Дали напредувам во практиката на јога?

СТЕВАН МИЛИЌ

Осумте скалила на класичната јога се скалила до слободата. Секоја наредна скала на која се искачуваме, ни дава ново доживување, нов поглед на панорамата на животот. Единствено од последната, највисоката скала, ќе ни се открие целосната слика на мистеријата која дотогаш била скриена од нашиот поглед и од нашето разбирање.

Наивно е да размислуваме за напредок во практиката, а притоа да немаме барем основно и коректно познавање за јогата, за да можеме да процениме колку од она што го практикуваме и што ни се презентира, навистина е јога.

Денес многу луѓе практикуваат јога и го прават тоа од најразлични причини. Некои ги води желбата да ја ублажат напнатоста и немирот, кои со себе ги носи брзиот и турбулентен начин на живеење; други сакаат да ја подобрат веќе нарушената здравствена состојба; трети да ја исполнат потребата за добар младешки изглед… Помал е бројот на оние кои во јогата гледаат можност за структуриран и динами­чен духовен развој, што не е ни чудно, со оглед на тоа како јогата денес се презентира.

Без оглед на мотивите поради кои практикуваат јога, сите имаат некакви очекувања и често се прашуваат дали или колку напредуваат. На прашањето може да се одговори различно, во зависност од позицијата од која тоа се поставува. Ако целта ни е да станеме поопуштени, поеластични и поздрави, тогаш прашањето има смисла, и на него може полесно да се даде конкретен одговор, врз основа на техниките кои се застапени во програмата, како и начинот на кој се практикуваат. Но, доколку имаме повисоки аспирации, тогаш одговорот бара посериозна анализа.

Што знаеме за јогата?

Кога ќе почнеме да го бараме одговорот на ова прашање, прво треба да ги дефинираме термините јога и напредок, иако под напредок се крие и потпрашање – какви сметаме дека сме или каква слика имаме за себе, за да знаеме во која насока сакаме, можеме и треба да напредуваме. Но, пред да почнеме да размислуваме за напредокот, треба да се запрашаме што знаеме за јогата, и како е формирана нашата претстава за неа, за да провериме дали нашите очекувања се во склад со она што ни се нуди на „пазарот“.

А пазарот е вистински псевдодуховен „бучкуруш“, кој врие од „длабокоумни“ цитати, слогани, необјаснети и недоречени фрази од типот: „ништо не се случува без причина“; „сè е поврзано“; „ништо не е како што изгледа“; „јогата те носи во сегашниот миг“, и слично, кои нè повикуваат сите да одиме на јога, каде со традиционално „намасте“, не очекуваат смирените и насмеани членови од јогиската заедница.

Сликата за јога која денес доаѓа до нас, особено преку медиумите е комерцијализирана верзија, која најчесто е толку различна и далечна од суштината на нејзиното учење што наликува на пародија. Не би сакал да звучам како двајцата зајадливци од Мапет шоу, но ми се чини дека генерално приликите се такви какви што се. Можеби едно парафразирано кажување на Ноам Чомски и прилега на ситуацијата во јогиските кругови: „Поентата на добрата реклама [за јога] е да создадете слоган или порака, за која никој нема да има ништо против и сите ќе ја поддржуваат. Притоа, никој нема да знае што точно таа значи, затоа што не значи ништо“.

Како добар пример за такви фрази ми се чини едно поедноставено кажување, кое неодамна го прочитав на интернет, а се однесува на втората сутра од првото поглавје на Јогиските сутри на Патанџали, во кое се вели: „Јогата те ослободува од драмата, трагедијата и сагата што ја создава твојот ум, и ти овозможува да го искусиш твоето вистинско јас“. Морам да признаам дека ова е „интересно“ толкување на една од клучни­те сутри во ова дело, која гласи: „Јога е запирање на функционалните модификации на умот“. Се сомневам дека на неупатениот читател, понудениот цитат нешто ќе му значи, како што не му значат ништо ни зборовите – слобода, ум, вистинско јас… Сè е толку општо и широко, што секој може да го толкува на свој начин, онака како што сака. А на упатените во оваа материја, ваквото толкување не им е ни потребно.

Слично е и со описите на највисоката форма на свест, кога се вели: „Наречете ја како сакате – Бог, Универзум, Апсолут, Космичка свест…“ Сè оди во ист кош. Ваквиот начин на комуницирање води кон затапување на критичкото расудување, па затоа не треба да нè чудат резултатите од едно неодамнешно истражување, кое покажало дека кај „духовњаците“ е помалку присутно аналитичкото расудување, отколку кај агностиците и атеистите, како и дека во нивните редови е поголем бројот на приврзаници на теориите на заговор.

Таму каде нештата се прифаќаат здраво за готово, со „верба“, без испитување на кредибилитетот на изворот, таму каде „фрчат“ лајкови, без проверка дали некои размисли се навистина од Буда, Ајнштајн, Патанџали…, таму каде нема факти и докази, вратата за манипулација е широко отворена и сè што ќе се каже е „точно“. Таму знаењето и вистината се во друг план.

Ако сакаме да разбереме зашто јогата се дефинира како филозофски систем и духовно учење, а не само како метод за општа добросос­тојба, тогаш треба сериозно да ги проучиме нејзините ставови и гледишта во однос на човекот и универзумот, како и нивната меѓусебна релација. Дури тогаш ќе можеме да сфатиме што всушност значи напредокот во јога, и што можеме да очекуваме чекорејќи по нејзиниот пат, и живеејќи во нејзиниот дух. Во спротивно, прашањето ќе остане наивно, и без вистински одговор.