Кратка историја на јогата

Во својата историја, која според материјалните докази кои денес ни се познати трае веќе пет илјади години, а по некои истражувачи и подолго, јогата поминала низ неколку развојни стадиуми. Во овој долг временски период се создадени различни форми на ова учење, но нивната основна цел е иста.

Терминот јога, во пишана форма за прв пат се среќава во Ведите, најста­ри­те записи во индиската литература. Коренот на зборот веда е вид, што значи да се знае, да се види. Ведите во Индија се сметаат за свето знаење, кое било „слушнато“, односно им било пренесено на мудреците и светите луѓе, низ непосредно божествено откровение. Затоа ведите се дел од литературата наречена шрути – „она што е слушнато“.

Знаењето на Ведите било чувано и пренесувано по устен пат и не смеело да биде запишувано. Тоа било направено дури пред крајот на осумнаесеттиот век, кога на светлината на денот се појавиле Риг-веда, Сама-веда, Јаџур-веда и Атарва-веда. Иако во Ведите јогата е повеќе поврзана со ритуална и религиозна практика, каде не станува збор за дефинирано учење со конкретни модели на практика, сепак може да се каже дека во нив е поставена основата на нејзината метафизика. Ова е првиот стадиум во нејзиниот развој, и се нарекува ведска јога, архаична јога или прото јога, која подоцна ќе се развие и оформи како филозофски систем. Обично овој развоен стадиум се сместува во периодот помеѓу 3000 и 1800 г. п.н.е.

Вториот стадиум, во кој јогата се препознава како духовен систем, е т.н. предкласична јога, запишана во Упанишадите, и сместена во периодот помеѓу 1000 и 500 г. п.н.е. Зборот упанишад најчесто се преведува како седење до учителот и слушање на духовното учење, што наведува на заклучок дека било учење само за избраните. Упаниша­дите се текстови кои во однос на Ведите се појавиле подоцна, и се нарекуваат уште и крајот, односно заклучниот дел на Ведите или веданта. Тоа се фило­зофски расправи запишани во стих и проза. Се смета дека има околу три стотини упанишади, кои помеѓу себе се разликуваат по староста и по содржините. Од нив за најважни се сметаат четиринаесет, кои всушност се и најстарите.

Суштинската идеја во упанишадите е истоветноста помеѓу крајниот принцип – Браман и индивидуалниот принцип – Атман или себство­то.

Упанишадите се основа врз која се изградени најголемиот дел од учењата на останатите филозофски системи. Меѓу помладите упанишади, постои група наречена јогиски упанишади, меѓу кои три се издвојуваат по бројноста и описите на практиките, и тие најчесто се цитираат. Тоа се: Јогататва-упанишад, Нада-бинду упанишад и Дијана-бинду-упанишад.

Во упанишадите дополнително е развиена метафизичката и филозофска­та основа на јогата, во која медитацијата се најавува како основен метод во духовниот развој. Покрај упанишадите, исклучително важен текст од овој период е Багавад-гита, дел од епот Махабхарата, за кој се смета дека е запишан некаде во петтиот век пред нашата ера.

Во Гита се формулирани три видови на јога, кои се актуелни и денес. Тоа се патот на знаењето – џнана-јога, патот на акцијата и дејствувањето – карма-јога, и патот на религиозната посветеност – бакти-јога.

Средиштето на историскиот развој на јогата е периодот на класичната јога, лоциран помеѓу вториот век пред нашата ера и вториот век од нашата ера. Во литературата, класичната јога се среќава под разни имиња – медитативна јога, раџа или кралска јога и аштанга, односно осумчлена јога. Класичната јога всушност е систематизираниот пристап на мудрецот Патанџали, изложен во неговото прочуено дело Јогиски сутри.

Поради нејзината важност, историскиот развој на јогата обично се дели на период пред и по класичната јога, и вообичаено, кога се користи терминот јога, пред сè, се мисли на класичната јога. Во овој развоен стадиум, таа се дефинира како даршан, еден од шестте системи во индиската филозофија.

Посткласичната јога е следниот стадиум кој опфаќа долг временски период, некаде од вториот, па сè до девет­нае­сетиот век. Во овој период се вообличиле методи и практики кои денес ни се најпознати, и во кои телото е подиректно ангажирано во процесите на внатрешната трансформација. Таков е примерот со хата-јогата, која ни е многу поблиска како тип на практика, поточно некои нејзини делови.

Овие четири стадиуми се врзани за индискиот потконтинент, а преносот на јогата на Запад се случил кон крајот на деветнаесеттиот век. Имено, во 1893 година во Америка пристигнал Свами Вивекананда, кој на Конгресот на религиските либерали во Чикаго ја изложил пораката на јогата. Нешто подоцна, во 1920 година, пристигнал и Парамаханса Јогананда, кој во Америка останал триесет години. Овие учители се „најодговорни“ за пренесувањето на автентичната јога на Запад. Всушност, Свами Виве­кананда го пренесувал во поголема мера учењето на веданта, односно упа­нишадите, а Парамаханса Јогананда методот на Патанџали, класичната јога.

После овој првичен контакт помеѓу Истокот и Западот, почнала нивна подиректна и подинамична комуникација. Многу поединци од Запад, привлечени од ова учење, патувале во Индија, се едуцирале кај тамошните учители, главно во хата-јога, и потоа почнале да ја пренесуваат на Запад, но во прилично редуцирана форма. Така почнала историјата на т.н. современа или модерна јога. Трансформациите кои ги претрпела во последните децении се многу поголеми отколку во целиот претходен период од речиси четири  милениуми.

Денес, јогиското учење, со чесни исклучоци, најчесто се пренесува во форма во која доминира телесната практика, односно сегментот на асаните, кои на некој начин станаа заштитен знак и врв на она што се презентира како јога. За жал, денес таа повеќе наликува на фитнес, отколку на модел за личен, а уште помалку за духовен развој. Тука медитацијата станува секундарен дел од практиката, а често е и сосема отсутна.