – што на почеток му беше особено тешко, тој почна да го гледа „филмот“ во кој ја играше главната улога.

Безгрижно детство…

Сеќавајќи се на најраните години, му се чинеше дека имаше безгрижно детство, имаше сè – родители, сестра, роднини, добри другари. Растеше во релативно мирната атмосфера и опкружување на средната класа. Сè беше игра, особено во летните месеци кои ги поминуваше на село, опкружен со звуците и мирисите на прекрасната питома природа и под закрила на безусловната љубов на баба и дедо.

Кога порасна, му се чинеше дека никогаш повеќе не се чувствуваше толку безгрижно и безбедно, ниту доживеа таков мир како во „глувото доба“ на летните ноќи, кога тишината ја прекинуваше само чудната песна на ноќната птица која како да доаѓаше од некој друг свет… Подоцна, во периодите кога животот не беше многу „нежен“, со сета се сеќаваше на тоа време и на ноќите кога лежеше на топлата земја и го гледаше темното небо на кое трепереа безброј ѕвезди, и кое му се чинеше дека се спушта врз него.

Кога размислуваше за тој невин период од најраното детство, во умот како на филмска лента му се враќаа слики на долгите маси наредени во големата трпезарија, кои за време на славите беа полни со најразлични ѓаконии, што ги подготвуваше неговата баба. Се сеќаваше како со дедо ги молзеше кравите, вадеше мед, береше сливи за ракија и како секое утро се обидуваше да стане прв и со трчање да оди во големата авлија, каде беа поставени гнезда за кокошките, за да ги собере снесените јајца. Се сеќаваше на возбудата што го обземаше кога во малата река покрај селото, со другите деца учеше да плива, но најмногу се радуваше кога со дедо јаваше на кобилата и кога ја возеше запрежната кола…

Неверојатно доживување во неговиот детски свет беше посетата на панаѓурот распослан на ливадата во близина на соседното село. Кога пристигнаа, доживеа шок, атак на сите сетила… Беше многу бучно, музиката се мешаше со гласовите на луѓе, деца, добиток… Воздухот беше исполнет со мириси на скара, добиток, прашина… Имаше огромна турканица – луѓе и деца на сите страни – некои јадеа под големите бели шатори, други продаваа добиток, ракија, мед… Цели фамилии шетаа и купуваа разни дребулии… Голема гужва беше околу големиот рингишпил, каде групи деца чекаа да дојдат на ред… Подоцна, кога порасна овие сеќавања неодоливо го потсетуваа на некои сцени од филмовите на Фелини и италијанскиот бран филмови со слична тематика.

Но, безгрижните години брзо поминуваа и еден ден тој „летна“ од родителското „гнездо“ и тргна на училиште. Во буката на училницата преполна со деца ги запозна првите школски другари, Титови пионери, како и својата учителка која никогаш не ја заборави, иако подоцна во текот на школувањето имаше многу наставници и професори. Кога таа влегуваше во училницата, сите деца стануваа и ја поздравуваа со добро познатата мантра: „За татковината со Тито – напред“. Ја паметеше и возбудата која ги исполнуваше сите во класот кога и даваа подароци за Осми март. Не ги заборави ниту насмеаните готвачки облечени во бело, кои на големиот одмор им ги делеа најубавите млечни кифли… Моментите кога во гужвата на преполнетите книжарници со родителите купуваше училишен прибор, тетратки и читанки, го означија почетокот на долгите години на неговото школување.