Како до знаењето за јогата?

Да се проникне во суштината на jога не е едноставно и понекогаш наликува на сложување на голема, комплексна сложувалка. Поради тоа, потребни се многу време и труд во пронаоѓањето на деловите кои треба да се стават на точно место, за да може сликата постепено да се оформува и да станува сè покомплетна и појасна.

Штета е, ако веќе практикуваме јога, да не се потрудиме да го разбереме ова древно учење и бесценето знаење, кое може да има големо влија­ние на нашиот живот, и да му даде нова димензија и смисла. Штета е од нејзината пребогата трпеза да се задоволиме само со трошки.

Во обидите да се дознае повеќе за јогата, вообичаени се два пристапи. Првиот би можел да се нарече академски, а вториот искуствен.

Академскиот пристап е перспектива од која поаѓаат филозофи, пандити, ачарии, познавачи на санскритот, истражувачи на индиската филозофија и други учени поединци и групи. Овој пристап нужно не подразбира практично искуство во техниките и методите на јога, и во него најважно е користењето на проверени извори, како што се филозофските системи – даршани, упанишадите и други класични текстови за јогата, како на пример Багавад-гита, Јога-вашишта, итн.

Исклучителната сложеност на содржините изложени во овие текстови, лаконичниот начин на кој се запишани, разликите во нивното разбирање и толкување, како и квалитетот на преводите и коментарите, често наметнуваат потреба од анализа и споредување на исти текстови, обработени од различни автори, со цел да се избегнат можните грешки и нејаснотии, кои се последица на нашето или туѓото незнаење. Не случајно учителот БКС Ијенгар кажал дека ние не ги разбираме доволно пораките во старите текстови и затоа често не успеваме да го протолкуваме нивното вистинско значење.

За разлика од академскиот, искуствениот пристап, како што самиот збор кажува, се засновува на личното искуство во практикувањето јога, и во него, барем во почетните фази, не е неопходно познавање на нејзините филозоф­ски и психолошки аспекти.

Бидејќи искуствата и доживувањата се индивидуални, јасно е дека во описите од практикантите ќе преовладуваат нешта кои на нив оставиле најголем впечаток. Затоа, некој на шега забележал дека, во еден поширок контекст, има дефиниции за јога колку што има практиканти. Во таа широка лепеза на искуства ќе се сретнеме со најразлични дефиниции: јогата е метод за намалување на стресот; пат до добро здравје и долговечност; техника за развивање на концентрацијата; наука за свеста; јогата е откривање на човечкото надворешно и внатрешно устројство; метод за разбирање како функционира умот; начин за развивање на когнитивните способности, итн.

Како ќе ја доживееме јогата и каква слика ќе оформиме за неа зависи од многу фактори, а пред сè од тоа кој и како ни ја презентира. Затоа е важно прво да се разјасни што ни се сервира како јога. Каква е содржи­ната на практиката, кои техники се застапени, дали во неа постои структура и методичност, дали се застапени и објаснети основните филозоф­ски и психолошки постулати на јогиското учење.

Ако ни се нуди практика која содржи главно телесни позиции – асани, неколку вежби за дишење, релаксација и скокотливи приказни за чакри, јогиски моќи и паранормални способности, тогаш треба да знаеме дека тоа е минорен дел од јогата, а прашање е и колку точно е презентиран. Тоа е слично како да кажеме дека предаваме математика и притоа ја дефинираме како собирање, одземање, множење и делење на прости броеви. Во тој контекст, еден учител забележал дека повеќето центри за јога на запад би требало да се преименуваат во центри за асани. Иако нашата слика за јогата, пред сè, се должи на начинот на кој ни е презентирана, не смееме да се изземеме себеси и да го занемариме нашиот личен удел – почнувајќи од интересот и желбата да дознаеме нешто повеќе, па сè до начинот како ги просудуваме и толкуваме различните информации кои доаѓаат до нас. Кажано со други зборови, нашата слика за јогата зависи и од нашиот капацитет да разбереме. Од тоа ќе зависи дали ќе развиеме сериозен или рекреативен пристап кон практиката и генерално кон јогата.

Но, да се вратиме на академскиот и искуствениот пристап. Ако ги споредиме со пловење по море, со цел да ги откриеме тајните на неговите длабочини, тогаш академ­скиот модел главно наликува на пловење во близина на крајбрежјето, по повеќе или помалку познати маршрути, во мирни и сигурни води. Всушност, повеќе наликува на екскурзија со малку нуркање и уживање во убавините на подводниот свет. За разлика од него, искуствениот модел е пловење далеку од крајбрежј­ето, во непознати и разбранувани води, каде можеме да истражуваме само со помош на искусен капетан, со кој безбедно ќе поминеме низ сите бури на патот кон мирното пристаниште.

За да ги избегнеме грешките, недостатоците, пристрасноста и субјектив­носта, кои можат да бидат присутни и во двата пристапи, идеално е нивно заемно и умешно комбинирање, за да може она што го кажува академскиот пристап, да се препознае, провери и потврди низ искуствениот, но и обратно. Всушност, тоа е неопходно за да можеме да ја разбереме јогата во нејзи­ното суштинско значење – како духовна дисциплина. Сè друго е под голем знак прашалник.

Овој текст е обид да се прошири сликата за јога и да се разбере, колку што може, нејзината универзална и безвременска порака.